Monday, January 20, 2014

Во битка со животот...

Барам надеж во денов, во сончевите зраци кои немирно ми ја скокоткаат кожата. Ги барам оние долго загубени зборови кои ветрот ми ги зароби еден ден во својот студен здив. Знаеш, многу често човек се губи по патекиве на животот што се простираат пред очиве. Како да можеш да имаш се, да бидеш онаа личност што си ја гледаш во сопствените фантазии, но истовремено и да немаш ништо. Ова ти е животот кој се простира пред очиве, неколку скалила одиш нагоре и во следниот момент се враќаш неколку скалила надоле. 
Сакам да ги пронајдам солзите кои останаа загубени во времето, да ја пронајдам онаа детска насмевка и врева, надежта дека светот може да се промени со малку надеж и верба. Да ти кажам, сакам толку многу работи што не можам да им го најдам крајот. Немам доволно зборови да се доискажам, го чувствувам светот како чадот што излегува од оџакот на куќата спроти мојата, само така лесно испаруваат желбите од нашиве кревки тела. 
Чудно е кога ќе пораснеш и ќе сфатиш толку многу од животот, нешта што кога си бил во таа твоја наивна форма не си бил свесен дека постојат. Сега само се чувствуваш како марионета, една постапка ја правиш самиот ти со многу напор се бориш да избегаш од кукларот наречен Живот, но тој во следниот ги враќа конците во своите раце и бесно те стега со своите ладни прсти да не се осмелиш повторно да избегаш. Би сакала да кажам дека знам се, да можам да се насмеам и да не се грижам за болкава која се јавува на секој агол од градов, да се занесам во тие бели облаци кои денес совршено се вклопуваат во она сафирно небо кое ми носи некои чудни спомени. Но, наместо тоа ветрот ми носи чудни спомени, чудни чувства кои не можам веднаш да ги дешифрирам. Знам само дека светот се протега во многу различни бои, но за жал се повеќе тоне во тоа сивило и монотонија кои сами си го наметнуваме. Еве ги маските на лицето, навидум безгрижноста со кои ги криеме солзите кои се слевале на нешто лице минатата вечер, таа секојдневна борба за парче леб. Еве ја иЛицемерноста ми се смее во лице затоа што знае дека води во таа борба против искреноста. Зависта танцува некаде во близина со Лагата, Вистината и Болката се кријат во обид никој да не ги види нивните разорувачки солзи. А ние тонеме во илјадници приказни што самите ги измислуваме да му биде потопло на срцето. Е па не му е. Еве го сеуште се стега пред неправдите, размислува за еден ангелски лик кој му создава болка и покрај сите години. Размислува како би било да може да се смени нешто повеќе.
И сепак еве сме. Заедно под небото, гледаме во Сонцето со душа исполнета со болка и солзи во очиве. Ја чекаме  Надежта  да се врати во срцава... Но уште поважно, се губиме во сопствената зафатеност со цел да заборавиме на болката која не прави човечки суштества кои умеат да сакаат. А денов се претвора во пламено црвената боја во која тоне хоризонтот и се распрскува на сите страни како пламени со цел да не насмее. Една насмевка се губи на лицево како доказ за надежта која е во близина. Продолжуваш да чекориш, во присуство со надежта  дека нешто ќе се промени. Се до некој друг ден, кога Вистината брутално ќе те натера да клекнеш пред Животот... 


No comments:

Post a Comment