Wednesday, October 30, 2013

Утре не постојам

Гледаше во безживотното тело на татка си за последен пат , чувствувајќи како болката полека ја одзема последната капка надеж и енергија што му преостана. По мисата ја фрли првата грутка земја врз ковчегот на татка си , едвај стоејќи на нозе и давејќи се во сопствените очај и  болка. Небото беше сиво, како неговото расположение и тоа како да му одговараше. Ја закопча јакната до последното копче и  несигурно зачекори напред, прашувајќи се дали ровката земја ќе го повлече и него со себе. Ги чувствуваше погледите на луѓето и знаеше што гледаат сега во него. Син на убиец...
Ги затвори очите,обидувајќи се да ги запре солзите и продолжи да чекори. Кога стигна дома ( иако куќата, реално веќе не ја чувствуваше како свој дом!) , се заклучи во собата на татко му.Си дозоволи да плаче, додека ја стегаше перницата на татко му обидувајќи се да го почувствува поблиску до себе. Срцето силно му чукаше додека  го отвораше својот дневник и го вртеше пенкалото, обидувајќи се да смисли како да почне. Ќе почне со вистината, реши , и напиша со големи букви на врвот на страницата: „ТАТО НЕ Е УБИЕЦ! “ . И зборовите почнаа сами да течат...„ Се започна оној ден кога со Александар игравме кошарка. Беше вторник, сончев ден, лето. Со Александар и не бевме да се каже блиски пријатели,но знаевме да изиграме некоја партија баскет додека не се уморевме а подоцна еден ќе тркнеше до продавница и ќе  купеше две ладни лименки пиво. Ќе седневме на асфалтот, ќе чукневме со пивата и ќе разговаравме за мотори , автомобили , женски... Александар отсекогаш беше чуден, но искрено и не знам од што го заклучив тоа. Но беше добар во кошарка и во сврзување на некои безвезни муабети. И тој ден пиевме пиво,заземајќи ја половина улица, смеејќи се на забелешките на тета Илина на која едноставно сè и’ сметаше. Тато помина, враќајќи се  од работа, изморен како и секогаш. Работеше како обезбедување во банка и се жалеше колку работата го исцрпува. Тато ми беше идол , иако кога беше поднапиен често не го препознавав.Поседе со нас десетина минути, раскажувајќи ни за некоја жена што сакала да украде некое бебе од банката и кој хаос  настанал. Александар внимателно слушаше, додека јас се  загубив во пиштолот што го носеше. Често го носеше дома, но никогаш го немав видено одблиску. Знаев дека ме чека добар ќотек , ако го чепнев.
Дома сè си беше во нормала: брат ми Марио се фалеше со облеката што му ја купила мама денес од Трговски при што како секогаш си доби една ластарка по главата. Вечер седевме со тато и Марио во дворот додека мама правеше торта. Беше пријатна летна вечер, ветрот благо дуваше , тато кажуваше нешто за неговата работа. И стигнавме до мојата неомилена тема за факултетот,иако имаше уште една добра година за таа одлука. Сепак, ги сакав ваквите вечери , кога тато знаеше да се шегува за се и сешто, брат ми ќе треснеше некоја глупост а јас ги набљудував и двајцата и бев задоволен во тој миг што имам сè што сакам. Добро , можев да најдам многу маани и желби , но знаев дека сум среќен. Ќе се испружев на пластичниот стол, ќе се потпрев на црешата, уживајќи во ѕвездите чија светлина продираше до мене преку дебелите гранки и сите лисја. Ќе ги затворев очите и ќе размислував за иднината, за една девојка која внесе толкав немир во мојот живот и на која често се навраќав во доцните вечерни часови како заљубен тинејџер неспособен да признаам дека токму и тоа сум.
Утредента , дремев на компјутер, во таа постојана дилема дали да и пишам на девојката. Не е дека бев срамежлив дечко, напротив, но таа едноставно беше невообичаена и се косеше со сите правила што ги познавав. Сепак , го оставив компјутерот и се закачав со брат ми. Искрено, го сакам брат ми ,но закачките со него се едноставно премногу интересни за да се занемарат. Мама и тато беа на работа , така што следуваше една добра партија со водените пиштоли што на крај резултираше со тоа што и двајцата останавме мокри до гола кожа. Мартин се тушираше, успеа да се пикне во купатилото пред мене,додека јас само се пресоблеков и го пуштив телевизорот и гледав низ прозорецот. Сончето заоѓаше и небото беше преоблечено во таа неодолива пламена боја. Со насмевка се прашав дали можеби таа боја и беше инспирација на таа девојка што ја посакував. Не осетив кога вратата се отвори , само се свртев и позади себе го забележав тато. Насмевката ми избледи од лицето и настапи шок кој се прошири низ целото тело. Тато стоеше со подотворена уста , крвави раце, без пиштолот кај него. И беше во некој транс, го забележав тоа од тој отсутен поглед, како да не забележуваше дека сум тука. Се доближив до него , плашејќи се од одговорите на прашањата кои ми се моткаа низ главата.Не пиел ништо , заклучив со олеснување затоа што не мирисаше на алкохол. Го прашав дали е добро, но му требаше долго време да ми одговори,го имаше тој израз на човек кој загубил сè. Кога конечно дојде при себе,почна да плаче и гледаше во мене исплашено,додека солзите неуморно се слеваа низ неговите образи.Ми кажа дека убил некого, Александар. Ја чувствував паниката во неговиот глас кој се префрли врз мене,додека чекав да ја почне приказната.
