Friday, March 21, 2014

Македонија- идеална земја за живеење... за спомениците на Плоштад

Започнува политичката нервоза. Или започната е таа веќе одамна, само сега пропагандата е на она повисоко ниво. Сакаш на форуми, Фејсбук или кафичи разгорена е темата за нашава политика и престојните избори. Си има и луѓе што си кулираат, си го наредиле во животот па си уживаат во Сонцето кое еве конечно решило малку да не израдува. И ете, муабети од тип -За кој си брат? Се знае брат (или ВМРО или Есдеес). И ете ја тука започнува таа битка кој е во право, кој направил повеќе, кој си го сака народот повеќе. И тука пука филмот, иако реално си седиш и се правиш дека си од оние кои политиката е нуклеарна физика. Барем ќе бидеш поштеден од сето тоа долго предавање и плунката која онака несакајќи ќе ти се залепи за лицето.
Е па брат, еве сега ти кажувам за НИКОГО не сум. Ниту сум видела аир од нив, нити нив ги интересира за тебе иако можат да ти продаваат приказни дека ти си нивната иднина, дека тие работат за тебе. Да братче работат, да можат и државата ќе ти ја продадат за добра цена. Еј, па чекај нели го прават тоа?!
Да се биде политичар не ти значи ништо повеќе од тоа да си го наполниш џебот што е можно повеќе, на народот да му ги замачкаш очите небаре се овци за стрижење ( според муабетиве тоа и се!). Не се замараат со твојата состојба, дали ти одвај крпиш од месец до месец, дали децата ти се болни а ти не си здравствено осигуран затоа што сме јака држава.
Не можам да не ги ставам и двете партии во ист кош кога исти се со некои недостатоци различни кај едните и другите. Едните почнаа со уништувањето на нацијата , другите го завршија. Што ќе се изградат неколку споменици, ќе се фрлат милјарда евра онака и после со тоа се направило нешто?! Што да се замазнат очите на народот за исперените пари? А и народот нема пари за леб, се радува како мали деца на играчки. Остави тоа што шефот си е поврзан со партијата и не дава редовно плата, остај тоа што цените на производите се високи, имаме споменици да им се радуваме.. 
А децата дома ќе се снајдеме бе некако. Некој со партиска книшка ти го земал местото на работа. Оди, честитај му. Или бездомниците кои немаат кај да преспијат и секој ден е борба за опстанок?! Не ги гледаш нив, спомениците ги сокриле под себе...
Ајде де. Сериозно со овој муабет? Некој,кој до вчера не знаел да пишува и одвај завршил средно со тебе сега министер ќе биде. А ти мачи се со факултетот, ќе те чека некоја работничка за ниска плата или пазарот не ти бега. Позитивна вест,.има субвенции за земјоделците...
Е па наместо да се вложи во земјата, да се направи секаде асална канализација, водовод и патишта, наместо да се има место за секој барем да преспие некаде ќе се градат споменици. Спомениците се иднината на Македонија! За да се заскрие срамот во заднина...
И младите не постојат. Чисто онака знаеш. Додека стидентите живеат некој мизерен живот во студентските домови (пардон, ако воошто си го заслужиле името) пензионерите ќе одат на скијање. Не велам дека треба да им се скратат правата или поволностите што им се дадени, но да се помисли и малку на младата сила на земјата не ќе беше лошо. И после зошто сме сакале да заминеме во странство?! Со ваков,однос што го добиваме, се чудам како воошто некој,живее во земјава. Ете на пример актуелна тема е Студентскиот дом Гоце Делчев и условите (пардон НЕуслови!). Насекаде низ светот се изнесе веста само нашите медиуми си молчат затоа што во Македонија се е рај. Малку да се заинтересираше власта за домовите не ќе беше лошо. Или се водат по политиката направено е, го имаме (па и пред педесет години ако сака нека е) не му треба реставрација. За поважни нешта се потребни парите. На пример споменици треба да се изградат, да се префрлат пари на сметка, да се поткупат телевизии и луѓе, да се замолчи народот.
И што ова е таа земја за која се бореле предците? Да биде Македонецот угнетуван зошто е Македонец? Да не може да се изјасни слободно што е?! Ајде, ставете другиот јазик да ни биде национален, искинете ги и запалете ги македонските знамиња... Затоа што народот се кара која партија е подобра или која турска серија вечер ќе се емитува, политичарите раскарани кој е крив,кој прав и кој повеќе направил... Сакате да ви кажам што направивте?! Ја продадовте земјата, си го продадовмте идентитетот, младите не се важни, народот помалку голта што ќе му се каже. Направивте човек да не може да биде МАКЕДОНЕЦ во своја земја, да бидат сите раскарани меѓу себе наместо да го бранат своето. Направивте тоа што евтино продадовте се што било скапо платено па сега предците се вртат во гроб гледајќи ја вашата јака политика. Гајле ви е вас за народот, важно имате пари во џеб или на сметка. Тоа е целата приказна. А народот нека се мачи да преживее во овој крпен живот како што би рекол Стале Попов. На сосема погрешен пат сме тргнати, но еј нема врска. Иднината на спомениците останува. Народот никој не го прашува веќе одамна.