Sunday, September 7, 2014

,,А сега животот е само притока која ме носи со себе"

Понекогаш онака знам да се навратам на неа во спомените. Лажам, често знам да ја побарам во тој чуден хаос од спомени кои си играат со главата. И секогаш е толку реална и насмеана што се прашувам дали изминатите години биле лага. Дали можеби и шишево ракија во ракава е лага и тој сопствен одраз што бесно ме демнее од огледалото е лага?
Се сеќавам јасно на првиот ден кога ја видов, иако долго време глумев дека сеќавањето ми е матно за тој ден. Мислам дека уште од тој ден се заљубив во неа, иако бев оној циник кој ниту пет пари не даваше за љубовта. Не ги сакав нејзините исклиширани романтични фантазии, можеби делумно затоа што знаев дека никогаш не би се вклопил во нив. А сакав да се вклопам, сакав да бидам дел од нејзините розови фантазии и да ме гледа мене со светлина во тие нејзини немирни очи. Подоцна дознав, дека и сите фантазии не и биле баш розови и таа се борела против сопствените демони, можеби и повеќе од што самиот јас го правам. 
Ја сакав затоа што беше нежна, кревка и строга во исто време. Тоа само на нејзе и успеваше и повремено на мајка ми. Можеше да ме убеди да го украдам светот за неа и ќе го сторев тоа без никакво размислување. Сакав да го прегрнам нејзиното кревко тело онака цврсто и заштитнички како да сакав да ја одбранам од целиот свет. Сакав да се загубам во нејзиниот мирис, не парфем, туку мирисот на кожата која беше секогаш толку мека под мојот допир. Ја сакав затоа што ме потсетуваше на слобода, на долги бескрајни плажи и ѕвездено небо, затоа што го истакнуваше најдоброто кај мене и секогаш беше тука покрај мене. Можеби и повеќе од потребното.
Сега сфаќам дека безгрижно сум се однесувал кон работите кои ми биле важни, а сум им придавал значење на небитни работи. Мислев дека секогаш ќе го имам утрешниот ден да и кажам дека ја сакам. Секогаш ја собирав храброста и секогаш ме напушташе кога ќе бев покрај неа загубен во нејзината појава. Мислев дека утрото ми е загарантирано, никогаш не помислив дека светот може да ти се урне еден ден под нозете. И искрено, се плашев дека не ја заслужувам, дека никој реално не е доволно добар за неа. Еднаш ми кажа луто да не ја преценувам, но не можеше да се види низ моите очи. Некогаш и свесно ја повредував, иако мене ме болеше повеќе од неа. За мене таа беше Сонцето и дождот што ми даваа надеж и виножито во мојот мрачен свет. Никогаш не очекував дека Сонцето може да згасне и дождот да пресуши.
Но, се случи и невозможното. Таа замина засекогаш. Чудно е кога понекогаш си водам замислен разговор со неа и се обраќам со - Онаа која веќе ја нема. Можеби повеќе би одговарало, мојата насмевка, затоа што со неа згасна и насмевката. Долго време ми требаше да го прифатам фактот дека повеќе ја нема. Мислам дека сеуште го немам прифатено. Чудно е, како да е чадот од цигарите, снемува за миг и ми остава солзи во очите и празнина во градиве која сеуште зјае. 
Деновите се мрачни, тишината ужасна. Ме прогонува насекаде, иако никому не признавам. Сакам да живеам со нејзиниот призрак, подобро ми е тоа отколку да останам сосем сам. Понекогаш, ќе гледам некој филм и се прашувам дали би и се допаднал. А солзите течат по лицето и пред да се свестам. Животот стана притока која ме носи со себе и не се противам. Станиците минуваат пред очиве, но знам дека на ниедна не сакам да се симнам. Никаде ја нема неа. И често ќе се напијам, ќе си го отрујам телово со цигари, но во тие моменти најмногу сум сигурен дека сум жив. На моменти ми се чини и дека ме прекорува.
Никогаш не помислив дека во еден момент може да се урне се. Небаре животот е кула од карти и доволно е само малку ветар да се уништи сета мака. Да знаев, ќе постапев поинаку. Немаше да го чекам возот кој никогаш не доаѓа. А сепак, тука е. Во спомените, срцево, во другите луѓе. Пожива е дури и од мене. Понекогаш се прашувам дали е ова само кошмар и утре повторно ќе ја видам и ќе ја прегрнам силно. Или можеби јас сум тој што не постои, само едно нејзино сеќавање. И секогаш останувам на тоа можеби кое не ми носи надеж...