Sunday, October 13, 2013

Носталгична сабота (Каде си љубов?)

Сабота 10:53 
Тој:
Станувам од креветот, онака несмасно не гледајќи ниту црно,ниту бело пред мене.Ги тријам очите како некоја заебана надеж дека ќе се разбудам,но само го удирам прстот на стапалото во масата. По ѓаволите! Бесно пцујам, среќен што денес се будам сам. Во купатилото плискам вода врз лицето и малку ми помога да се освестам. Гледам во својот одраз во огледалото, искрено изгледам за никаде. А што да очекувам после тие глупости со пиење на не знам колку алкохол и журка до раните утрински часови.Лицето ми е отечено, очите зацрвенети, ги нема повеќе оние сини очи на кои секогаш се вадам пред женските. 
Погледот ми бега кон часовникот,нема ни единаесет. Одлично... Легнувам на црната софа во дневната и се раскомотувам,туркајќи ги од креветот,остатоците од пицата која не се сеќавам дека вчера сум ја јадел. Слушам дека надвор врне, од таа неподнослива мелодија на дождливите капки што ме потсеќа на неа. 
Воздивнувам длабоко и пуштам телевизор,онака да имам позадина за мислите кои некако повторно се редат во мојата глава. Повторно мислам на неа, повторно ја чувствувам таа кнедла во грлото која ми оневозможуваше да и кажам што чувствувам за неа. И ми недостасува, го знам тоа денес,го знаев и вчера, го знаев и оној ден кога и раскинав. Ја сакам, како некој романтичен будала па што и да значи тоа. Сонувам за цвеќиња, за романтика,за сонце и прошетки со раце, иако тоа е далеку од дефиницијата што јас би сакал самиот да ја преставувам. Ги затворам очите и се препуштам на едно сеќавање за нас двајцата,оној прв ден кога сфатив дека чувствата мои се многу повеќе од тоа „девојка за една ноќ“. Но,денес ја нема таа паника. Чувствувам само носталгија и желба за тие денови. И ужасна главоболка која чувствувам дека ми ја прободува главата...
Таа:
Отсутно гледам надвор, во дождот кој немарно се слева по темните улици на градот,модросините облаци, жолтите лисја кои играат со помош на ветрот, мирисот на ајвар или мармалад кој доаѓа од отворениот прозорец. Се обидувам да се вратам на празното парче хартија пред мене и да започнам да пишувам некоја нова приказна,но чувствувам некоја блокада при што не можам да составам ниту една нормална реченица.
Воздивнувам незадоволна од себе и од мислата за него што ми се појавува во главата. Ми недостасува многу,па дури и во овој врнежлив ден. Се сеќавам на нашите денови,на таа негова искрена насмевка, на сонцето што игреваше во неговиот поглед. Ги сакам и тие несолени и несоодветни шеги,тоа мачо држење кое беше само неуспешен обид да се сокрие кој е тој навистина и дека може да има срце.Не знам колку е часот,ниту од кога сум станата,во обид да се бркам со инспирацијата која ме напаѓа пред да легнам да спијам и потоа оддеднаш згаснува.
Го земам мобилниот и го вртам неговиот број,сфаќајќи дека сакам да го слушнам.Но,како по обичај го исклучувам и ставам на работната маса,а сега низ лицето ми течат солзи како замена за недостатокот на инспирација или сознанието дека сеуште го сакам и покрај сите негови глупости...

