Saturday, December 21, 2013

Е па братче, ова ти е Скопје

Не знам како почнуваат добрите колумни, не сум сигурна ниту дали ова ќе личи на нешто. Би сакала да имам зборови како Кери Бредшо или да бидам во рамниште на Доестоески во пишувањето, но знаете соништата се тема што денес не би сакала да ја чепнам. Барем не сеуште. Колумните би требало да имаат тема, зарем не!? Па, еве мојава нека биде нашево Скопје, љубовта и луѓето... Во суштина, светот се простира на најразлични слики и поими а оваа е онаа слика што јас ја гледам. И доста ми е од сите тие мудрувања и глупости што ги слушам на сите страни. Затоа што луѓе сфатете дека сме далеку од разбирање на светот, сфатете дека Сонцето грее подеднакво за сите и дека не е потребно да глумите некој лик од вашите омилени серии или од опкружувањето за да бидете познати. Тоа е и главниот проблем кој доведува до оваа колумна (да ја наречам колумна...).
Па да започнам со прашањето на љубовта. Има илјада дефиниции за љубовта, ниту една дефиниција не ја опишува во целост, цел град и цел свет ми се чини во тие свои романтични приказни или си удираат глава во ѕид демек само еднаш во животот се сака. Има и такви кои ќе кажат дека љубовта не постои. Па да започнам со разграничување на поимите. Има разлика помеѓу заљубеност и вљубеност. И да љубовта постои, но секако за тоа потребно е срце и доверба и да не се откажеш затоа што некој или некоја те заебала и повредила до срж и повеќе не сакаш да веруваш. А да , разликата помеѓу вљубеност и заљубеност кои често ги мешаме. Заљубеноста е фаза во љубовта во која човек не може мирно да спие, нечие име се врти постојано низ мислите, апетитот се губи... Познато звучи? Љубовта е поврзаноста што се јавува помеѓу две личности, кога споделувате мисли и време заедно, кога ви е грижа за светот. Не сум го измислила ова јас, научно е докажано. Научниците веројатно ќе имаат повеќе да кажат за оваа тема, за хормоните кои се лачат и слични работи во кои денес не сакам да навлегувам. Љубовта денес е преценета, се меша со тие чувства на опсесија, свиѓање и заљубеност. Половина од младите да ги прашаш ќе ти кажат дека сакаат некој или се повредени сето тоа бла, бла, бла објаснување...
Зошто е тоа така? Како што споменав погоре, љубовта е преценета. Вистинските врски и вистинската љубов се потиснаа со прашање на пари, добра забава и журки, кариера и не знам уште што. И ете стигнувам до уште еден феномен кој сакам да го разработам. Вистинска љубов!? Дали според ова човек еднаш се заљубува вистински а сето тоа претходно било само дел од некоја приказна, лажна и измислена!? Дали тоа значи дека некои луѓе цел живот ќе го поминат во барање по таа сродна душа и вистинска љубов и некој нема никогаш да го пронајде? Како што вели и Кери Бредшо во некоја моја послободна интерпретација : Дали тоа значи дека за нас кои не сме ја пронашле сродната душа нема спас? Дали тоа значи дека треба цел живот да патуваме низ светот, плашејќи се дека никогаш нема да ја пронајдеме и ќе остареме сами и огорчени?
Според мене, ова е чиста глупост и бабини деветини. Зошто би сакале само еднаш за животот и сите минати врски и љубов би биле само некоја лажна илузија во светот? Да, сакам да верувам дека таму некаде во светот постои сродна душа која ме чека токму мене, но дали тоа значи дека треба да очајувам ако не ја најдам и да го поминам целиот свој живот во потрага по личност која реално и  не знам дали постои. И сигурно тој некој не би ме чекал мене да му се фрлам во прегратка. Зарем ако не си ја пронашол сродната душа значи дека си помалку вреден од оние кои веќе ја пронашле својата и дека тоа уживање во погрешните личности во животот е погрешно и еднакво на грев? И што ако ја пронајдеш „сродната душа“ и не ви успее помеѓу вас? Тоа значи дека за вас завршило правото за љубов и дека повеќе нема никој кој би ве усреќил? Не верувам во ова, едноставно ми личи на приказна за мали деца или некој добар маркетиншки план како што е Свети Валентајн.
И тука некаде започнува и борбата помеу половите. Кој има право, кој е виновник. статуси на Фејсбук со кој секојдневно се среќаваме. Испаѓа дека сите девојки се повредени и некои си наивни девојчиња или жени кој умеат да сакаат,а  машките се најголеми кретени и идиоти. Или од машка гледна точка девојките не знаат што сакаат и наместо да седат дома и да се сожалуваат можат да излезат надвор и да побараат некој вреден, затоа што знаете тие се бубалчиња кои умеат искрено да сакаат. Да наздравам за тоа! Да наздравам за младинава, за сите „поштени девојки“ и сите „романтични момчиња“ кои патат од љубовта. Ма,немој не ме заебавјте. Да се разбереме не велам дека нема поштени девојки и искрени машки кои умеат да сакаат, но според овој Фејсбук сите си градите лажни слики за себе кои можете да им ги пордавате на некој што не ве познава. Да, девојки сите вие умеете да сакате безгранично, ве привлекува карактерот и затоа дедо ви, Упс дечко ви, ви ветува кариера на модел и не знам уште што. Затоа што го сакате, затоа што е позрел од останатите машки, а вие тоа го знаете затоа што имате шеснаесет, седумнаесет години (можеби и помалку!) и затоа што искуството ви го говори тоа. А чекај, па нели бевте наивни девојчиња? :O 
Тука се и машките кои глумат најголеми фраери во маало, демек можат да ја смуваат секоја женска и сите типови на разговор им се во стилот: Таа брат? Ја знам, згодна риба....  Да, братче јак си на зборови покажи се на дело. Сите вие сте фраери, сите можете да имате што сакате, сите знаете што сакате... А уствари ниту еден си нема појма од вас. Пардон, не говорам за сите машки, туку за онаа група што постои. И да не ги заборавам машките кои се удвараат од типот: Јас имам бизнис малечка, автомобил, моите се директори... Е добро де имај си!? Што мислиш сите риби ќе ти се фатат на таа јадица и дека сите ги интересира што ти имаш? Постигни нешто од животот па после фали се, а не со татини и мамини пари, со автомобил на чукин чукин дедо или некој си ваш пријател што ви го дал да го повозите за да фатите некоја јака риба. И уште нешто, половина и повеќе се нафрлаат на тие „поштени девојки“ кој сите ги муваат и после се жалат зошто немаат девојка, зошто сите девојки се по парите, ова па она... Па,ало бе брат кога удираш на такви девојки што сакаш? И ајде запознај ја девојка ти со мајка ти и татко ти уствари да испадне дека спиел со неа минатата вечер?
Познати ситуации? Па,нормално дека се кога секојдневно се среќаваме со ова. Соочете се, ова е реалноста. Љубовта ја продадовте за пари, ја направивте една пуста комерцијала, сите машки се е*ачи, сите девојки се невини. Е не може така, не оди тоа. Каде замина таа романтика која ви стана клише, а онака тајно си гледате романтични филмови и барате дечко кој ќе ви ги симне ѕвездите. 
После проблемт се високите критеруми. Сите сакате некој згоден дечко од калиброт на Бред Пит, Џерард Батлер или Крис Хемсфорт, сакате да биде романтичен, да биде богат, да ви го симне светот под нозете. Е,па да не го барате принцот Совршен од Пепелашка? А да ги спуштите малку критериумите? Не велам многу, знаете да не барате дечко што не постои туку да ги разгледате фините дечковци кои ве чекаат.
А и вие машките, барате некоја Анџелина Џоли, Џесика Алба и после се жалите на девојките кои ве сакаат искрено? Не оди тоа така, жалам што ќе ви ги срушам идеалите.
И уште еден реален проблем што морам да го напоменам. Сега мода е некој си петодделенец да има женска, па после се жалат сите зошто вака, зошто така.... И солзи до бескрај... Јас кога бев на ваша возвраст уште играв жмурка, па ќе измислевме некои нови игри, па ќе плачевме за раскрварени коленици а не за дечковци зошто тој е кретен, зошто онаа е шмизла?  Е па драги, ќе ви кажам нешто што знам дека нема да го прифатите затоа што и мене да ми го кажел ова некој ќе сум одмавнела со главата и би рекла: Што знае оваа? Еден ден сето ова ќе ви изгледа смешно, сите проблеми што мислите дека ви се огромни ќе изчезнат со текот на времето и после ќе си кажеш еее кога го гледав светот низ тие розови очила а не бев свесен. Ќе дојде друг или друга што ќе ја сакате искрено, ќе дојде друг или друга што ќе ви го скрши срцето и повреди повторно. И во тоа се крие големината на човекот, колку брзо ќе се издигнеш од пепелта и дали ќе го затвориш своето срце заради неколку лоши искуства или ќе продолжиш да трагаш се додека не ти се насмее среќата (затоа што еден ден и тоа ќе биде).
И да, можеби немам многу години да делам совети, немам ниту големо искуство, но реално како што гледам како изминуваат деновите дека сите се паметни и писатели и повредени и не знам уште што... Но, ова е реалноста. Сите знаат демек многу, а всушност да ви ја разбијам излузијата никој не знае ништо. Сите се криете под маската која ви е на лицето, па дури и сега, припремате среќни насмевки кога сте тажни, глумите поштени кога не сте (и еј не судам, која сум јас да судам!), глумите некој кој не сте со цел да се прикажете во некое пдобро светло или во она светло кое го прифаќа општеството. Лоши норми имаш општество, те уништи малограѓанштината! 
Е,па драги мои ова ти е светот,ова ти е нашата мала но голема земја со четири милиони лица. Се будиме наутро и си размислуваме која маска ќе соодвествува на денот. Но, тоа е, не уништи „демократијата“ и се уништивме самите себе. Скопје е загадено,но не само од воздухот туку и од сите лаги и лица кои ги покажувате. Е па братче, ова ти е Скопје. Илјада лица и лажни насмевки, илјада пропатени душички, илјада фини дечковци, илјада поштени девојки, илјада статуси кои фрчат на Фејсбук и илјада критики затоа што ја кажувам вистината. Нека биде така, тоа ти е вистината, сакаш прифати ја, сакаш бегај од неа цел живот додека не те тресне во фаца како цигла. 
Тоа е се за сега. Има уште илјадници многу да кажам, уште илјадници катастрофални грешки, уште илјадници прашња што чекаат да бидат одговорени. Можам само да кажам да го чувате оној кој ве сака искрено и не бара ништо повеќе од вас освен љубов и доверба. И секако за тоа да ви се случи, морате и вие да возвратите со иста мерка. Сакајте од срце, љубовта еднаш ќе дојде до вас. И не се откажувајте. Толку од мене...      
                         

