Wednesday, November 13, 2013

Се извинувам!?

Хм,се извинувам... Извинете,ме слушате!? Ееееј... Може да добијам некаков одговор? Добро,никој не ме слуша? Сериозно? Човек се наоѓа во банка каде што треба да биде услужен и никој не ме слуша? Па каков е овој систем? Ееееј,луѓе постојам. - Мавтам со рацете во обид да добијам било каква реакција од жената која седи пред компјутерот, очила со црна рамка, штотуку фенирана и шатирана коса,излупен лак од кратките нокти. Погледот и фиксно насочен кон компјутерот и портокаловата уплатница (како што можам да забележам) и не покажува никаков интерес дека има некој во непосредна близина на кого му е потребно нешто. Е,па одбивам да бидам дискриминирана! А луѓево? Мислам, сериозно на никого не му прави некој да прави сцена во банка? Мене сигурно би ми пречело да сум на нивно место. Но,ееееј сакам да бидам слушната! Зошто сите ме игнорираат?
Чекам така некои добри петнаесет минути и откако не добивам никаков одговор, ја грабам црната чанта ја префрлам преку рамо и излегувам од банката гласно лупајќи ја вратата. Да видиме дали ова ќе се слушне! 
Одам по тротоарот кој е преполн со возила што морам повремено (ако не постојано) да се спуштам на коловозот,но се чини никој не забележува. Ги забележувам и отсутните погледи на лицата на луѓето,сите насочени пред себе, збунети и речиси тажни. Изненадено ги поткревам веѓите и збунето гледам наоколу. Еден човек шлапнува во вир,но се чини дека тоа воопшто не му пречи туку продолжува напред со поглед насочен во некоја точка која реално не можам да ја доловам. На една жена и паѓа јаболко од наполнетите торби со овошје,зеленчук и којзнае какви дрангулии кои се од здрав и „нездрав“ карактер. Го земам јаболкото и викам по неа,но не се врти. Се доближувам до неа и ја удирам по рамото надевајќи се дека ќе се сврти. Жената збунето се врти и гледа низ мене,слегнува со рамениците и продолжува напред. 
Е,добро де! Сериозно,луѓе цел ден ќе ме игнорирате како да не постојам!? Нервозно ги скрстувам рацете и бесно гледам околу себе,обидувајќи се да ја смирам нервозата. Но,повторно никој не обрнува внимание на мене. Ги чувствувам капките дожд кој оддеднаш се лепат на мојата кожа и превртувам со очите. Сериозно,може денов да стане полош? Брзам во обид да се засолнам под автобуската постојка,но таму е преполно и се обидувам да застанам иако само успевам да наврнам до коска. Е,добро де веќе. Ги чувствувам солзите во очите и некоја кнедла во грлото која не ми дава мир. Се обидувам да се разбудам одо овој сон,но очигледно е дека не спијам,туку се наоѓам во некој забегана реалност.
И тогаш се појавува тој... Срцето повторно ги добива тие чудни бранувања и желби и низ лицето ми се разлева некоја насмевка. Застанува до мене и задоволно се смее иако не сфаќам дали гледа во мене или низ мене. Се вртам и ја гледам згодната плавуша позади мене. Добро... Разочарано решавам да одам пешки до Рекорд,иако и тоа практично истура. Ми се допаѓа ова,кога времето скроз одговара со моево расположение кое денес е на најниско можно ниво. А и срцево ме стега,па не знам дали се тоа почетни значи за срцев удар или скршено срце. Шмркнувам и незадоволно продолжувам напред,во тоа виножито од чадори на Улица Македонија која искрено никогаш не ми изгледала подепресивна. Сакам да испијам некое кафе со некој што ќе ме ислуша,но моментално знам дека правецот ми е само дома да се пресоблечам. И да ја проверам реалноста или можеби сум во некој лошо снимен филм каде што светот отидол преку граница на нормалноста (мислам,подалеку од оваа нормалност што ја имаме.)
Трчам по автобусот и нормално попат ме тушира еден автомобил чиј шофер воопшто не реагира на бројните пцовки упатени до негово име. Мислам,по ѓаволите! Е,така е кога ја предизвикуваш кармата.
Се качувам на горниот кат и фала богу барем наоѓам доста празни седишта. Седнувам до Даниел,мојата некогашна симпатија и нешто чудно на поздрав излегува од неговата уста. Конечно,некој да сфати дека постојам! Сврзува неколку реченици,но утеха е да сфатиш дека некој забележува дека постоиш во овој тмурен ден. Надвор сеуште истура,така да настинката не ми бега...
Длабоко воздивнувам и започнувам со долг монолог за тоа како сум:
„Е па добро колку што се може. Мислам со фaкултетов што да очекуваш...Илјада обврски,колоквиуми,глупости,трчања лево-десно,нервирања за глупости. Не знаеш, онака досада но не од онаа добра летна досада кога можеш да прочиташ некоја книга или да се релаксираш покрај плажа(ееех,одмор како ми фали)... Но,оваа досада е од оние лошите,кога немаш време ниту да излезеш како човек,но не излегување обично,туку она да се отпуштиш и да заборавиш,да облечеш штикла 15 и да се нашминкаш како што треба. Добро,немам време ни нокти да налакирам како што треба. Знаеш дека не лакирам баш нокти,но немам ни време. А за гледање филмови или нешто друго... Е,тоа ти е друга приказна. Па и денес,се чини никој не ме слуша. Бев во банка да земам уплатница да уплатам за потврда за редовен студент,но никој не ми обрнува внимание.Како да не постојам. Па и оној дечконо што ти кажував дека ми се свиѓа и тој едноставно ме игнорира.Ниту едно здраво не знаеше да каже.А да не заборавам дека скенираше една згодна плавуша. Не се жалам за изглед,не ме гледај така чудно. И знам дека многу зборувам и не можам да прекинам,но човек не знаеш како е да си невидлив...“
-Да,да...Ајде ќе се видиме.-Го гаси мобилниот и задоволно се смешка гледајќи пред себе.Штоооо?
„Ееееј,ме слушаш ли? Даниел?“-Пукам со прстите но не ме гледа.Длабоко воздинувам и се чувствувам буквално за никаде. Ниту шаренилото на есента не помага да се разведрам. „Човек,сериозно на која планета си?Ме слушаш? Нормално дека не. Мислам сериозно,денес да не сте се разбудиле сите глуви? Е добро де,ќе ме слушне некој? Луѓееее и јас постојам.Ајде,нема врска и онака. Ќе земам нечиј чадор и ќе одлетам како Мери Попинс подалеку од Земјата. Сериозни сте? Ниту еден од вас не реагира!? Е,добро чао плането!“

No comments:

Post a Comment