Sunday, January 26, 2014

Мислам, знаеш...

-Знаеш, вчера размислував.
-Е тоа би било прв пат!
-Што треба ова да значи? 
-Ах, знаеш ти веќе. Не е ни важно. Ајде продолжи. Што било толку важно? - Погледите се судруваат, но секако на лицето на соговорникот се појавува таа наивна насмевка како да не е виновна за ништо. Но, решавам да го занемарам тој детал. 
-Не е дека нешто е важно. Или не важно. Тоа е целиот проблем. Што ги класифицираме работите и често грешиме во тие наши избори на важни и неважни работи.
-Не е дека нешто те разбрав, ама нека ти биде. За ова ли размислуваше? Повторно со тие твои филозофии. 
-Не се некои си јаки филозофии. Не се ни филозофии. Општо, размислував за животот и за тоа какви сме луѓето.
-Еве те пак со тоа. А да напишеш една филозофска книга со сите тие твои прашања и одговори и да не се замараш премногу!? Или да седнеш да си учиш, затоа што испит те чека.
-Знам дека би требало, јасно ми е тоа. Но, што да ти кажам како да имам некоја бубачка во главава која не ми дава мир. Како некој глас постојано да ме прекорува дека ги занемарувам важните работи од животот...
-А да посетиш психолог? Ме загрижуваш со ова... - Пивнува од кафето и гледа во мене со поткрената веѓа.
-Човек, зошто ги испревртуваш моите зборови!? Сакам да кажам дека светов е чуден доволно и не ми дава мир. Дека обрнуваме внимание на некои си глупости, а токму тоа важното го занемаруваме...
-А што би било тоа важното според тебе?
-Да се биде ЧОВЕК. Знаеш, сите се жалиме на животот но реално речиси никој не се обидел да се стави во дискусија со него. Да сфати каде е проблемот...
-Па нормално дека нема. Не сака да го сметаат за луд.
-Метафорично велам. Ти стварно си станала на лева нога денес.
-Е добро де, си имав јака вечер.
-А да се пофалиш тогаш? Кога гледам дека муабетов не ни оди...
-Нема што да се фалам. Комшијата од другиот стан ми дојде вечерта на гости. Искрено, не знаев дека е таков ѕвер. -Ми намигнува, а јас само збунето и се насмевнувам.
-А нели беше оженет тој?
-Е добро  де, жена му била на некој семинар.
-Не, нема да коментирам веќе.
-Подобро не, зошто ќе се скараме. Продолжи ајде.
-Што да продолжам? Со филозофииве што не чинат ниту денар.
-Не го кажав тоа. Само... Не ми се размислува бе за некои тешки теми од рано сабајле. Сакам да се напијам кафенце како човек и да поиграм со кучето, да го прошетам. Да поразговараме за љубовта, за  модата. Не за проблемите на светот. Но, ајде кажи кој е заклучокот!?
-Заклучокот е дека нема заклучок. Дека нема да се мачам веќе да се преанализирам зошто сум направила вака, зошто не онака. Дека ми е доста од проблемите и од тоа да се жалам за секакви глупости. Знаеш да го барам влакното во јајцето.
-Споредбава ама ич не ти требаше. - Ме гледа со гадење а јас се насмевнувам.
-Знам. Но, тоа е вистината. Денес сакам да се посветам на светот.
-ТИ фали и тебе даска по глава. Ај не се замарај. Гледај сонце има денес. Олабави се. Подобро кажи ми што направи со оној твојон?
- Ништо бе. Си има девојка. Добро не ја смета за девојка. Зборуваме онака повремено, но не е веќе истото. Срцево не реагира веќе како некогаш. Можеби вака е подобро.
-Мислам дека ми кажа еднаш дека рамнодушноста не чини.
-Е па не чини. Реално целиот свет не чини ама што да му правам. Не за џабе пријател ми е Мерсо.
-Кој ти е тој?
-Еден чуден дечко, не го знаеш. Пријател на Годо.
-Не ги знам.
-Не е важно. -Слегнувам со рамениците и го допивам кафето.
-Сакаш да одиме да ја прошетаме Ава на кеј!? 
-Ајде. 
-И не се грижи. Ќе биде подобро.
-Да, знам...

No comments:

Post a Comment