Friday, October 25, 2013

Болка во очите

Да ти кажам искрено,многу пати во животот сум бил повреден,де од скршено срце,де од некоја луда тепачка.Знаеш веќе, досада глупости и завршуваш со крвава глава.
На првата болка од тепачка се сеќавам на онаа кога имав пет години и завршив со дупната глава бранејќи ја тогашната моја симпатија.Не знам од каде се најде каменот во рацете на мојот противник,но едноставно останав зашеметен од крвта која течеше на сите страни и стравот што го гледав во нејзините очи.Потоа се стана онака темно,голем дел од тоа го прескокнав во некоја несвесна или полусвесна состојба се додека не се најдов во болница и ми шиеја глава. Тогаш сакав да врискам,да плачам,но имаше нешто интересно кај сестрата што ме шиеше што едноставно не сакав да бидам повеќе малиот лигле во нејзините очи.И мислам тогаш се заљубив во сестрите како поим,иако реално не ми се допаѓаа инјекциите,ниту конците што ги добив на глава. Следното заљубување ми беше во маалската шмизла кога имав некои единаесет години.Знаеш,луди години,на сите им вртеа бубачки во глава па зошто и не на мене.Од денот кога ми ја скршија главата,повеќе не ја видов онаа мојата симпатија,искрено и сам ја заборавив од онаа болничка сестра во црна коса и сини очи.И знаете неволјите сами ме бараа,скршена рака,модринка на лицето,паѓања од точаци и не знам колку други глупости на кои не се сеќавам.Но,кога ја запознав мојата шмизличка решив да заборавам на сите тие лудости кои ми светеа во главата и да станам демек човек за неа. 
Таа беше едноставно како излезена од некој од детскине серии што ги гледаме.Долга руса коса исправена до совршенство,две зелени очиња кои блескаа на оној посебен начин како смарагдите што тато и ги купи на мама за нивната петнаесетгодиншнина брак.Секогаш дотерана,со чудна смисла за музика,но секогаш во друштво со нејзините најдобри пријателки додека возеше велосипед или тротинет ексклузивно во розова боја.И боже,ја имаше таа најзаразна насмевка што едноставно посакував да украдам нешто од накитот на мама и да и го подарам да ме засака.Добро е што не отидов дотаму,затоа што не само што таа не вредеше до толку,туку и дома ќе ме чекаше еден солиден „ќутек“ што ќе ми беше срам да излезам неколку недели од дома.
Не знам точно кога прв пат разговарав со неа,знам дек за прв пат во животот дткав и дека сите во маало ми се смееја небаре сум мало дете кое не се разбира од ништо.Па,дури и таа.Ја проголтав гордоста и заминав, чувствувајќи како нешто во градиве се крши.Подоцна разбрав дека тоа го викале скршено срце. Наместо тоа се посветив на кошарката,на долги и напорни тренинзи,целосно заборавајќи на тие чудни суштества како девојките.Или не целосно,запознавајќи се со Анџелина Џоли,Бритни Спирс,Чарлиз Терон и сите оние девојки кои ме излудуваа.Сакав и јас да завршам еден ден во НБА,да ги имам сите риби да се вртат по мене а јас едноставно како фраер да си ги менувам секојдневно.Ееее,детски желби.
Првото срце што го скршив беше на мојата прва девојка,згодна и висока бринета на четиринаесет години.Не е дека не ми се допаѓаше,но едноставно ми здосади да имам некој покрај мене на кого ќе треба да давам објаснувања и да слушам за тоа како сака таа да оди на шопинг и зошто розевата боја повеќе не е во мода. И тогаш ме етикетираа демек сум фраер без срце,што реално ми одговараше. На петнаесет години почнав да пушам поради две причини.Една,да се направам кул пред друштвото и пред сите тие девојки и нивното отворено пуштање.Втората,да заборавам на кавгите на моите дома и да смирам живци.Ако претходно не верував во љубов сега беше докажано.Не планирав да се заљубам во некој кој подоцна може така лесно да ти го искрши срцето и да те натера се да фрлиш по ѓаволите.Не бев баш најредовниот ученик во училиште,се тепав за ситници,затоа што некој ќе ме погледнел накриво или си јадев ќотек затоа што  им се пуштав отворено на девојките кои беа зафатени пред нивните дечковци.И не ми беше грижа за физичката болка,таа можев да ја поднесам,но таа емоционалната полека ме претвораше во деструктивна личност. Го мразев целиот свет и чувствував дека цел свет ме мрази мене.Добро,си имаше добри моменти кога ќе ги менував девојките онака од навика,не дозволувајќи да почувствувам нешто повеќе.Гајле ми беше за етикетите што ми беа залепени,за кретенот што сум бил,за срцето што сум го немал.А посебно кога моите се разведоа,само сакав да заборавам на се и да потонам во алкохолот и цигарите.Тоа резултираше до загриженост кај професорите и викање на родителите,моја незаинтересираност за се и на крај етикета на нестабилна личност која мора да посетува психолог.Се беше во ред кај мене,но не сакав да излезам во светот на реалноста кога сите се потрудија да го видам светот во тоа ужасно светло.
