Monday, October 21, 2013

Од каде доаѓа љубовта?

Кога и да прашав од каде доаѓа љубовта,го добивав истиот одговор. Искрената љубов доаѓа од она место... А кое беше баш тоа место? Некои ќе ми покажеа кон аголот и ќе одговореа,ете оттаму... Други ќе слегнеа со рамениците и ќе признаеа дека ниту тие знаат,ниту  пак размислувале за тоа.
Јас некое време ќе се задоволев со тој одговор,а подоцна пак ќе започнев со некои мои вечни филозофии.Некое време ќе стоев на улицата и ќе го чекав тој некој за мене да се појави,небаре верувам во принцот на белиот коњ. Но,мојот принц дојде на мотор.Облечен во кожна јакна,со совршена насмевка,Рејбан наочари.Сега можеби би го споредила со Аче од Три метри над небото,но само што овој имаше повеќе негативни страни и да бидам искрена,не бараше љубов туку само забава. Но,знаеш на времето и тоа како паднав на шармот на мојот тогашен Џони Деп.Искрено и не знаев што беше тоа што точно ме привлече кај него,дали статусот на „лошо момче“, таа совршена насмевка или едноставно го видов како решение на сите тие досадни филозофии што ми се врткаа низ главата. И се беше супер,онака убавини и кавги,црно-бели денови со по малку боја, љубов која не знаев од каде доаѓа (или на времето,од аголон) и тој со таа негова безгрижност и омраза кон светот.
Сето тоа за на крај човек да остане со едно скршено срце и цврсто верување дека љубовта не доаѓа од зад аголот. Посакувам таму да завршеа сите тие прашања кои реално и немаат некој логичен одговор,но сепак имаше уште многу разочарувања и лекции за на крај да сфатам дека реален одговор на прашањето нема.Или можеби одговорот е толку едноставен што човек не може да го прифати така лесно и трага далеку по видикот по некои комплицирани и неразбирливи објаснувања (мислам,ете повторно со долги филозофии).Љубовта доаѓа од срцето, од пропуштените неколку удари или завршзаното тупотење кога тој е во близина. Едноставно е,срцето е тука да ти каже што е љубов,што сакаш без да се мачиш со многу филозофии,па вака,па така. Едноставно, срцето само си бира па дури и да е погрешно и не те прашува многу многу тебе за мислење па иако си му сопственик.
И на крај,секој го наоѓа своето место под вселената,колку и ова да е клише.Срцето си одбира а разумот се согласува со неговиот избор.Тогаш неговата насмевка ти е послатка од чоколадото што си го обожавал (но,тоа не значи откажување од чоколадо,НЕ,НЕ), неговата близина те топли потопло од било која кожна јакна (но,повторно не велам да се правиш будала) и тие преплетени раце  кои едноставно те исполнуваат. Сфаќаш дека најубавите работи започнуваат и завршуваат од срцето.А таа насмевка и тие совршени очи се еден доказ за тоа. И кафето ја добива посакуваната боја покрај него и небото е сафирно сино, а насмевката раширена од еден крај до друг.Едноставно си среќна без посебна причина,едноставно ја сакаш секоја клиширана романтика,едноставно имаш неисцрпна инспирација. И едноставно,најубавите љубовни приказни започнуваат во есента,кога дождот ја урива надежта за тој да ја врати,под романтиката на сувите лисја,под бледата месечина која оддеднаш станува толку сјајна. Се вљубуваш во светот,во несовршеностите и совршенството кое не постои.
Ја сакаш и малината и калинката,и ајварот со сирење и топлото чоколадо,држењето за раце,кавгите и препирките и срцето кое лудува како некогаш.И знаеш дека ова е љубовта,тоа чувство за кое нема објаснување.А искрено и не треба.
И кога ќе ме прашаат од каде доаѓа љубовта,знам што ќе одговорам.Од вашите мали срца кои избираат свои сопственици.Вашето мислење многу не се важи. Но,насмевката што ќе лебди на вашето лице ќе ви покаже дека и тоа како сум во право...

No comments:

Post a Comment