Thursday, October 31, 2013

Љубов во погрешно време

„И што да кажам брат повеќе. Дека се чувствувам како да ме прегазил воз секојдневно и дека веќе ништо не ми фаќа око. Го потврдувам тоа. И уште нешто ќе додадам, се чувствувам празно како ништо од животот да нема смисла. Ја чувствувам таа празнина во мене како ми го раскинува срцето и ме прави едноставно човек. Доста беше со тоа летање дека го поседуваш светот, на крај светот ќе ти ги згази соништата и желбите силно со своите чевли. Знаеш дека никогаш повеќе нема да бидеш ист, дека никогаш повеќе нема да ја имаш онаа несопирлива фантазија која те правеше дете во очите на сите. Па,еве сега пораснав да се каже и што ми вреди тоа!? Едноставно човек се ја губи својата смисла. Не можам ни една чаша вино да испијам на раат, и вискито ми се чини гола вода, цигарите со кои таа велеше дека се трујам едноставно само ќе ги фрлам во канта затоа што ни тие не успеваат да ја ублажат оваа моја нескротлива болка која ми носи некои чудни желби. Не сакам да бидам папучар, ниту некаков роматичар, знаеш дека не е тоа за мене. Далеку сум од тоа. Затоа не сфаќам што се случува со мене. Зошто е оваа празнина? Зошто постојано се ме навраќа на неа и сето она што го преставуваше во мојот живот? И небото го губи тоа познато синило во тие нејзини очи. А тогаш ме стегаат градите и чувствувам некоја необјаснива болка и празнина. И сакам да заборавам на неа, да можам да ја избришам од спомените, затоа што не сакам да верувам во љубов. Сакам тоа да остане само обичен збор во мојот речник, ништо повеќе. Вака ми се чини како да сум закачил некој вирус и едноставно ништо повеќе од светот ја нема својата смисла. Знаеш, сакам да бидам оној фраер кој ќе уживаше во друштвото на сите девојки и кој лесно можеше да ги има сите. Но,сега кога сум покрај нив само мислам на неа. И во тие моменти ја мразам што нејзиниот лик се враќа да ме прогонува и се меша со некоја од девојките со кои сум. И сакам да се напијам,да заборавам на неа но те молам таа посилна е и од тоа. Вчера бев сам дома и пијан како по обичај. Не знам од каде дојдоа тие солзи, никогаш во живот не сум плачел. А вчера само сфатив колку ја сакам и колкава будала сум бил цел живот што сум дозволил да замине. Знам дека во трезна состојба никогаш нема да го признаам ова а посебно не неа . Но,еве денес сум искрен со тебе. И уште нешто, мразам да ја гледам со други брат. Сериозно, едноставно некое непознато чувство на љубомора ми ја труе душава кога ќе видам како се перчи пред мене со тој новиот дечко. И уште посмешно е што изгледаат совршено заедно. Го мразам тој факт, мразам што ми пречи да гледам како ја гледа, како ја бакнува,како ја става раката демек немарно на нејзините долги нозе и притоа не ја симнуваат ни двајцата таа насмевка од нивните лица демек е заразна. Јас тогаш само сакам да плачам, да се вратам назад во времето и да се истепам себеси ама ептен добро за да знам дека не треба да ја пуштам. Да не бидам таков кретен кој мислеше дека може да го земе светот во свои раце и не сакаше да слушне за љубов. Го сакам мојот живот во нормала,не оваа глупост која стана мојот живот. Сакам небото повторно да стане сино, сонцето повторно да свети над мојата глава, вискито повторно да биде истото. Сакам да продолжам да се трујам со цигарите и да не се јавува оној нејзин глас во мојата глава. Е добро де брат не ме гледај така,признавам дека сум будала и дека беше во право кога ми кажам ќе зажалам кога ќе си замине. Беше во право дека ја сакав.Сеуште ја сакам па колку и исклиширано да звучи тоа. Ова ли сакаше да го слушнеш?“ 
„Брат,само сакав да те прашам дали ќе одиме во Седмица...“

Последните желби на љубовта

-Знаеш,имаше многу работи кои останаа недокажани меѓу нас. И искрено,се плашам да ги слушнам. Кого лажам, сакам да ги слушнам,но се плашам каков ефект ќе имаат тие врз мене. Можеби вака е подобро,да бидам во непознатото и да не мислам да тоа што било. Но, навечер сонувам за нас. Не знам од каде доѓаат соништата,сонувам за него,колку многу ми значела неговата насмевка,сите нешта што сега се само спомени. Којзнае,веројатно јас сум крива за се, му дозволив многу повеќе од потребното,не се заштитив себеси и моето срце од пропаѓањето. Да бидам искрена, знам што ќе ми кажеше. Дека сето ова е грешка,дека има многу девојки со кој би сакал да проба, дека не може да биде покрај мене и да не експериментира кога е толку млад. Којзнае,можеби е во право. Можеби и во тоа се состои животот. Но,не сакам повеќе да мислам за нас. Ова е последен пат. Од денес подвлекувам црта и ги бришам сите спомени кои ми носат само болка. А и ти знаеш колку сум одлучна кога ќе решам нешто. Велат дека човек само еднаш искрено сака, но никој не кажува дали сите го доживуваат својот среќен крај како во бајките...


