Thursday, January 9, 2014

Зборовите кои останаа неискажани...

Сакам да ти кажам дека те сакам. Ете, го кажав тоа што ми стоеше во грлово како грутка и ме давеше цело ова време. Те сакам. Само што штета што ти не си сега тука да го слушнеш тоа, туку си го водам разговоров со мојот фиктивен лик што во мислите си ти.
Знаеш, доаѓа време кога се чувствуваш толку осамено и поразено од светот што се околу тебе си ја губи смислата, боите избледуваат, се бориш да ги задржиш спомените во срцево затоа што само тие останале како утеха. А верувај, не е многу. Едноставно сфаќаш дека животот ти поминал низ прстите како да е само ситно парче песок кое не си можела да го задржиш. И сфаќам дека љубовта имаше име кое сега има и горчлив и сладок вкус на усниве...Спомениве се само капки дожд врз кожата, го имаат тој ладен допир што истовремено те плаши и те буди од таа заблуда во која си западнал. Како... Како оддеднаш срцето да станало камен и повеќе не стигнуваат емоции до него. Деновите ги поминуваш онака автоматски, го правиш тоа што е очекувано од тебе, подаруваш од твоите лажни насмевки затоа што знаеш дека никој нема да ја примети разликата. Ти повеќе не си тука покрај мене... И не знам зошто боли ова олку, зошто ми ги кине градиве, зошто остануваат толку недоискажани работи, толку зборови кои се губат во солзите што си ги дозволуваш секоја вечер додека бесно ја стегаш перницата и ги гледаш вашите моменти како да се некој долго загубен филм. 
Сакам да кажам дека светот запира и почнува покрај тебе, дека Сонцето за мене изгрева во твоите очи, дека ти си моето лето во оваа студена зима, дека ти си мојата искрена насмевка... Сакам да кажам дека без тебе светот е едно обично место кое ја губи смислата, дека деновите се само попатни станици на кои не сакам да се симнам затоа што доаѓам на места кои не ги познавам ниту ги сакам без тебе. Го сакам сето она романтично бла,бла што го нарекувавме, не ги сакам ни ѕвездите ниту месечината само тебе. Сакам времето да застане, ѕвездите да згаснат, сонцето да се изгуби... Те сакам тебе покрај мене, го сакам и дождот и снегот и мразот, сите работи кои некогаш сум ги мразела. Едноставно, без тебе се ја губи својата смисла. Па дури и овој навидум совршен ден. Ти кажав, деновите се само една монотонија која ме зафатила, светот е едно оргомно и пусто место, а душава и срцево не се мачам повеќе да ги сфатам.  Сега знам се што сум се плашела да разберам или не сум признавала. И зборовите мои ќе останат неискажани, освен во овој мој разговор кој не постои. Можеби така требало да биде. За некои нешта нема враќање некој чекор назад, остануваат заклучени во минатото. Како нашите денови, како оние моменти на слабост кога ти вртам со скриен број само да ти го слушнам гласот. Боли тоа, колку и нема да признаам. Колку и да се смеам и глумам дека летам во облаци. Но, тоа е. Зборовите и така никогаш ми немале смисла. Или можеби смислата веќе оддамна им била загубена. Сеедно е сега...

No comments:

Post a Comment