Sunday, September 22, 2013

Нејзиното отсуство

И неа веќе ја нема. Замина, изчезна , како сакате наречете го тоа. Вистината е дека повеќе не знам каде е . што прави , дали сеуште ја има таа заслепувачка насмевка на лицето што и ноќта ми ја претвора во ден . А јас еве сум , со чаша наполнета до врв со некое евтино виски , со солзи во очите и некоја збунетост која се раѓа во градиве и се шета онака немирно до моето срце. И не знам зошто се чувствувам вака одвратно како да ми се распаднал целиот свет. Другар ми вика дека сум ја сакал, но што всушност е љубовта !? Ова ужасно чувство на немоќ и тага кои доминираат во мене , како да се натпреваруваат кој ќе победи. Па ,ако ова е љубов тогаш подобро човек да не биде заљубен. Да ти кажам искрено , ми недостасува. Не знам зошто сега , но сакам да ја видам уште еднаш , да ја помилувам нејзината долга свилена коса, да се загубам во тие очи кои секогаш блескаа со тој неспоредлив пламен. Ми недостасуваат дури и кавгите, начинот на кој ќе гледаше бесно во мене сакајќи да ме убеди во право , кога ќе рецитираше некои книги кои никогаш не сум ги слушнал  и ќе дискутираше за Пакистан, Ирак, Туркменистан како да е роден политичар и што треба да се стори. 
Но, искрено јас сум виновен што замина. Чудно е знаеш, како го цениш присуството тогаш кога ќе се соочиш со отсуството. Никогаш не и кажав дека ми значи , цел живот за мене беше забава. Мислев дека се шегува кога ќе ми кажеше дека нема да биде вечно тука , покрај мене да си игра некои детски игри кои таа не може цел живот да ги разбира. Сега кога ја нема,сфаќам дека била искрена. И сфаќам колку ми недостасува. Знаете,човек не знае колку има се додека не го изгуби. Или можеби намерно се преправа дека не забележува. 
Што е најтрагично и да ја видам ,повторно да биде моја повторно би продолжил со истите игри и не би и признал дека ми недостасувала и како што вели другар ми дека ја сакам. Знам дека треба, но инаетот и гордоста се посилни од мене. Затоа ќе ја пуштам да си оди, да биде среќна кога знам дека покрај мене никогаш нема да го добие тоа што го заслужува. Можеби треба да сфатам дека не ја заслужувам. Но,тоа нека биде друг ден. Ја допивам чашата виски и наздравувам на воздухот кој ме опкружува. За неа, за отсуството кое ме боли и за оваа чудна болка која велат дека е скршено срце. Да биде среќна и да ме заборави. А јас знам дека ќе ја паметам секогаш. И во оние пијани моменти секогаш ќе сакам да и признаам дека ... па ете ја сакам.

Saturday, September 21, 2013

Промените од срцето...

Во животот многу малку нешта ми пречеа. На пример, ми пречеше кога во весник ќе прочитав за некој бомбашки напад  во кои загинале невини лица, ми пречеа војните и непотребните жртви,фактот што многу деца немаат доволно храна или пијат загадена вода,некои деца се присилени да го напуштат училиштето или уште полошо да се венчаат за некого што не го сакаат и никогаш не го сретнале...
И сето ова, го презирав, ме правеше мала и немоќна и го одразуваше вистинскиот свет. Не ми пречеа некои обични работи,доджот кога немав чадор и ги носев новите балетанки, таксистот да ми земеше повеќе пари од потребното или да ми избегаше автобус пред очи.Не ми пречеа ниту сите девојки што се вртеа околу Стефан, ниту фактот што тој имаше афери со половина од нив. Нашата врска никогаш не беше карактеризирана како нешто сериозно,па веројатно и затоа не се грижев многу за тоа. Па,дури и кога ја раскинав врската не почувствував  ништо,беше уште еден ден од многуте кои едноставно ги бележев со моето чудно сфаќање на светот.
Па,којзнае можеби еден ден ќе завреам на мисија во Сирија и ќе се борам за она во кое верувам. И самите тие мисли раѓаа надеж кај мене, тоа преставуваше вистинска љубов. Не си дозволував да ми пречат такви мали ситници,едноставно беше подобро да се мисли на поголемите планови.
Но,кога го запознав Даниел се промени се,иако од почетокот изгледаше како нормален почеток. Сепак,кој би помислил дека прв пат во животот ми беше грижа што ќе облечам на нашиот прв состанок,дали ќе му се допаднам и што ќе мисли за мене. И пред да се разбудам и да ја сфатам опасноста зад таа блескава холивудска насмевка и небесно сините очи,бев на втор состанок,па на трет...
За прв пат ми пречеше нешто друго што не се светските проблеми.Ми пречеше тоа што ми е грижа што мисли за мене,што ме убедува со една насмевка и срцево потпаѓа на неговото влијание.Па,дури и  светов доби некоја чудна розова боја покрај него,како претходно ништо вистински да не постоело.Ми пречеше што го чекав неговиот повик нетрпеливо кога ќе ми кажеше дека ќе се јави или ќе си го фатев сопствениот одраз во огледалото додека разговарам со него и си играм со косата.Не сакавда го гледам во близина на други девојки,ми пречеше иако не можев да објаснам зошто. Му најдов многу мани,но очигледно посилни беа оние јаките страни затоа што обожавав да бидам покрај него и онака без срам додека се шетаме да ме држи за рака и да ме бакнува.
Мислам,светот тонеше во депресија,сиромаштија и војна а јас си создавав љубовна прикзна. И што е најсмешно,тоа ама баш ич не ми пречеше. Само ќе ги обвиев рацете околу неговиот врат и ќе потонев во тој чуден свет на среќата. 
Но,мислам дека најмногу ми пречеше тоа што меѓу неколку испушени цигари,во димот кој испаруваше од неговата уста се формираа зборови кои не очекував да ги слушнам - Те сакам. И беше целосно искрен,го прочитав тоа од неговите очи толку јасно што се исплашив. За миг ми се причини дека ги чувствував и пеперутките во стомакот.Не ми пречеше што ми кажа дека ме сака, напротив летав во облаци затоа што тој ја донесе убавината на светот во таа нејасна форма што ја викаат љубов. Ми сметаше мојата реакција, тоа што не ми кажав како се чувствувам јас, туку едно скапано Фала, како да ми понудил јаболко а не да ми соопшти нешто толку важно.И не се  налути,ниту очите ја променија таа нијанса на љубов која се криеше помеѓу тие два океана кои ми станаа немир.Ме однесе дома,ме бакна , ми се насмевна на оној познат начин а јас само посакав да изчезнам.
 Каков е тој одговор Фала по ѓаволите!?
Како да сум бесчувствителна кучка.ледена кралица чие срце не го растреперува ни еден љубовен исповед.Во тој момент се мразев себе, моите идеали па дури и тој глупав израз на девојкана која зјапаше во мене од огледалото. Единствено,можев да се презирам себеси и да удирам во ѕидот со тупаници не чувствувајќи ја болката.
И мислам тој ден се измени се. Или беше некој нов почеток. По некој ден му кажав на Даниел дека и јас го сакам и за прв пат се чувствував целосно во неговата прегратка со срцево кое трепереше и се смееше со мене. Во тие моменти , кога ќе ме бакнеше и ќе запреше светот за мене ,научив дека промените доаѓаат од срцето. и некогаш првиот чекор  е да ги оставиш своите стравови и да се препуштиш на среќата. Затоа што Даниел ме научи дека среќните луѓе го менуваат светот. А тука некаде сум и јас...