Wednesday, October 30, 2013

Утре не постојам

Гледаше во безживотното тело на татка си за последен пат , чувствувајќи како болката полека ја одзема последната капка надеж и енергија што му преостана. По мисата ја фрли првата грутка земја врз ковчегот на татка си , едвај стоејќи на нозе и давејќи се во сопствените очај и  болка. Небото беше сиво, како неговото расположение и тоа како да му одговараше. Ја закопча јакната до последното копче и  несигурно зачекори напред, прашувајќи се дали ровката земја ќе го повлече и него со себе. Ги чувствуваше погледите на луѓето и знаеше што гледаат сега во него. Син на убиец...
Ги затвори очите,обидувајќи се да ги запре солзите и продолжи да чекори. Кога стигна дома ( иако куќата, реално веќе не ја чувствуваше како свој дом!) , се заклучи во собата на татко му.Си дозоволи да плаче, додека ја стегаше перницата на татко му обидувајќи се да го почувствува поблиску до себе. Срцето силно му чукаше додека  го отвораше својот дневник и го вртеше пенкалото, обидувајќи се да смисли како да почне. Ќе почне со вистината, реши , и напиша со големи букви на врвот на страницата: „ТАТО НЕ Е УБИЕЦ! “ . И зборовите почнаа сами да течат...„ Се започна оној ден кога со Александар игравме кошарка. Беше вторник, сончев ден, лето. Со Александар и не бевме да се каже блиски пријатели,но знаевме да изиграме некоја партија баскет додека не се уморевме а подоцна еден ќе тркнеше до продавница и ќе  купеше две ладни лименки пиво. Ќе седневме на асфалтот, ќе чукневме со пивата и ќе разговаравме за мотори , автомобили , женски... Александар отсекогаш беше чуден, но искрено и не знам од што го заклучив тоа. Но беше добар во кошарка и во сврзување на некои безвезни муабети. И тој ден пиевме пиво,заземајќи ја половина улица, смеејќи се на забелешките на тета Илина на која едноставно сè и’ сметаше. Тато помина, враќајќи се  од работа, изморен како и секогаш. Работеше како обезбедување во банка и се жалеше колку работата го исцрпува. Тато ми беше идол , иако кога беше поднапиен често не го препознавав.Поседе со нас десетина минути, раскажувајќи ни за некоја жена што сакала да украде некое бебе од банката и кој хаос  настанал. Александар внимателно слушаше, додека јас се  загубив во пиштолот што го носеше. Често го носеше дома, но никогаш го немав видено одблиску. Знаев дека ме чека добар ќотек , ако го чепнев.
Дома сè си беше во нормала: брат ми Марио се фалеше со облеката што му ја купила мама денес од Трговски при што како секогаш си доби една ластарка по главата. Вечер седевме со тато и Марио во дворот додека мама правеше торта. Беше пријатна летна вечер, ветрот благо дуваше , тато кажуваше нешто за неговата работа. И стигнавме до мојата неомилена тема за факултетот,иако имаше уште една добра година за таа одлука. Сепак, ги сакав ваквите вечери , кога тато знаеше да се шегува за се и сешто, брат ми ќе треснеше некоја глупост а јас ги набљудував и двајцата и бев задоволен во тој миг што имам сè што сакам. Добро , можев да најдам многу маани и желби , но знаев дека сум среќен. Ќе се испружев на пластичниот стол, ќе се потпрев на црешата, уживајќи во ѕвездите чија светлина продираше до мене преку дебелите гранки и сите лисја. Ќе ги затворев очите и ќе размислував за иднината, за една девојка која внесе толкав немир во мојот живот и на која често се навраќав во доцните вечерни часови како заљубен тинејџер неспособен да признаам дека токму и тоа сум.
Утредента , дремев на компјутер, во таа постојана дилема дали да и пишам на девојката. Не е дека бев срамежлив дечко, напротив, но таа едноставно беше невообичаена и се косеше со сите правила што ги познавав. Сепак , го оставив компјутерот и се закачав со брат ми. Искрено, го сакам брат ми ,но закачките со него се едноставно премногу интересни за да се занемарат. Мама и тато беа на работа , така што следуваше една добра партија со водените пиштоли што на крај резултираше со тоа што и двајцата останавме мокри до гола кожа. Мартин се тушираше, успеа да се пикне во купатилото пред мене,додека јас само се пресоблеков и го пуштив телевизорот и гледав низ прозорецот. Сончето заоѓаше и небото беше преоблечено во таа неодолива пламена боја. Со насмевка се прашав дали можеби таа боја и беше инспирација на таа девојка што ја посакував. Не осетив кога вратата се отвори , само се свртев и позади себе го забележав тато. Насмевката ми избледи од лицето и настапи шок кој се прошири низ целото тело. Тато стоеше со подотворена уста , крвави раце, без пиштолот кај него. И беше во некој транс, го забележав тоа од тој отсутен поглед, како да не забележуваше дека сум тука. Се доближив до него , плашејќи се од одговорите на прашањата кои ми се моткаа низ главата.Не пиел ништо , заклучив со олеснување затоа што не мирисаше на алкохол. Го прашав дали е добро, но му требаше долго време да ми одговори,го имаше тој израз на човек кој загубил сè. Кога конечно дојде при себе,почна да плаче и гледаше во мене исплашено,додека солзите неуморно се слеваа низ неговите образи.Ми кажа дека убил некого, Александар. Ја чувствував паниката во неговиот глас кој се префрли врз мене,додека чекав да ја почне приказната.
„Што се случило?Тато,кажи ми сè.“
„Јас...Не знам Стефан.Се враќав од работа и ме начека Александар.Имаше пиштол во раце и... Го насочи кон мене. Не знам што се случи точно , ја чувствував паниката и стравот. Ми кажа да не мрдам и ...“Во тој момент излезе Марио од бањата гледајќи исплашено во двајцата.Знаев дека нема време за губење,па му наредив да оди веднаш во соба. Очигледно, сфати дека се работи за нешто сериозно па веднаш ме послуша.А тогаш се вратив на остатокот од приказната.„Не сакав да пукам. Ме праша за пинот за деактивирање на алармот во банката. Му кажав дека не знам, стварно не го знам го има само шефот. Ме удри со пиштолот и паднав на земјата. Уште еднаш ме праша истото, додека се обидов да дојдам при себе. Му кажав не знам,но не ми веруваше. Го репетираше пиштолот,но јас бев побрз и пукав во него. Гледав како паѓа на земјата, како крвта како река се слева по неговото тело, како од устата му излегува крв и како очите го добиваат тој безживотен сјај.“Само климнав со главата и му кажав на тато да ме однесе на местото. Паничев, но сепак знаев дека морам да бидам силен за тато.Исплашено гледав во Александар, кој лежеше безживотно,држејќи го пиштолот во десната рака.Едноставно,се исплашив како така лесно може да замине некој живот.Ја викнавме полицијата,следеше долга вечер со испрашувања и стравот кој ме набљудуваше насекаде. Не знам што се случи следно, знам само дека по извесно време бев во полициска станица,несвесен што правам,исплашен од сликата на Александар.Како можеше само така да се случи сè. Се чувствував виновен, затоа што заради мене Александар знаеше дека тато работи во банка. Набрзо дојде мама, исплашено ме гушкаше,а јас не се противев како обично дека не сум мало дете. Беше утешително да се има возрасен покрај тебе.Плачев како мало дете,иако не знам точно зошто беа тие солзи. Тато го осолободија, со сите тие процедури да не заминува надвор од земјата.Се обидуваа да утврдат дали неговите зборови се точни. Следниот ден ја загуби работата, а во останатите денови што следуваа, не можеше да најде ништо ново, прогонуван од сите тие муабети што се ширеа низ населбата. Тато беше безмилосен убиец, јас бев дете кое требаше да се срами од самиот себе и од постапките на мојот татко. Дури и мајката на Александар ми удри шлаканица како јас да бев виновен за смртта на нејзиниот син. Се обидов да не мислам многу на тоа,но сите погледи од комшиите едноставно не прогонуваа. За нив не беше потребна судска одлука. Тато беше убиец и за тоа веќе немаше место за дискусија. Дома често плачев,криејќи се во собата. Што ако не му  поверува никој? Јас му верував,знам дека тато ја кажуваше вистината,го сакаше Александар како сопствен син. Поминаа осум седмици од денот кога умре Александар. И токму на тој ден, во нашата куќа се слушна судбоносниот куршум со кој тато си го одзема животот,не стигајќи ниту за судската пресуда. Со службениот пиштол кој не го вратил си пресуди себе пукајќи си во глава. Без никаква порака,само со шише виски.Јас бев тој што го пронајдов телото,при што за малку не се онесвестив.И еве ме сега,се обидувам да најдам утеха во ова писмо кое го пишувам до светот да се знае дека тато не е виновен.Дека го сакам и дека ми недостасува. Ги чувствувам солзите кои се слеваат низ образите додека го пишувам текстов и знам дека никогаш веќе нема да биде исто. Тато повеќе не е тука,а со него замина и дел од мене. Но,ќе го сакам и почитувам засекогаш. Збогум тато и се надевам дека каде и да си , си спокоен... “
Го спушти пенкалото и го затвори дневникот. Сеуште ја чувствуваше таа празнина која се ослободуваше низ целото негово тело и болката која се мешаше со очајот.Ги избриша солзите и ја зеде фотографијата од татко му и мајка му на ноќното масиче. Веќе никогаш нема да го види. Се обиде да го впие ликот како последна утеха дека нема никогаш да го заборави.Го отвори прозорецот и погледна надвор,прашувајќи се што ќе прави со својот исповед. Вдишуваше од воздухот бавно,чувствувајќи го татковото присуство. Но, исто така знаеше дека за некои работи нема враќање. Тивко прошепоти – „Збогум“ и се предаде на ветрот кој полека ја носеше болката со себе во далечините...    