Сабота 15:30
Тој:
Нарачувам кинеска храна по телефон,иако искрено и немам некоја желба за храна. Само сакам да легнам да спијам,но и покрај мојот недостаток за сон кога ќе легнам ме напаѓаат некои спомени од неа.Па,така цел ден немарно се врткам низ станот,пишувајќи го нејзиниот број и спремајќи се да и свртам и во последен момент бришејќи ја таа моја намера.И се обидувам да се разберам себеси барем еднаш.Зошто навистина и раскинав?
Дали стравот дека таа ќе ме напушти беше толку голем,па решив јас прв да го сторам тој чекор? Или едноставно,не сакав да бидам некој вљубен папучар кој по некое време ќе се фати себеси како разговара со својата девојка и „се расправаат“ кој прв да спушти? 
Ги затворам очите и се обидувам да се натерам да ја дојадам храната која ми има вкус на хартија. Повторно и повторно ја гледам неа пред себе,во тоа лелеаво фустанче,во високите штикли,со долгата пуштена коса која и се вее на ветрот,со нејзините остроумни сиви очи кои повторно распламтуваат се кај мене. Сакам да можам да заборавам на мојот егоизам и да го прегазам достоинството,но не можам. И да,глупак сум кој сега сфаќам нема постигнато ништо од животот. Станувам од масата и ја оставам недојадената храна. Си сипувам една чаша виски и одам кон балконот. Ја отворам вратата од балконот и ветротведнаш ме напаѓа како да сака да ми каже каков кретен сум. Само незадоволно ги спуштам рамениците во тој мој замислен разговор со ветрот и гледам во околината што ме опкружува. Но,искрено само ја барам неа...
Таа:
Не знам како може човек да започне само така лесно ново поглавје од животот. Се обидувам да заборавам,да ги избришам сите спомени за него,но добивам само едно големо НИШТО. Ништо повеќе не ми е по мерак,не можам да напишам една обична реченица,затоа што не знам да ги опишувам повеќе работите. Се чувствувам буквално за никаде, не знам како е повеќе тоа чувство на среќа,знам само за болка која полека ти ја презема душата и малку по малку те прави рамнодушна кон се на светот. И го мразам тоа,мразам што сум станала таква,што повеќе не знам како е да се грижиш за светот,кога се гледаш само себе. Се обидувам да го осетам ветрот како ми го милува лицето и штипе образите додека се шетам со жолтиот чадор што тој ми го купи,но не добивам ништо.Чувствувам само солзи во очите и некоја осаменост која плови по мене како некое осамено такси во напуштениот град на соништата.
И сега само сакам,да го видам него,да имам сила за зачекорам по неговата улица и можеби да се сретнам со него. Но,само се вртам назад и бесно чекорам кон станот. Сакам да го заборавам,да му бидам бесна што не си дозволи да сака и избега како куче исплашено од невремето,но не можам.Само чекорам по мокрите улици и ги чувствувам солзите и оваа тага како плови по мене.И сакам само да избегам од ова...

Сабота 20:49
Таа:
Седам покрај каминот и го читам тоа што го имам напишано. Не е најдобро,но можеби ќе помине кај издавачите. Знам дека тој ми недостасува за приказната да биде совршена,но можеби и вака е подобро. Гледам во жолтиот чадор кој седи покрај каминот и се навраќам на дешената трка со самите спомени. Го отворам лаптопот,овојпат решена да ја искористам оваа празнина за некоја луда приказна.Стреклата трепка во Вордот и ме чека да започнам некоја нова игра со зборови.Се собирам,ги крцкам прстите немарно и зборовите почнуваат да течат од мене без никакво прашање. Којзнае , можеби девојката од новиот роман ќе има повеќе среќа од мене и ќе запознае некој кој не се плаши од љубовта...
Тој:
Ја гледам неа во нејзиниот стан,светлото е запалено,но заборавила да ги спушти ролетните.Седи покрај каминот и пишува,со тој познати израз на загубеност и сосредоченост. Мило ми е што барем таа е добро,а јас уживам да ја гледам,да се осигурам дека е среќна. Барем пишува,тоа ми е доволен доказ дека може без мене. И не знам зошто тоа ме погодува,зошто чувствувам болка во срцето.Ги тријам рацете во обид да се стоплам,иако посакувам да заѕвонам на нејзината врата и да и кажам дека ја сакам. Да пиеме заедно чај и да се топлиме покрај тој камин. Но,не можам.
И го вртам грбот,знаејќи дека таа ме нема видено и дека ужива во создавањето на нови животни приказни. Којзнае,можеби ќе најде некој кој ќе ја заслужува.Ги чувствувам солзите во очите и тагава која не ме напушта денес. Дома ќе се опијанам и можеби ќе заборавам на се. Слаба утеха,но сега само тоа го имам...

Сабота 23:56
Тој и таа:
-Ало?- Гласот и трепери, знае дека е тој.
-Ало.- Одговара збунето.Сака да и спушти,но тој глас и тоа како му нуди некоја хармонија.-Како си?
-Добро.-Игра со прстите и гледа низ прозорецот.-Ти?
-Онака. Ми недостасуваш...-Ги пушта за прв пат солзите по неговото лице.Не сака повеќе да глуми храбар.
-И ти на мене.-Одговара таа искрено.-Што правиш?
-Се трујам со алкохол и неколку апчиња за спиење.Сакам да те видам.
-Каде си?-Го прегазува достоинството и решава дека не е време за глумење на недостижност.
-Кај мене дома. Јас...
-Да?
-Жал ми е.Што бев толкав идиот.
-И на мене.

Во ноќта се раѓа една стара љубов. Тишината и солзите се созујници за изгубеното и посакуваното. Оваа ноќ крие многу тајни и насмевки. Не е време да се мисли на вчера или утре. Денес се живее во сегашноста. И помеѓу љубовта и затворениот амбис се крие една тајна за тоа што сме имале и колку сме загубиле. За на крај човек да стане роб на своите навики и да ја потисне љубовта...

No comments:

Post a Comment