Thursday, February 12, 2015

Се сеќаваш?

Се сеќаваш, зарем не? Се сеќаваш на првото здраво и последното збогум? Се сеќаваш ли на првата насмевка и последната!? Се сеќаваш како ме гледаше оној прв пат, чувствував како светот се поместува од својата вообичаена точка а срцето ми беше исполнето со топлина? А се сеќаваш ли на погледите оној последен пат, оној пат кога ни самите не знаевме дека ќе биде последен, но некако се чувствуваше уште тогаш!?  Како загубени, со солзи во очите и таа празнина која никако не можеше да се опише, како ѕвездите да ни беа на дофат, а кога можевме да посегнеме по нив повеќе не бевме заинтересирани за нив... Се сеќаваш на ова сопствено самоуништување што си го приредивме, неспособни да се вратиме на почетокот на среќата... А сега седам овде, некаде и никаде и знам дека не се сеќаваш. Си заборавил затоа што секогаш го одбираш полесниот пат...

Знаеш, заборавив... Поточно никогаш не научив дека понекогаш едноставно после ставена точка приказната завршува. Се надевав дека можеби, не е таму крајот, како би било крај кога не завршува среќно. Си мислев дека веројатно животот згрешил, тука требало да се стават три точки. Му верував на срцето, го запирав разумот и трчав по среќата како мало дете кое трча по балонот кој лета некаде подалеку од мене. Верував дека јас можев да го стигнам и дофатам, дека среќата беше тука за оние кои се бореа за неа. Знаеш, ќе го прегазев и достоинството, верувајќи дека вреди. А не вредеше...

Едноставно, можеби животот бил во право кога си ја ставил таа точка која значеше крај. Можеби едноставно, јас не припаѓав никогаш во таа приказна.

Но, еден ден се будиш. Не е важно повеќе ни кога, времето избледува пред очиве и станува само необјаснива одредица до која човек не може да стигне. Останува само таа вистина од животот на која цело време си и зјапал во очи а не си сфатил дека била пред тебе. Можеби, не е ниту важно да ја пронајдеш таа единствена вистина. Некогаш мислеше дека е. Некогаш само сакаше да лежиш во нечија прегратка, да си игра со твојата коса и да ти раскажува за сопствениот ден. Некогаш само сакаше да погледнеш некого кој секогаш бил покрај тебе, да се насмееш и да знаеш дека ќе имаш некој кој ќе биде покрај тебе во најтешките денови. Некој кој ќе те прегрне, ќе те бакне во челото и ќе ти покаже дека можеби светот и не е толку суров. Но, знаеш подоцна тој ќе биде оној што ќе го сруши твојот свет и ќе те остави со цигарата во рака, со расплакано лице и уништена маскара, со чаша пиво и неуредна облека. Ќе гледаш во ѕвездите и ќе се прашуваш каде завршува таа болка која истовремено те уништува и те тера да влезеш во некои носи темни предели во кои ја бараш сопствената мудрост. Можеби, ќе се обидеш да се увериш, можеби едноставно се' ќе се промени. Можеби, тој ќе се промени и се' ќе се врати како што било. А сепак и сама знаеш дека нема да биде...

Чекориш по тој трнлив пат во потрага на изгубената мудрост и животна радост. Неколку пати се вртиш назад, надевајќи се дека можеби некој ќе те прегрне околу половината, ќе те повлече кон себе и ќе ти покаже дека значиш, дека си вредна некому. Ќе ти треба долго време додека научиш дека не ти е потребен никој да ти покаже колку си вредна, освен самата ти. Нема да има никој, освен таа тишина. Ќе стигнеш на она место кое во мислите си го нарекла ваше, ќе ја осетиш само темнината и тие спомени штом ќе ги затвориш очите. Повеќе ги нема тие двајца среќни кои веруваа дека можеби можат да го променат светот, сега се на различна страна која знаеш дека никогаш нема да се спои. Би немало ниту смисла...
Во право биле, едноставно еден ден станувате само странци со најубави сеќавања кои истовремено те прават среќен и те уништуваат. Можеби... Се останува на тоа можеби, но знаеш и деновите што минуваат го бришат секое можеби и ја рушат надежта...

Се сеќаваш ли? На оние странци кои едно време си беа се!? Оние кои се држеа за рака и се гледаа како светот да почнува во очите на оној другиот?  Оние кои се смееја без разлика што другите ќе помислат за нив? Оние кои си ги кажуваа тајните и си ги бришеа солзите... Оние кои се сакаа повеќе од сите, а никој не знаеше. Оние кои разговараа за иднината и се смееја за можностите. Оние кои го гледаа светот во едно поинакво ниво. Се сеќаваш на онаа на која ќе и се јавеше кога ќе ти беше тешко и на која можеше да и кажеш се? Сеуште е тука и покрај се, го чека тој повик... Најверојатно си заборавил... Се однесуваш како да си заборавил барем. Знаеш, дури и по сето ова не можам да научам да ставам крај. Можеби затоа што сеуште верувам дека постои тоа наше МОЖЕБИ... Затоа што не сакам да станеме странци кои по долго време ќе се сретнат и ќе се разминат без зборови. Можеби затоа што ја сакам нашата иднина. Се сеќаваш?