Monday, October 28, 2013

Тишина во ноќва

Чаша вино и немирен ветар,
ноќва се пејат песни досега неслушнати,
ноќва во ѕвездите е запишана тагава,
две солзи и едно скршено срце.

Ноќва се пие да се заборави,
да се однесат ветриштата подалеку одсоништата,
да се затворат очите
да се препуштиш на тишината која ечи како симфонија.

Сега сме само странци,
две лица без тело и глас
јас и чашава вино за пријател
ти и твојата иронија.

Како ден и ноќ,
како тага и тишина,
насмевки и солзи
и виново кое повикува на заборав.

Не,оставете ме!
Оставете алкохолот да си поигра соболкава,
оставете болкава полека да ги сече вените,
тишината да се претвори во осаменост.

Историја која стои во срцево,
осамени фотографии на патот на заборавот,
денес среќа-утре бол,
денес јас, утре ти.

И повторно тишина
парчиња стакло кои се спојуваат со црвенатрага,
изгризани усни до болка
и на крај светлина...

Тука сме
на почетокот и крајот
една несредена писателка и фраер
една приказна за оган и мраз...

Sunday, October 27, 2013

Секој ден без него

Ќе почне уште ден без него.Уште еднаш сонцето ќе сјае на оној познат начин што го чувствувам како мраз на кожава. Ќе ги затворам очите и ќе ги запрам солзите во обидот да се изборам против мојата осаменост. Само така ќе подготвам една насмевка која нема да ми допира до очите, но никој нема да ја знае разликата. Ќе се шегувам, ќе се смеам на приказните што ќе ми ги кажат другарките, ќе поделам некој совет и повторно ќе зјапам во далечините сонувајќи за него кој е толку далеку од мене. И ќе потонам во спомените, во таа насмевка која сеуште ја чувствувам толку моја, ќе се загубам во црните очи кои ме привлекуваат како бездна, црни и мистериозни. 
Ќе ја осетам повторно таа осаменост, таа стара позната желба да го видам и да знам дека е добро. Но, наместо тоа се соочувам со една ладна есен без него, со една желба и времето да ми беше облачно и тмурно како мене, да ги почувствувам капките дожд кои полека ја носат болката или барем се претопуваат со моите солзи.
Само така ќе помине уште еден ден и тоа без никакви промени од претходниот. Повеќе не бројам ниту кој ден е, сите се губат пред монотонијата што ја носи секој од нив. Поминуваат различни луѓе, различни желби, различни новости во весниците и на телевизијата... А јас деновите ги бројам по желбата за тебе, по прашањата дали си добар и среќен. Ја чувствувам носталгијава и знам дека е доцна за промени иако тоа го посакувам. Само ги затворам очите кога сум сама дома и ја гушкам нашата фотографија. За момент повторно си дозволувам да бидам среќна и блиску до тебе. Но,тоа трае само толку - еден миг.
И повторно почнува еден ден,по него уште еден се до бескрај... И веќе им го знам распоредот на секој од нив напамет. Знам дека нема да те видам, дека ќе те барам во сите луѓе кои поминуваат покрај мене и ќе се двоумам дали да ти се јавам. На крај ќе го исклучам телефонот затоа што знам дека ќе бидам беспомошна. Ќе продолжам да сонувам и ќе го чекам дождот како некаква утеха. Но,нема да ја има.
И така ќе почне уште еден ден.А тој повторно ќе биде далеку од мене...

Saturday, October 26, 2013

Далеку,а сепак толку блиску

И со солзи во очите ќе се сетеше на нивната приказна. Ќе погледнеше низ прозорецор додека ветрот немирно дуваше,ќе ги затвореше очите и за миг и се чинеше можеше да го почувствува дождот на својата кожа како некогаш. Есента и стана омилено време, го сакаше фактот што тогаш започна таа нејзина омилена приказна која сеуште ја носеше во срцето. Само ќе ги затвореше очите и ќе го видеше неговото лице, ќе го почувствуваше мирисот на есента, неговата колонска вода,дождот и печените костени... 
Знаеше дека нема да потрае многу, беше свесна за тоа уште првиот пат кога ги почувствува неговите усни врз своите,го имаа тој сладок и горчлив вкус воедно,додека водата се цедеше од нивната облека. И тогаш ќе погледнеше во неговите темни очи и ќе се сетеше зошто го сака.
Тие беа различни приказни,но токму тоа беше причината што некогаш функционираа толку добро.Можеби и причината зошто денес не се повеќе заедно. Таа беше мраз,тој беше оган,страствен и единствен,го гледаше животот во некое поинакво светло. Таа сакаше да чита добри бестселери,да се отпушти вечер со добра книга и црвено вино покрај  каминот. Неговата идеја за добра забава беше луди журки,алкохол и испушени цигари,девојки до бескрај се додека не ја запозна неа. Таа го натера да ги засака книгите како идеја,да научи да го сака дождот и да ужива во капките дожд кој ја будат спокојноста кај него. Ги засака и старите филмови, магијата на сликите што ги посетуваа на изложбите,магијата што ја чувствуваше гледајќи во нејзините очи,додека ја држеше за рака и сакаше романтични идили. Таа ги засака моторите,научи да ужива во долгите прошетки со неговиот мотор,да гледа фудбалски натпревари и да се радува кога ќе победат и пцуе кога губат,да потоне во неговиот парфем што таа му го купи.
Сакаа и двајцата да одат на патувања,да уживаат во добра музика (некој спој на рап и поп), да гледаат во синото небо и да сонуваат за безначајни нешта. Сакаше како звучеше неговиот глас на мобилен кога ќе и кажеше дека ја сака, секако уште подобро беше во живо, сакаше да ја гледа на оној посебен начин како да започнува и завршува светот со неа, фактот што ја научи дека светот има повеќе позитивни отколку негативни работи, да се поткрева за да го бакне кога не носеше штикли. Ееех,кога ќе се сетеше на оние денови кога ќе се шминкаше и дотеруваше за него, да ја бакнува на тој единствен начин...
Ги сакаше тие денови, тоа што тој успеваше лесно да измамува насмевка на нејзиното лице кои сега кога го немаше стануваа солзи. Ја сакаше љубовта, го сакаше него како првиот ден,ги сакаше сите спомени кои мислеше дека ќе ги прати во заборавот. 
И во денови како овој само ќе зјапаше низ прозорецот,во темното небо,во капките дожд кој немирно си играа со улиците и ги правеа толку пожелни за шетање со чадор и некој под рака. Незадоволно ги избриша солзите и по вдишуваше мирисот на есента и љубовта. 
Еве ги сега,толку далеку еден од друг. Знаеше дека и тој е за никаде како неа,но гордоста стоеше помеѓу нив како непремостлив мост. И повторно само ги затвори очите и се врати на сите спомени што ги правеа нив посебни. За на крајот да сфати дека беа толку далеку,а сепак го чувствуваше толку блиску до себе...