Wednesday, September 18, 2013

Осамено изгрејсонце

Отсутно гледав низ отворениот прозорец кон езерото во близина , немарно држејќи ја белата шолја со кафе во десната рака. Сонцето изгреваше, небото ја имаше таа неодоливо румена боја. Играта на светлината се преточуваше во повремените бранови  на езерото кои ги чувствував како свои. Се напив една голтка од кафето кое ми се чинеше погорко од кога и да е и покрај двете лажички шеќер. Можеби едноставно ,таков е вкусот на поразот !? 
Го оставив филџанот на дрвената маса до прозорецот и се вратив на таа игра на светлина и чувството на празнина. Се прашував дали и тој ја гледа оваа величествена бура од бои ,дали е восхитен или станал рамнодушен. Се сеќавам на оној ден кога заедно го гледавме изгрејсонцето седнати на балконот, јас во неговата прегратка прекриена со ќебе. И тогаш на неговото лице ја гледав таа восхитеност и најубава насмевка. Иако не помина многу оттогаш мене ми се чини дека тоа се случило во некој друг живот. А сепак, сеуште ги гледам истите бои, го чувствувам тоа наивно треперење и тој благ поглед кој некогаш го обожавав. Мирисот на цимет кои се шири од некаде во близина дополнително ме потсетува на него, на неговата омиелна штрудла со јаболка и цимет која често ја делевме. За миг ги затворам очите, опиена од моќта на бои која се шири во езерото, од мирисот на љубовта , од сите спомени кои сфаќам дека секогаш биле тука покрај мене колку и да се обидувам да ги негирам.
Ги чувствувам зраците на сонцето на мојата кожа и се насмевнувам. Повеќе ни изгрејсонцето не е толку гламурозно  и единствено , како што тој умееше да го направи и да ја преточи сета среќа на светот во најубиот огномет од бои што можев да го посакав. А најпосле, пижамите, разбушавената коса и  ненашминканото лице и не се баш знак на гламурозност. 
Вчера повторно го видов , иако не очекував дека ќе се осмели да дојде на ова наше место. Беше променет, некако послаб, очите го беа загубиле тој магичен сјај ,беше сам и некако не припаѓаше повеќе во таа слика за него што се моташе во мојата глава. Беше тој а некако поразличен, попристаплив и осамен. И во истиот момент кога погледите ни се сретнаа , изчезна како никогаш да не постоеше. А јас , како некогаш го почувствував тоа познато треперење , таа желба да завршам во неговата прегратка и да не се грижам за ништо друго на светот. Ми се чинеше во тој момент заборавив на сета болка што ја предвика кај мене и во неговиот поглед иако за кратко ја забележав сета љубов на светот. Посакувам да не фантазирав, да сфатам веќе еднаш дека сме на сосема различни страни од животот. Да сфатам дека тој е само далечна ѕвезда која никој не ја познава и дека веќе еднаш треба да згасне во моите очи. Но , има нешто во мене што не дозволува да се помирам со таа општо искреирана слика што ми ја понудија сите а тој не се обидуваше да ја негира. Еден обичен фраер кој никогаш нема чувства, кој е една коцка лед, која никогаш не сум ја познавала. Сепак,никој не го познаваше како мене. Гледам пред мене во езерото и се обидувам да ги запрам чувствата да се разлеат низ моето тело како некогаш. И повторно помислувам на него, на таа вчерашна осамена слика која ми недостасува. За миг мислам дека е тука во близина , дека сме поврзани со ова изгрејсонце. Само така повеќе не постои ниту утре, ниту вчера ,само една насмевка,топло сонце,езеро и тој кој се провлекува некако низ мислите. И повеќе тоа не ми пречи...


Tuesday, September 17, 2013

Во спомените...

