Saturday, November 9, 2013

Подобро е вака... :/

Седам на дрвената клупа која е веќе одамна скршена и никогаш не им текнало да ја заменат,но мислам подобро е вака. Ги затворам очите во обид да се сконцентрирам на зборовите кои ги научив напамет, но кога ги отворам повторно се сконцентрирам на една далечна точка и со мислите пловам некаде далеку.Повторно мислам на неа, чувствувам како во очите ми навираат солзи како непишано правило,иако не знам дали е тоа од таа празнина што ја чувствувам во градите,од листот хартија кој лежи свиткан во мојот ранец или од загаденоста на воздухот... Да не лажам,знам совршено што ми е. И се чувствувам како ништо да нема смисла повеќе. Како светот да ги загуби сите бои за само неколку секунди. Барем онаа скормна палета на по што ми остана од денот кога ја изгубив неа. Длабоко воздивнувам,чувствувајќи го студениот ветар како ми ги штипе образите,губејќи се во некои времиња кои носат барем малку топлина во телово.Ја гризам немарно устата, знак дека сум нервозен. По ѓаволите! Ги тријам рацете и станувам додека гледам во неа како се приближува кон мене,сериозна како што ја немам видено долго време. Сакам да и викам Насмеј се ,но немам ниту сила ниту храброст. Денешните вести ми се чини ја одземаа и последната нишка која ме држеше со реалноста и надежта дека светот може да биде повеќе од едно затапено место со помешани вредности.
И срцето повторно прескокнува неколку биења,иако не сум веднаш свесен. Го има истото дејство врз мене како секогаш. Сакам само да се фрлам во нејзина прегратка, да го почувствувам нејзиното тело до моето,да потонам со таа мешавина на парфем и шампон што ја прави неа единствена и да и кажам дека ја сакам. Да се отгрнам од демек оваа добро одглумена рамнодушност и да ги пуштам солзите кои ги чувам во мене долго време. Но,едно ладно Здраво излегува од мојата уста пред да сфатам.
-Здраво...-Ме гледа ладно и со скрстени раце. Нервозно ги крши прстите и мисли дека не забележувам,но ја познавам подобро од самиот себе. - Што сакаш Стефан?
-Јас...- Длабоко подголтнувам и го заборавам целиот мој спремен говор. Зошто е толку лесно да се загубам во тој поглед па дури и сега,иако е остр и преполн со обвинување и болка? И се мразам што сум кретен што не знае да се однесува кон неа како што заслужува. - Не знам. - Слегнувам со рамениците како тоа што сум ја викнал да е наједоставното нешто на светот.
-Што ти е на тебе? -Гледа бесно во мене и нервозно ја гризе усната. -Не,поточно што ми е на мене. Дојдов штом ми пиша затоа што мислев дека имаш нешто важно да ми кажам. Сериозно,не знам како можев да заборавам кој си ти и да мислам дека еднаш во животот ќе се смениш.
-Имаш право. Не требаше да ти пишам...
-Не,не требаше. И јас не требаше воопшто да ја отворам. Треба да го избришам твојот број и да заборавам на тебе.
-Зошто не го направиш тоа?- Гледам збунето во неа,чувствувајќи како во мене се руши целиот свет. Како да и кажам дека ја сакам кога знам дека немам повеќе што да и понудам!?Кога во мислите ми се меша оној извод кој го кријам во ташната и кој кажува дека имам рак...!?
-Затоа што... Затоа што и покрај тоа што си олкав  глупак... Те сакам. - Воздивнува длабоко,ги затвора очите и кога ги отвора гледа во мене очекувајќи некаква реакција. Се обидувам да бидам ладен,иако крвта ми врие. По ѓаволите со животот! Вилицата ми трепери,но знам дека таа не забележува. 
- Не треба да ме сакаш.
-Знам. Мислиш не знам? Мислиш не ми е тоа врежано во главата? Јас... Јас се чувствувам загубено без тебе. Срцево ми е скршено,плачам кај ќе стигнам,се ме потсеќа на тебе. Не знам повеќе што ми е. Те мразам што ме правиш да се чувствувам вака, што не можам да се сконцентрирам на еден проклет колоквиум,што едноставно ништо не е исто. Го сакам мојот пријател, те сакам тебе. По ѓаволите,не гледај само така во мене како да сум полудела... - Низ лицето и течат солзи пред таа да сфати и да ги избрише. Сакам да станам да ги избришам,да ја гушнам,но... Повторно стои животот како гавран над главава и ме предупредува дека нема иднина за мене. Не можам да и кажам што чувствувам за неа,кога не знам дали ќе има утре за мене. Вака ќе се научи да живее без мене, дека светот може да биде суров.
-Не знам што да ти кажам.-Гласот ми е ладен и ја мразам таа демек хируршка ладнокрвност која ја чувствувам во него.
-Зошто ме викна овде? Што сакаш?- Длабоко воздивнува и ги брише солзите. За миг ми се чини заборава на претходните зборови и гледа во мене како да сака да и кажам... Да и кажам дека ја сакам. И ја сакам,го сакам тоа повеќе од се,но срцево е уморна и нема храброст за повеќе борба.
-Ништо. Не е повеќе важно.- Гледам во патиките,немам сила да ја погледнам во очи.
-Чао тогаш.Нема време да губам со твои сцени на не знам што...- Со неверување мавта со главата и гледа огорчено во мене. И ја обвинувам,го има цело право на светот да ме мрази. И самиот се мразам себеси.
Гледам како заминува со бавни чекори,знам дека плаче,лесно можам да препознаам.
-Чекај!- Гласот е побрз од мозокот повторно.
Збунето се врти и гледа збунето во мене,бришејќи ги набрзина солзите.
-Кажи?- Се враќа неколку чекори назад и гледам надеж во нејзините очи.
-Сакав да ти ја дадам сликава...- И подавам слика од нас на матурата. Планирав да и ја дадам пред некој ден,но по сето тоа што испадна...
-Оди по ѓаволите!- Ја кине сликата пред мене и бесно ме гледа. И со парчињата кои паѓаат на земјата,се руши и целата илузија што сум ја имал некогаш. Ја сакам,јасно е како ден. И затоа морам да ја пуштам да си оди.
Ги вадам цигарите од џебот и ги фрлам во кантата за ѓубре. Сега кога е далеку не морам да глумам силен фраер. Ги пуштам солзите да се слеваат низ образите,со сета болка и љубов која ја пече душава и ми оневозможува да дишам. Некој болен крик се јавува од грлото и чувствувам како ме боли главата и целото тело.
Го мразам животот,ги мразам сите приказни,мразам што нема да бидам тука долго време. Мразам што нема да и кажам дека ја сакам. Но,подобро е вака да бидеме на дистанца,да биде среќна без мене. Затоа што сакам да се смее,сакам да игра,да ужива. Сакам да биде онаа старата и кога мене ќе ме нема. Па колку и од самата помисла да ми го кине срцето,сакам да најде некој што ќе ја сака искрено. Ги затворам очите,вдишувам длабоко и се обидувам да се соземам. Седнувам на клупата и ја држам главата во дланките. Изморен сум од се... И меѓу гледањето на темните облаци и чувствата кои сакам да изчезнат,сфаќам се што сум требало да знам некогаш.Работи кои веќе нема да ми бидат од корист. Едно сум сигурен, подобро е вака. Само не знам за кого...

No comments:

Post a Comment