Sunday, October 6, 2013

Секој ден со мислата за неа

Знаеш брат, ја има најубавата насмевка. Не знам колку пати да и го кажам тоа и пак нема да ми поверува. Само да ги затворам очите и ете ја пред очите, насмеана,но онаа нејзина искрена насмевка на која сите паѓаат а таа не е свесна. Како кога ќе чита порака што и ја напишал некој таму нејзин кретен кој не ја заслужува а таа се радува на неа. А јас ја потисувам таа љубомора во градиве и се смеам со неа. Човек, сериозно не знаеш какво е девојчето. Искрено, насмеано, прекрасно... А сепак со толку малку самодоверба. И се прашувам искрено, што се случува со светов. Како е можно таа да не сфати колку многу вреди и бара некои сеЉаци кои немаат ни однесување,ни почит кон нешто. Кои едноставно знаат само да си поиграат со неа, да се пофалат пред другарите дека ја „смувале“ таа кукла и после да и го скршат срцето. И потоа јас ќе ја тешам. Се прашувам како би реагирала кога би дознала дека ја сакам. Не ме заебавај брат, ја сакам, девојката е едноставно светлина. Да ја видиш и ти ќе се промениш од даска само да бидеш достоен за неа. Но,ете сега е затворена, не верува во љубовта. Или барем така вели, еднаш се изгоре, следниот пат повеќе ќе внимава.
Можеби има право. Можеби и не треба да се вљуби, да се борат сите за нејзиното внимание. Но, никој не ја заслужува целосно па дури ни јас. За да бидеш со неа, мораш да бидеш начитан неколку енциклопедии, секогаш насмеан и спремен на се да ја насмееш и неа, да ја слушаш додека ентузијастички ти говори за нејзините нови проекти и верувај никогаш нема да ти биде досадно, да се шеташ со неа гордо рака во рака пред сите и да ја преставиш како своја љубов. Заслужува некој кој ќе ја сака, некој кој едноставно постои за да и каже дека ја сака, да и ја покаже вредноста и убавината на светот,да ја сака онаква како што е ,да ја научи да прифати се,да ја смее и да и ги брише солзите,да ужива со неа во светот на видливото и фантазијата.
Девојката е едноставно фантазија, брат. И сакам да биде моја, очајно сакам да и кажам колку ми значи но не сакам да ја изгубам како пријател. Знам, знам храбрите ризикуваат, но можеби и не сум храбар. Мала е границата мепоѓу храброста и лудоста, а за неа би ја преминал и преку тоа,но не можам да ја гледам повредена или едноставно да се почувствува збунето од моите зборови. Ја сакам неа, затоа што таа е целиот мој свет, сакам да и покажам дека љубовта има и друго лице.
И не ми вади тука приказни дека сум некој романтичар до даска кога и сам знаеш дека не е така. Но,покрај неа едноставно чувствувам дека сакам нешто повеќе од тепачките, трките со мотори,цигарите и секојдневните расправии дома...  Го сакам целиот нејзин свет и сите наши разлики да ги претворам во една приказна. Сакам да се променам за неа,да станам човек и да ја сменам бојата на небото,секогаш да биде сафирна сина. Таа е сонце брат, ништо помалку.Кога ќе ја видиш, едноставно се смееш.
Мислиш да и кажам? Што знам,можеби...
Еден ден, веројатно, кога ќе бидам убеден дека сум добар за неа. А дотогаш ќе се задоволам со неа блиску до мене, да ми ги доверува тајните, да ја гледам како се смее кога мисли дека никој не ја гледа. Да ја натерам да верувам дека е вредна за светот да слушне за неа. И да ја сакам, да се смеам како некој заљубен глупак покрај неа и да не ми е гајле за светот.
Па,човек ова е животот. Не знаеш кај те носи патот. Да ми кажеше некој дека ќе сакав да станам некој си господин ќе се изнасмеев и ќе си продолжев. Се менуваат принципите и желбите. А со нејзината насмевка брат се менувам и јас. И срцево чука на некој чуден начин. Знам,не ти кажувам нешто ново што ќе го фасцинира светот,но таа и тоа како ме фасцинира мене одново и одново секој ден...


No comments:

Post a Comment