Се прашувам дали можев да променав нешто ако си го погазев достоинството. Вредеше за неа, барем толку сум сигурен. И кога ќе ја сретнам , онака демек ненамерно иако тоа го имам планирано, едноставно повторно се јавува оној немир и возбуда која игра во моите гради. Во тие моменти сигурен сум дека ја сакам, иако поминати се некои шест години од последниот пат кога ја видов. Знам едноставно дека во тие моменти се брише времето, се бришат сите тие мои љубовни авантури, луди трки со мотори и автомобили, пијаните ноќи и желбите да бидам авантурист. Тогаш само сакам да бидам сакан. Сакам да ја сакам неа, сега го сфаќам тоа.
Ги сакам тие сафирно сини очи кои гореа со тој пламен кога беше лута, начинот на кој го креваше носот и бесно гледаше во мене , кога ќе се насмееше едноставно целата соба ќе добиеше поинаков сјај. Ја сакав затоа што само таа ми противречеше, само таа умееше да внесе малку разум во мојот луд свет. Ја сакав затоа што знаеше што сакам, разбираше точно кои се моите желби и ме охрабруваше дури и кога сите ми велеа дека сум луд. Знаете, на секој му е потребен некој кој ќе биде секогаш покрај вас, оној кој ќе го насмее вашето лице и ќе внесе радост во тој сив свет кој ме опкружуваше. Сакав да биде покрај мене, сакав сите да ми завидуваат затоа што ја имав, затоа што беше убава и однадвор но уште повеќе одвнатре. Ја сакав затоа што беше една ѕвезда која дошла од небото само за мене,да ми го осветли денот со своето присуство. И искрено ,ми недостасуваат спомените со неа. Ми недостасува да ја учам да вози мотор , деновите кога на почетокот се плашеше а потоа ја купи онаа смешна кожна јакна само за да и одговара кога ќе вози мотор. Сакам да ја гледам како се смее, како малите дупичиња ќе се јават на нејзините образи , невидливи за оние кои не ја познаваа доволно добро. Умеев да ги разликувам вистинските од лажните насмевки, да ја сакам кога е намуртена, кога ќе ме натераше да се откажам од цигарите и за неа го направив тоа.
Посакувам сега да знам дека сум ја сакал, дека не била само некоја обична лудост и краткотрајна вљубеност.Би сакал да променам се, да и кажам колку ми значи ,дека цело време сум мислел на неа. Сакам да и кажам дека сум обичен идиот, дека никогаш не требало да заминам од неа и да ја оставам без никаков збор. Сакам да и се извинам, но познавајќи ја неа само гордо ќе ја крене главата и ќе каже дека никогаш не сум ја повредил иако лесно го прочитав тоа во онаа плачлива порака што ми ја остави на мобилниот оној ден кога завршивме средно и со моторот одлетав далеку без никој да знае ништо за мене.
И после толку години,сфаќам што се сум пропуштил. Сфаќам дека убавината на животот не биле оние неразумни идеи и желби кои сум ги имал на времето. Сега ми е јасно колку таа ми значи , колку сакам да е тука покрај мене, да ме гушне онака како да не сака никогаш да не се оддели од мене, да ја потпре главата на моите гради и да ме гледа онака нежно со тие светли сини очи. Да го промени мојот свет со нејзината насмевка, да ме искара затоа што сум бил олкав глупак што сум скитал низ светот и не сум научил ништо. Но , на времето знам дека ќе разбереше се и ќе ме сакаше. Без збор ќе застанеше  до мене и ќе ми беше јасно дека сум погрешил. И тогаш само ќе посакав никогаш да не сум го направил тоа и ќе ја бакнев како од тоа да ми зависеше животот.
Но,да тоа е само едно време. Неа ја нема веќе во оваа слика покрај мене, сега има некој дечко кој ја смее на начин на кој јас никогаш не научив. И се радувам за неа, иако ме боли. Се радувам што некој ја сака на начин на кој заслужува затоа што знам дека ние никогаш не би имале шанса повторно да бидеме заедно. Премногу би ми било болно да го гледам разочарувањето во  тие најубави очи и да ми биде потсетување колку сум грешел. Ќе ја сакам оддалеку , иако нема да го знае тоа. Можеби во тоа е смислата на животот,барем на мојов. Да научам дека некои работи се случуваат само еднаш во животот и колку и да сакаш нема втора шанса. На крај останува болката и надежта , само таа слика за неа и спомените кои ги чувам во срцето како најголем подарок. И љубовта која веќе станала еден спомен...

Monday, September 16, 2013

Грешките на срцето

Едноставно,понекогаш тоа што го посакува срцето не е тоа што ми е потребно. Сега го сфаќам тоа,додека ветрот ми ја бушави косата и бавно чекорам по кејот.Повторно мислам на него,иако знам дека тоа е веќе оддамна загубена битка со самата себе.Понекогаш,искрено не можам да се разберам самата себе и начинот на кој реагирам на некои бесмисленици. Ја читам пораката по некој стоти пат,како да сакам да се уверам дека не сум сфатила нешто погрешно. Не е најромантичнио дечко на светот , но и таа обична порака лесно може да го промени целиот мој свет. Во тие моменти се чувствувам како да сум повторно онаа заљубена тинејџерка , иако сакам да бидам што е можно подалеку од тие спомени.А сепак еве ме повторно како ја читам таа навидум безопасна порака која и тоа како внесува немир кај мене.
Како помина денес? Некако сум сигурен дека си била нервозна иако немаш никаква причина.Ми недостасуваше,се чувствувам чудно сега кога не можам да те гледам секој ден. Знам дека си ми лута и не знам дали ќе ја прочиташ пораката. Но,ако ја прочиташ знај дека не сум те заборавил.Едноставно,тоа би било да се оди против самиот себе иако знам дека никогаш ти го немам кажано ова. Марко.
И повторно зјапам во сјајниот екран на мобилниот ,чувствувајќи ги солзите на трепките. Го забележувам и пропуштениот повик од него и искрено повеќе не знам како треба да реагирам. Некогаш го сакав,да но со текот на времето мислев дека сум заборавила на него. А сега буквално од никаде доаѓа овде со некоја чудна порака. Што сака од мене после се ? Зарем навистина мисли дека има шанси да се случи повторно нешто меѓу нас?
Чувствувам како срцето забрзано ми чука, како повторно размислувам за него како некогаш. Не ми се допаѓа тоа, не можам да сфатам како некој може да сака и да не поднесува некој во исто време. Да бидам искрена, никогаш не сакав да го сретнам повторно. А сега вака со една порака, лесно ги брише сите оние чувства. Го гасам мобилниот и го враќам во мобилниот во џебот. Се враќам на кејот, на ветрот кој немирно ги гали моите образи, во месечината која блеска во навидум сјајните води на реката, во ѕвездите кои немирно светкаат, светилките кои треперат, во сите тие луѓе околу мене кои ми се чини не се овде. Или можеби само јас сум физички присустна тука, но не и ментално. Повторно патувам со мозокот далеку и тоа ме нервира. Не сакам да фантазирам, ниту да размислувам многу.
Седнувам на една од празните клупи и зјапам во далечините. За момент не мислам на ништо повеќе од местото што ме опкружува и сум задоволна од тоа. Но,подоцна се навраќам на нашите спомени, на неговите зборови кои пристигнуваат во погрешно време, на тоа скршено срце пто болеше едно време кога ме остави за друга буквално без збор. И сега ова...
Мислам дека искрено и никогаш не сум го познавал. Но,не е и онака важно. Сега сфаќам се што требало да знам. Тој е неволја и секогаш бил тоа и за жал нема да се промени. А оној дечко што денес го запознав, веднаш нуди насмевка кај мене. Без болна историја и е далеку позрел од него. Го уклучувам мобилниот и ја бришам пораката. Некогаш срцето сака погрешни работи па потребно е да се запре пред да направи нова грешка и повторно да се скрши. Но,некогаш желбите доаѓаат на најчудниот начин. Го вртам бројот на оној нов дечко и се насмевнувам додека разговарам со него и гледам во некоја далечна точка. Ете,толку малку му е потребно на срцево повторно да  трепери на оној ист начин како некогаш...