Friday, October 25, 2013

Болка во очите

Да ти кажам искрено,многу пати во животот сум бил повреден,де од скршено срце,де од некоја луда тепачка.Знаеш веќе, досада глупости и завршуваш со крвава глава.
На првата болка од тепачка се сеќавам на онаа кога имав пет години и завршив со дупната глава бранејќи ја тогашната моја симпатија.Не знам од каде се најде каменот во рацете на мојот противник,но едноставно останав зашеметен од крвта која течеше на сите страни и стравот што го гледав во нејзините очи.Потоа се стана онака темно,голем дел од тоа го прескокнав во некоја несвесна или полусвесна состојба се додека не се најдов во болница и ми шиеја глава. Тогаш сакав да врискам,да плачам,но имаше нешто интересно кај сестрата што ме шиеше што едноставно не сакав да бидам повеќе малиот лигле во нејзините очи.И мислам тогаш се заљубив во сестрите како поим,иако реално не ми се допаѓаа инјекциите,ниту конците што ги добив на глава. Следното заљубување ми беше во маалската шмизла кога имав некои единаесет години.Знаеш,луди години,на сите им вртеа бубачки во глава па зошто и не на мене.Од денот кога ми ја скршија главата,повеќе не ја видов онаа мојата симпатија,искрено и сам ја заборавив од онаа болничка сестра во црна коса и сини очи.И знаете неволјите сами ме бараа,скршена рака,модринка на лицето,паѓања од точаци и не знам колку други глупости на кои не се сеќавам.Но,кога ја запознав мојата шмизличка решив да заборавам на сите тие лудости кои ми светеа во главата и да станам демек човек за неа. 
Таа беше едноставно како излезена од некој од детскине серии што ги гледаме.Долга руса коса исправена до совршенство,две зелени очиња кои блескаа на оној посебен начин како смарагдите што тато и ги купи на мама за нивната петнаесетгодиншнина брак.Секогаш дотерана,со чудна смисла за музика,но секогаш во друштво со нејзините најдобри пријателки додека возеше велосипед или тротинет ексклузивно во розова боја.И боже,ја имаше таа најзаразна насмевка што едноставно посакував да украдам нешто од накитот на мама и да и го подарам да ме засака.Добро е што не отидов дотаму,затоа што не само што таа не вредеше до толку,туку и дома ќе ме чекаше еден солиден „ќутек“ што ќе ми беше срам да излезам неколку недели од дома.
Не знам точно кога прв пат разговарав со неа,знам дек за прв пат во животот дткав и дека сите во маало ми се смееја небаре сум мало дете кое не се разбира од ништо.Па,дури и таа.Ја проголтав гордоста и заминав, чувствувајќи како нешто во градиве се крши.Подоцна разбрав дека тоа го викале скршено срце. Наместо тоа се посветив на кошарката,на долги и напорни тренинзи,целосно заборавајќи на тие чудни суштества како девојките.Или не целосно,запознавајќи се со Анџелина Џоли,Бритни Спирс,Чарлиз Терон и сите оние девојки кои ме излудуваа.Сакав и јас да завршам еден ден во НБА,да ги имам сите риби да се вртат по мене а јас едноставно како фраер да си ги менувам секојдневно.Ееее,детски желби.
Првото срце што го скршив беше на мојата прва девојка,згодна и висока бринета на четиринаесет години.Не е дека не ми се допаѓаше,но едноставно ми здосади да имам некој покрај мене на кого ќе треба да давам објаснувања и да слушам за тоа како сака таа да оди на шопинг и зошто розевата боја повеќе не е во мода. И тогаш ме етикетираа демек сум фраер без срце,што реално ми одговараше. На петнаесет години почнав да пушам поради две причини.Една,да се направам кул пред друштвото и пред сите тие девојки и нивното отворено пуштање.Втората,да заборавам на кавгите на моите дома и да смирам живци.Ако претходно не верував во љубов сега беше докажано.Не планирав да се заљубам во некој кој подоцна може така лесно да ти го искрши срцето и да те натера се да фрлиш по ѓаволите.Не бев баш најредовниот ученик во училиште,се тепав за ситници,затоа што некој ќе ме погледнел накриво или си јадев ќотек затоа што  им се пуштав отворено на девојките кои беа зафатени пред нивните дечковци.И не ми беше грижа за физичката болка,таа можев да ја поднесам,но таа емоционалната полека ме претвораше во деструктивна личност. Го мразев целиот свет и чувствував дека цел свет ме мрази мене.Добро,си имаше добри моменти кога ќе ги менував девојките онака од навика,не дозволувајќи да почувствувам нешто повеќе.Гајле ми беше за етикетите што ми беа залепени,за кретенот што сум бил,за срцето што сум го немал.А посебно кога моите се разведоа,само сакав да заборавам на се и да потонам во алкохолот и цигарите.Тоа резултираше до загриженост кај професорите и викање на родителите,моја незаинтересираност за се и на крај етикета на нестабилна личност која мора да посетува психолог.Се беше во ред кај мене,но не сакав да излезам во светот на реалноста кога сите се потрудија да го видам светот во тоа ужасно светло.
Не знам кога точно се вратив во нормала.Сеансите со психологот стануваа подобри од оние првите,кога не зборував ништо само зјапав низ прозорецот или си играв со неговите перници,безобразно зјапајќи во неговата диплома и сликите од семејството и таа згодна ќерка што ја имаше.Но,запознавање на неа промени и тоа колку многу кај мене.За прв пат дозволив на некоја девојка да ми го смени мојот живот,да ме натера да почувствувам нешто што претходно беше само дел од некаква реклама или некој заборавен дел од детството.За прв пат дозволив да се заљубам,иако реално гледано таа немаше ништо од тоа што го барав. Слаба,висока девојка без посебен изглед и углед,не се истакнуваше по ништо посебно освен со тие сафирно сини очи кои кога ќе ги погледнав едноставно летав на други патишта. Едноставно,ги имаше најубавите очи кои ме потсетуваа на слободата и љубовта,чувства кои мислев дека не постојат во реалноста.Се обидев да се борам против себе,но таа беше посилна од тоа.Ми годеше нејзината ароганција и тоа што не сакаше да слушне за мене,што беше таков предизвик.И се заљубив во неа како луд,иако не знам ни кога станав свесен за тоа.Мислам дека се случи од првиот ден кога ја видов.За прв пат можев да се изборам против моите демони и да сакам.И ја сакав искрено,таа се заљуби во мене онака наивно што уште повеќе ја правеше единствена.Кај никого немав видено таква безусловна љубов во нечии очи.Сонував за рози,за романтики,за прошетки под дождот,за сите оние романтични работи кои претходно ги презирав.Сакав да верувам дека можеби има надеж за светот,дека можеби не е се така како што изгледа.Го сакав поминатото време со неа,таа несреденост и убавина која ја носеше во нејзиното срце,таа искреност и желба да му помогне на светот.Го сакав нејзиниот парфем на ванила,тие нежни сини очи,страствените и долги бакнежи,преплетените прсти.Ја сакав неа во сите нејзини варојанти,кога и беше досадно ќе играше со косата,кога беше лута усната и трепереше а кога беше тажна нервозно ја гризеше усната.Таа беше првата личност која ја познавав повеќе од самиот себе и го сакав тој факт.
Но,повторно надвладеа нешто кај мене и ја пратив и неа по ѓаволите.Знам дека не сакав да ја повредам,не сакав да ја вмешам уште повеќе во светот на пропаста што јас го преставував.Мислев дека е подобро да се откажам од неа порано,да знае какво ѓубре сум пред да биде премногу повредена. Не очекував дека ќе сакам да изчезнам засекогаш кога ќе ги видам солзите од тие мои омилени очиња како го квасат тоа порцеланско лице.Ми се стегаше срцето,желудникот ми се превртуваше и мислам дека тоа беше моментот кога најмногу се мразев себеси и кретенот што бев станал.Сакав да променам нешто,да можам да ја вратам,но болката можев да ја преточам само во физичка,во борби со ѕидот,со неколку опасни типови и неколку скршени ребра,заби и доста посети на болниците. Ништо не ме болеше како нејзините очи,да се собере целата болка на светот мислам немаше да биде доволна со моментот кога таа замина од мене по моја вина.Сериозно,сета болка која некогаш сум ја чувствувал беше помала во споредба со тоа кршење на срцето,нејзините солзи и мојата глупавост во еден пакет.Никогаш не се мразев повеќе од тој ден и никогаш не сакав да изчезнав од светот како тогаш.
Само ги затворив очите и решив да тргнам еден чекор напред.Ниту физичката болка повеќе не ја лечеше емоционалната,само пропаѓав во тој ендек кој водеше до смртта а не бев ни свесен.И тогаш и кажав дека ја сакам и не можам без неа.Решив да ризикувам и да станам оној што таа го заслужуваше.Од тој ден се променив многу,за прв пат некој веруваше безгранично во мене,за прв пат се почувстувував како дете во нејзината прегратка кога плачев затоа што олеснувањето беше преголемо.Мислам дека од тој ден сонцето изгреа за мене.Кога ќе ги затворев очите таа секогаш беше тука со мене.А тоа беше повредно од се.
Еве ме денес,со неа,мојата најголема љубов,со мало детенце кое едноставно се радува на светот што го опкружува и сака да го испитува.Кога ќе ја видам сликата на тој семеен човек што сум станал се чудам каде отиде пропалицата. Сфаќам дека бев среќен што ја запознав неа,моето изгрејсонце и зајдисонце,мојата љубов и моите очи со бојата на морето.Од тој ден постојам и јас,од тој ден изчезна болката и деструктивноста.Повеќе кога ќе видам сонце,не гледам темни облаци туку љубов.И тогаш само сакам да ја прегрнам и да и кажам колку ја сакам.И колку светот е мал и незначаен без неа...