Friday, December 20, 2013

...

Ги чувствувам снегулките кои немарно паѓаат на капутот и долгата коса и ги затворам очите додека се препуштам на таа чудна мешавина од спокој и немир кој истовремено водат битка во градите. Но, нека биде така. Повторно пред очите ми излегуваат сликите кои сакам да ги блокирам, повторно ја чувствувам таа болка која ми ги зафаќа градите како демек сега ќе стапи крајот на светот. Ги отворам очите и се обидувам да избегам од сопствените сенки кои ме демнеат во секој чекор. Гледам во белината што ме опкружува во навидум среќните лица и некоја несвесна насмевка ми бега на лицето иако сум свесна дека тоа повеќе не е мој одраз туку лице на странец кој сум одлучила да го глумам. Нека бидам среќна за светот дури и тогаш кога се распаѓам, кога плашливо го стегам ракавот од џемперот, плашејќи се од животот и од неговите патишта. Подголтнувам, станувајќи свесна дека сум целосно изгубена во светов. Сепак, продолжувам да чекорам додека се борам со самата себе. Насмевката ми е постојано нацртана на лицето како некој доказ за среќата и убавината на светот, додека солзите се лејат длабоко во душава. Станувам странец за светов а особено за самата себеси. Но, нека биде така. Нека паѓа снегот во тој препознатлив и нежен ритам, нека удира ветрот бесно во градиве додека се борам да го направам секој чекор. Ќе бидам среќна за сите, ќе бидам таа која не знае да плаче и го пронаоѓа оптимизмот во се. Зошто да не? Ќе слегнам со рамениците демек ми е сеедно и демек срцево мое повеќе нема надеж за минатото. И еве ме сега, чекорам по патот кој сум сигурна дека ме води кон мојата пропаст но не ја манувам попатно станицата. Продолжувам да одам додека не стигнам до некоја станица каде што светот ќе ги добие потребните бои и насмевкава нема да биде нацртана и ќе се претоври во вистинска. Којзнае, можеби ќе си поверувам себеси дека сум среќна и дека светот може да биде убав. Едно мало можеби кое не е утеха, но тоа е се што ми преостанува додека се борам со животот кој бесно ме удира во градиве и сака да ме запре. Ја испружувам раката и гледам во малата снегулка која останува еден момент подолго на мојата рака. Можеби тоа е смислата на светот, без разлика на се, еден ден сите тонеме во тој мост помеѓу животот и соништата... Само што денес се чувствувам толку изгубено...


Monday, December 16, 2013

Е добро де, не морам да знам се и јас.Особено не биофизика...

