Friday, February 28, 2014

Последниот ден

Седеше незадоволно на својот кревет, обидувајќи се да да се сконцентрира на задачите по математика. Ги протри очите, чувствувајќи се исцрпено. Сакаше да гледа телевизија, но знаеше дека мајка му ќе му се налути ако претходно ја нема напишано домашната. А и подоцна беше прашање дали ќе ја добие потребната дозвола. Искрено посакуваше што е можно побрзо да порасне и да замине некаде далеку со својата мајка каде што нема да ги следи злото. Ги отвори очите и незадоволно погледна низ прозорецот од каде што слушаше детски извици. Најверојатно сите негови врсници се надвор и играат, додека тој е тука закован како под некоја казна да решава некои си измислени глупости кои не гледаше како ќе му бидат од корист. Барем не сега...
Денеска повторно му ја забележаа модрицата на десната рака а тој како по обичај мораше да измислува дека се степал со некого. Не знаеше дали му веруваат, повеќе не го интересираше, само ги чувствуваше солзите во очите. Не сакаше да создава лажни слики за себе пред сите, не сакаше да го гледаат како насилник... Понекогаш посакуваше еден момент да му биде дозолен да го потроши сам на себе, без многу да го испрашуваат кој е, што е, што му се случува... 
Се врати во реалноста, незадоволно прегледувајќи ја својата соба. Не наликуваше на соба на дете на негова возраст, немаше ништо свое во собата. Како да живееше онака провидно, чекајќи го совршениот момент да избега и да не мора да зема ништо со себе.
Ја слушна вревата која одеднаш настана во дневната и незадоволно ги отфрли книгите од себе. Ја подотвори својата врата, спремен повторно да биде понесен во тој кошмар со кој секој ден се соочуваше.
-Каде е јадењето? - Го забележа својот очув кој повторно беше пијан и оптегнат на каучот како некоја дебела мачка која го чека Сонцето за мрзеливо да се протегне. Погледот му беше изгубен како секога, очите закрвавени, го чувствуваше мирисот на алкохол кој се ширеше наоколу. 
-Во кујната.- Мајка му одговори мирно, иако лесно можеше да забележи дека трепери. 
-Донеси овде да јадам. И направи нешто салата да замезам со ракијата што ни ја донесе Дејан пред некој ден. - Гласот му се губеше монотоно со програмата која ечеше во собата. Се напреграше да слушне се, не забележа дека рацете му се стиснати во тупаници. Знаеше реално дека не може да стори ништо против него кога ќе го нападне во таа негова полусвесна состојба. Имаше само девет години, а тој личеше на оние дебели китови или моржови кои ги гледаше повремено на телевизија.
Ја гледаше мајка му како се труди да му удоволи како секој пат, рацете и трепера додека му ја носеше чашката полна со ракија и салатата. Ги затвори очите, но се што гледаше во таа темнина беше ударите што тоа копиле и ги задаваше на својата мајка. Како можеше да го нарече татко кога реално тој не беше тоа!? Беше еден обичен човек со кого ја делеше куќата и се трудеше да им ги уништи нивните животи. Не се сеќаваше како беше пред да дојде тој човек во нивниот живот, но сега знаеше дека животот беше едно ужасно поглавје со кое не знаеше како да се справи. 
Изненадено ја крена главата кога го слушна кршењето на чинија. Мајка му се држеше за образот и низ лицето и течеа солзи, тој беше станат и изговараше најразлични пцости кои требаше да бидат недостапни за неговите уши во наредните неколку години. Гледаше како беста ескалира, како ударите беа се побројни, како плачењето и болката на мајка му ја исполнуваше просторијата, но се чинеше дека никој во комшии не слуша ништо или ова веќе стана секојдневност со која се помирија. Но, тој не можеше само да седи и да гледа како тоа копиле го уништува животот на мајка му и неговиот. Го болеа нејзините врисоци за помош, го болеше фактот што е немоќен да стори нешто за да избегаат од канџите на ова суштество што требаше да биде човек и тоа полицаец и да ги брани невините. 
Не знаеше од каде смогна сила, но ја зеде тешката вазна и нечујно се доближи до него кршејќи ја од неговата глава. Тоа беше доволно за еден момент тој да се зашемети, но реално не можеше да реагира. Мајка му низ плач се обидуваше да ја состави искинатата блуза која и виснеше на голото тело, а тој зашаметено ги гледаше и двајцата. Срцето му чукаше брзо, знаеше дека нема да се спаси овојпат, дека нема да помогнат молбите од мајка му да не го чепка. Боите беа поинтензивни, чувствата во него некако пред ерупција, но рацете сеуште ги држеше во тупаници. Ги чувствуваше неговите раце врз своето слабо тело, молбите на мајка му да прекине, неможноста да се отргне од светот. Се обиде да направи нешто ,да се извлече но реално стисокот беше премногу силен за да успее. Само почувствува како тој го оттурна од него и одеднаш беше повлечен во некој вртлог. Ја чувствуваше болката еден миг, но веќе во следниот му се чинеше дека е повторно во својо мек кревет и се припрема за спиење. Ги затвори очите и се препушти на бездната која го повикуваше да се приклучи во светот на темнината засекогаш...


No comments:

Post a Comment