Thursday, October 24, 2013

Моменти исполнети со љубов

-Ало?-Одговарам во паника на телефонот,барајќи ја црната чанта насекаде низ собата и клучевите од автомобилот.Ги чувствувам солзите на врвот на клепките,одвај воздржувајќи се да не се разлијат низ лицето и да ја расипат шминката.
-Еј.-Слушам долга воздишка и глас што ми е познат,но реално моментално не можам да го поврзам со никого.Најтрагично е што не видов ниту кој ме бара.А со ваква расеана глава... И чантата!?Каде е па веќе и таа!?
-Да,слушам.Кажи.-Збунето го држам телефонот во десната рака и погледнувам во регалот.Ни таму ја нема. Сериозно,што се случило денес да не настанала некоја нуклеарна катастрофа? Или уште еден Марфиев закон- Ако се брзаш,дополнително ќе задоцниш затоа што брзајќи нешто ќе заборавиш!
-Добро,што се случува?- Слушам некоја тешка воздишка и нервозно пцуење затоа што не може да си најде тој некој цигарите.И во истиот момент нешто се крши во мене и се чувствувам како последна идиотка на светов.Мислам,како можеш да не го познаеш гласот на сопствениот дечко!?Се струполувам на креветот,изморена од денов од оваа нервоза која плива низ мене и моментално не знам како да ја исконтролирам.Ги затворам очите,вдишувам длабоко и се обидувам да се повратам.
-Ништо не се случува.Се брзав само.Зошто?Се случи нешто?-Го гушкам мечето што тој ми го купи кога славевме еден месец и сфаќам дека ми недостасува.Сакам да го видам,сакам да заборавам на тоа каде треба да одам и што треба да правам и да ме преплави таа убавина на тие мои најубави сафири.Ме фаќа носталгија,го знам тоа и сакам да му кажам се. Колку го сакам и колку ми е потребен.Но,го премолчувам тоа и продолжувам да зјапам низотворениот прозорец во крушата во дворот чии црвено-златни листови полека паѓаат на земјата.
-Не...- Ја чувствувам тишината и таа збунетост во неговиот глас.И знам дека е збунет,а јас мразам што сум причина за таа збунетост.-Што се случува сериозно?Денес ме игнорираше, само се поздрави со мене и продолжи некаде. И ееј,пази не сум љубоморен или слично,но не сфаќам.Направив нешто погрешно,нешто се случило?
Го замислувам како нервозно го испушта чадот од усните и тапка со десната нога,борејќи се против желбата да пцуе.И го сакам заради сето тоа,го сфаќам тоа сега.Уште посилно го гушкам мечето и сакам зборовите сами да излезат од моите усни пред да можам да ги запрам.
-Не се случува ништо.Се брзав едноставно.-Нервозно станувам од креветот и ја местам црвената постелнина.Погледот ми бега на ѕидниот часовник и сфаќам дека мора да побрзам.
-Нека биде така.Што правиш ти?
-Ништо ти викам ќе излегувам.-Секако,дколку ја пронајдам ташната и клучевите од автомобилот кои најверојатно се внатре.Подголтнувам збунето гледајќи се во  огледалото.
-Да не ти пречам?
-Не... Слушај,сериозно не е ништо.Само...
-Што е тоа само?Можам да осетам дека си нервозна и нешто не кажуваш.Знаеш дека можеш да ми веруваш и дека те сакам без разлика на се.
По ѓаволите,како знае да ги избере вистинските зборови па дури и во најпогрешните моменти.И солзите веднаш се слеваат низ образите како непоканети гости додека се гледам во огледалото,во тој мој замален одраз...
-Еј,што се случува?-Гласот му се менува и ја осеќам паниката која лебди во  воздухот.Како да му кажам дека сакам да биде покрај мене сега?И да му кажам што се случува...
-Ова...-Ги бризам солзите полека и се обидувам да се смирам.-Се случи нешто.
-Кажи ми.Почнувам да се грижам.
-Никола...Никола имал сообраќајка.-Солзите се слеваат низ образите и веќе не можам да ги запирам.Збунето гледам во таа девојка со долга разбушавена коса,лице речиси без шминка и збунет израз на лицето.
-Никола?Кој Никола?Оној...
-Да,тој Никола.-Кимнувам со главата,незадоволна што ја начнуваме повторно таа тема за бившите.Особено кога знам дека е љубоморен на него.
-Мхм.Што се случило?-Не знам дали е загрижен за него или едноставно љубопитен,но немам ниту сила за да размислувам.
-Не знам,ми се јави сестра му да ми каже дека бил на операција и дека е во сериозна состојба.Јас...Страв ми е.-Сфаќам дека треперам,дека сега најмногу сакам да бидам покрај него.И Никола да биде добро...
-Еееј,малечка...Сакаш да дојдам со тебе?
-Можеш?Не барам многу?-Срцето ми чука забрзано а солзите никако да запрат.Не,не и не.Не сакам повторно пред очи да ми играат сите оние хорор фантазии за тоа како е Никола.Сакам да биде добро.
-Ќе дојдам.Слушај,во близина сум ќе дојдам да те земам со автомобилот.
-Тука си?-Повеќе не ги примам ниту информациите,чувствувам само тапо пулсирање во главата.
-На кафе сум со друштво.Доаѓам.-Го замислувам како ја гасни нервозно  цигарата и нервозно поминува со раката низ косата.
-Те чекам.-Си климнувам со главата сама на себе и се губам во времето и во мислите што ги чувствувам како мои непријтели.
По неколки минут го слушам неговиот автомобил пред куќата и немарно излегувам,заклучувајќи ја вратата.Го гледам тоа мое познато лице и не знам како би се чувствувала да му се случи нешто на него.А тука е и Никола кој покрај се секогаш остана значајна личност за мене.Тонам во неговата прегратка,во тој познато допир кој ги брише солзите од лицето и наплив на љубов кон него.Ги слушам неговите утешни зборови кои сериозно ми се голема подршка и му се заблагодарувам што е тука покрај мене.
Во болницата е критично,ја гледам сестра му како плаче,Никле е сеуште на операција... И не знам како минува времето,покрај толку испиени кафиња и нервози,сета нервоза која ме убива.Ги затворам очите и се препуштам на неговата близина,на овој дечко кој и покрај се е тука да ме убеди дека се ќе биде добро.И наскоро дознаваме дека Никле е добро.Конечно можам да дишам и се струполувам во неговата прегратка.Додека солзите се слеваат по лицето кои не знам дали се од среќа или тага,но знам дека конечно сум добро.И во негова близина се е некако посветло.А во вакви моменти сфаќаш колку многу имаш.Додека ги бришете солзите еден на друг и тонете во сите прегратки , насмевки и бакнежи знаеш дека љубовта не се менува за ништо.И од тоа нема ништо подобро,од едни очи кои те потсетуваат дека нема ништо подобро од тоа да се сака и да бидеш сакан.И дека љубовта може да надмине се...