Влегувам во кафичот самоуверено како и секогаш, со поглед снимајќи ги луѓето што се внатре и самиот амбиент. Насмевката ми е повторно нацртана на лицето, го барам мојот другар кој којзнае каде се збутал. Забележувам дека ми мавта и сигурно се приближувам кон него, свесен дека неколку девојки се кикокат кога поминувам покрај нив. Им подарувам една од оние мои шармерски насмевки и се поздравувам со Игор кој пие капучино.
-Здраво, другар.- Се спуштам на столчето и ја соблекувам кожната јакна. Сепак, нашол добро место. 
-Како по обичај касниш. -Игор ми одвраќа сериозно. Погледнува во мене, како да сака да ми каже дека не можам да живеам така несериозно. Да, да истите лекции што ги слушам целиот мој живот. Ништо се нема променето. 
-Е добро де брат. Не каснам многу. -Слегнувам ноншалантно со рамениците. Го вадам Ајфонот и паричникот од џебот и ги оставам на белата маса. Пријатен кафич, амбиент на ниво како секогаш. Во позадина ја слушам Juliet и некоја насмевка несвесно ми бега на лицето. Ете што може да ти направи една девојка. 
-Не бе брат. Само четириесет минути. А јас ќе си дремам тука како некоја будала, кога сите девојки гледаат во мене прашувајќи се која ме откачила. - Ми подарува една ладна насмевка. Не можам да не се насмеам, а Игор ми враќа со среден прст. 
-Добро, се извинувам. Но,капучино? Што ти е со изборот? -Поткревам веѓа и чекам реакција. Игор ми е најдобар пријател, слободно можам да го наречам и свој брат.
-Еееј, мали дај не се закачај гледај си за тебе. И да си знаеш на детоксикација сум. Од петокот со тебе на журката, мислам дека цел свет се врти.
-Но, знаеш дека земјата се движи.
-Оди по ѓаволите. -Ми се насмевнува задоволно. Ја повикува келнерката и погледот ми се замрачува. 
Се спуштам пониско на столот надевајќи  се дека нема да ме забележи, но тоа е невозможна битка затоа што токму таа доаѓа да ја земе порачката. 
-Даниел. -Гледа остро во мене. Искрено, згодна е, со белата кошула која е едно копче преотворена, долгите нозе и таа руса коса. 
-Каролина.- Одвраќам со некоја чудна насмевка. Што ми требаше да ја сретнам!?
-Гледам дека си добар. Да не го изгуби бројот па не ти текна да ми се јавиш? - Ги прекрстува рацете а бујното деколте ми го одзема дополнително здивот. Со раката преминувам низ косата и гледам во неа.
-Телефонот... Ми се расипа. -Го земам Ајфонот, како некое средство за бранење. Вистина е дека не сакав да и се јавам. Беше тоа една вечер (една прекрасна вечер, да си се поправам) , но толку. 
-Хм... Како и да е.- Превртува со очите, свесна дека лажам. -Што да ти донесам? 
-Едно Нескафе би било добро. - Го забележувам Игор кој одвај се воздржува да не се прсне од смеење и му давам еден строг поглед.
-Веднаш. -Ми одговара Каролина, гледа во мене со тој заводлив поглед. И одвраќам со некоја насмевка и кога заминува конечно доаѓам до здив.
-Да не си прозборел. -Му се заканувам на Игор кој веќе задоволно се смее.
-Не,нема. -Мавта со рацете во обид да дојде до здив.
-Човече, не стапнувам во кафичов веќе. -Отсутно мавтам со главата. Ете, еден ден ти се враќа тоа што си мислел на времето дека си Казанова.
-Тогаш мислиш ќе ти остане некој кафич? -Игор ми се смее додека го пие капучиното.
-Па и ти,па и ти. -И јас се приклучувам во смеењето.
Каролина брзо доаѓа и го носи кафето притоа навалувајќи се малку повеќе од пристојното до мене. Погледот ми бега повторно кон деколте кое е упатено за мене и тие заносни зелени очи. 
-Фала.- Кимнувам збунето, чувствувајќи ја кнедлата во грлото.
-Повели и друг пат. -Ми намигнува и ми подава ливче хартија. -И гледај да не го загубиш.
Отсутно кимнувам со главата и гледам во неа додека не се изгуби позади шанкот. Дали сум само јас или атмосферата во клубот штотуку се вжешти?
-Братче, ти си ми идол. -Игор ми подава рака. 
-Кој идол, те молам. -Збунето одмавнувам со главата, но сепак се ракувам. -Знаеш...
-Што? -Гледа збунето во мене. Во позадина ја слушам Monster од Imagine dragons  и повторно се јавува таа насмевка на лицето. Што е со мене, да не ме фатил некој вирус?
-Ова и е омилена песна. -Зборовите излегуваат од мене, пред да сфатам дека сум ги изговорил на глас.
-Молам? -Игор со смеење гледа во мене пришто речиси се засркнува со капучиното. -На кого тоа?
-Знаеш, на девојката што ти кажував од факултет.Писателката... 
-И што со неа?
-Ништо, брат. Ми се допаѓа. И ова и е омилена песна.- Слегнувам демек ноншалантно со рамениците, обидувајќи се да изглумам дека ми е онака сеедно.
-Чекај, чекај. Да се вратиме на муабетов пак. Онаа убавата девојка што ме запозна со неа пред две недели? Со долгана коса? -Игор гледа заинтригирано во мене, а јас сакам да пропаднам во земја и да се проколнам себеси затоа што ја споменав.
-Е таа бе брат.
-Е добро, што со неа? -Игор гледа заинтригирано во мене, очигледно на планира да остапи се додека не му кажам се. Воздивнувам и гледам отсутно во неа. Што ми треба да се втерувам во вакви проблеми.
-Ништо. Ти кажав за песната.
-А за свиѓањето?
-Па, убава си е. Што да и правам сега? -Слегнувам со рамениците, демек тоа е се. Сериозно? Да не се свртел денов против мене?
-Знам дека е убава,но не ми менувај тема. Што имаш со неа? Ајде, сега пред мене извади го валканиот веш.
-Што ти е со изразиве, од која книга ги ископа? 
-Сигурно не од нејзината.
-Сигурно. -Одговарам и одмавнувам со главата.-Брат me заеба Арсенал вчера. 6-3 изгубија. Дваесет и пет илјади ќе фатев.
-Па, ти на нив си нашол да уплатиш. И не ми менувај тема, не те бива за тоа. Кажи ми подобро што со девојката. Има нешто со неа?
-Сеуште ништо.
-А значи планираш да има!?
-Не знам. 
-Што не ја покани на кафе?
-На кафе? Те молам, ќе ме отера кај што не треба. Учи биофизика. За магнетни полиња, спроводници и не знам уште што. 
-Хахахахаха. -Игор задоволно се смее. -Па,учи и ти со неа. 
-Мораш да ме заебаваш или не си жив.- Одмавнувам со главата демек со неверување. 
-За тоа сум ти тука, брат. Ајде, кажувај. Зошто не одиш до кај неа? Или девојката те сопира?
-Мислиш ми е гајле за девојката? Немој да не ја почнуваме таа тема.
-Зошто не му раскинеш на девојчето? Се надева за џабе. 
-Затоа што кој ќе ја слуша мајка ми. Знаеш каква е, па уште испрашување ми фали за тоа што ми е на мене и кај ми лета паметот. -Превртувам со очите. 
-Е добро де. Мајка ти ќе ти го диктира животот. Не си мамин син. 
-Ај,ај сега па и ти. А пред мајка ми -Да, тетка Весна. Во право сте. Како маченце предеш пред неа.
-Те расипала нешто девојката.
-Оди по ѓаволите. -Му покажувам среден прст и се смеам. -Иако, имаш право. Ќе одам кај неа. Сакам да ја видам.
-Демек оддамна ја немаш видено. Од вчера. 
-Е добро, мора да се прослави нејзиниот роденден како што треба. -Ја облекувам кожната јакна. и го ставам мобилниот во џебот од фармерките. 
-Еј, еј. Јас како ќе се враќам дома? Ти си ми превоз, забораваш? - Игор гледа во мене, со таа скриена насмевка.