Sunday, September 15, 2013

Извини не менува ништо...

Едно извини не менува ништо. Мислиш дека после се, можеш само да кажеш извини и јас да заборавам се ? Ма, немој во кој свет мислиш дека живееш ти !? И што ти е уште потрагично, не можеше сам да ми кажеш извини лице во лице како барем некој знак на почит кој мене кој очигледно никогаш не си го чувствувал,туку ми ја праќаш мојата најдобра другарка,па потоа твојата сегашна женска  затоа што тебе ти е жал ?
И сега се прашувам се шегуваш ли ти со мене или едноставно толку ти фаќа кликерот и толку многу размислуваш?  Најсериозно, очекуваш дека после се ќе ти простам за сите тие твои моронски игри и тоа што ми го скрши срцето. Не ми кажувај дека ништо од тоа не беше намерно, затоа што за жал сега многу добро те познавам и не знам како некогаш сериозно сум можела да те сакам. Секогаш велеше дека големите луѓе ја имаат доблеста да простуваат, но не сум сигурна дека некој од тие твои големи луѓе би простиле ако си се однесувал така како што се однесуваше со мене. Најпосле, веројатно јас не припаѓам во тие големи луѓе,ако тоа значи дека морам да си ја погазам гордоста и да заборавам на сето она што се случи меѓу нас и да се однесувам како јас и ти повторно да сме оние најдобри пријатели кои по некоја случајност или игра на судбината некогаш биле заедно. 
Извини,ама не можам да бидам лицемерна и да се преправам дека сум некоја што не сум. И искрено не знам што очекуваше од мене, дека толку лесно ќе заборавам за се. За сите тие игри со топло-ладно, сите моменти кога не знаеше што сакав а јас и покрај тоа бев покрај  тебе и секогаш те храбрев!? Или можеби затоа што кажуваше различни глупости за мене и се фалеше со таа девојка која искрено те сакаше без разлика што и да си направел!? Ми кажа дека ме сакаш , дека сум ти потребна, дека не сакаш ништо повеќе од мене а јас решив да заборавам на сите тие гласини дека си еден обичен кретен кој не е способен да сака и е спремен на се за да го добие тоа што го сака. Мислев дека се само гласини од некои што не те познаваат. Да, бев наивна што верував во тебе,но тоа беше мојата најголема грешка. Ти го дадов срцето а ти го парчоса на илјада мали парчиња , не грижејќи се за последиците. И сега се однесуваш како ништо од ова да не се случило, како јас и ти да сме ја имале најромантичната приказна и едноставно се извинуваш за тоа што завршило се. Не ,не  , да те цитирам тебе - Се извинувам затоа што бев таков кретен! Па, искрено и беше. И уште поискрено сеуште си истиот, затоа што да си се променел ќе ми го кажеше барем ова во лице, но не немаш храброст да се соочиш со мене. Знаеш што, сега сфаќам дека искрено ти никогаш не си бил способен да сакаш, тебе животот и љубовта ти се само една натпреварувачка игра во која не се грижиш колку срца можеш да скршиш. 
Еднаш ми кажа дека срцето ти било скршено од некоја девојка , но сега се сомневам во тоа. Оној чие срце било скршено, не би скршил друго срце затоа што би знаел колкава е беспомошноста , солзите и чувството на намалена вредност со која се соочува оној што умеел да сака. Но, ти кажав оној ден помеѓу солзите, порасни еднаш и научи да сакаш. Не за мене , туку за себе.
Велат попаметниот попушта, но мислам дека заборавиле да кажат дека попушта со нервите. Но , не нема повеќе да мислам на тебе. Помина тоа време кога се грижев што мислиш за мене, дали си добар или дали ќе направиш некоја глупост. Си ја научив лекција , знам каков си и затоа извинувањето не менува ништо. Ти нема да се промениш , а јас нема да дозволам уште еднаш да бидам изманипулирана од тоа убаво лице и тие зборови што некогаш сакав да ги слушнам. Сега пораснав и за твоја несреќа те гледам во твое вистинско светло. Замина таа девојка која веруваше во љубовта и беше спремна на се за тебе. Сега сме само двајца странци кои некогаш се познавале и моментално немаат ништо заедничко. Два различни света на кои единствно што им е заедничко е воздухот што го дишат. Ееех, поминаа тие денови кога љубовта и твојата манипулација одеа рака под рака. Луѓето се менуваат и им доаѓа паметот.
И извини не менува ништо, така да си знаеш. Па , дури и искрено да го мислиш тоа во што дури се сомневам...

Мене ме нема!?

