Sunday, October 27, 2013

Секој ден без него

Ќе почне уште ден без него.Уште еднаш сонцето ќе сјае на оној познат начин што го чувствувам како мраз на кожава. Ќе ги затворам очите и ќе ги запрам солзите во обидот да се изборам против мојата осаменост. Само така ќе подготвам една насмевка која нема да ми допира до очите, но никој нема да ја знае разликата. Ќе се шегувам, ќе се смеам на приказните што ќе ми ги кажат другарките, ќе поделам некој совет и повторно ќе зјапам во далечините сонувајќи за него кој е толку далеку од мене. И ќе потонам во спомените, во таа насмевка која сеуште ја чувствувам толку моја, ќе се загубам во црните очи кои ме привлекуваат како бездна, црни и мистериозни. 
Ќе ја осетам повторно таа осаменост, таа стара позната желба да го видам и да знам дека е добро. Но, наместо тоа се соочувам со една ладна есен без него, со една желба и времето да ми беше облачно и тмурно како мене, да ги почувствувам капките дожд кои полека ја носат болката или барем се претопуваат со моите солзи.
Само така ќе помине уште еден ден и тоа без никакви промени од претходниот. Повеќе не бројам ниту кој ден е, сите се губат пред монотонијата што ја носи секој од нив. Поминуваат различни луѓе, различни желби, различни новости во весниците и на телевизијата... А јас деновите ги бројам по желбата за тебе, по прашањата дали си добар и среќен. Ја чувствувам носталгијава и знам дека е доцна за промени иако тоа го посакувам. Само ги затворам очите кога сум сама дома и ја гушкам нашата фотографија. За момент повторно си дозволувам да бидам среќна и блиску до тебе. Но,тоа трае само толку - еден миг.
И повторно почнува еден ден,по него уште еден се до бескрај... И веќе им го знам распоредот на секој од нив напамет. Знам дека нема да те видам, дека ќе те барам во сите луѓе кои поминуваат покрај мене и ќе се двоумам дали да ти се јавам. На крај ќе го исклучам телефонот затоа што знам дека ќе бидам беспомошна. Ќе продолжам да сонувам и ќе го чекам дождот како некаква утеха. Но,нема да ја има.
И така ќе почне уште еден ден.А тој повторно ќе биде далеку од мене...

No comments:

Post a Comment