-Дај не го дрви сега. Еве ти пари, изнајми ако сакаш автомобил. -Му оставам пари и си заминувам пред да му текне уште нешто или да се заебава со мене за некои теми или поконкретно за оваа со девојката за која не сакам баш да разговарам. Ја палам црвената Шкода и се погледнувам во ретровизорот пред да се вклучам во сообраќајот. Добро е. Ја имам нејзината адреса, ми ја даде другарка и. Знам дека е сама во станот, ми кажа само таму може да учи. Се смеам на себеси, затоа што на кој би му текнало дека еден ден и јас ќе трчам по некоја девојка и таа ќе буди вакви чудни насмевки кај мене. Сонцето свети, иако е прилично ладно, на само ми дава оптимизам додека пуштам радио Антена 5 и ги глушам Рудиментал и Емили Санде. Добра песничка. Се обидувам да се отпуштам, затоа што оддеднаш ми станува жешко и ги отворам прозорецот. Пронаоѓам слободно место за паркирање и се качувам по скалите набрзина затоа што ме мрзи да го чекам лифтот за до трети кат. Ѕвонам на вратата, надевајќи се дека не заминала некаде на прошетка. 
-Еееј. -И се насмевнувам задоволно, додека таа гледа збунето во мене.
-Еј. -Изненадено ја поткрева веѓата, а јас само мислам колку искрено сакам да ги вкусам нејзините усни и тој врат.
-Нема да ме поканиш?
-Влези. -Ми одговара сеуште збунето. 
Ја соблекувам јакната и патиките и ги оставам во претосбјето. Влегувам во дневната која е полна со маркери во жолта боја, разлетани страници со формули и подвлечени скрипти. Ги забележувам и очилата кои лежат на масичката. Зарем таа носи очила?
-Сакаш да се напиеш нешто? -Го слушам нејзиниот глас од кујната додека јас заинтригирано ја испитувам дневната.
-Може пиво. -Одвраќам несигурно. - Убав е станот. -Констатирам задоволно. Можеби треба и јас да си купам, иако мајка ми којзнае како би реагирала. Најди си работа, па прави после што сакаш со парите.
-Повели.- Ми подава ладно пиво кое совршено се слева низ грлото кое ми станало суво. -И фала. 
-Нема за што. -И намигнувам и забележувам дека поцрвенува. -Како оди биофизика?
-Тешко. Ултравиолетови зраци,траснмутации и не знам уште колку равенки. -Превртува незадоволно со очите. -Повели седни. -Ми покажува кон белата софа и ја послушувам. Седнувам со неа и збунето се смешкам Како би реагирала кога би дознала дека имам девојка? Не, прашањето не е на место. Како би реагирала кога би се наведнал и би ја бакнал. Ја слушам отсутно додека ми раскажува за некои биофизички закони кои реално и не ме интересираат нешто многу, но додека таа ги кажува не изгледаат како science fiction. Се доближувам до неа, погледите ни се среќаваат и забележувам дека го држи здивот додека гледа заитригирано во мене. Ја бакнувам, уживам во мекоста на нејзините усни и парфемот кој ме опива и ме потсеќа на колачиња. Не е добро тоа, затоа што обожавам колачиња и вака лесно го губам умот. 
-Даниел...
-Псст. -Се губам во нејзините бакнежи, во начинот на кој ми се предава, во мекоста на нејзината кожа додека нежно ја откопчувам нејзината кошула а таа не се спротиставува. Со секој бакнеж ми се чини го губам умот и паѓам по неа, иако го мразам тоа. Но, некако посилно е од мене. 
Го бакнувам нејзиниот врат, заборавам на се и сешто, уживам во начинот на кој ми возвраќа безусловно. И тогаш телефонот ѕвони и ја расипува таа идила. Го исклучувам повикот и се обидувам да се концентрирам на неа која гледа збунето во мене. Продолжувам да ја бакнувам, но телефонот повторно ѕвони. Превртувам незадоволно со очите.
-Мислам дека треба да се јавиш. -Ми одговара сериозно и се оддалечува од мене. По ѓаволите.
Бесно гледам во  бројот на мобилниот, мојата девојка.
-Ало?-Одговарам незадоволно. Како да и објаснам дека не сакам да ми врти и да ме остави на мира.
-Ало,душо. Погоди што носам моментално.
-Не знам.- Незаинтересирано одвраќам.
-Погоди.
-Имам работа.- Превртувам со очите.
-Хм... Маче, а да дојдеш кај мене.
-Добро доаѓам.
Бесно затворам, не сакам да го слушнам нејзиниот одговор. Се поздравувам набрзина и излегувам од станот, чувствувајќи се на најниско можно ниво. По ѓаволите! Возам брзо со автомобилот, не грижејќи се за свирежите, за пцуењата од пешаците и светот што ме опкружува. Ете, тоа е кога си играш. Решавам дека е време да вратам некои работи во контрола.
Михаела е пред вратата и ме чека со насмевка. Добро, згодна е, знам дека можеби сите ми завидуваат што е со мене, но не ја сакам. Не ми е интересна и ние сме различни светови.
-Михаела, готово е меѓу нас. 
Половина час ја слушам како ми се дере и конечно прифаќа дека нема ништо повеќе меѓу нас. Се враќам дома со автомобилот, претпоставувам дека мама сега ќе ми држи лекции за добро однесување и за тоа како е можно да има таков кретен од син. Е добро де, јас вака сакам да го живеам животот. Низ мислите ми минува денешниот ден и таа прекрасна девојка која веројатно сега ми е лута и повторно учи биофизика. Нема да се чудам и повторно да не ми проговори. Уживам во сончевите зраци кои ја милуваат кожата барем малку и ме потсетуваат на топлината во нејзините очи. Мама ми отвора дома, затоа што клучот го имам заборавено и е во добро расположение. Чудно...
-Здраво сине. -Ме бакнува во образ и искрено очекувам да ми каже дека имаме гости.
-Здраво мамо.-Одговарам намуртено, очекувајќи го викањето затоа што дома нема никој друг.
-Добро е што и раскина на Михаела. Не можев да ја смислам девојката.
Изненадено кревам веѓа и ми се чини светот ме удира во лице и ја губам свеста. Збунето се смеам, чувствувајќи дека не знам ништо за жените. Е добро де, сериозно нека напише некој некоја книга за тоа како размислуваат жените и зошто кажуваат едно кога мислат друго. Најди му крај на светов те молам. 
Подоцна си лежам во креветот и незадоволно слушам музика кога ми стига порака на мобилниот од Игор за некој си текст што таа го напишала. Срцето ми се стега, прашувајќи се за што е. Се смешкам додека читам и некое чудно чувство на надеж се раѓа во градиве. Се обидувам да го блокирам, но насмевката ми е залепена на лицето. Којзнае, можеби и Казанова може да стане дечко за една девојка. Ги затворам очите и мислам на неа. Исцрпен сум, ми се чини дека денов трае повеќе од вообичаено. Нејзиниот лик ми испловува пред очите и знам се што треба да знам. Месечевата светлина не е ништо во споредба со неа. И сега го сакам целиот универзум и сета светлина, иако таа ќе ми каже нешто од нејзин физички аспект што го учи. Се смеам на себеси, губејќи се во боите кои играат на прозорецот од мојата соба. Тоа е игра на светлина бе будало. Е добро де. Не мора да знам се. Го земам мобилниот и дремам на Фејсбук надевајќи се дека ќе ја најдам уклучена. Но, не е веројатно повторно учи. Го препочитувам текстот и се смеам на зборовите. Ќе ја биде малава. Уште да ме погледне мене и доста е. Слушам долу како мама и тато се смеат со гостите и се губам веднаш во музиката што ја пуштам во слушалките. Насмевката повторно ми игра на лицето и повеќе реално не знам дали сум јас истиот или некој друг лик. Е добро де, мозоку запри да работиш еднаш. Ги затворам очите и конечно се препуштам на мирот. Добра ноќ...