Сакам да го вратам времето назад, да ги повратам сите оние зборови изговорени во стадиум на бес. Сакам да им кажам на сите колку ми значат, за прв пат да проодам под сјајното сонце без никаква маска на лицето и со целосна и отворена искреност. Не сакам повеќе да се кријам , сакам јас повторно да бидам јас.
Но,ме нема. Ова не е реалноста , загубена сум во чудно искреиран сон. Сепак,знам дека не е сон. Го чувствувам тоа во срцево кое трепери, на мојата наежена кожа, во стравот што ми ги шири зениците , чувството на страв кое ме парализира и ми забранува да чекорам напред. Само што напред не постои.
Шокот се шири низ моето тело, речиси можам да почувствувам како крвта ми пулсира во вените . Чувствувам вртоглавица додека гледам во далечината пред себе која реално знаев дека не постои. Се наоѓам во бела просторија, но не од оние типично обоени затворени простории ,туку некаде надвор , во некоја шума, само што нема ниту дрвја, ниту сино небо. Ги затворам очите за миг, очекувајќи да се разбудам и длабоко воздивнувам. Но, кога внимателно го отворам десното око,сфаќам дека само се залажувам сама себе. Се наоѓам на некое непознато место, со чист хаос во мислите кој се обидувам да ги средам.
Последното нешто на што се сеќавам е расправијата со Андреј ,а потоа... Едноставно,следи некоја дупка во помнењето и на крај пронаоѓањето на себеси заглавена во оваа лошо смислена сцена. Хахах. Не знам кој го прави ова, но кој и да е дефинитивно има лоша смисла за шега. Се обидувам да се сетам на нешто од она што мајка ми го објаснуваше што го правеле на часовите на јога, но попусто . Ми се чини дека имам некоја ужасна дупка во помнењето што веројатно тешко дека ќе се излекува. Единствено позитивно што го пронаоѓам во целата оваа ситуација е што барем знам дека се викам Даниела, нагаленo Дани и сум женско. Но, тешко дека тоа може да даде некаква утеха во целата оваа ситуација.
Во тој миг забележувам нешто друго помеѓу целата светлина.Ги гледам луѓето околу мене, деца, возрасни луѓе,во најразлични форми и расположенија. Некои задоволно разговараат како да се познаваат цел живот, ниту малку зачудени од местото во кое се наоѓаат,како ова да им е секојдневние. Дури го забележувам тоа расположение,како сите да се најдобри пријатели, насмеани лица и навидум среќна околина во која живеат. Но, кога ќе погледнам подобро ги гледам и тие загубените како мене кои не знаат каде се наоѓаат , ниту што се случува. Како оддеднаш да се телепортирани на ова чудно место каде што не постои ништо и никој посебно. Кога не би се познавала себеси , би помислила дека ова се само халуцинации, но сето ова е толку реално. Чудно е, како да сум овде,а сепак дел од мене не се чувствува дека припаѓам овде. Срцето ми чука забрзно , додека се обидувам да направам еден чекор до едно девојче на моја возраст која задоволно го гали своето куче и изгледа среќна што е овде. Но,пред да стигнам до неа таа изчезнува,како да била само дело на некој магионичар. Или , можеби е вистина тоа за халуцинацииите!?
Во тој момент како да се враќа некој дел загубен од мене. Зениците ми се прошируваат,почнувам потешко да дишам и пред очите повторно се одвива онаа сцена која до пред некој момент беше блокирана. Повторно ја преживувам несреќата, автомобил кој го вози пијан возач и не гледа ништо пред себе,само тој кој вози со некоја 120-та брзина во своето ново БМВ. Оддеднаш запирам сред улица, сретнувајќи го својот исплашен израз на лицето во неспретноста и изнанеденоста на возачот додека се обидува да закочи затоа што му е црвено. Но,знам дека е доцна да се запре. Нешто ми го кажува тоа, како некој шепот од друга страна непозната за мене. За момент летам,го чувствувам воздухот како ми ги потхранува сите мои скриени желби. А тогаш го чувствувам само падот и едно последна воздишка која испарува од моето тело и се соединува со воздухот околу мене. И потоа празнина...
Паѓам на подот , затоа што не знам како да го наречам белото пространство што ме опкружува. Чувствувам како срцето забрзно ми чука, како очите ми се полнат со солзи. Ова ли е рајот !? Гледам околу себе,чувствувајќи се толку празно и поразено,без сите мои желби и чувства. Како ова да сум јас, а сепак не сум јас,како да сум ја загубила душата попат иако пореално би било да сум го загубила телото. Ги гледам луѓето околу мене, весело расприкажани и уживајќи во некоја весела дискусија, некои од нив моментално изчезнуваат. Ги затворам очите и се предавам на очајот. Низ лицето ми течат солзи, усните ми се суви и се чувствувам исцрпено. Главата ме боли и тогаш го рацете пронаоѓам парче хартија,внимателно свиткано.
Полека го отворам, чувствувајќи ги последните зраци надеж кои се раѓаат во мене. Но,останувам со подзината уста кога на листот гледам само стрелка која покажува кон десната страна. Се вртам натаму и се соединувам со светлината која надеднаш ме опкружува. Се обидувам да се помрднам,но не можам/ Ги затворам очите и се препуштам на непознатите звуци,некоја игра на бои и некоја непозната песна која ме следи. Кога се осмелувам да ги отворам очите полека, речиси не можам да се помрднам. Ме боли целото тело,прикачена сум на најразлични апарати и тешко дишам. После моменталниот шок сфаќам дека сум во болница. Немам сила да мислам, но ја чувствувам радоста која го исполнува моето тело затоа што сум на некое познато тело. Жива сум...
Никогаш овој факт не ме радувај како сега. Се плашам да ги затворам очите затоа што не сакам да се вратам на она страшно место. Следниот момент сум опкружена со доктори кои ми поставуаат најразлични прашања и се обидувам да ги следам. Чувствувам болки кои полека ме отрпнуваат, но исто така знам колку животот е убав. Една насмевка ми се појавува на лицето , иако знам дека изгледам најверојатно ужасно, се чувствувам како најсреќната личност на светот. Полека ја стегам десната рака во која повеќе не е тоа чудно ливче кое ме врати назад. Овде сум,во реалноста , во мојот прекрасен живот и покрај сите негови недостатоци. И болницата никогаш не ми изгледала пореална и поубава. А во моментот тоа и како е голема утеха за мене...

