Sunday, February 2, 2014

Единственото место каде што сакам да бидам цело ова време. Во неговата прегратка...

Еднаш еден другар ми кажа дека најубавите и најлошите работи се случуваат кога најмалку очекуваш, кога си онака полузаспан и опиен во сопствената среќа или несреќа и не веруваш дека тоа може да се промени . Помина долго време од оној ден кога го добив овој совет и не е дека многу размислував за тоа. Другар ми беше вечен филозоф, секогаш во таа постојана потрага по одговори на загонетки или пак нови прашања па да им бара одговор. Не е важно кој ми го кажал ова, ниту кога било тоа, така гледам јас на тоа. Впрочем, би ми кажал дека ништо во животот не е ниту важно, ниту неважно, само сплет на околности во кои самите се заплеткуваме свесно или несвесно. И тоа води до некои забранети води кои не би требало да се чепкаат. А сепак, еве ме решавам да заглавам до крај со светот. Онака не е дека некогаш сме биле претерано сложни...
Седев покрај прозорецот и замислено го гледав дождот кој буквално истураше. Ги затворив очите, посакувајќи да можам да ја осетам свежината и ослободувачката моќ на дождот но единствено го чувствувам мирисот на пржени јајца и сланина од кујната. Посакував да бидам доле, во тоа шаренило од чадори и намуртени лица, посакував да можев да го свртам светот во моја полза но ова беше таа реалност што светот онака сурово ми ја фрлаше во лице. Оддамна беше тоа време кога верував дека среќниот крај постои, оддамна искрено беше и денот кога ги гледав сите тие филмови со среќни краеви каде што секој си го добива својот прекрасен крај или совршен почеток. Зависи од ваша сопствена перспектива. Воздивнам, чувствувајќи ја главата како тежи и се што посакував беше да се вратам во топлиот кревет, да ги спуштам ролетните, да го префрлам јорганот преку главата и да заборавам на целиот овој свет. Да заборавам на болката која постои и колку светот може да биде лажлив. Или едноставно да помислам дека тој ми прави појадок како некогаш а не мојата најдобра пријателка која е загрижена за мене. Искрено, таа да беше во ваква состојба и јас би била загрижена за неа, но знам дека таа нема да си го дозволи никогаш тој луксуз некој да ја види повредена и во солзи па колку и  тоа да ја боли. Но, јас сум друга приказна за жал. Бесно ја бришам солзата која немарно се спушта по лицето и гледам благодарано во другарка ми. Вчерашниот ден едноставно треба да го заборавам и никогаш да не се вратам таму. Поспано станувам од фотелјата и ја отпуштам косата која се наоѓа во некоја несредена пунџа. Збунето го гледам својот одраз кој не личи нешто многу на мене, со тоа пропаднато лице, сјајните очи од солзи и темните кругови. По ѓаволите со се! Се сакам себеси во онаа стара варијанта а целиот свет нека оди кај што сака. Набрзина го мијам лицето и седнувам во трпезаријата до Сара која гледа со насмевка во мене како да сака да ме увери дека се ќе биде добро.
-Повели, сок од портокал. И мораш да јадеш.
-Во ред.- Слегнувам со рамениците, затоа што немам желба да се препирам. Поточно кажано, немам ни сила.
-Сакаш да разговараш?
-Не. -Одмавнувам одлучно со главата и пробувам од појадокот. Се обидувам да почувствувам нешто, но останува таа емоционална болка која ми ги одзема сите останати желби, заедно со апетитот.
-Добро е?
-Одлично е. Ти благодарам.
-За тоа се пријателките.- Кимнува со главата и ми се насмевнува благо. -Уште мислиш на него?
-Да. Не знам веќе што да кажам, ниту направам, се е излитно и без зборови. Сакам да го видам. Не сфаќам како оддеднаш се крши целата магија и заборавам на сите убави нешто. Како се да било една илузија...И не заминува љубовта така лесно, сеуште е тука, секој спомен, сето она што го сакавме. Ми недостасува, мојот најдобар пријател, мојот љубовник, човекот на кој му кажував се. Се прашувам понекогаш дали сето тоа било илузија или вистина? Дали неговите зборови и постапки беа нешто повеќе што не можев да го разберам. Или...? Нема или едноставно. 
-А да заборавиш на него? 
-Би сакала да е толку едноставно. Но, ова е вистината. И покрај се секогаш ќе бидам тука во близина. Срцево секогаш ќе чука на овој немирен начин кога ќе помислам на него. И нема да се смени тоа, па ако сака некој да ги симне ѕвездите и да ги помеша планетите за мене. А и сама знаеш дека вреди тој за ова,за сето што го имавме. Па и повеќе...

Тишината ја прекинува ѕвончето кое ме расонува од мојата идила. Збунето станувам од масата и го оставам  појадокот. Се погледнувам уште еднаш во огледалото во претсобјето, сепак изгледам во ред. Само малку уморно и болежливо. Ја отворам вратата и погледот ми се соочува со неговиот. Стои пред мене целиот измокрен и со збунет израз како да не очекувал да му отворам. 
-Што е? -Гласот ми трепери и бесно ги стегам рацете во тупаници за да не си дозволам да заплачам.
-Имаме проблем. -Ми одговара задишано. Гледам во него, посакувајќи да можам само да го прегрнам. -Ми недостасуваш. Многу... - Ми одговара сериозно, а јас само зјапам во него несвесна што да кажам. - И те сакам. Па?
-Па?
-Што ќе кажеш? -Гледа несигурно во мене и со раката преминува преку косата. - Знам дека можеби сум идиот во твоите очи, но верував... Не знам во што верувам по ѓаволите. Те сакам тебе и тоа е се.
-И јас тебе. -Го прегрнувам, не грижејќи се затоа што е воден, не грижејќи се за ситните капки кои ја мократ мојата коса. Само уживам во неговиот студен допир и сите недостатоци. И тоа ми е доста. Ги затворам очите и се чувствувам повторно јас. На единственото место каде што сакам да бидам цело ова време. Во неговата прегратка...

No comments:

Post a Comment