Wednesday, January 22, 2014

Сивата нијанса на светот

Автомобилот запре на црвеното светло. Искрено, не ни забележив веднаш, немарно гледав во црвените нокти, како на некој начин да се обидував да смислам било што да ја нарушам оваа претивка атмосфера која ми носеше само немир и солзи во очите. Ја забележувам стегнатата вилица и тоа рамномерно играње со прстите по воланот, нешта што ги прави несвесно кога е лут.
Некој тропа на прозорецот и отсутно го трга погледот од пред себе. На лицето му се појавува една тажна насмевка додека гледа во малото дете кое му ги нуди балоните во најразлични бои. Прифаќа да купи еден и задоволно го погалува по главата како да сака да му подари некој вид на утеха.
-Зошто го направи тоа?- Збунето гледам во него, обидувајќи се да ги откријам емоциите на неговото лице затоа што е отворена приказна за мене иако никогаш нема да признае. 
-Што тоа?- На кратко ме погледнува збунето, а потоа се враќа на сообраќајот. Вози внимателно и сосредочено, една од карактеристиките што ги сакам кај него. Што е како мало дете, со тоа големо срце како да сака да го збере целиот свет и сета топлина во него.
-Знаеш, што го купи балонот...
-Мислев дека сакаш балон.- Ми одговара саркастично, а на лицето ја забележувам таа речиси незабележлива насмевка за останатиот свет, тие мали дупчиња кои ги обожавам.
-Сакам балони. -Му одговарам едноставно. - Но, кажи ми. Зошто го купи балонот?
-Затоа што му беа потребни пари. Затоа што... Затоа што нема за јадење и се обидува да преживее...
Неговите зборови носат некој чуден немир во автомобилот кој речиси можам да го напипам со врвот на прстите. Знам дека не сака да разговара за неговото минато, ниту јас сакам да допирам некои стари рани но посилно е прашањето од мојата волја да замолчам. Во некој друг момент би ми се насмеал кога би му го кажала ова и ми рекол- Типично женски!
-Зошто секогаш ќе почнеш некоја ваква тема и ќе се повлечеш назад!? Зошто во очите твои забележувам препознавање?! Како да се поистоветуваш со момчето? - Гледам во него, чувствувајќи ја кнедлата во грлото. Можеби и претерав, ако го земам во предвид немиров кој се јавува во градиве и ме преколнува да се повлечам назад.
-Затоа...- Воздивнува длабоко и за кратко погледнува во мене кога запира на семафорот.- Затоа што ме потсетува на мене. Во тие денови за кои не сакам да разговарам... Но, можеби и треба да започнам. Да се ослободам од тој терет што го носам на плеќиве и понекогаш ми се чини ќе ме кутне на земја. И да знаеш, баш добра тема одбра за во автомобил. 
-Ако сакаш може да почекаме до станот? Или ако не сакаш, не мораш да ми кажуваш...- Слегнувам со рамениците, свесна дека само сакам да го прегрнам и да заборави на болката што ја гледам во неговите сини очи.
-Не, во ред е. Мислам, долги години ме мачи сето ова и се плашам да ги искажам своите стравови на глас. Како сето тоа што се случило да ќе добие реална слика пред моиве очи. Знам дека е реално и тоа е смешното. Што после сето ова не можам да го прифатам тоа. Знаеш, кога имав четиринаесет години ги загубив родителите и ме пратија во дом. Баба ми  не сакаше да преземе грижа за мене, не заслужува да ја нарекувам ни баба реално. Во домот беше претешко, јас бев бунтовно дете не сакав да се помирам со судбината, сакав да израмнам некои сметки со животот. Често бев казнуван за моите глупости, дали со одземање на оброци, дали со ќотек... - Еден момент гласот му ја губи цврстината и му трепери, а јас само сакам да го прегрнам. - Избегав од таму и немав каде да одам. Знаеш, тешко е да си бездомник, особено ако си детиште кое си мислело дека знае се за животот. Само сакав да се прехранам, да го поминам денот и чистев автомобили, помагав во работилници повремено иако бев гледан онака накриво. Знаеш веќе, бездомник и детиште, па сето тоа дали се дрогирам, дали парите ми се за некои цигари или не знам што. Можеби... Се плашам да помислам што би било ако би посегнел по дрога затоа што реалноста беше и онака сурова.