Saturday, September 14, 2013

Каде сме ние утре?

-Остави ме! - Го пушти куферот покрај белата врата која планираше сега да ја отвори и се сврте кон него. Очите и беа насолзени , ја чувствуваше болката и острината во нејзиниот глас.
-Добро,но смири се прво.- И ја пушти раката и сериозно гледаше во неа. Косата и беше собрана во едно бушаво репче,темно кафените очи бесно го стрелаа.
-Оф,но смирена сум. -Искрцка со забите и се закани да не ја допира кога посегна кон неа. - Секако,колку што ти ми дозволуваш!
-Ама ајде, зошто мора секогаш ние мажите да бидеме виновни!?
-Не вие мажите, но ти секако си виновен.- Солзите се слеваа низ  нејзиното порцелански бело лице и прв пат изгледаше толку кршлива .
-Што сум направил? Можеш барем да седнеш да разговараме. Барем толку си должиме Ирина.
-Во ред.- Реши за последен пат да си ја проголта гордоста. Вдиша длабоко,обидувајќи се да си ја поврати самоконтролата.- Но ,немам многу време треба да одам до кај Катеи потоа на работа.
-Имаш време барем за едно кафе. Може?
-Може.- Одговори помирливо и седна на кремастата фотелја што ја купија од нивната прва заштеда. Нервозно играше со прстите и ги избриша солзите од образите. Не сакаше да покажува слабост сега,иако не беше лесно да заврши три годишна врска. Наместо прстен,доби скршено срце...
-Еве , повели благо како што го сакаш. - Го стави филџанот пред неа,рацете му трепереа. Ја олабави вратоврската,задоволен што барем стигна  навреме да ја спречи да замине без збогум. 
Ирина го принесе филџанот до усните,со таа едноставна елеганција. Чудно е што знае какво кафе пие,мислеше дека никогаш нема да погоди.Ги скрсти рцете на своето црно здолниште кое како и сината кошула одразуваше убавина и перфекционизам. Ноктите и беа обоени во некоја сафирно сина нијанса. Не сакаше да ја загуби,сега тоа му стана толку јасно.
-Па?
-Кажи ми за што се работи Ирина. Не разбирам , мислев дека ни оди добро.-Збунето гледаше во неа,обидувајќи се да сфати нешто повеќе од нејзините очи.
-Ни одеше добро пред една година.Можеби и пред половина година. Но,сега сме различни светови.Ти сакаш да станеш партнер во адвокатската  компанија,јас да отворам моја психолошка ординација. Вчера ни беше годишнина,тебе не ти ни текна. Направив вечера за нас двајцата,отворив шише вино и по ѓаволите те чекав во долна облека. Сакав да те изненадам,но единствена изненадена бев јас.Ми се јави деќа ќе дојдеш дома доцна и ќе работиш со Кристина. Те молам,славиме три години,а тебе не ти ни текнува и плус ми ја споменува Кристина. И што сега,јас треба да бидам задоволна!?
-Ова... Сум заборавил. Не би направил такво нешто намерно,знаеш.-Се обиде да ја допре,но таа се здрви и само збунето ја повлече раката.
-Можеби ова е проблемот. Премногу се отпуштивме.Никола,повеќе не разговараме , не знам како си поминал на работа. Станавме странци кои делат стан заедно. Ова не сме ние. Постојано ми раскажуваш за Кристина , а девојката е преубава. Знаеш дека немам комплекси,но премногу си воодушевен со неа.
-Знаеш дека немам ништо со Кристина. Не ја ни гледам на тој начин. Ирина,јас те сакам тебе.
-Знам. Можеби сега го кажуваш ова,но со неа поминуваш повеќе време. Не очекуваш животот да ни биде бајка,но станавме различни светови. Те сакам Никола,но не можеме да продолжиме вака. Сите ме прашуваат каде е прстенот на раката и кога ќе се венчаме,а јас немам одговор.
-За тоа ли станува збор?Што зборуваат другите?
-Сфатив дека и јас го сакам тоа. Сериозна и официјална врска. Сакам деца,сакам иднина .
-И јас го сакам тоа.
-Да,еден ден.Кога ќе станеш човек. Но,веќе сме воразни , знаеме што сакаме. Знам дека се плашиш дека можеби ова нема да успее,но сите минуваме низ тоа. Во тоа се состои храброста,да го направиш првиот чекор. Еве ме ,звучам повторно како психолог.Но,ова го мислам.Од кога не сме излегле заедно? И не мислам на некоја забава кај некој од твоите шефови.Само јас и ти. Како некогаш кога ќе искочевме на кеј и ќе се шетавме држејќи се за раце. Да,жена сум и сакам романтика.
-Знам,но јас... Не знам Ирина,веројано имаш право.Многу се отпуштивме.Особено јас. Веројатно се навикнав дома да ме чека таа неверојатна и преубава жена при што заборавив дека љубовта е постојано освојување. И жалам за вчера. Не знам како можев да заборавам.
-Станавме странци Никола,се изолиравме и се препуштивме на сигурноста.-Ирина гледаше изморено во него. 
-И што сега!? Ова е крај?-Исплашено гледаше во неа.
-Не знам.Морам да  размислам.
-Те молам,дај ми втора шанса.Дај ни на нас втора шанса.Те сакам.-Овој пат му дозволи да ја земе нејзината рака во својата.
-И јас те сакам. Затоа морам да размислам.Ако сакаш може да се видиме утре. Секако,ако имаш време. Сега треба да одам до кај Кате и на работа.Оф,ќе задоцнам.-Изгубено гледаше во часовникот и стана. Никола стана по неа. Ако сакаш ќе те превезам до работа и ќе ги однесам куферите кај Кате во станот.
-Сериозен си?-Збунето гледаше во него.За миг и се причини го гледа стариот Никола.
-Секако.
-А работата?
-Ќе земам слободен ден.
-Сигурен си дека Кристинчето ќе се снајде?-Погледна зајадливо во него.Зошто секогаш  не беше ваков?
-Ќе мора.- И одговори сериозно. 
Ги крена куферите од подот и ги носеше по скалите до нивниот џип Тојота.Му се чинеше дека во тие куфери е собрана сета болка на  светот. Но,не сакаше да ја изгуби.И ја отвори вратата од џипот и не ја забележа нејзината насмевка.Попатно разговараа за некои обични нешта,го пушти нејзиното омилено цеде. Сепак,не заборавил што сака.Ја поправи својата шминка и фризура и кога запреа пред големата здрага што и беше работно место,се наведна и го бакна во образ. Го сакаше,сеуште срцето и чукаше забрзано во неговото присуство.
-Утре ќе дојдам да те земам.Осум навечер?
-Може.-Му одговори со насмевка.-Се гледаме утре.
Гледаше како се оддалечува од џипот,еднаш вртејќи се да му мавне како некогаш. Беше прекрасна,облини на вистинското место.долга коса со мед боја,долги и прави нозе. Ја сакаше заради се што преставуваше.Па,Кристина не  можеше да и се фати ни за малото прсте. Откако влезе го стартуваше автомобилот и тргна кон Кате. Отсега ќе биде поромантичен.Таа девојка му значеше цел живот и нема да дозволи да ја изгуби.Па,ако треба и да ја украде Месечината за неа..