Tuesday, October 22, 2013

Очи во очи со љубовта

-Ееееј.Ееееј.Почекај ме...-Задишано трча по него,а тој како по обичај оди напред,не гледајќи никого позади себе,со слушалките во уши,музика до максимум,една шармерска насмевка и рацете во џеб.
-Не слушаш?- Со насмевка гледа во него и внимателно со раката преминува преку косата како да сака да се увери дека се е во совршен ред кај неа.
-Еееј.- Задоволно се поздравува со неа и тоне во нејзиниот парфем што отсекогаш го обожавал.Ги вади слушалките, ја гасни музиката и подголтнува несигурно.Зошто се чувствува толку несигурно покрај неа?Па,дури иако лесно може да ја прикрие со една од неговите насмевки кои ги чува за специјални прилики.-Каде си ти девојко,се изгуби?
-Ааа да сега врти ми муабет,а кога те вика човек не слушаш.-Задоволно се смешка и се губи во неговите очи кои ја нудат бескрајноста.Сериозно,зошто е толку лесно да заборави на проблемите покрај него?
-Сериозно?Музика слушав.-Збунето ја крева левата веѓа и сериозно гледа во неа додека одат кон автобуската.
-Ајде,ајде простено ти е.-Гледа во него,погледот неприкосновен е кон тоа негово лице.И се обидува да избега,да се насочи кон есенските пејзажи,но едноставно...
-Па,како си ти?Што правиш?
-Што може?Факултет,учење,глупости... Искрено,посакувам да можам еден викенд да избегам од се и да се одморам малку.Да оладам глава како што викаш ти.-Седнуваат на клупата додека го чекаат автобусот.
-Па,може да искочиме.Од кога се обидувам да ве убедам.Ајде,ајде ќе се видиме.Како на факултет?Некој дечко?
-Па,не знам.-Збунето црвенее,несвесна за тој фактот.Како да му објасни дека и покрај се не може да го заборави,секако некако успева да и се провлече низ мислите.-Ти како си?
-Пристојно менување на тема.Добро сум јас,знаеш веќе.Факултет,обврски,журки,ваму,таму.Ми се расипа моторот па на поправки го носам. Се прави што се може.-Ги шири рацете и срамежливо и го потргнува праменот што и паѓа.-И не ми кажа,што е со дечково?-Зошто е љубоморен вака оддеднаш?Па тие немаат ништо повеќе...
-Ништо нема.Не знам,онака...Што знам па Никола.-Незадоволно  превртува со очите.Не сака да разговара на тие теми,некако чудно е да му раскажуваш на некој што ти значел и сеуште нешто ти значи за чувства што се раѓаат.-Туку ти подобро кажи ми како е...?
-Џенифер?-Задоволно се насмевнува.Секако дека нема да го запамети името.
-Ова,да...
-Добро е.Си оди онака.Не можам да ја сфатам понекогаш,посебно кога ќе ја удрат бубачките...Но,добро е.-Сака да и каже дека не е како неа,дека не е се едноставно како што беше помеѓу нив.Дека не може да ја разбуди таа негова искрена насмевка.Дека му недостасува...
-Ајде,одиш?-Збунето гледа во неа затоа што не станува,иако автобусот доаѓа.
-Не,чекам 22а.
-Офф,заборавив ти по иста релација си.-Слегнува со рамениџите,обидувајќи се да го прикрие разочарувањето.-Па,ајде да се видиме.И со среќа со дечкото.
-Ќе се договориме.-Го гушка и ужива во неговата близина,во тој познат парфем и насмевка.И додека и мавта од горниот спрат додека седнува,задоволно се смее.Како му успева ова?
Сериозно,како успева да ја насмее иако е поспана и да заборави на недостатоците на светот и своите несигурности.Тој размислува за неа додека се вози со автобусот и колку е разубавена.Му недостасува,го знае тоа,едноставно се е толку јасно.И кој е тој нов дечко ...?Се надева дека барем тој ќе постапи поразумно од него и нема да дозволи да ја изгуби за глупости...
Набрзо доаѓа и 22а и таа размислува за илјада глупости и низ главата се врзуваат некои нови филозофии.Љубовта,животот,утринскиот пејзаж пристоен да се најде во некој добар опис во книга,онака со златни лисја кои немирно треперат,насмевки на лицата на луѓето,замислени погледизаљубени парови,сафирно сино небо и сонце кое срамежливо топли.И мирис на есен,на костени,мистерија,убавина,тишина и немири.И едно лице кое не се заборава така лесно.
-Еееј...-Се поздравува кога стигнува на факултет задоволно со Андријана.-Што правиш?
-Еве ништо.-Андријана се насмевнува и седнува на столчето.-Ти?
-Еве,се видов со еден дечко.-Слегнува со рамениците.
-Добро и?
-Ништо,стари приказни.
Заборава да и каже дека изгледа навистина убаво денеска затоа што влегува тој.И тие две насмевки кои се раѓаат во тој момент кажуваат се.Очите и сјајат и заборава на сите непријатности.Ги затвора очите за момент и се препушта на пријатното столче.Посакува да може да напише некој добар текст,да не и биде толку досадно.Но,се што успева да сфати е дека минатото и иднината изгледа немаат исто име.И за прв пат тоа не ја разочарува...

Monday, October 21, 2013

Од каде доаѓа љубовта?