Не знам кога точно се вратив во нормала.Сеансите со психологот стануваа подобри од оние првите,кога не зборував ништо само зјапав низ прозорецот или си играв со неговите перници,безобразно зјапајќи во неговата диплома и сликите од семејството и таа згодна ќерка што ја имаше.Но,запознавање на неа промени и тоа колку многу кај мене.За прв пат дозволив на некоја девојка да ми го смени мојот живот,да ме натера да почувствувам нешто што претходно беше само дел од некаква реклама или некој заборавен дел од детството.За прв пат дозволив да се заљубам,иако реално гледано таа немаше ништо од тоа што го барав. Слаба,висока девојка без посебен изглед и углед,не се истакнуваше по ништо посебно освен со тие сафирно сини очи кои кога ќе ги погледнав едноставно летав на други патишта. Едноставно,ги имаше најубавите очи кои ме потсетуваа на слободата и љубовта,чувства кои мислев дека не постојат во реалноста.Се обидев да се борам против себе,но таа беше посилна од тоа.Ми годеше нејзината ароганција и тоа што не сакаше да слушне за мене,што беше таков предизвик.И се заљубив во неа како луд,иако не знам ни кога станав свесен за тоа.Мислам дека се случи од првиот ден кога ја видов.За прв пат можев да се изборам против моите демони и да сакам.И ја сакав искрено,таа се заљуби во мене онака наивно што уште повеќе ја правеше единствена.Кај никого немав видено таква безусловна љубов во нечии очи.Сонував за рози,за романтики,за прошетки под дождот,за сите оние романтични работи кои претходно ги презирав.Сакав да верувам дека можеби има надеж за светот,дека можеби не е се така како што изгледа.Го сакав поминатото време со неа,таа несреденост и убавина која ја носеше во нејзиното срце,таа искреност и желба да му помогне на светот.Го сакав нејзиниот парфем на ванила,тие нежни сини очи,страствените и долги бакнежи,преплетените прсти.Ја сакав неа во сите нејзини варојанти,кога и беше досадно ќе играше со косата,кога беше лута усната и трепереше а кога беше тажна нервозно ја гризеше усната.Таа беше првата личност која ја познавав повеќе од самиот себе и го сакав тој факт.
Но,повторно надвладеа нешто кај мене и ја пратив и неа по ѓаволите.Знам дека не сакав да ја повредам,не сакав да ја вмешам уште повеќе во светот на пропаста што јас го преставував.Мислев дека е подобро да се откажам од неа порано,да знае какво ѓубре сум пред да биде премногу повредена. Не очекував дека ќе сакам да изчезнам засекогаш кога ќе ги видам солзите од тие мои омилени очиња како го квасат тоа порцеланско лице.Ми се стегаше срцето,желудникот ми се превртуваше и мислам дека тоа беше моментот кога најмногу се мразев себеси и кретенот што бев станал.Сакав да променам нешто,да можам да ја вратам,но болката можев да ја преточам само во физичка,во борби со ѕидот,со неколку опасни типови и неколку скршени ребра,заби и доста посети на болниците. Ништо не ме болеше како нејзините очи,да се собере целата болка на светот мислам немаше да биде доволна со моментот кога таа замина од мене по моја вина.Сериозно,сета болка која некогаш сум ја чувствувал беше помала во споредба со тоа кршење на срцето,нејзините солзи и мојата глупавост во еден пакет.Никогаш не се мразев повеќе од тој ден и никогаш не сакав да изчезнав од светот како тогаш.
Само ги затворив очите и решив да тргнам еден чекор напред.Ниту физичката болка повеќе не ја лечеше емоционалната,само пропаѓав во тој ендек кој водеше до смртта а не бев ни свесен.И тогаш и кажав дека ја сакам и не можам без неа.Решив да ризикувам и да станам оној што таа го заслужуваше.Од тој ден се променив многу,за прв пат некој веруваше безгранично во мене,за прв пат се почувстувував како дете во нејзината прегратка кога плачев затоа што олеснувањето беше преголемо.Мислам дека од тој ден сонцето изгреа за мене.Кога ќе ги затворев очите таа секогаш беше тука со мене.А тоа беше повредно од се.
Еве ме денес,со неа,мојата најголема љубов,со мало детенце кое едноставно се радува на светот што го опкружува и сака да го испитува.Кога ќе ја видам сликата на тој семеен човек што сум станал се чудам каде отиде пропалицата. Сфаќам дека бев среќен што ја запознав неа,моето изгрејсонце и зајдисонце,мојата љубов и моите очи со бојата на морето.Од тој ден постојам и јас,од тој ден изчезна болката и деструктивноста.Повеќе кога ќе видам сонце,не гледам темни облаци туку љубов.И тогаш само сакам да ја прегрнам и да и кажам колку ја сакам.И колку светот е мал и незначаен без неа...

No comments:

Post a Comment