Wednesday, May 7, 2014

Девојка од мастило

Понекогаш целиот свет се сведува на неколку можности. Понекогаш дури ни целиот свет не е доволен за исполнување на твоите сништа. А во некој друг случај како мојот се наоѓаш заробена во една малечка кутија која ја нарекуваш соба и се обидуваш да излезеш од меурот што полека те оделува од надворешниот свет. Нервозно со раката преминувам преку неисчешланата коса, лицето ми е послабо од обично, можам да се кладам дека подочњаците ми се доволно големи за да ги забележи некој што би поминувал покрај куќата и онака случајно би погледнал кон мојот прозорец. Дури ни чудниот мирис на расипано вино и непроветреност не ме тераат да се разбудам од таа чудна кома во која сум западнала и се борам против некое чудовиште во мене што гладно се бори да излезе на површината. Искрено, не се сеќавам на последниот ден кога имам јадено, се наоѓам загубена во спомените и датумите кои отсутно си ги менуваат шарите пред уморниве очи. Не можам да се сконцентрирам на ниту една точка подолго од пет секунди, ми се чини дека главата ќе ми експлодира секој момент. Усните ми се суви, ја чувствувам сопствената беспомошност која очајно води борба со тврдоглавоста која не сака да попушти. Ја палам цигарата и уживам во чадот кој ми ги полни градите и за миг ја носи беспомошноста. Во тој еден краток момент чувствувам дека мислите се враќаат на своето место во оваа празна црпка но и тоа за жал трае само некој краток момент.Воздивнувам и шприцам некој парфем што не паметам од каде се нашол на мојата работна маса која е расфрлана со обични дрангулии, искинати хартии или згужвани во некоја топка, обетките кои не ми текнало да ги вратам во нивната кутија, чашата од која пиев црвено вино и сеуште го има тој црвен отпечаток од карминот. Го земам гломазниот прстен со црни камчиња и маѓепсано го испитувам додека гладно се борам помеѓу желбата за чист воздух и чадот од цигарите кои ме турка во некоја безизлезна состојба која почнува да ми се допаѓа. Се чувствувам пропаднато додека ги чувствувам солзите на врвот од клепките и не знам дали се од беспомошност или од некое сеќавање со кое не можам да се справам.
Ја оставам цигарата да догори во пепељарата и го земам пенкалото кое љубопитно сјае со таа негова чудна металик боја. Ги затврам еден миг очите и се обидувам да дојдам до некој дел од мене кој повеќе не знам дали постои. Долго време помина од последниот пат кога успешно си играв со зборовите како да беа само мои. Сега ги чувствувам збровите како се вртат околу мојата глава како некој зарѓан рингишпил, обидувајќи се да се слеат на празниот лист хартија кој осамено зјапа во мене. Не се осмелувам да напишам нешто, се плашам однапред од неуспехот и овој синдром на „празна страница“ што ме зафати и мене. Се обидувам да почувствувам нешто во мојот облик на халуцинации, но не добивам некое чувство освен обична исцрпеност и премореност. Се губам во црните штикли немарно фрлени на подот, на марамчињата со црна маскара и пудра, во спомените за пред некоја вечер кога светот и јас ми се чини си го кажавме последното збогум. Се губам и во чашата која за жал сега нема вино, во мирисот на влага, на пот и цигари, мирис на расипаност и безнадежност, гнилеж и очај...
Пред да сфатам зборовите сами излегуваат од моите прсти, се губам во умешноста на пишувањето, на неколку букви кои се спојуваат во зборови а потоа во реченици. Посакувам за миг и јас да бидам девојка од мастило, да живеам во книгите, да оживувам додека некој читател ќе ја чита книгата и одново и одново ќе се губам во истите авантури. Посакувам моќ, авантура, желба, среќа, болка, очај и немири. Посакувам клиширани љубовни приказни, неискусни писатели, крвта и потта кои се разлеваат по страниците а никој не ги забележува. Запирам на средина од приказната, чувствувајќи се наполно исцрпена. Станувам бавно од столот од каде што којзнае од кога се немам помрднато и одам до купатилото каде што набрзина се туширам. За миг ми се чини дека ја повраќам сопствената свест, барем она мало делче на реалност кое ми останало по целиот алкохол и си дозволувам да се отпуштам. Потребна ми е масажа, потребен ми е сон и некој добро да ја зачисти собата. Го отворам прозорецот и уморно се струполувам на креветот. Ги затворам за миг очите, повеќе го нема оној страв од сликите што ќе испливаат пред очите.
Ја прегрнувам перницата и воздивнувам. Го земам мобилниот и го вртам неговиот број, сфаќајќи дека очајно посакувам да му го слушнам гласот. Не знам како, не знам ни зошто, но има нешто во неговиот глас кој ме доведува во некоја состојба на смиреност и ми ја враќа реалноста. Ги чувствувам и солзите кои се слеваат по лицето пред тој да ми одговори, станувајќи свесна дека се имам претворено во едно мало девојче кое се плаши од светот и љубовта и сето она срање насобрано пред вратата што не можам да ја отворам и да излезам во надворешниот свет.
Неговиот глас ми буди некои чудни емоции, ми се допаѓа таа нота на збунетост и поспаност, можам да го замислам како отсутно размислува што да каже, но секогаш ги пронаоѓа вистинските зборови. И не ми се потребни јунаци од книги, ниту фраери, доволен е само овој миг на иснпирација кој тој го вдахнува во мене, тоа чувство на адреналин кое си игра со моите вени и по после толку време ме прави да се чувствувам жива. Но, уште поважно помеѓу облаците го пронаоѓам своето Сонце кое успешно ги брише сите дождливи денови. И во тој скапоцен момент што си го дозволувам да бидам среќна без никакви прекршени правила од листата на општеството, насмевката ми е повторно онаа детска и безгрижна...