Tuesday, February 11, 2014

Можеби!?

Замислено гледаше низ големиот прозорец во темната околина што ја опкружуваше нејзината куќа. Не знаеше колку е часот, најверојатно нешто после полноќ. Ги избриша солзите што немирно се слеваа низ нејзиното лице. Доста беше! Ги прегрна беспомошно нозете и уште еднаш со раката помина низ своите очи, забележувајќи ја црната дамка на дланката од маскарата. Длабоко воздивна, гледајќи во полната месечина што незадоволно трепереше во темнината на ноќта. Ги набљудуваше осамените контури на дрвјата, соголени и осамени како што и доликуваше на зимата. Студеше... Дури сега го забележа тоа. Којзнае најверојатно и огнот згаснал. Ја мразеше тишината што ја опиваше нејзината куќа и недостасуваше и квичењето на кучето Леки на нејзиниот комшија. Но сега и се чинеше дека целиот свет тоне во некоја осамена симфонија. 
Ги намокри усните и со раката помина низ долгата коса, кафена како мед. Воздивна длабоко, повторно чувствувајќи ја омразената тишина и празнина. Стана брзо и немарно се исправи. Со раката ги исчисти фармерките кои некако се беа напрашиле. Добро... И се допаѓаше таванот, мистеријата што сеуште не успеваше да ја реши и по долги шест месеци. На кого му припаѓаа сите овие работи кои тонеа во заборавот, прашината и трагите од времето. 
Се погледна во големото старомодно огледало кое беше поцрнето на краевите, изрезбано до совршенство. Пред себе гледаше непозната девојка со црвени очи од плачење, не оние блескаво смарагдно зелени, бушава коса, изгризени усни, облечена во џемпер кој немарно и паѓаше преку десното рамо, бледи фармерки. Не беше повеќе истата. Тој и ја уништи надежта и нејзината сакана секојдневност. Колку го мразеше што си замина така без збор, без збогум, без едно нормално објаснување. Со прстите се обиде да ја намести косата, но наместо тоа се фрли во еден болен плач кои и се откина од грлото. Се мразеше себе што вака реагира на него. Нервозно крцкаше со забите, чувствуајќи ја непријатноста што лебдеше во студениот воздух. Ги протри рацете, немарно шмркна со носот. Ја зеде црната кутија на која се сопна и незадоволно ја стегна. Очигледно ова не беше нејзин ден. Но, после него реално сите денови не беа нејзини, сите се слеваа во некое мрачно расположение од кое очајно се бореше да избега. Одамна се немаше чувствувано вака, како животот и таа да стапиле во војно поле а таа повеќе немаше сила да се бори. Мразеше да си го признае тоа на себе, да признае дека и таа е слаба девојка која можеше да сака само еден дечко и да му го предаде наивно своето срце. Тој не го заслужуваше тоа. Воздивна и ја фрли црната кутија што не знаеше од каде дошла. Можеби е нејзина, можеби беше нешто важно, но во тој момент ништо не беше важно. Посакуваше да може да се сплоти со темнината, да заборави на чувствата, посакуваше тој да биде покрај неа да му се развика, да го изгушка, да  потоне во неговата прегратка. Телефонот и заѕвоне, искрено немаше желба да разговара со никого. Го препозна неговиот број, ги затвори очите во обид да се смири. Не заслужуваше да му крене, но љубопитноста и беше посилна од лутината и омразата. Или можеби љубовта!?
-Што е? 
-Жал ми е. 
-Оди по ѓаволите! 
Ја спушти слушалката и го фрли телефонот на креветот. Солзите повторно се слеваа низ лицето, мразеше што реагира така на него веднаш штом му го слушна гласот. Знаеше кој е тој, знаеше дека не умее да сака а сепак се затреска во него како некоја си заљубена тинејџерка. 

Тој стоеше пред нејзината куќа, ја пушеше првата цигара и ги гледаше нејзините контури од нејзиниот прозорец. Го прати по ѓаволите! А што очекуваше ќе го прими со отворени раце како тој да и го купил омиленото цвеќе и чоколадо!? Не беше тој таков, не беше тој за неа. Не знаеше и зошто се врати кај неа. Му се допаѓаше студенилото, можеби повторно ќе го замрзнеше неговото срце кое решило еден момент да се бунтува и да се разбуди од таа своја приказна. Добро е што таа стави крај на нивната приказна со извичник и  ги избриша тие три точки кои тој го стави со своето заминување. Слегна со рамениците и се качи во својот автомобил, искрено решен никогаш повеќе да не дозволи патот да го доведе до ова место.

Таа ги избриша солзите и легна на креветот. Можеби требаше да знае од почетокот каков е тој. Можеби требаше да ги слуша сите останати и својата интуиција, да не му дозволи право на глас на своето срце затоа што беше нормално дека ќе погреши. Чудно е како на крајот се се сведува на едно обично можеби.


No comments:

Post a Comment