Thursday, January 16, 2014

Една насмевка ве молам!?

-Едно кило прегратки ќе ве замолам?
-Молам? - Продавачката ја подига збунето веѓата и престанува да ги грицка црвените нокти. Гледа фрапирано во мене, како да сум најнижото битие на планетава, кога го трга погледот од романчето што го чита на некои мали паузи како оваа.
-Едно кило прегратки, ве молам. Потоа, две кила насмевки и пола кило бакнежи... -Одговарам сериозно и немарно преминувам со раката низ косата. Се чувствувам прилично ослабено и знам дека не сум повеќе оној што мислеше дека светот може да го зграпчи во прегратка. Напротив, последниве месеци прилично доста се променив. 
-Сериозен си? - Збунето го бара мобилниот во џебот, за во случај јас да сум некој лудак кој можеби планира да ја ограби. 
-Прилично да.- Одговарам сериозно, не сфаќајќи зошто луѓето гледаат закана во човек кој само бара малку среќа,насмевка и љубов да му подели на светот. Ги забележувам погледите на луѓето кои пазаруваат, насочени кон мене, сите ме одбегнуваат како да сум заразен. Чудно е кога еден ден се наоѓаш на врвот а потоа ненајдено паѓаш на дното каде што те пречекува само осуда. 
-Извинете, но не продаваме тоа. - Ми одговара делумно сериозно, иако во очите и ја забележувам таа смеа како да сака да ми покаже дека нешто очигледно ми фали.
-Во ред, благодарам.- Кимнувам со главата и излегувам бавно од продавницата, чувствувајќи се слаб.
 На себе ги чувствувам обвинувачките погледи и погледите на сожалување, тоа задоволство што не се на мое место, на овој бездоник кој не знае каде му е местото па решил малку да се прошета во нивните мали суредени животи и да се помеша со нив. Подголтнувам, чувствувајќи ја горчината во грлото и солзите во очите. Којзнае дали ќе го најдам што го барам. Го забележувам својот одраз на излогот од продавницата кога излегувам надвор и се борам гладно за воздухот затоа што оддеднаш се гушам. 
Не сум повеќе оној истиот, сега сум заменет со некој странец, со темна и неуредна брада, мрсна коса, две захгубени сини очи, валкано лице, облечен во еден изветен црн мантил кој го добив за подарок пред некои два месеца кога сеуште бев во она мое старо расположение. Кога сеуште мислев дека ѕвездите ми се сојузници. Чевлите се пред распаѓање, но барем можам да ги користам уште некое време, фармерките не ги ни препознавам. Но, самиот јас сум најголемо изненадување. Сум станал непрепознатлив костур, прилично доста сум ослабнат и ја забележувам сопствената безживотност што ме плаши најмногу од се. Морам да го најдам потребното, пред целосно да згаснам.
Чекорам по улиците на градот, следен од погледи на гнасење и жалење, погледи на омраза кои ми создаваат само болка. Сега ми е јасно зошто мојот пријател Мерсо е рамнодушен кон светот, така нема шанси да биде повреден од студенилото на светот и осудите кои ме прогонуваат. Ова повеќе не сум јас, но добро е да се знае дека кога луѓето најмногу ти се потребни ги нема тука да ти помогнат. А некогаш, бев најпријатно друштво за сите луѓе... И во следната продавница што ја наоѓам зад аголот го нема потребното. Ги чувствувам солзите на врвот на клепките кога излегувам, овојпат речиси понижен од продавницата. Сонцето грее слабо, но неговите зраци ги чувствувам само како мраз на кожава кои полека ми го ладат срцето. Можеби ова е крајот за мене, после два месеца барање, повеќе ја немам мојата способност да им го подарам на луѓето тоа што им треба. Сега сум само уште една сенка, која си ја бара својата магија. Само што се чини дека мојава е засекогаш изгубена...
- Еве една прегратка чичко. - Едно малечко девојче трча кон мене и ги префрла малите рачиња околу моите раменици. Задоволно гледам во неа, чувствувајќи како една солза се одделува на лицето. Нејзината насмевка повторно ми го грее срцето. И повторно сум самиот јас.
-Еве кај си. -Нејзините родители излегуваат од продавницата каде што бев пред само некој миг и задоволно ја земаат во прегратка. -Се надевам не ви досадуваше господине?
-Не,никако. -Задоволно ја погалувам по главата и забележувам дека повторно сум истиот човек. Облечен сум во сиво сако и сиви панталони, сина кошула, косата ми е суредена, брадата ја нема, а очите сјајат на истиот начин. И намигнувам,како тоа да ќе биде само наша тајна.
Задоволно чекорам по улиците, додека луѓето задоволно ме поздравуваат, како да се среќни што ме гледаат. А јас се смеам во себе за моето враќање. Кога ќе го видам Мерсо, ќе му кажам се. А во меѓувреме,има многу луѓе што чекаат на мене. Морам да побрзам...


No comments:

Post a Comment