Кога и да прашав од каде доаѓа љубовта,го добивав истиот одговор. Искрената љубов доаѓа од она место... А кое беше баш тоа место? Некои ќе ми покажеа кон аголот и ќе одговореа,ете оттаму... Други ќе слегнеа со рамениците и ќе признаеа дека ниту тие знаат,ниту  пак размислувале за тоа.
Јас некое време ќе се задоволев со тој одговор,а подоцна пак ќе започнев со некои мои вечни филозофии.Некое време ќе стоев на улицата и ќе го чекав тој некој за мене да се појави,небаре верувам во принцот на белиот коњ. Но,мојот принц дојде на мотор.Облечен во кожна јакна,со совршена насмевка,Рејбан наочари.Сега можеби би го споредила со Аче од Три метри над небото,но само што овој имаше повеќе негативни страни и да бидам искрена,не бараше љубов туку само забава. Но,знаеш на времето и тоа како паднав на шармот на мојот тогашен Џони Деп.Искрено и не знаев што беше тоа што точно ме привлече кај него,дали статусот на „лошо момче“, таа совршена насмевка или едноставно го видов како решение на сите тие досадни филозофии што ми се врткаа низ главата. И се беше супер,онака убавини и кавги,црно-бели денови со по малку боја, љубов која не знаев од каде доаѓа (или на времето,од аголон) и тој со таа негова безгрижност и омраза кон светот.
Сето тоа за на крај човек да остане со едно скршено срце и цврсто верување дека љубовта не доаѓа од зад аголот. Посакувам таму да завршеа сите тие прашања кои реално и немаат некој логичен одговор,но сепак имаше уште многу разочарувања и лекции за на крај да сфатам дека реален одговор на прашањето нема.Или можеби одговорот е толку едноставен што човек не може да го прифати така лесно и трага далеку по видикот по некои комплицирани и неразбирливи објаснувања (мислам,ете повторно со долги филозофии).Љубовта доаѓа од срцето, од пропуштените неколку удари или завршзаното тупотење кога тој е во близина. Едноставно е,срцето е тука да ти каже што е љубов,што сакаш без да се мачиш со многу филозофии,па вака,па така. Едноставно, срцето само си бира па дури и да е погрешно и не те прашува многу многу тебе за мислење па иако си му сопственик.
И на крај,секој го наоѓа своето место под вселената,колку и ова да е клише.Срцето си одбира а разумот се согласува со неговиот избор.Тогаш неговата насмевка ти е послатка од чоколадото што си го обожавал (но,тоа не значи откажување од чоколадо,НЕ,НЕ), неговата близина те топли потопло од било која кожна јакна (но,повторно не велам да се правиш будала) и тие преплетени раце  кои едноставно те исполнуваат. Сфаќаш дека најубавите работи започнуваат и завршуваат од срцето.А таа насмевка и тие совршени очи се еден доказ за тоа. И кафето ја добива посакуваната боја покрај него и небото е сафирно сино, а насмевката раширена од еден крај до друг.Едноставно си среќна без посебна причина,едноставно ја сакаш секоја клиширана романтика,едноставно имаш неисцрпна инспирација. И едноставно,најубавите љубовни приказни започнуваат во есента,кога дождот ја урива надежта за тој да ја врати,под романтиката на сувите лисја,под бледата месечина која оддеднаш станува толку сјајна. Се вљубуваш во светот,во несовршеностите и совршенството кое не постои.
Ја сакаш и малината и калинката,и ајварот со сирење и топлото чоколадо,држењето за раце,кавгите и препирките и срцето кое лудува како некогаш.И знаеш дека ова е љубовта,тоа чувство за кое нема објаснување.А искрено и не треба.
И кога ќе ме прашаат од каде доаѓа љубовта,знам што ќе одговорам.Од вашите мали срца кои избираат свои сопственици.Вашето мислење многу не се важи. Но,насмевката што ќе лебди на вашето лице ќе ви покаже дека и тоа како сум во право...

Sunday, October 20, 2013

Крај од почеток или почеток од крај!?

-Имаше многу моменти кога се чувствував како да не припаѓам во среќни денови.Како таа насмевка да не беше никогаш искрено за мене,туку за некоја од девојките кои ќе ги сретнеше и онака без срам му се нафрлаа иако јас бев до него.
-Е добро де.И што ако?
-Не знам да ти кажам.Мислев тогаш дека не сме еден за друг, дека сме само странци кои по случајна игра на судбината се сретнале и вљубиле. Мислев дека ако продолжиме заедно и двајцата ќе завршиме со скршени срца...-Ја подигам шолјата кафе и гледам во чистото небо,во сончевите зраци кои онака немарно ја греат мојата кожа и ме потсетуваат на неговата прегратка.
-Затоа ли го остави?-Сања гледа во мене додека ужива во своето кафе,косата немарно отпуштена и притоа мижи ,затоа што и смета сонцето.
-Не знам. Најверојатно...- Слегнувам со рамениците и ги чувствувам солзите во очите,додека немарно го влечам тенкиот сив џемпер што сум го облекла. Иако е Октомври и тоа како е денес топло и пријатно.- Сакам да кажам дека не е така,но тоа е.Мислам... Мислам дека во суштина не сфаќав што гледа тој во мене кога можеше да ја има секоја. Зошто баш јас?
-Повторно ли со тие филозофски прашања?Зошто љубов,зошто јас...Зошто едноставно не се соочиш со тоа дека за некои работи нема објаснување,само се случуваат.А тој,те сакаше иако таа твоја црпка исполнета со недоумици не може да го разбере.
-Сега го знам тоа.Или така мислам.-Незадоволно ги скрстувам нозете и потонувам во столицата. Зошто и таа денес ми е толку неудобна?Зјапам збунето во црвените рози кои се на пат да станат само спомен на убавина се до следната година. И љубовта е таква, станува само сенка од она што било,ако не се грижиш за неа.Ако како мене не веруваш во светот.Ја оставам црвената шолја на масата прекриена со чаршавот што ми личи на атлас и кој некогаш го обожавав.А потоа погледот ми бега кон изгризаните нокти,обоени во некоја чудна сина боја која требаше да ме орасположи,но наместо тоа само ме потсеќа на него.На тие негови очи,толку длабоки и искрени,толку насмеани и нежни кои успеваа да продрат до најзаспиените и неразивиени делови од душава и да ме убедат што е љубовта.
-Ај,батали ова подобро.Ти како си?Како е Беки?
-Добро е Беки.Срце како секогаш.Скока,трча,ужива во есенва и да се брка со лисјата.И јас сум добро.Покрај факултетов и скриптиштава што се купчат пред нас како да се доведени со некоја поплава.И те молам,не заебавај кажи ми што се случи.Нема да ме оставиш на половина приказна.-Сања ги прекрстува рацете на атласот-чаршав и гледа заинтересирано и непоколебливо во мене.Ја мести косата и еден прамен праќа позади увото и нејзините обетки во форма на пердуви се појавуваат.Лесно,можам да сменам тема,но искрено и не сакам и неа да ја вовлечам во ова мое нерасположение.
-Оф...-Воздивнувам длабоко и пивнувам една добра голтка од кафето,мојот благ нектар.-Па,вчера се видовме.
-Да?-Сања ја поткрева веѓата.-И?Што ти кажа?
-Ништо.Ме запозна со девојката.
-Девојката?Зарем има девојка?
-Има.И тоа девојката е супер.Многу е убава,долга црна коса,темни зелени очи,висока,долги нозе,елегантна...Што да ти кажувам,прекрасна е.
-Добро,знаеш дека не е се во изгледот.-Сања се обидува да го изнесе најдоброто од ситуацијата.
-Знам,но оваа му е посебна се гледа.Девојката си има се и го сака.Го видов тоа од нејзиниот поглед.Како да се гледаш во огледало,како да знаеш дека и таа го сака на оној чуден начин на кој ти не си дозволи.
-А он?Што направи?
-Ништо.Застана се поздрави со мене,не запозна,правевме онака некој неповрзан муабет,а после девојката најави дека мора да си оди.Он остана да прави муабет со мене.
-Ме заебаваш?Ја остави сама да си оди?-Усните на Сања се формираат во едно О.
-Па,се имала договорено со  другарките.И зборевме за факултетот,за како ни е,за девојката.
-Што ти кажа?
-Нејќеше многу да разговара на таа тема.Не знам.Се чувствував како во старите денови.Како повторно се да е исто меѓу нас.Но,се си има крај.И можеби и двајцата уште чувствуваме нешто,но јас тоа го фрлив во канта,свесно или несвесно.И се загубив во тие очи,во таа возбуда,во тие чувства кои веќе не можам да ги идентификувам. А јас го сакам.Мислам за џабе кријам,го сакам искрено и покрај се.И покрај она збогум кое би сакала да го повлечам еднаш засекогаш.
-Што планираш да направиш сега?
-Ништо.Што да се правиш.Можеби ќе одам на кафе со Филип.Но,сега знам дека јас и тој сме завршена тема.Без чувства или со чувства.Ова е реалноста,не може човек да се крие во своите соништа. Понекогаш сам си крив што светот добива сива нијанса наместо посакуваната боја...
И повторно се губам во сончевите зраци,во птиците кои немарно прелетуваат,во луѓето кои се тука во близина,во тие очи кои ги носам во потсвеста и таа негова совршено искована насмевка која носи бура на емоции.И на крај во Сања...
Гледам во синото небо,во чувствата кои се мешаат,во телефонот кој ѕвони и чиј број веднаш го препознавам.И додека треперам несигруно се јавувам.
-Ало?
-Не си заминувај повеќе.-Го слушам неговиот несигурен глас,а низ лицето ми течат солзи.Има нешто во гласот во што ме тера да се вратам назад и да ги оставам сите несигурности назад.
-Нема...-Одговарам низ солзи и гледам во црвените рози кои никогаш не ми биле поубави...