Sunday, December 15, 2013

Кога не постојам


Мрзливо се протега во креветот, постелнината му е слепена за жешкото и испотено тело. Грлото му е суво и го пече, главата го боли ужасно како некој со скалпел да му извршил хируршки зафат а тој не бил свесен. Ќе треба да се напие два-три Аспирина да му помине коге ќе стане. Ги оближува усните и ги отвора полека очите како да сака да се увери дека е жив и дека се вратил во реалноста. Посега бавно по телефонот на ноќното масиче и забележува дека е девет часот и педесет минути. Сеуште е рано, може да поспие уште неколку часа. Не треба да оди никаде, никој не го чека. 
И повторно пред очите се јавува тој кошмар кој му ги стега градите и му оневозможува да дише. Се поткрева и се бори гладно за воздухот кој наеднаш го снемува. Ги чувствува капките пот на челото и станува бавно од креветот, држејќи се за ѕидот. Повторно се чувствува за никаде, повторно ја чувствува вината која му ги полни градите со болка и полека му го одзема целиот воздух. Ја соблекува кошулата со која заспал вчера затоа што очигледно бил премногу пијан за да се сети дека има поважна работа од тоа да избега од сопствените кошмари. Го отвора балконот и ужива во свежиот и ладен демеквриски воздух кој се бори да ги избрка демоните од неговото тело. Ги затвора очите за миг,чувствува како ветрот му ја бушави косата. И повторно солзите кои се појавуваат на лицето како потсетник за тоа што го изгубил затоа што е ваков. Еден обичен будала кој мислеше дека може да го има најдобро од двата света. И парите и љубовта... А во професија како неговата, тоа беше невозможно. 
Се чувствува толку мрзливо денес, најдобро само да остане во хотелската соба и да заборави на останатиот свет. Гледа во оловносивите облаци кои се надвиснуваат над градот како предупредување за нешто што не може да го сфати, депресијата и носталгијата повторно се тука да му досаѓаат како некогаш. Превртува незадоволно со очите, обидувајќи се да им избега на духовите од минатото. Ја затвора врата од балконот и влегува внатре во хотелската соба која мора да признае дека е прекрасна. Како и да не биде, кога плаќа за луксузот што го опкружува. Нели е смешно!? Човек има пари да си обезбеди толку многу од светот, а сепак се чувствува толку осамен заробен во сопствените кошмари и во оваа соба која го гуши а истовремено е и некоја чудна утеха. Го плакне лицето со ладна вода и збунето го гледа својот одраз во огледалото. Не изгледа на ништо, како некое зомби кое нема друга работа па дошло на светов да плаши. Очите му се црвени и подуени, главата го распрскува светот на илјада парчиња кои не може да ги состави, устата му е сува. Пие вода од раката и немарно со мокрите раце преминува преку косата. Не сфаќа што гледаат женските во него, не се смета за привлечен, иако изиграва фраер со некое си драгоцено его. Особено не денес...
Ги затвора очите и се фрла на кожната софа во малата дневна. Мобилниот не ѕвони, барем тоа го сфаќа како добар знак. Никој не го вика на работа, не може да се соочи и денес со фактот дека ја има најретардираната работа на светот заради која ја загуби својата душа и девојката што ја сакаше со сето срце. 
Вади цигара од џебот и го зема упаљачот кој по некоја случајност се наоѓа на масата и немарно ја пали, не грижејќи се дали може ќе се запали алармот за пожар. Забележува дека прозорецот е отворен иако не може да се сети кога го отворил. И онака сеќавањето малку му вреди, особено денес. Ги склопува очите и вдишува од белиот чад кој му ги пече белите дробови затоа што го задржува премногу. Убаво е ова чувство, го потсеќа дека е сеуште жив. И повторно се враќа на кошмарот кој го мачи сето ова време, додека ја масира беспомошно главата која му се чини секој момент ќе експлодира. 
Секојдневно е истиот кошмар кој му се врти неповрзано во соништата. Кога ќе се разбуди секогаш е жива вода, срцето му чука како да е на некое рели патување, главата го боли и се чувствува празен. Понекогаш се сеќава јасно на сонот кој знае дека е реалност, понекогаш се буди со одредени фрагменти. Но, секогаш знае дека ја сонува неа во последните моменти. Ги затвора очите и повторно го гледа истото. Ја открива неа, која го следела со малиот црвен автомобил. Избива кавга, спремен е и да и го скрши срцето само да си замине затоа што знае дека е опасно за неа. Можеби и затоа што не сака да знае дека дечко и е платен убиец. Таа е бесна, вика по него, го прашува глупости од типот со кого ја изневерува. Се обидува да ја смири, не сака да ја слушнат но не успева. Пред да се освести и да може да ја спаси гледа една црвена точка насочена кон неа. Извикот му останува на грлото, не може да скокне навреме и да ја замени, нејзините очи се скаменуваат во неверување. Паѓа на земјата а тој ја задржува во прегратка. Ја моли да не си оди, да не му го прави, да не умира заради него. И кажува дека ја сака, дека му е единствена светлина во мракот, таа му подарува една најубава насмевка која го боли и му ги кине градите. Изгледа толку слабо, толку кршливо. Му кажува дека и е жал, иако тој се чувствува како најголемо гомно на светот. Се обидува да ја спаси, да го запре крварењето, но само ја гледа крвта која му се лизга низ рацете. Ги склопува очите и заминува засекогаш, додека тој вика како рането животно кој изгубил се. Ја моли да се врати, но знае дека назад. И не се сеќава од каде ја наоѓа силата, животот му нема повеќе смисла. Тргнува напред, не чувствувајќи кога куршумот му пролетува и го погодува во ногата, само мисли на одмазда и на беста... И по некое време ја губи свеста и самиот тој. Но, сепак преживува и тоа е најголемата казна која можел некогаш да ја добие.
Се враќа во сегашноста и го издишува чадот кој му ги полни немарно градите. И таа беше како пареава, речиси нереална и предобра за да биде негова. Посега со раката кон белата магла, но таа веднаш ја снемува. Му се врти светот, додека оди да си сипе виски. Нели е иронија животот!? Ги навлажнува усните со најдобро виски, сфаќајќи како секогаш дека нема ништо. Се осеќа за нигде, сака да замине барем еден момент подалеку од спомените. И знае дека никој не го мрази повеќе од тоа колку што се мрази самиот себе. Ја гаси цигарата во пепељарата и го затвора прозорецот. Минлив е животот, исто како денот и овие облаци кои малку се разведриле. Сака да врне, сака дожд, сака омраза и бес. Било што, само да изчезне еден момент болката. Не сака да има чувства, сака да заборави на вината, на светот што го опкружува, на тоа омилено лице кое нема да го види никога. Но, нема да се случи ништо од тоа. Се врти збунето и чашата му паѓа од раката. Устата му се отвора,повторно го губи здивот. Срцето му чука забрзано, тој се обидува да си ги смири мислите додека гледа во сеништето.
-Ти? -Гледа во девојката која ја сакаше повеќе од се. -Реална си?
-Да. -Му подарува една насмевка која не личи на онаа нежната и го вперува пиштолот во него.Некоја насмевка му бега на лицето и за прв пат се чувствува реален а не некој лик од заебан роман. -Здраво...



