Wednesday, November 6, 2013

Но,мислам што знам јас!?

Ќе застанам на жешкиот асфалт со главата свртена кон сонцето,онака за инает додека ги носам новите наочари и ќе се обидам да ги скријам солзите кои ги чувствувам на врвот на трепките. Па и да ме види некој,за прв пат нема да ми биде гајле. Ќе ги раширам рацете онака изморено кон небото, чувствувајќи се поразено во тој момент. И искрено ќе ми биде гајле. Не знам од каде точно потекнува рамнодушноста,како да сум некој нов измислен лик излезен од страниците на Алберт Ками, можеби сме биле другари со Мерсо. Само за момент чувствувам како поминува животот и сите попатни станици на кои не сакам да застанам. 
Ги затворам очите и едноставно се губам во оваа стаклена кутија наречена живот која толку лесно може да се искрши со еден удар. Заборавам на сите проблеми и се чувствувам претопена со светлината која допира чинам од некоја друга димензија. Посакувам во тој момент да се вратам во детството,да не знам толку многу работи кои не знам дали те уништуваат и прават слаб или едноставно ти го перат мозокот а ти свесно се прилекуваш кон нив. Сакам да ја имам таа детска наивност дека ништо нема да се промени и дека светот може да биде таа розова бајка во која доброто секогаш го победува злото. 
Да ти кажам сакам многу работи, некои кои сум ги имала и сега се дел од едно минато, некои кои можеби и никогаш нема да дојдат. И се чудам искрено како ја собира сета таа тага,нервоза,болка во ова скршено срце. Колку може да биде големо едно срце за да претпре толку многу? 
Се менуваат годишните времиња и ги чувствувам капките дожд како го милуваат моето изморено лице кое гледа бледо во далечните,во некоја непозната точка. Го чувствувам мирисот на есента, мирисот на костени и ајвар, на дожд, есенски романтики и лисјата кои моментално се смачкани под моите патики.
И моментално посакувам да ги нема спомениве, да не лажам дека не ми недостасуваш и не чувствувам ништо повеќе туку те мразам. Велат мала е границата помеѓу љубовта и омразата но свесна сум дека не е омраза. Сакам да се сконцентрирам на поважни работи,но мозокот упорно бара некои детали што не треба да ги памети,начинот на кој неговата насмевка едноставно ги бришеше сите проблеми,како очите сјаеја на тој поинаков начин...
Не,не и не!!! 
Тоа е минато,време е за сегашноста,за дождов кој се лие низ моите образи и кој го чувствувам како освежување. Сакам вино во ракава, камин и некоја добра фудбалска утакмица затоа што немам време да гледам како човек. Сакам време да напишам некој добар текст или да прочитам книга, време да можам да налакирам нокти и да изгледам некој филм... Сакам да не постојат разочарувања и скршени срца, да не постојат негативни работи и разделби кои само го кршат и ова онака скршено срце. Сакам да ги спакувам куферите и да заминам некаде далеку каде што сонцето грее на оној вистински начин. Сакам солзите да престанат да течат низ образите и да се мешаат со капкиве дожд. Сакам да ги затворам очите и да изчезнат сите проблеми и недоумици.
Но,еј можеби најпосле и многу сакам. Можеби ова е судбината,кармата какво име сакате дадете му на животот. Можеби разочарувањата и разделбите се составен дел од срцево и од оваа болка која не испарува како дождот од улиците кога ќе изгрее сонцето. Но,мислам што знам јас!?

No comments:

Post a Comment