Thursday, October 31, 2013

Љубов во погрешно време

„И што да кажам брат повеќе. Дека се чувствувам како да ме прегазил воз секојдневно и дека веќе ништо не ми фаќа око. Го потврдувам тоа. И уште нешто ќе додадам, се чувствувам празно како ништо од животот да нема смисла. Ја чувствувам таа празнина во мене како ми го раскинува срцето и ме прави едноставно човек. Доста беше со тоа летање дека го поседуваш светот, на крај светот ќе ти ги згази соништата и желбите силно со своите чевли. Знаеш дека никогаш повеќе нема да бидеш ист, дека никогаш повеќе нема да ја имаш онаа несопирлива фантазија која те правеше дете во очите на сите. Па,еве сега пораснав да се каже и што ми вреди тоа!? Едноставно човек се ја губи својата смисла. Не можам ни една чаша вино да испијам на раат, и вискито ми се чини гола вода, цигарите со кои таа велеше дека се трујам едноставно само ќе ги фрлам во канта затоа што ни тие не успеваат да ја ублажат оваа моја нескротлива болка која ми носи некои чудни желби. Не сакам да бидам папучар, ниту некаков роматичар, знаеш дека не е тоа за мене. Далеку сум од тоа. Затоа не сфаќам што се случува со мене. Зошто е оваа празнина? Зошто постојано се ме навраќа на неа и сето она што го преставуваше во мојот живот? И небото го губи тоа познато синило во тие нејзини очи. А тогаш ме стегаат градите и чувствувам некоја необјаснива болка и празнина. И сакам да заборавам на неа, да можам да ја избришам од спомените, затоа што не сакам да верувам во љубов. Сакам тоа да остане само обичен збор во мојот речник, ништо повеќе. Вака ми се чини како да сум закачил некој вирус и едноставно ништо повеќе од светот ја нема својата смисла. Знаеш, сакам да бидам оној фраер кој ќе уживаше во друштвото на сите девојки и кој лесно можеше да ги има сите. Но,сега кога сум покрај нив само мислам на неа. И во тие моменти ја мразам што нејзиниот лик се враќа да ме прогонува и се меша со некоја од девојките со кои сум. И сакам да се напијам,да заборавам на неа но те молам таа посилна е и од тоа. Вчера бев сам дома и пијан како по обичај. Не знам од каде дојдоа тие солзи, никогаш во живот не сум плачел. А вчера само сфатив колку ја сакам и колкава будала сум бил цел живот што сум дозволил да замине. Знам дека во трезна состојба никогаш нема да го признаам ова а посебно не неа . Но,еве денес сум искрен со тебе. И уште нешто, мразам да ја гледам со други брат. Сериозно, едноставно некое непознато чувство на љубомора ми ја труе душава кога ќе видам како се перчи пред мене со тој новиот дечко. И уште посмешно е што изгледаат совршено заедно. Го мразам тој факт, мразам што ми пречи да гледам како ја гледа, како ја бакнува,како ја става раката демек немарно на нејзините долги нозе и притоа не ја симнуваат ни двајцата таа насмевка од нивните лица демек е заразна. Јас тогаш само сакам да плачам, да се вратам назад во времето и да се истепам себеси ама ептен добро за да знам дека не треба да ја пуштам. Да не бидам таков кретен кој мислеше дека може да го земе светот во свои раце и не сакаше да слушне за љубов. Го сакам мојот живот во нормала,не оваа глупост која стана мојот живот. Сакам небото повторно да стане сино, сонцето повторно да свети над мојата глава, вискито повторно да биде истото. Сакам да продолжам да се трујам со цигарите и да не се јавува оној нејзин глас во мојата глава. Е добро де брат не ме гледај така,признавам дека сум будала и дека беше во право кога ми кажам ќе зажалам кога ќе си замине. Беше во право дека ја сакав.Сеуште ја сакам па колку и исклиширано да звучи тоа. Ова ли сакаше да го слушнеш?“ 
„Брат,само сакав да те прашам дали ќе одиме во Седмица...“

No comments:

Post a Comment