Thursday, February 27, 2014

До следниот пат

Незадоволно играв со прстите од дрвената маса (да беше другар ми до мене, можеби би знаел поточно од кој материјал е, но него го немаше) и ја слушав заразната мелодија во позадина иако не знаев која песна е. Сепак потпевнував некои стихови, во обид да се снајдам, иако реално се што успеав беше да ја упропастам песната. Добро е што никој не ме слушаше, лошо би било да му ја пренесам песната во ова лошо светло кое излегуваше од моето грло. Гледав во прстенот кој задоволно се протегаше на средниот прст затоа што реално само тука го собираше затоа што ми беше поголем ( или пак поверојатно, прстите ми се тенки па ниту еден нормален прстен не може да се фати на нив). Го мразам тој процес на чекање, отсекогаш било така и реално ретко се случувало да закаснам некаде. Се обидов да се олабавам, да заборавам на миг на проблемите кои ми тежнеа, па дури и на повреденото колено кое за среќа не ме болеше. Можеби, беше подобро да го земам мобилниот, па да бидам уште една од сите кои „дремат“ закачени на интернет во обид да им помине времето. 
Но, реално немав некоја желба тој момент. Тешка приказна сум јас, илјада пати ми имаат кажано а јас не можам да не се сложам со нив. Наместо тоа ги набљудував луѓето во близина, нивните весели разговори, мирисот на кафе и опојни парфеми, згодни луѓе облечени во некое совршено издание. Реално не е дека припаѓав во тој опоен свет на хаос и убавина, но ми се допаѓаше да бидам еден нем посматрач кој се чини дека за еден момент можеше да ги прочита сите. Или поточно би било дека ги сместив луѓето во некои мои приказни, во свет каде што не се знае што да очекуваш, но барем дејствието е неизоставен дел. Се насмевнав задоволно на дечкото што седеше спроти мене, иако знаев дека е доволно занесен да ме забележи. Не знам што беше тоа што ме привлече кај него и што хипнотизирано го набљудував. Не е дека беше некој си презгоден дечко што би го приметиле во некоја топла, но имаше нешто кај него што те тераше да го набљудуваш (прикриено колку што се може!). Замислено зјапаше во листот пред себе, во десната рака држеше молив, челото му беше набрано што значеше или дека е изненаден или се обидува да се сконцентрира (во случајов изгледа беше второто). Усната му беше стегната во права линија, очите не можев да ги забележам, но претпоставив дека беа темни како неговата блуза. Носот му беше правилен, ја забележав тетоважата на десната рака иако не можев да ја разберам. Претоставувам дека пишуваше нешто, најверојатно кинески, но јас и јазикот тешко дека сме во некое блиско сродство. Ме интересираше што се наоѓаше на листот хартија, што беше тоа што толку го занесе и однесе во тие непознати предели што беа недостапни за мене. Со раката премина преку косата и се напи од кафето. Ми се насмевна, имаше некоја пријатна насмевка (не онаа совршена, но реално привлечна) што ме натера да се вцрвенам затоа што сфати дека љубопитно го испитувам. Не знам реално што беше тоа кај него што беше толку интересно што човек не можеше да го тргне погледот од него. Во ред, тетоважата си имаше дел од таа привлечност, но тоа одеше до нешто подалеку што не можев да стигнам до таа вселенска вистина која се распрскуваше пред очите.
Реално, се загубив понатаму со пристигнувањето на другарката, пиењето на кафе, дискутирањето за некоја нова песна, престава, последна прочитана книга, за политиката која се врти како што ќе му дојде на некој си господин што се прави паметен... Погледот свесно или несвесно ми бегаше кон дечкото кој сеуште беше занесен во својата работа, но сега на лицето ја забележав таа насмевка како да е задоволен од тоа што го работи. Посакав да дознаам што е тоа, посакав да го дознаам неговото име, но љубопитноста одеше до тука и немаше да и дозволам да ја пречекори таа граница на пристојноста која мозокот сакаше да ја игнорира. Забележав дека го испи кафето, си го плати, ја облече кожната јакна (моторџиска!), си ја зема папката каде што претпоставив дека ги ставил хартиите и ми се насмевна пред да замине или можеби мојот мозок тоа онака несвесно си го посака па си замисли дека се случи. Реално, знаев дека тој е само уште едно лице од многуте со кој човек секојдневно се сретнува, дека можеше да биде убиец, силувач или не знам уште што (на некој друг подобро би му одело набројувањето), но интересно е кога еден човек од сите може да ти го задржи вниманието и да те натера да се запрашаш некои навидум безначајни прашања кој понекогаш можат да допрат и до важни теми. Но, чудно е што беше тоа што тој беше позначаен од останатите (и притоа не говорам само физички).
Кога ја побаравме сметката, келнерката ми донесе еден лист хартија со една нацртана девојка која по некоја чудна случајност на Космосот или не знам какви слични глупости личеше на мене. Ми кажа дека е од дечкото што седеше спроти мене, но не ми беа потребни дополнителни описи да сфатам кој е тој. Значи, најверојатно се е во ред со мене и таа насмевка не била производ од некоја моја фантазија. Образите ми добиваат некоја чудна црвена боја додека срамежливо го земам парчето хартија и ја забележувам пораката на дното од хартијата.
Некои луѓе ги сретнуваш само еднаш, но доволно е нивниот лик да не те остави на мира. Ги викаат музи, но реално до сега не сум верувал во тоа. Не сум тип кој е по романтики, ниту излитени фрази, но денес чувствувам потреба што не можам да ја објаснам со зборови. До следниот пат (затоа што знаеш, велат дека следниот пат некогаш ќе се случи)...“


No comments:

Post a Comment