Thursday, October 17, 2013

Црвената боја на љубовта

Да ти кажам искрено,сеедно ми е веќе што си мисли сега тој за мене.Еее,помина тоа време кога чукав глава во ѕид за него, кога тој беше централна личност во моите приказни и во мојот живот.Помина и тоа време кога едноставно сакав да биде тој покрај мене,да го слушнам како ми раскажува приказни за неговиот живот,да го слушам како се смее и како ми ги брише солзите.
Времето легува се,па и таа навидум неизлечива болка која ја создаде кај мене. Малку по малку светот ги добива своите бои,се  брише тоа чувство на рамнодушност, сакаш да дознаеш повеќе од светот. И полека го бришеш него од животот,од срцето,па дури и од сопствените спомени без разлика што тие некогаш ти биле најомилените.
Доаѓа ден кога ќе погледнеш во небото и ќе го видиш неговото вистинско лице како лицемерен дечко чии лаги редовно се простуваа само затоа што си го сакала. И тоа оддалечување од тебе,без никакви зборови,па дури ни некој лошо смислен изговор.Само тишина и студенило во очите кои некогаш ми беа се.
Како што минуваат деновите, го сакаш се повеќе светот што те опкружува и од кој си се криел затоа што си се чувствувал загубено. Има моменти на слабост кога сакаш само да го погледнеш во очи и да заборавиш на се, но не дозволуваш тоа да се случи. Продолжуваш напред со крената глава и се смееш иако чувствуваш понекогаш како болката се шири низ целото твое тело. Но,го бришеш солзите и продолжуваш. Ставаш точка на приказната и го пишуваш нејзиниот крај без можности за продолжетоци. И по извесно време запознаваш некој толку различен од него. Тој ја враќа секоја боја на виножитото на свое место,те тера да веруваш во убавините на светот, да ја видиш убавината на капките дожд. Се смееш искрено и забораваш на болката.Продолжуваш напред и повеќе не му обрнуваш внимание на оној стариот. Па,дури и кога ќе се сретнете ја  вртиш главата како да не го познаваш,затоа што и тој секогаш го правел истото.
Се ослободуваш од сите озборувања,прашални погледи,од сета болка која некогаш си ја чувала во себе.Едноставно се губиш во таа искрена насмевка и тие сафирно сини очи кои ти нудат утеха и го менуваат целосно твојот свет. Знаеш едноставно дека во неговата насмевка започнува и завршува целиот свет за тебе...И го боиш целиот свет во твојата омилена боја.Бојата на љубовта и страста.Црвената...

Wednesday, October 16, 2013

Човекот кој ме научи што е љубов

Сопствената тишина се претопува со музиката која ечи во звучниците и со солзите кои онака немарно се слеваат по образите. Се губиш за миг во сите приказни, во времето, во љубовта која избива од секој стих, од она што можело да биде, а судбината го скратила затоа што едноставно така и се присакало. И мразиш што болкава се губи во твоето грло, го мразиш и фактот што тој едноставно е заминат толку рано, што една ѕвезда сега свети јако на небото наместо да ја шири љубовта на земјата. Но, најмногу мразиш што животот е едноставно суров, што солзите се борат со реалноста и со фактот дека уште еднаш докажуваш дека си немоќен против судбината. Ги пушташ неговите песни, се губиш во сите тие искрени зборови кои и по толку години сеуште го имаат истото влијание врз мене. А солзите едноставно те потсетуваат на датумот, на тој немилосен пат кој се губи со светлината на неговите очи и искреноста на тоа срце.
За миг се губиш во „Морска ѕвезда“, во „Игрите без граници“ кои моментално ја губат својата смисла, во „Тајно моја“ која е некаде далеку, најверојатно некои „1200 милји“ од мене...И повторно солзите кои се неизбежен дел од целава приказна, од тагава која полека го гризе срцево,од немоќта да се направи нешто повеќе.Не можеш ни повеќе да ги бришеш солзите,само сакаш да се загубиш во тие совршени предели од песните,во тој ангелски глас,во песните кои се само молекула од неговата душа и се што ни остана.Не си свесен ни како поминале толку години,сеуште се чувствуваш како вчера,како срцето секој ден се стега под ледената вистина за тоа што некогаш било.
Сакаш да дадеш се што имаш да се врати Тоше,да се слушне уште еднаш тој ангелски глас во живо, да се претопиш во тоа ѕвездено небо, во тој божествен глас,во насмевката и хуманоста која го правеше Тоше ЕДИНСТВЕН.
И дождов кој се меша со солзиве...Одговара и времево на расположението,на тагава и болкава кои се претопуваат во ситните капки дожд и градат една совршена симфонија од сите омилени песни кои се од него.Чувствуваш како реалноста ти бега од рацете како зрнца песок. И на крај само песни и недовршена љубов... 
Во солзите кои се неизбежен дел од денот, трагата што ја остави на нас неговото заминување.И денес ќе кажам како што сум кажала многу пати: Тоше е нашата светлина,наша љубов,наша недоискажана болка,многу тага и без зборови за човек да може да опише колку многу загубил. Тоше беше ангел кој не научи што е љубов,искреност и хуманост. Не научи што значи да се има срце и да се сака цел свет без никакви барања само чиста искреност.
И денес кога светлината згаснува со капките дожд и болкава се претвора во едно виножито,се јавува само една мелодија која ечи во душава како немир и спокој истовремено...