Monday, January 13, 2014

Животни лекции...

Има многу работи што би сакала да ти ги кажам лице во лице, да не оставам вака празни зборови позади себе во еден дневник затоа што знам дека зборовите сами по себе нема да имаат голема смисла. Посакувам да можев да бидам со тебе во најголемите моменти во твојот живот (би сакала да можам да бидам покрај тебе во целиот твој живот), но знам дека е невозможно. И уште од сега знај дека те сакам најмногу на светот и дека ти си причината затоа што одново и одново за заљубувам во светот. Доволно е само да те погледнам и едноставно да сфатам зошто се борам секој ден да украдам од судбината некој момент повеќе да го поминам со тебе и татко ти. Но, ќе бидам мирна кога ќе заминам затоа што ќе имаш некој покрај тебе кој ќе ти ја подари целата своја љубов и внимание. Понекогаш знае да биде  кретен,но верувај тој е најдобриот човек што постои. Да не должам многу, сакам да ти кажам некои работи што ги научив од животот и се надевам дека и тебе ќе ти бидат од корист.



  1. Не секогаш очигледните работи се точни. Понекогаш треба да си дозволиш да земеш одмор и време, да размислиш за се убаво и да се разбереш себеси.
  2. Слушај го секогаш срцето. Дури и тогаш кога разумот ќе ти каже дека грешиш и најверојатно ќе биде во право, дозволи си да си згрешиш. Од искуствата да учи, иако во тој момент нема да ти изгледа така и ќе бидеш само повредена.
  3. Дозволи си да сакаш. Без разлика колку пати срцето ќе ти биде скршено, не се откажувај од љубовта. Еден ден ќе најдеш прекрасен маж кој ќе те сака и почитува за тоа што си. 
  4. Учи од сопствените грешки. Но, пред се живеј го животот. Патувај, смеј се, уживај во пријателствата што ќе ги стекнеш. Уживај во секој ден и лекциите што ќе ги научиш со секое ново искуство. Читај книги, пиј кафиња, прави го она што тебе те прави среќна а не останатите. И секогаш смеј се, затоа што насмевката може да излечи се.
  5. Никогаш не се кај за стореното, потруди се да станеш подобра личност, дали кога ќе се погледнеш во огледало ќе бидеш онаа личност која сакаш да бидеш.
  6. Верувај во себе. Затоа што ти си единствена, некој ќе го види тоа. Биди среќна и исполни го секој ден од животот со среќа. Види го сонцето и тогаш кога си опкружена со мрачните облаци.
  7. Кога си тажна и мислиш дека целиот свет е против тебе, сети се на мене. Побарај ја на небото најсјајната ѕвезда, замижи и тогаш ќе бидам покрај тебе. Секогаш ќе бидам со тебе, секогаш ќе те сакам. И верувај му на татко ти без разлика колку и да те изнервира и мислиш дека прави нешто само да оди против тебе. Тој те сака , ќе сака само ти да бидеш среќна и заштитена. Верувај ми, нема ништо поголемо од родителската љубов.
  8. Сакај искрено. Дури и тогаш кога ќе ти се причини дека нема тоа смисла, верувај дека има. Само искрената љубов може да ги победи сите препреки, да ги излечи сите рани . И смеј се, затоа што тоа ти е најјакото оружје против светот и неговите бесмислености.
  9. Не чекај нешто да се измени, биди самата промена за светот. Биди таа сјајна ѕвезда на која не мора сите да и се воодушевуваат, но ти самата ќе знаеш дека ти си таа личност што сакаш да бидеш.
  10. Уживај во сонцето. Уживај во убавите моменти. Уживај во дождот додека ги носи сите проблеми од твоите раменици. Сакај ги сите годишни времиња, сакај ги личностите што ти се најблиски и покажувај го тоа секојдневно. Уживај во добра прочитана книга, во твојот омилен пијалок (ако си како мене, тоа би било кафето), уживај во твојот омилен филм, во излегувања, патувања, откривањето на светот. И кога ќе дојде времето, ќе уживаш во една личност која ќе ти ги прошири сите хоризонти и која ќе те научи за светот повеќе од што некогаш си можела да замислиш дека можеш да знаеш. 
  11. Погази ја гордоста и достоинството само ако мислиш дека личноста вреди за тоа. Не дозволувај гордоста да се испречи помеѓу тебе и среќата затоа што тоа нема да ти донесе ништо повеќе од осаменост. 
  12.                
               Што да ти кажам повеќе што веќе не кажав!? Биди секогаш дама. Секогаш биди искрена, биди достоинствена, не се предавај во најтешките моменти, сакај искрено и без предрасуди. Барај ги ѕвездите и бори се да ги дофатиш затоа што само небото е граница за тоа што не можеш  да го имаш. Оди и подалеку од тоа. Дозволи и на фантазијата да те однесе на места непознати за другите. Не дозволувај другите да го диктираат твојот живот, застани гордо на нозете и бори се за сето тоа што веруваш. Кога врне дозволи му на дождот да ја однесе болката и сите лоши спомени, кога Сонцето грее насмеј се и дозволи и на топлината да ти го згрее срцето. Уживај во музиката, во сите природни убавини, уживај во светов ваков каков што е, но потруди се да одиш кон подобро. Зацртај си ги целите и бори се за нив, но не оди преку се. Почитувај го и сакај го тоа што ќе те научи татко ти затоа што тој е паметен човек кој знае многу повеќе за светот од што и самиот ќе признае. Никогаш не се откажувај, без разлика дали работите ќе изгледаат безнадежни. И кога ќе се заљубиш и срцето ќе ти биде скршено, разговарај со блиските пријателки, тие секогаш ќе бидат тука да те ислушаат. Секако биди и ти секогаш тука за нив. Секогаш барај ја причината за насмевка па дури и во најлошиот период. Ако не ја најдеш сети се на мене. Сети се дека минатото не можеш да го промениш, но иднината лесно можеш да ја освоиш. Гордеј се со тоа што ти. И биди секогаш насмеана (не знам колку пати ти го кажав ова, но вистина е). Светот е поубав кога ќе додадеш насмевка во секојдневнието. Чекори храбро и гордо. Не се плаши од ништо. Знаеш... Гледај го светот со тие розови очила за сонце, но не се плаши да ги извадиш очилата затоа што ќе ослепиш од сонцето. Ништо во светот не е невозможно. И на крај ќе сретнеш некој кој ќе те сака таква каква што си и нема да бара да се промениш за да се прилагодиш на неговиот свет. Ќе создадете заеднички свет. Чувај го и сакај го. Верувај, секој момент од животот е подарок. Ништо не трае вечно во овој свет, но има моменти кои ќе ги замрзнеш во своите спомени и за кои вреди да се живее. Е тогаш, ќе знаеш што ти зборувам. Тогаш Сонцето ќе грее посјајно, нема да ти пречи дождот, ќе ја гледаш светлината на крајот од тунелот. И ќе го зграпчиш светот со двете раце да го земеш во својата прегратка...


    No comments:

    Post a Comment