Мојот петок тринаесети

Небото беше темно и црно, како земјата која полека да се ронеше помеѓу моите долги прсти. Воздухот мирисаше на бензин , расипништво и реата од трупот на комшијата кој полека гниеше во дупката каде што беше закопан пред пет месеци.Гавраните прелетуваа врз главите на туѓинците ,кои исплашено ја набљудуваа околината. Можеби престрашени би бил подобар збор.
            Зошто?Па , како би се чувствувале вие кога би биле на средина во ноќта на гробишта?
            Ох,да би требало да се преставам. Непристојно е да се разговара а да не се каже своето име, зарем не. Позната сум како Црната господарка што лично повеќе ми се допаѓаше од она Смртта.И да, женско сум. Навистина, не знам од каде се создаде таа идеја дека Смртта мора да е маж и дека оружјето мора да ни биде коса. Па,ете не мора и не сум некое крволочно животно кое ужива во смртта. Еееј,па најпосле секој мора да ја работи својата работа па дури  и да морам да се соочувам со сите тие предрасуди. Облечена сум во црни кожни панталони и црна кожна јакна, косата ми е пуштена и стојам на брезата која осамено зјапа во сите тие непознати лица и ги чува занемено сите тие солзи и мрачни тајни што ги дознава секој ден. Почнува да врне , ги чувствувам капките врз моето бело лицеи се насмевнувам. Го сакам дождот и самата престава на слобода и мирисот на искосената трева што Тони ја искоси пред некој половина час.
            И во тој момент се вратив на мојата игра за вечерва, тие четворица тинејџери кои мислат дека е интересно да се наруши вечниот дом на сите мои пријатели. Да, чудно е кога мртвите ќе ги наречеш пријатели, но не судете. Во оваа работа и не се има многу слободно време за сето тоа дружење и одење по ресторани или барови или не знам што друго прават нормалните луѓе.Така да, малку забава како оваа секогаш е добредојдена.Сите четворица се кријат зад „куќата“ за алат на Тони . Куќата е интересна,иако јас повеќе би ја именувала во колиба. Има светло црвена боја како онаа на раното изгрејсонце , две мали прозори од кои наутро ѕирка светлината иако кога последниот пат проверив речиси е темно како да е ноќе,па често Тони користи некоја светилка. Мислам дека поекономично ќе му биде да вгради струја. Но,можеби и ќе му го споменам тоа некој пат. А да се вратам на мојата забава. Исплашено гледаат наоколу,барајќи го чуварот кој никаде го нема и кој веројатно се опил во најблиската кафана разочаран од животот и од тоа што жена му е обична курва.Па,мислам најдобро е нештата да се викаат по своето име ,иако луѓето продолжуваат да ги негираат нештата како што се. Но,гледајќи во моите жртви лесно ја читам нивната историја и стравови. Штета што еден од нив мора да умре,затоа сум овде. Што би барала јас инаку на гробишта во ова време!? Сите имаат шеснаесет години и очигледно мислат дека истражувањето на гробиштата е добра идеја и начин да се помине една вечер . Ова е идеја на Иван , оној темнокос висок младич кој претпазливо ги води сите и очигледно е водич. Ми се допаѓа,изгледа искрен иако ја крие вистинската работа зошто е овде. Сака да го види гробот на мајка си затоа што татко му е алкохоличар и е мажен за онаа злобна сосетка што го презира. Никогаш не се има осмелено да дојде овде,но еве денеска се решава да направи нешто за промена. Потоа тука е и Симон кој гледа бесно во сите нив затоа што омилените Најк патики му се измокрени и натопени со кал. По ѓаволите,дома ќе мора да ги чисти. И најпосле, зошто мора да дојдат тука олку доцна во ноќта како ова да е толку забавно. Можеше лесно да си ја помине ноќта во  некоја добра дискотека со Марија. А Марија пак очигледно ужива во оваа авантура. Не се случува секој ден да дојде на гробишта и тоа во ова време во ноќта. Сака авантури , тоа лесно може да и биде инспирација за некој нов текст. Има убаво лице,паметна и се надева дека еден ден ќе стане некој познат писател. Колку ли би ми платиле кога би им кажаладека може да им ја каже иднината!? Секако,ако ми поверуваат. И тука е и Симона,со долга руса коса, мачкино зелени очи , безобразно секси поглед и незаинтересираност за околината. Искрено , не знае како се најде во ова,но Иван и  е најдобар пријател и тајна симпатија.Па,ако треба да истрае неколку часа на гробиштата нема да биде лошо само за тој да биде задоволен. Иван се врти кон неа , погледите им се среќаваат и таа се насмевнува. Да,сега знае зошто е овде.
            Не знаат дека јас сум овде,љубопитно набљудувајќи го секој нивен чекор. И јас сакам авантури и добри мистерии, иако веќе знам како завршува ноќта. Да,тешка е задачата посебно кога мора да почине некое младо дете кое уште нема направено на животот. Но,еј некој мора да го работи ова, го сакале или не. Па, и јас сакам да сум некоја нормална девојка која ќе се врати дома покрај својот маж и неколку деца,да ужива во добро пиво наместо да седи тука во ноќта и да прави работи незамисливи за нормалните луѓе. Но,пак повторувам работа е работа и некој мора да ја врши без разлика дали му се допаѓа или не.
            Гледам како Иван со бавни чекори се упатува кон гробот на мајка му, држејќи ја Симона за рака. На лицето се чита таа напнатост и возбуда а Симона се обидува да го убеди дека се ќе биде добро.И како да не ја сакаш љубовта и младоста после!?