Thursday, December 12, 2013

„И што да ти кажам!? Ѕвездите денес се посјајни...“

-Ја видов денес твојата.- Симона превртува со очите и ме бакнува во образ додека седнува на столчето до моето. 
-Мојата? - Збунето поткревам веѓа и гледам во неа. Изгледа совршено како и секогаш, облечена во кафен капут кој  веднаш го соблекува, темни фармерки, зелен џемпер кој одговара на нејзините долги нокти, високи чизми на штикла. Прекрасна е, забележувам дека неколку машки се вртат накај нас и заинтригирано ја набљудуваат. Знам дека посакуваат сите да се на мое место, јасно ми е тоа како ден. А јас, посакувам да сум во друштво со една друга девојка...
-Знаеш бе, онаа што ми кажуваше дека ти се свиѓа. Што се сретнавте пред два-три дена на кафе? Маникенката твоја. -Превртува незадоволно со очите.
-Никогаш не сум ти кажал дека е манекенка.- Ја поправам и ја викам келнерката која очигледно е нова.
-Повелете? - Келнерката ми се смешка задоволно, а Симона повторно превртува со очите. Е,добро де не може секогаш да биде центар на внимание.
-За мене едно Нескафе, а за дамата...
-Чај од шумско овошје. Без шеќер. -И подарува една вештачка насмевка а потоа го проверува Ајфонот. Симона, истата како што ја познавам.
-Веднаш.- Келнерката уште еднаш ми се насмевнува. И подарувам една од оние искрени насмевки и се враќам на Симона.
-Малку љубезност нема да те штети, знаеш. - И намигнувам и повторно се загледувам во неа. Сериозно, преубава е јасно е тоа како ден. Има правилен нос, совршено тело, бисерна насмевка, долга коса... Но, знам дека помеѓу нас никогаш нема да има ништо, ние сме различни планета, па иако ми се допаѓа ја гледам само како моја другарка и ништо повеќе.
-Не, нема. Само не ја дарувам љубезноста на сите.- Ми се насмевнува, но веќе во следниот момент е сериозна.- Ти текна за кого ти кажував!?
-Да.- Потврдувам збунето. Некоја насмевка несвесно ми лета низ лицето и само со раката немарно преминувам преку мојата коса. -Што со неа?
-Ти кажав, ја видов на автобуска. Беше со една другарка.
-Добро и? -Прашувам демек незаинтересиран. Но,искрено таа и тоа колку ми се допаѓа. Не знам, како оддеднаш да сум се нашол во некој вртлог од чувства и постојано размислувам за неа.
-И... Не сфаќам што си видел во неа. - Гледа сериозно во мене. Келнерката ги носи нарачките, Симона не ја ни погледнува, погледот и е насочен кон мене. По ѓаволите! 
-Како што гледам во неа!? Ми се допаѓа. -Одговарам едноставно. Како да објаснам зошто ми се допаѓа кога ни јас не можам да се сфатам самиот себе. 
-Добро,но... Сериозен си? Мислам, девојката не е ништо посебно. Погледни се себе, погледни ја неа. Тотално сте различни, се гледа тоа од километар. Првин девојката не е убава, просечна е. Долга коса без везе, ниту испеглана, ниту е нашминкана, просечна фацичка со која се губи во купиштето луѓе, облечена сосем обично... Слаба е, океј. Но,реално нема ништо од тоа што ти ми го опиша.-Ми набројува на прсти и гледа во мене како да се обидува да сфати нешто од моето лице. Како да и објаснам нешто што таа нема да го разбере!?
-Значи, не мора да биде модел за да биде убава. И тоа што ти ја викаш просечна е твое мислење. Мене девојката ми е прекрасна, има убава насмевка, добра е, знае да се шегува, знае да ме ислуша. Интересно ми е да сум покрај неа.И што значи тоа види ја неа, види се себе!? Никогаш за себе не сум кажал дека сум некој модел или неодолив фраер. Така да, ова ти нема смисла... - Збунето вртам со главата и пијам од своето Нескафе.
-Сериозен си? Познавам неколку девојки кои се девет класи погоре од девојкава и кои би ти рипнале во прегратка без да ги прашаш.
-Можеби тоа е проблемот. Што различно го гледаме светот. Не ми е потребно мене некоја убавица по која машките ќе паднат на гз кога ќе ја видат. Сакам топла девојка како неа. ТОа ти е проблемот на тебе, ги гледаш девојките според тоа како изгледаат. И јас правев така некогаш, не велам не. Но,покрај неа... Не знам,поразлично е. Поразлична е таа од сите девојки, како оддеднаш кога сум покрај неа да се интересирам за книжевност, за политика, за светската криза, за ѕвездите, за нејзината насмевка... Едноставно е се покрај неа, а истовремено и сложено. И ми се допаѓа тоа. Ми се допаѓа светот да ги има сите бои од виножитото а не тој мал спектар што го гледавме.- Слегнувам со рамениците, сеќавајќи се на неа. Мислам, не е дека некогаш ми излегува од мислите.
-Ова е ретардирано.- Одмавнува збунето со главата. - Да не си ја чукнал ти главата?
-Симона... Не знам што да ти кажам. Освен дека можеби се заљубив.
-Немам одговор. -Гледа со неверување во мене. -Не знам што ти направила. Ми кажа дека не веруваш во љубов, дека сакам само забава. Зошто сега се промени се?
-Затоа што сфатив некои работи. Дека за некои нешта нема време за чекање, ниту има потреба за тоа. Кога се работи за чувствата едноставно ќе знаеш. Морам да одам.- Го земам капутот и го барам отсутно новчаникот во џебот од фармерките.
-Каде ќе одиш?- Шокирано гледа во мене,очигледно моето однесување го надминува секој нормален домен во пропишаното однесување за неа.
-Да и го кажам ова на неа.- Се насмевнувам и ги спуштам парите на масата. Слушам како таа вика по мене, но истовремено не ми е грижа. Сигурно ќе најде друштво во некој од сите од кафичот кој ја меркаа и ќе ги продолжи некој нормален муабет. Знам дека и се допаѓа тоа кога машките и се восхитуваат и таа е тема на разговор. Се качувам во автомобилот и збунето се смешкам. Не знам како ќе реагира, искрено она нашето е сеуште она недефинирано, но мене и тоа како ми се допаѓа таа. Газам на педалата за гас, сеќавајќи се на зборовите на мојот најдобар пријател: Кога се работи за љубовта, ќе знаеш брат. Ќе ти биде јасно. Ѕвездите ќе сјајат посјајно, ќе ја забележуваш Месечината, во сите девојки ќе ја бараш неа и нејзината насмевка. Пред да сфатиш ќе се заљубиш еден ден иако сега ми изиграваш неодолив шармер. И кога ќе се случи тоа, немој да бидеш будала како мене. Не дозволувај среќата да се лизне низ прстите, па ако треба и ќе испаднеш и папучар и ќе го погазиш достоинството. Но,ќе и кажеш дека ја сакаш, ќе и го докажуваш тоа, ќе веруваш во романтика и приказните за подобар свет кој претходно ти се чинеле како приказна. Е тогаш, брате мој ќе сфатиш што ти зборувам. Ќе посегнеш во ѕвездите и нема да ти биде грижа ако се изгореш...
Го запирам автомобилот пред нејзината куќа. Знам дека е сама па затоа само влегувам во дворот и ѕвонам на вратата збунето чекајќи да ми отвори.
-Ти? -Изненадено ја крева левата веѓа и ја погледнува облеката. -Што се случува?
Забележувам дека се вцрвенува, но мене и вака по тренерки ми е прекрасна, со бушава коса, некоја збунета насмевка и срамежливост.
-Сакам да те видам. Да ти кажам нешто.
-Да?- Гледа збунето во мене, не знае што да очекува.
-Сакав да ти кажам дека ми се допаѓаш. Не знам дали испаѓам како манијак,но ...
-Хахаахха.-Гледам во неа додека ми се смее и не знам што да мислам.- И ти ми се допаѓаш на мене, но не ми текнало да те посетам во станот и да ти го кажам тоа.
-Опааа. Ете,една идеја што ми се допаѓа.- Ја прегрнувам и се смеам со неа.- Ти кажав дека си прекрасна?
-Не.- Ми одговара со онаа занесна насмевка. 
Стоиме на прагот, и двајцата смрзнати, но среќни. Ја прегрнувам и уживам во тоа чувство на топлина кое прострујува низ вените. Го земам нејзиното мало лице во моите раце и ја бакнувам. И во овој момент може да испари целиот свет. Ја сакам неа и само неа.Уживам кога ја спушта главата на моето рамо и сфаќам дека не сакам да бидам на нитуедно друго место. Овде,покрај неа се пронајдов себеси. И случајно, забележувам дека ѕвездите навистина сјајат посилно и дека Месечината е надвисната над нас. Се насмевнувам, чувствувајќи се исполнет. Во неа ја пронаоѓам мојата ѕвезда која е посилна од сите. И тоа ми е доволно...