„Што се случило?Тато,кажи ми сè.“
„Јас...Не знам Стефан.Се враќав од работа и ме начека Александар.Имаше пиштол во раце и... Го насочи кон мене. Не знам што се случи точно , ја чувствував паниката и стравот. Ми кажа да не мрдам и ...“Во тој момент излезе Марио од бањата гледајќи исплашено во двајцата.Знаев дека нема време за губење,па му наредив да оди веднаш во соба. Очигледно, сфати дека се работи за нешто сериозно па веднаш ме послуша.А тогаш се вратив на остатокот од приказната.„Не сакав да пукам. Ме праша за пинот за деактивирање на алармот во банката. Му кажав дека не знам, стварно не го знам го има само шефот. Ме удри со пиштолот и паднав на земјата. Уште еднаш ме праша истото, додека се обидов да дојдам при себе. Му кажав не знам,но не ми веруваше. Го репетираше пиштолот,но јас бев побрз и пукав во него. Гледав како паѓа на земјата, како крвта како река се слева по неговото тело, како од устата му излегува крв и како очите го добиваат тој безживотен сјај.“Само климнав со главата и му кажав на тато да ме однесе на местото. Паничев, но сепак знаев дека морам да бидам силен за тато.Исплашено гледав во Александар, кој лежеше безживотно,држејќи го пиштолот во десната рака.Едноставно,се исплашив како така лесно може да замине некој живот.Ја викнавме полицијата,следеше долга вечер со испрашувања и стравот кој ме набљудуваше насекаде. Не знам што се случи следно, знам само дека по извесно време бев во полициска станица,несвесен што правам,исплашен од сликата на Александар.Како можеше само така да се случи сè. Се чувствував виновен, затоа што заради мене Александар знаеше дека тато работи во банка. Набрзо дојде мама, исплашено ме гушкаше,а јас не се противев како обично дека не сум мало дете. Беше утешително да се има возрасен покрај тебе.Плачев како мало дете,иако не знам точно зошто беа тие солзи. Тато го осолободија, со сите тие процедури да не заминува надвор од земјата.Се обидуваа да утврдат дали неговите зборови се точни. Следниот ден ја загуби работата, а во останатите денови што следуваа, не можеше да најде ништо ново, прогонуван од сите тие муабети што се ширеа низ населбата. Тато беше безмилосен убиец, јас бев дете кое требаше да се срами од самиот себе и од постапките на мојот татко. Дури и мајката на Александар ми удри шлаканица како јас да бев виновен за смртта на нејзиниот син. Се обидов да не мислам многу на тоа,но сите погледи од комшиите едноставно не прогонуваа. За нив не беше потребна судска одлука. Тато беше убиец и за тоа веќе немаше место за дискусија. Дома често плачев,криејќи се во собата. Што ако не му  поверува никој? Јас му верував,знам дека тато ја кажуваше вистината,го сакаше Александар како сопствен син. Поминаа осум седмици од денот кога умре Александар. И токму на тој ден, во нашата куќа се слушна судбоносниот куршум со кој тато си го одзема животот,не стигајќи ниту за судската пресуда. Со службениот пиштол кој не го вратил си пресуди себе пукајќи си во глава. Без никаква порака,само со шише виски.Јас бев тој што го пронајдов телото,при што за малку не се онесвестив.И еве ме сега,се обидувам да најдам утеха во ова писмо кое го пишувам до светот да се знае дека тато не е виновен.Дека го сакам и дека ми недостасува. Ги чувствувам солзите кои се слеваат низ образите додека го пишувам текстов и знам дека никогаш веќе нема да биде исто. Тато повеќе не е тука,а со него замина и дел од мене. Но,ќе го сакам и почитувам засекогаш. Збогум тато и се надевам дека каде и да си , си спокоен... “
Го спушти пенкалото и го затвори дневникот. Сеуште ја чувствуваше таа празнина која се ослободуваше низ целото негово тело и болката која се мешаше со очајот.Ги избриша солзите и ја зеде фотографијата од татко му и мајка му на ноќното масиче. Веќе никогаш нема да го види. Се обиде да го впие ликот како последна утеха дека нема никогаш да го заборави.Го отвори прозорецот и погледна надвор,прашувајќи се што ќе прави со својот исповед. Вдишуваше од воздухот бавно,чувствувајќи го татковото присуство. Но, исто така знаеше дека за некои работи нема враќање. Тивко прошепоти – „Збогум“ и се предаде на ветрот кој полека ја носеше болката со себе во далечините...    



No comments:

Post a Comment