Monday, June 9, 2014

Збогум

-Јас... - Гледаше во него збунето, нервозно гризејќи ја долната усна и обидувајќи се да се насмее онака безгрижно. 
-Што е? - Збунето ја гледаше обидувајќи се да открие што е тоа што ја мачи. Не можеше да го увери таа насмевка дека се е во ред.
- Сакав да ти кажам збогум. - Зборовите ја оставија таа горчина во грлото што ја мразеше. Се чувствуваше слабо, ги мразеше сјајните ѕвезди и полната Месечина, го мразеше тој збунет израз на неговото лице кој значеше дека не разбрал ништо, а самата знаеше дека никогаш нема да може да му објасни се...
-Каде ќе одиш? Несигурно ги поткрена веѓите, обидувајќи се да го објасни тоа студенило што наеднаш го обли. 
-Некаде далеку. -Слегна со рамениците како тоа да беше најочигледното нешто што можеше да му го каже.
-Но, зошто вака одеднаш? Каде? 
-Не е одеднаш. Едноставно, така мораше да биде. - Подголтна, обидувајќи се да се соземе. Сега најмалку што и беше потребно беше да се јават сите тие емоции што ги криеше изминатиов период.
-Јас... Не сфаќам ништо. - Упорно гледаше во нејзините очи, во кои не можеше да прочита ништо освен некое студенило. - Кога ќе се вратиш?
-Не се враќам повеќе... - Се насмевна тажно, чувствувајќи ги солзите на врвот на клепките. Сакаше да ги затвори очите и да се препушти на ветрот, да заборави на животот и болните удари, да заборави на тајните кои ги криеше и и создаваа само проблеми и болка. Сакаше да заборави на се и да може како некогаш да се насмее искрено.
-Чекај... - Со неверување гледаше во неа, обидувајќи се да ги разбере последните зборови. Таа заминува засекогаш? Но...- Не можеш да си заминеш. Не сакам да си одиш. - Гласот му трепереше, мразеше што се прикажува во ова емоционално светло кое не го сакаше никогаш.
-Тоа е. Едноставно, понекогаш нашите желби и оние на животот не се совпаѓаат.
-Зошто? -Повторно тоа неминовно прашање кое не му даваше мир. Сакаше да знае се, сакаше само да ја прегрне и да не ја пушти да си оди. Сакаше да остане тука...
-Затоа што така мора да биде. Не можам да ти објаснам ништо убаво. Мислам, немам ни што да ти кажам. Знаеш веќе, постојат порази кои мораш да ги прифатиш и да не се бориш со нив. Не затоа што не посакуваш, сакаш да му се развикаш на светот во лице, да знае колку те повредил, но знаеш дека битката е изгубена и ја трошиш енергијата за ништо. И мораш да прифатиш...
-Не сакам. - Одмавна бесно со главата, свесен дека се однесува како мало дете. Но, не сакаше да го прифати тоа што таа му го кажуваше. Можноста да не ја види повторно, едноставно му ги кинеше бесно градите и му оневозможуваше правилно да дише.
- Но, мораш. - Му подари една од оние горчливи насмевки кои и оставаа лузни во душата. 
-И што ова е збогум? Кажуваш чао засекогаш и никогаш повеќе ниту те гледам, ниту те слушам, ниту ништо???  Треба да заборавам дека воопшто си постоела? 
-Подобро ќе биде така и за двајцата. Едноставно... Едноставно, човек мора да стави точка пред приказната да стане премногу болна.
-Не те разбирам.
-Подобро е да не разбереш. -Слегна со рамениците збунето. Како да му каже каде е тоа некаде далеку кога ни сама не знае каде е тоа?  Како да му каже дека не сака да замине ни самата, но мора да замине некаде засекогаш. И таа сака да остане овде, но едноставно...
-Зошто воопшто почнуваш нешто и не го довршуваш? Не сфаќам...
-Затоа што нема што да се доврши. Само залудни желби... 
Ја прегрна збунето, чувствувајќи ги солзите како полека се слеваа низ неговото лице. Имаше толку работи што сакаше да и ги каже, сакаше да ја замоли да остане, да не заминува така ненајдено, сакаше да и раскаже за сето тоа што го научил за светот, за тоа дека таа беше негово Сонце, но нешто во нејзиниот глас и очи го предупредија да не започнува. Не му се допаѓаше тишината, не му се допаѓаше светот со тие глупави правила кои не ги разбираше колку и да мислеше дека сфатил нешто. Само уживаше во слабото тело припиено до неговото, во нејзината топлина,  свесен дека ова му е последен пат да ја почувстува блиску до себе.
Таа збунето ги пушти солзите да се разлеат низ нејзиното лице, свесна дека маскарата и е разлеана, а душата скршена. Не сакаше да заврши ова вака. Имаше многу работи што сакаше да ги каже и направи. Имаше многу што сакаше да открие, да осознае и освои. Но, повторно стоеше таа препрека што животот ја ставаше пред неа, а знаеше дека нема начин да ја премине. Го стегна посилно, губејќи се во чувството на топлина кое го почувствува по подолго време. Нема да го види повторно, подобро е така за двајцата. Нема да стојат тие неискажани зборови и болка. Нека ја памети насмеана и среќна, не во таа ужасна состојба кога ќе  заминува. Знаеше дека тоа е малку себично, но барем ќе биде среќен. Брзо ќе ја заборави, иако сега нема да му изгледа така. Но, барем ќе ја памети како онаа девојка која го сакаше светот, насмеана и среќна...
-Плачеш? - Зунето ги избриша солзите од нејзиното лице, чувствувајќи се поразен.
Само отсутно кимна со главата, свесна дека не може да ги сокрие емоциите. Повторно ја прегрна, длабоко воздивнувајќи. Во тој момент не сакаше да биде на ниту едно друго место. Знаеше дека животот никогаш нема среќен крај. Но, овде во неговата прегратка, иако скршена и свесна за болката и иднината, беше среќна на некој чуден начин...