Wednesday, December 11, 2013

Сјајот во нејзините очи

И ќе ја сакам па дури и ѕвездите сите до една да згаснат, дури и земјата да се помести од својата рамнотежа. Ќе ја сакам затоа што е единствена, затоа што е среќна и без мене, затоа што погледот и е истовремено и нежен и строг и веднаш ме освојува, затоа што нејзината насмевка и зимата ја претвора во лето. Ќе ја сакам и за пролетните цветови и летните лудости и авантури, за есенските шаренила и зимската монотонија. И нема да и го кажам тоа никогаш, па и небото да се сруши врз мене, ќе глумам некој си отсутен фраер кој си нема врска со животот. Ќе уживам во вискито со лед која таа ќе каже дека ми го скаменило срцето, ќе се губам во монотонијата на бои ми се мешаат пред очиве. Ќе се чувствувам за нигде кога ќе ја видам со друг, кога ќе забележам дека тој нејзин поглед не е само мој. Ќе ја кренам главата демек гордо и ќе ја одминам како да не ми значи ништо иако одвнатре ќе се распаѓам. Нема да признаам, нема да ми дозволи гордоста, ниту оваа празна „црпка“ што таа ја викаше. Ќе се влечам низ животот како да ми е сеедно се, како некој си Мерсо од некоја книга што таа ја читала. Нека бидам таков, нека бидам идиот и кретен во нејзините очи, нека биде таа пеперутката која едно време светот ми го направила најубаво шаренило од бои и чувства. Но, ќе негирам се кога ќе ја видам. Љубов, ќе прашам, што беше тоа!? Ќе погледнам во ѕвездите кои сакав некогаш да и ги подарам и ќе забележам дека нашата згаснала. Ако, нема биде и универзумот против мене. Нека се свртат коцките во нејзина полза, ќе ми биде мило да ја гледам среќна иако ќе знам дека не сум причина за таа среќа и иако Месечината ќе го изгуби својот сјај во нејзините очи...


Tuesday, December 10, 2013

Те сакам...

Илјада дефиниции за љубовта, јас ќе ја дадам илјада и првата. И знаеш, нема да биде воопшто значајна и нема да допре до никој нов феномен за кој немаш слушнато.А уште помалку дека ќе ја опише љубовта во нејзината вистинска смисла, онаа во која јас се губам така лесно во твоите очи. Можам да најдам илјада причини зошто те сакам, но знам дека ниедна од нив нема да биде целосна. Зошто? Затоа што ти си едноставено таков, мозаик од илјада спомени кои нема никогаш да се вклопат во ниедна слика. А сепак, сликата што ти ја преставувап е мојата омилена...
Те сакам затоа што денот кога ми почнува со тебе е обоен во најјака жарко црвена боја која ми го осветлува лицето. Те сакам затоа што утрото ми почнува со зрак од сончева светлина која ми го милува лицето и ми го топли срцево.
Те сакам затоа што светот ја добива посакуваната смисла кога ти си покрај мене. Те сакам за сите сварени чаеви и кафиња, за сите изгорени јадења и торти. Те сакам заради омилените мафини од боровинка и малина, за сладоледот со чоколадо и овошните торти. Те сакам за цела „Европа“ и „Милка“ , затоа што светот покрај тебе е чоколадно уживање. Те сакам заради сјајот во твоите очи што за мене се поскапоцени од сафирите. Те сакам заради малите дупчиња што се формираат при твојата насмевка, начинот на кој немарно ќе поминеш со раката низ косата и ненамерно ќе ја разбушавиш. Го сакам начинот на кој рацете ти се топли и во зима и ги грееш моите подобро од ракавици. Го сакам тоа што се шегуваш со мене, а толку лесно знаеш да се пошегуваш и на своја сметка. Те сакам затоа што пушиш како Турчин, а потоа се жалиш кога ќе го поделиме Сникерсот дека ќе внесеш многу калории. Сакам да те гледам додека возиш и рокаш некоја музика од бенд кој никој не го слушнал а човек не може да не се насмее. Го сакам начинот на мој ме гледаш кога поминувам покрај тебе и кога ќе ме прилепиш во својата прегратка и да ме бакнеш пред сите останати како да сакаш да ставиш етикета дека сум твоја. Сакам да се шетам со тебе низ градот фатени рака за рака, иако цел пат ќе го поминеш пекајќи дека не го сакаш тоа. Те сакам затоа што ги слушаш моите омилени песни на слушалките заедно со мене, иако не ти се допаѓаат. Те сакам затоа што светот завршува и почнува во тебе. Те сакам заради сите твои недостатоци кои те прават совршен. Те сакам затоа што ги читаш моите текстови и ги коментираш недостатоците и не промашуваш момент да ме пофалиш за нешто. Те сакам затоа што си секогаш покрај мене, затоа што првата порака на Фејсбук или мобилен мора да биде од тебе. Те сакам затоа што велиш дека не веруваш во цагери, а само онака немарно ќе се насмееш кога ќе фатиш еден. Те сакам затоа што си циничен за се и сешто, а умееш да се расплачеш на некој емотивен филм и да се вадиш дека ти влегло нешто во окото. Те сакам заради фраерот што си, а истовремено и едно малечко дете кое сака со сето срце. Те сакам затоа што си ваков каков што си и најпосле заради ништо посебно. Те сакам затоа што уживам денот да ми почнува и завршува со твоето име. Те сакам затоа што текстовите испаѓаат и едноставни и комплицирани заради тебе. И на крај?
Те сакам затоа што си поразличен од сите, заради насмевката што ми ја бранува душава, за твоите најубави очи, затоа што небото денес е сафирно чисто а сонцето немарно грее, затоа што ѕвездите се горе на небото и ништо повеќе, затоа што си неромантично романтичен. Те сакам затоа што светот ја добива смислата со тебе. И ништо помалку...


