Wednesday, January 29, 2014

Господар на зборовите

Белиот лист хартија стоеше на работната маса очекувајќи да добие некоја нова форма или да заврши изгужвано во купот на свиткани хартии кои се наоѓаа во корпата и надвор од неа. До собата допираше џез музика, не можеше да сфати од каде. Ги затвори очите и немарно ги протри, решен овојпат да избега на уморот кој незадоволно му ги затвораше очните капаци и онеспособуваше мозочните клетки да почнат да работат со она нивно препознатилово ниво. Се обиде да се освежи и да го почувствува воздухот од отворениот прозорец, но до него не допираше ништо. И онака надвор беше една обична жега, луѓето беа засолнети со нивните совршени куќи и животи, во изградената хармонија што го посетуваше на една лошо напишана книга во која дејството не постоеше. Ги искцрка прстите, го пушти Гоко да се прошета малку низ собата, претходно предупредувајќи го да не избега некаде далеку. Замислено гледаше во неговото ситно телце кое мрзливо се протегаше по неговата маса и како по обичај запре до мастилото како да можеше да допре до неговата преисушена инспирација. Чудно, како еден гуштер да може да знае нешто повеќе од својот гуштерски живот. Но и онака луѓето не знаеја ништо за сопствениот живот, па зошто би го изненадило и ова. Гледаше во црно-белите шари на неговото тело и размислуваше за хипнозата и тоа колку лесно може да се изгуби во некој си навидум свој имагинарен свет само гледајќи во ова чудно суштество кое никогаш не го напушташе. 
Ја протресе глава, станувајќи свесен дека малку почна да забегува а тие зборови кои останаа заглавени во тоа мочуриште од негови сеќавања не сакаа да се впишат на белото и сеуште нечепнато парче хартија. Еден збор, после можеби подобро ќе оди. Или ќе заврши со своите другари... Посакуваше да може да ја има во раце судбината на човекот, да застане онака бунтовно очи во очи со чудовиштето што ја исцрпуваше енергијата од неговите пори навидум наивно и без желба. Каде да ја пронајде сопствената душа? Каде беше скриена во таа полица на дрангулии кои се простираа во една далечна фантазија која не можеше а ја дешифрира!? Човек, девојка, една колиба, едно лице со извештачена насмевка... А еве го него, заробен во оваа соба немарно бушавејќи ја косата и играјќи со пенкалото обидувајќи се да добие барем една рунда со овој проклетник кој не му даваше мир и задоволно му ја стегаше душата од забава. Беше само една статуетка од многуте што онака дремеа и не се обидуваа да се помрднат покрај полицата. Го бараше сонцето да ја осветли оваа неговата бледа кожа и да донесе нешто ново, да ја разбуди оваа затапеност која не ја препознаваше. Или дожд... Било што само не ова стегнато срце кое не разбираше ништо повеќе од солзи и немир. Воздивна, чудејќи каде се загуби воздивот во собата. Гоко сега љубопитно зјапаше во својот господар со своите црни големи очиња како да сакаше да му преточи нешто од својот живот. Го исплази јазикот, а господарот се насмевна и нежно го помилува. Тоа беше тоа! Се врати назад во играта и избега од полето со ржта каде што демоните го бркаа во секој чекор. 
Напиша Метаморфозата на Кловнот и се загуби во сопствените мисли и сеќавања. И сето тоа исплива од една бура од спомени која реално не знаеше од која димензија доаѓа. Но, еве го повторно беше Господар на зборовите. Листот се полнеше со зборовите а една победничка насмевка и занесен ум светкаа во собата како пронаоѓање на долгозагубената тишина.... А Гоко се врати во својот кафез и задоволно се испружи уживајќи во попладневното сонце. И секој си го доби посакуваното. Барем овој ден...

No comments:

Post a Comment