            Останатите ги следат,Марија и Симон држејќи се рака и тивко разговарајќи. Симон како секогаш бунејќи се. Чудно е кога можеш да ги слушнеш и самите мисли на луѓето,нивните скриени желби. Симон сака да биде овде, сака да се докаже себе. Сака еден ден да биде полицаец иако сега се однесува како некој ситен криминалец кој нема некоја посебна желба. Е,па да искрено е. И би направила добра кариера со моите способности да не беа сите тие правила што ми налагаат да бидам обично тивка и незабележлива. Мислам,здраво. Како може да се очекува од мене да бидам невидлива!? Но,ајде да баталиме тоа и така е тоа долга тема за дискусија.Дождот истура,ги чувствувам големите капки вода како се лепат на мојата кожа и ја мократ мојата коса и целата облека. И го сакам тоа, се чувствувам толку блиску до природата и далечна со луѓето како овие моиве кои се муртат и прават некои откачени гримаси. Им студи, го мразат дождот,сакаат да се дома...Глупости. Не сфаќаат колку е ослободувачки да се биде овде, да се биде во склоп со природата со една долго затскриена тајна. Сепак,Иван чекори гордо напред,го пронаоѓа гробот на Катерина со Симона и се расплакува. Ослободувачки е после сите години да биде блиску со жената што му дала живот,што го одбрала него пред себе.Се поклонува пред нејзиниот гроб и се наведнува. Останатите се кријат под едно дрво во близина на моето а јас речиси се смеам на нивната наивност. Сакам да се смеам гласно на нивната наивност,но знам дека лесно ќе ме слушнат.Наместо тоа,ја чистам косата од лисјата кои паднале врз неа . Сепак,за момент се чувствувам како обично човечко суштество и чувствувам тага гледајќи го Иван кој плаче заради својата мајка. Да,знам дека животот не е фер и дека и јас станав роб на Судбината,но морам да го извршам нареденото. За некој миг,се станува тивко .
 Само едно лице паѓа на земјата,со очите гледа во темното пространство пред себе и во таа бела светлина која доаѓа од моето лице. Ја забележувам изненаденоста која се протега во неговите очи и зениците кои се стеснуваат додека се бори да избега. Во тој момент ги чувствувам солзите на моето лице кои се мешаат со дождот додека се чувствувам како најлошо ѓубре на светот. Гледам како останатите трчаат до него и го опколуваат неговото тело,не грижејќи се за дождот кој истура врз нивните плеќи и ги мокри нивните разбушавени коси. Сакам да се извинам, да го вратам направеното, додека чувствувам како градите ми се стегаат кога стојам покрај мојот нов пријател кој гледа збунето во мене. Само плачам,но тој се чини дека разбира и ме гушка. Знам дека никој не не гледа, дека често сум невидлива за останатите,но сега некако посакувам да сум само човек. Без никаква господарка или Смртта,само обично човечко суштество кое плаче врз загубата на младиот живот. Ја знам веќе и дијагнозата што ќе ja постават докторите, воспаление на белите дробови кое резултира со неговата смрт. Сепак, сега само гледам млади деца кои плачат врз телото на младиот другар кој повеќе нема да го видат. Слушам врисоци,крикови и една девојка е најгласна од сите. Но, тој ги слуша нејзините последни желби и зборови и солзите се слеваат низ неговото лице. Стоиме така, еден до друг фатени за раце гледајќи во тоа младо тело кое лежи неподвижно и во мојот нов пријател. Во тој момент го чувствувам студенилото што го носи дождот и се чувствувам како човечко суштество. Иван почина,но еве го тука до мене и ја чека мајка си. Чудно е,но истовремено и страшно. Еве сме,на петок тринаесети кога стравот станува реалност а јас сум главната виновничка за тоа. Ги затворам завесите зад Симона и Иван кој сеуште ме држи за рака и го носам до неговата мајка. Подоцна се враќам на гробиштата и седам на моето омилено дрво,додека тивко плачам. Неможам да објаснам зошто,но седам така се додека крваво црвените пламени не ја заменат дождта и не го избришат студенилото од мене. Децата се веќе изчезнати,па дури и телото на мојот пријател. Заврши играта, но се чувствувам како губитник. Понекогаш сакам да не успеам,но некако сум предодредена за несреќни завршетоци за другите кои стануваат и мои приказни. Го гледам и Тони кој доаѓа на своето работно место,несвесен за вчерашната драма, го слушам џагорот и безгрижноста која владее во светот како да се безбедни во малите скоцкани животи кои мислат дека се вечни. А јас стојам тука и ја знам вистината. Наскоро повторно ќе стапам во акција и ќе нарушам уште некоја приказна онака како да си играм со лего коцки и со еден потег лесно можам да го уништам досега изграденото.И се мразам заради тоа. Но,само станувам и стојам на гранката додека гледам во сонцето, во спокојството,во сопствениот немир, во домот на Иван во кој ништо се нема променето, во Симона која го загуби својот спокој, во срцата на сите луѓе . И ја чекам новата наредба од Судбината како послушен војник. Затоа што ова сум јас и од ова нема мрдање. Можете да ме наречете Смртта или Црната господарка ,нема да ви се лутам. Но, знајте дека следната жртва можете да бидете вие....