Monday, December 9, 2013

Фраер

-Еј, извини што доцнам.- Се насмевнувам извинувачки и седнувам до празното столче до неа. Во позадина ја слушам Under control и погледот како по обичај ми бега во скенирање на девојките што се овде во кафичов.
-Не се чудам уживај. - Ми подарува од оние нејзини совршени насмевки. Погледот сега ми е целосно насочен кон неа, забележувам дека ставила црвен кармин кој по ѓаволите совршено и стои. Облечена е во сив чемпер, темни фармерки и некои нови чизми. 
-Нови чизми? 
-Да.- Бавно кимнува со главата или можеби тоа само мојот мозок го успорува. 
-Порача нешто? 
-Не... Не знаев дали ќе дојдеш.- Слегнува со рамениците и збунето го крева погледот од нејзиниот смартфон. Го исклучува и повторно се навраќа на мене, внимателно ги вкрстува нозете.
-Ајде, знаеш дека секогаш доаѓам. Барем кога се работи за тебе.- Одговарам искрено и му мавтам на келнерот да дојде да порачаме.
-Можеби тоа е твојот проблем. Не си доволно заинтересиран за состаноците што ги договараш. Се чудам како бизнисот не ти пропаднал до сега. -Се обидувам да најдам сарказам во нејзиниот глас,но не можам. Погледнува во мене речиси ладно и наеднаш се чувствувам збунето и речиси исплашено. Келнерот доаѓа во незгодно време, па само отсутно порачувам Нескафе и чекам да си замине.
-Што треба да значи тоа? - Ја прашувам тивко, збунет од ваквото однесување.
-Ништо. Само... - Воздивнува длабоко. Не треба да сум некој експерт за да разберам дека нешто не е во ред.- Се обидувам да те сфатам, но не успевам. 
-Но,ти... Ти ме познаваш најдобро од сите. 
-Тогаш замисли како се чувстуваат другите. -Ми одговара со некоја чудна насмевка која знам дека не допира до нејзиното срце.
-Што се случува Миа? - Збунето гледам во неа. Зошто изгледа толку убаво па дури и кога е лута? И зошто не можам да се сосредочам на другите девојки кога сум покрај неа? 
-Ништо, не те разбирам. Имав добри дваесетина минути да размислувам додека те чекав. 
-За тоа се работи? Затоа што ме чекаше? Се извинувам затоа што доцнам, имав некој проблем со асистентот.
-Да,знам. Секогаш со твоите проблеми. -Испушта тешка воздишка. - Размислував како им е на девојките што ги користиш само од забава. Дали се заљубуваат во тебе, дали се рамнодушни...!? Јас сум ти само пријателка а со твоите постапки и тоа како знаеш да ме извадиш од такт. Размислував каков е животот во кожата на Даниел. 
Му се заблагодарувам на келнерот кој ни ги носи кафињата и забележувам дека погледот еден момент повеќе му се задржува на Миа, а таа е целосно несвесна како секогаш. Се насмевнувам, сфаќајќи дека и тоа колку е прекрасна.
-Што се смееш? -Изненадено ја поткрева веѓата и пивнува од своето Нескафе.
-На тебе. Не забележуваш ништо што се случува. 
-Што се случува? -Збунето погледнува околу себе. Толку е симпатична и наивна, што не можам повторно да не и се насмеам.
-Ништо посебно. -Слегнувам со рамениците.- И прашуваш како е да си Даниел !? Па, така убаво. Човек прави што сака, не се грижи многу за животот и за тоа што мислат другите за мене.
-Да,но сите тие девојки... Како се чувствуваат тие? 
- Не размислувам за тоа. Си уживам со нив додека е интересно, додека не почнат со претерани повици и напади на љубомора зошто сум погледнал во друга, без да ми кажува правила и нејзини желби... 
-Мислиш дека си неодолив фраер?
-Не мислам, знам дека сум.- Задоволно се смееме. -Не се преценувам себе, знам дека можам да ја смотам секоја девојка. Можам да погледнам во неа и да знам што посакува, дали забава,дали сериозна врска. Дали сака романтичен дечко кој ќе и ги симнува ѕвездите, папучар што ќе ја слуша што ќе каже без приговор или знаеш лошо момче кое може да им го преврти целиот нивни свет и да ги изложат на таа возбуда која тие ја посакувале. 
-И ти си во која категорија? - Заинтригирано гледа во мене.
-Можам да бидам се. Но, не мора да бидам ниту еден. Девојките, па и жените сакаат добра забава. Понекогаш може да се случи да те прошета низ Европа, да ти купи некој скап подарок и слично.
-Во превод си жиголо. 
-Така нешто,но не и целосно. Не барам јас ништо, не барам девојки со пари. Барам девојки кои ми се допаѓаат, девојки кои имаат намалена самодоверба а покрај тоа се и тоа колку прекрасни, девојки кои се дигаат високо во воздухот и мислат дека можат се...
-Во превод, бараш девојка да ја смуваш и да си поминеш убаво додека можеш пред да почне сериозната врска!? 
-Кога го кажуваш така звучи лошо. Но, да тој е концептот.Не сум тип за сериозна врска, не можам да бидам покрај неа кога има ПМС, да и варам чаеви или да и правам појадоци наутро, да се грижам за неа кога е болна или уште полошо да ја гледам како плаче и да се мачам што по ѓаволите сум сторил погрешно. Не ми оди тоа.-Одговарам искрено, станувајќи свесен дека прв пат во животот сум целосно искрен со некоја девојка.
-Тоа е лудо. Не сакаш да се заљубиш никогаш? -Со неверување гледа во мене.
-Мислам дека љубовта е преценета. Луѓето се предаваат на тоа чувство, надевајќи се дека ќе го извлечат најдоброто, но секогаш завршуваат со солзи и скршено срце. Зошто човек да се подлегне на тоа, да ја положи својата доверба и љубов во рацете на некој непознат кога може да ужива  во друштвото на сите?
-Затоа што на тој начин никогаш нема да дознае што е вистински да се сака и верува некому. Никогаш нема да почувствува нешто повеќе од тоа твоето ладнокрвно однесување дека не ти е грижа за светот. Но,мислам кому говорам. Не е дека некогаш ќе допрат зборовите до тебе затоа што ти немаш срце. -Превртува незадоволно со очите. -Зошто си ваков?
-Каков, шармер? -И намигнувам задоволно. 
-Не, ваков ... Ваков идиот што не забележува ништо, ниту една вистина па дури и таа да се тресне од фаца. 
-Како не забележувам. Ете,на пример русокосана спроти нас има одлични нозе. Мислам треба да си ја испробам среќата кај неа. - И се насмевнувам на девојката што се врти и ми праќа една заводлива насмевка. -Ете,гледаш.
-Гледам дека си идиот.- Бесно го облекува капутот и станува од столчето.
-Чекај, каде ќе одиш? -Шокирано гледам во неа и станувам до столчето.
-Дома,каде би одела. И мислам дека е време да ги отвориш очите а да не живееш во твојот филм на Казанова што си го создаваш. - Ја грабнува црвената чанта а на масата остава пари за кафето. Заминува пред да можам да кажам нешто, па само шокирано зјапам во неа со подотворена уста. Не ја запирам, збунето гледам додека не се изгуби а потоа се враќам на столчето. Што беше сега ова? И зошто се јавуваат овие чудни струи во градиве што не можам да ги анализирам. Немам повеќе желба за ниедна русокоса, ниту за никаква забава. Незадоволно зјапам пред себе и порачувам едно шише пиво. Се чувствувам како најголем кретен на светот и како нешто во мене да е скршено, но не сфаќам зошто. Ги затворам очите и наздравувам со мојата замислена Миа, не обрнувајќи внимание на погледите на девојките. За прв пат немам желба за ништо. Ја плаќам сметката и излегувам надвор. Чекорам незадоволно до автомобилот, чувствувајќи го студот како се приклештува за срцето и го крши како да е коцка лед. Помислувам на Миа и на кретенот што испаднав во очите на мојата најдобра пријателка. Само што нешто ми говори дека не е само тоа,но го потиснувам. Стискам на педалата за гас и се тркам против самио себе и чувствата. Не ми се потребни компликации, си го сакам животот во оваа моја замислена боја. Пуштам музика и се тркам со мислата на Миа. Можеби вечер ќе и се јавам. Ако до тогаш не ми пројде ова чувство на несоодветност во кожата на фраерот. Можеби...