Monday, October 20, 2014

Каде што спие љубовта

Не ти кажав никогаш што чувствувам. Не затоа што немав чувства или не сфаќав дека ги имам. Секогаш кога ќе те погледнев покрај себе, секогаш знаев точно што чувствувам. Не знам да кажам точно дали се плашев од чувствата, од тоа дека доколку ти кажам никогаш повеќе не би ме гледал во исто светло. Или можеби не сакав да ме гледаш расплакана или онака во несредена и лоша емоционална состојба во која со болка ги гризам усните додека не ги раскрварам за да не се откријам. 
Се обидов да глумам пред себе дека не ми значиш толку. Но, знаеш тоа е исто како да се обидував да се убедам себеси дека небото е црвено иако јасно го гледав во таа совршена сина варијанта. Чудно е како и по олку време ми треба само да ги затворам очите и повторно да ја почувствував таа љубов како ме влече кон тебе небаре сум во самиот вртлог. 
Не си признавав долго дека умеам повторно да сакам. Се плашев од себеси, се плашев да се погледнам во огледало и да забележам дека очите повторно ми сјајат и го немаат тоа сивило што ме одалечуваше од сите. Се плашев од вистината што повеќе не ја познавав или можеби дека сум заборавила да сакам и би те повредила.
Свесно и го забранив местото на среќата во животот затоа што мислев дека повеќе нема среќа за мене. Се плашев да си дозволам да бидам среќна затоа што не знаев што ме очекува утредента. Не сакав да застанам на половина пат и повторно да морам да се враќам назад собирајќи ги остатоците од душата и молејќи се да ги најдам сите парчиња во некоја добра состојба. Беше во право оној ден кога ми кажа дека имам премногу фобии од светот. Се сеќаваш, оној ден кога цврсто ми ја стегна раката и ме погледна како да сакаше да ми кажеш дека секогаш ќе бидеш тука покрај мене. А го сакав тоа. Сакав да те гледам секој ден покрај мене, иако не на истиот начин. Сакав да ми бидеш тоа Сонце што ме грее дури и во дождливите денови. Сакав да си ја поматам свеста за постоењето и повторно да научев да сакам. Се плашев дека нема да ти бидам доволна, бев она стакло кое ги одбиваше сончевите зраци и се плашеше да осети топлина.
Не ти кажав многу работи. Не ти кажав дека си најубавото нешто што ми се случило во животот, дури и во оние моменти кога чувствував дека срцето полека се распукува во градиве. Не ти кажав дека светот е најубав во оние нијаси во кои ти ќе го обоеше. Или дека сакав да се изгубам во страста во очите твои кога се прашував што е тоа што ја буди. 
Не знаев дека љубовта е како розата, убава и полна со трња, но дека бев спремна да се изгребам и да крвавам за да ја држам розата во раце. Или дека не можам да очекувам да дојде среќата а да седам на место и да се плашам да ризикувам. Наместо тоа ги собирав парчињата стакло од сопствениот одраз што го искршив и не се осмелував да те погледнам во очи. Се плашев од срцево кое чукаше забрзано во твоја близина, се плашев од исклишираните приказни што си ги создавав...
Полесно беше да те одалечам од себе, наместо да ризикувам. Верував дека беше побезбедно. Заборавив дека срцето не заборава, без разлика со колку пепел ќе се обидеш да го задушиш пламенот. Остануваат тие искри кои еден ден се будат и те гушат.  Останува неискжаната приказна и чувства што можеби некогаш сум ги прочитала во книга. Останува она што срцето го посакува и твоето име кое останува тој немир што ниту годините не го носат со себе.
Повремено ќе наминам на сите места на кои сме биле заедно. Понекогаш ми се чини дека не гледам двајцата и се чудам како сум можела да си ја забранам среќата, кога сум била таа насмеана девојка на која светот ништо не и можел. И тогаш само ќе ги затворам очите во обид да се изборам со горчливите солзи и безнадежноста. Понекогаш сонувам дека ќе те сретнам по некоја улица сосема случајно. Дека можеби нема лутина кон мене и дека би надвладеале убавите спомени. Но, веќе во другиот момент повторно се плашам да и погледнам на вистината во очи. 
Беше во право кога велеше дека за да добиеш нешто, мораш да дадеш многу. Или цел живот да се прашуваш што ако...Или кога ќе ми кажеше дека секогаш во животот ќе згрешиш, свесно или несвесно. Многу пати ќе бидеш повреден. Но, доколку имаш личност која ќе те чува во темнината и ќе биде твоја светлина, имаш повеќе од што можеш да биде свесен. Не секоја приказна мора да биде совршена за да ги исполни сите пукнатини што постојат во твојата душа. Можеби еден ден ќе сфатиш зошто сакаш некого и зошто и покрај тоа што си се плашела си тргнала на тој навидум непознат пат, можеби еден ден ќе се разбудиш во празна постела и ќе сфатиш дека си го прокоцкал животот затоа што си барал многу. И токму заради тие ситници ќе сфатиш дека не си погрешил. Дека повеќе не се плашиш од зајдисонцето затоа што имаш со кого да ја поминеш ноќта...