-Еееј... - Тажно гледам во него, целосно несвесна за моите солзи. И јас после сум се бунела дека животот ми бил тежок...
-Во ред е. Сакам да разговарам за ова. Потребно ми е. - Кимнува тажно со главата и ми подарува еден поглед со одобрување. - Понекогаш размислував да одам на психолог и да разговарам за овие теми. Да заборавам на пропалицата која сеуште се чувствувам дека сум.
-Никогаш не си бил пропалица.- Одмавнувам со главата.
-Знам. Но, знаеш има моменти кога не знам дали го заслужувам светот. Дали те заслужувам тебе.
-И јас се прашувам истото. И одговорот е ДА. Затоа и те сакам, заради таа борбеност што ја носиш во себе.
-Не знам. Има онака моменти кога сум среќен. И овакви моменти кога ќе погледнам некое дете кое нема проживеано а се соочува со оваа болка. Знаеш веќе,  да седиш на дождот на улица, да не знаеш дали ќе имаш да се прехраниш денот, дали можеби некој ќе му текне да се спречка со тебе затоа што му личиш на некој си крадец. Само прекори и гадење во очите на сите... 
Кимнувам со главата, иако реално не знам како е да бидеш во негова кожа. Не знам ништо повеќе за светот, освен овие бои што ме опкружуваат. Не сум била во тоа сивило како него.
-Да не беше тој да ми помогнеше да станам и да стојам цврсто на нозе, никогаш не би бил овде. Којзнае каде би завршил. Можеби би се предал некој момент... - Ги забележувам солзите во неговите очи,но сеуште е сосредочен на патот.
-Никогаш не си ми кажал кој е тој?
-Не знам, го викаат Годо. Дојде кога ми беше најпотребно и ми ја даде потребната утеха и еден нов почеток. Сериозно, не знам ниту од каде ме најде, ми кажа само дека верува во мене. И тоа беше една новост за мене, после сета омраза и злоба што ја почувствував од светот некој да ми верува и да ми открие еден непознат свет за мене. Светот кој мислев нема да се врати...
-Мило ми е што има такви добри луѓе. Мило ми е што те имам тебе покрај мене. - Забележувам дека сме пред нашата зграда и дека срцето ми трепери.
-И мене ми е мило што те сретнав. -Ми се насмевнува, иако сега знам дека има толку болка во една насмевка. Ми ги брише солзите кои ја уништуваат шминката, но реално не ми е гајле. Само го прегрнувам и се чувствувам толку сигурна во една таква прегратка каде што ми се чини дека лежи целиот свет и целата љубов и добрина на светов. - Затоа ти го купив балнот, затоа што не сите бездомници можеш да ги ставиш во иста категорија. Има некои кои реално се трудат да останат чисти и да опстојат ден за ден. Затоа што на секој му е потребен еден Годо кој ќе ги научи дека светот не се простира само во тоа сивило пред очите.
-Да, знам. И го сакам балонот. - Го милувам неговото лице а тој ги затвора очите и се препушта на мојот допир. Влегуваме набрзо во станот, овојпат свесна за нијансите и борбите кои настануваат во овој голем, но реално мал свет. Седнуваме на софата во дневната и лежам во неговата прегратка, слушајќи детално за тоа што му се има случено, за сите тие лузни кои го горат тоа негово кревко тело. И сфаќам дека немам право да се жалам ниту бунтувам против светот. Сакам да ја преземам таа болка, тоа срце да не мора да носи толку многу тага во себе. Но, само се препуштам на неговите зборови и на светот кој го откривам во сите негови бои. Знам дека не можам да говорам за нешто што не сум го искусила, но целата приказна е толку реална, што ја чувствувам како нож на кожава која се ежи од неговиот топол поглед. Го погледнувам балонот и размислувам дали тоа дете ќе има каде да ја преноќи ноќта. И решавам дека за светот се потребни многу личности како тој Годо кој ќе го променат светот во чиста и искрена љубов. Ги затворам очите и ја сфаќам својата цел во животот...

No comments:

Post a Comment