Saturday, February 8, 2014

Кој си ти?

Многу често да ти кажам реално се прашувам што е животот и до каде одиме. Поточно кажано што сакаме, како се гледаме себеси во целата таа етапа, до каде патуваат нашите желби и сето ова што нас не гради и не прави посебни личности. Не се некои си филозофии, чисто сакам да си разјаснам некои прашања сама на себе, сакам да си бидам на чисто, да знам што е исправно а што погрешно, не онака како што гледа општеството затоа што си има некои застарени и недоволно дефинирани норми кои лесно можат да се свртат во своја корист. Сакам да го разберам светот во онаа поширока слика од што ни е дадена, сакам да го видам и Сонцето кога небото е покриено со облаци (без разлика колку оваа фраза и да е стара и излитена, сепак и тоа колку е точна!) , сакам да го насликам светот во сите убави бои во кои се простира во мојата глава. Поточно кажано, сакам светот да престане да глуми лудило и да се разбуди, човек да размислува со своја глава еднаш, да увиди што е добро а што лошо.
Нема правилен почеток, ниту за една приказна било дали е реална,било дали ќе се протега на страниците на некоја книга. Сите почетоци си имаат своја убавина и свои мани и во тоа се крие совршеноста на сите моменти. Она што секој од нас го прави уникатен, или единствен како сакате наречете го, се сопствените спомени, начинот на кој живееме, пријателствата и чувствата и секако тука се сопствените мисли и убедувања. 
Да започнам со тоа што денес ми се чини малку го имаат и тоа колку недостасува. Сопствено размислување!? Или едноставно во овој момент се се сведува на мислењето на пошироката маса. Еден ќе започне некој тренд и одма започнуваат сите да го следат, некои од нив размислувајќи за позитивните и негативните страни на трендот, некои едноставно приклучувајќи се затоа што сите го прават тоа па и тие да не изостанат од трендот. Не е дека трендовите се лоши, си имаат и тие некои позитивни страни, проблемот е што отсуствува мислењето на поединецот, проблемот е што се помалку и помалку луѓето се прашуваат што е тоа што тие го сакаат и се покоруваат (или се убедуваат дека и тие го сакаат тоа што мнозинстовото го сака). Или како што велат постарите „Ако рипне другар ти од мост и ти ќе рипнеш по него“? Лош пример, но ете ќе послужи за тоа што сакав да кажам. Каде отиде индивидуалното мислење и преиспитување на себе, на тоа што е тоа што човек го сака, на ценење на вистинските вредности? Дали сето тоа се продаде за малку „почитување“ во очите на општеството затоа што и вие сте кул и ги следите сите можни трендови кои се во мода!? Зошто стана лошо човек да размислува, стана лошо човек да не се сложува со мнозинството само затоа што едноставно не се согласува со нешто? Во ред, сето тоа си има граници, некои работи не треба да се дискутираат дали се добри или лоши, но зошто таа граница се повеќе и повеќе се стеснува па човек нема право да каже дека не му се допаѓа некоја книга, некоја личност или некој филм затоа што тоа просто ќе испадне чисто „хејтање“ а не конструктивно мислење? Не велам за сите, но за жал вистина е дека сите почнуваат да се приклучуваат кон општата мисла и говор. Честито на исклучоците! 
Во превод, ова значи немање на сопствено ЈАС. Или уште попрецизно насликано, многу ретко кој човек е вистински човек со свои идеали и убедувања. Се повеќе се појавуваат копии кои немаат свое мислење, немаат дури ни свои желби. Не уништи општеството и правилата за добро однесување кои се заборавија некаде попат. Каде отиде вистината, каде отидоа сништата, каде отидоа тие деца кои сонуваа некогаш дека ќе го променат светот? Сигурно кога сте биле мали и ве прашале што сакате да бидете кога ќе пораснете не сте кажале жена на фудбалер, пејач, старлета или некој си фраер кој си мисли дека е над сите. Каде  отиде таа искреност најпрвин кон себеси а потоа и кон другите? Или се загуби некаде попатно на овој пат кон самодеструкцијата која свесно или несвесно си ја наметнуваме. Искрено, жална слика е човек да се нема повеќе себеси, да не се преиспитува, да гледа само обична слика во огледалото, да не го гледа повеќе тој Човек кој некогаш сите сме биле. Да не се гледаш повеќе себе, туку една серија од маски кои се наредени на лицето и се менуваат по желба. Вистина е дека искуството и староста носат нови знаења и човек станува помудар, но со овие постапки не си дозволуваме да го видиме светот со сопствените очи, туку преку очите на една личност со која сите се поистоветуваме. За да созрееш најпрвин мораш да бидеш самиот ТИ, да се видиш себеси во огледалото, да не заборавиш што посакуваш, да направиш листа на идеи, желби, вредности, на личности кои ти значат и се тука покрај тебе, на книги, филмови, модни трендови кои ви се допаѓаат. Да се разбудиш од сонот или да ја запреш планетата и да се потрудиш да ја помрднеш од нејзината оска ако не ти се доапаѓа оваа. Но пред се да размислуваш! Да сакаш, да живееш, да го гледаш светот со сопствени очи.

Зборовите реално и не знам дали ќе имаат смисла. Стануваат само неколку букви, комбинација од нешто што никој не знае од каде доаѓа. Но, можеби барем еднаш ако се испиташ дали си ти ТИ или некоја друга личност која го загубила сопственото ЈАС попат, ќе дознаеш повеќе за себе и за светот. Тешко дека можам да дадам дефиниции за сите тие прашања кои научниците и филозофите се мачат долги години да ги откријат, но ако попатно допрам до една личност ќе ми биде драго. Затоа насмејте се, не затоа што општеството го налага тоа, не затоа што јас велам така, туку затоа што имате причина за тоа. Ништо во светот не е доволно лошо, она што денес личи на најтежок момент во некој друг период само ќе се чини како мачкина кашилца. Сакајте го светот, сакајте се себеси, дозволете си да сонувате, да ги допрете облаците, дозволете си да го преиспитате светот, да дознаете што сакате. За кога ќе погледнете во огледалото да ве пречека една личност со која ќе се гордеете и која ќе кажете дека сте вие, само ВИЕ а не некоја лошо искреирана приказна од некој автор како мене кој не знае што прави. Тогаш ќе знаете дека сте успеале во светот, иако ќе ви се чини дека не знаете многу. Но, човек да знае кој е самиот тој!? Тоа ви е и тоа како огромно богаство.


No comments:

Post a Comment