Monday, December 9, 2013

Фраер

-Еј, извини што доцнам.- Се насмевнувам извинувачки и седнувам до празното столче до неа. Во позадина ја слушам Under control и погледот како по обичај ми бега во скенирање на девојките што се овде во кафичов.
-Не се чудам уживај. - Ми подарува од оние нејзини совршени насмевки. Погледот сега ми е целосно насочен кон неа, забележувам дека ставила црвен кармин кој по ѓаволите совршено и стои. Облечена е во сив чемпер, темни фармерки и некои нови чизми. 
-Нови чизми? 
-Да.- Бавно кимнува со главата или можеби тоа само мојот мозок го успорува. 
-Порача нешто? 
-Не... Не знаев дали ќе дојдеш.- Слегнува со рамениците и збунето го крева погледот од нејзиниот смартфон. Го исклучува и повторно се навраќа на мене, внимателно ги вкрстува нозете.
-Ајде, знаеш дека секогаш доаѓам. Барем кога се работи за тебе.- Одговарам искрено и му мавтам на келнерот да дојде да порачаме.
-Можеби тоа е твојот проблем. Не си доволно заинтересиран за состаноците што ги договараш. Се чудам како бизнисот не ти пропаднал до сега. -Се обидувам да најдам сарказам во нејзиниот глас,но не можам. Погледнува во мене речиси ладно и наеднаш се чувствувам збунето и речиси исплашено. Келнерот доаѓа во незгодно време, па само отсутно порачувам Нескафе и чекам да си замине.
-Што треба да значи тоа? - Ја прашувам тивко, збунет од ваквото однесување.
-Ништо. Само... - Воздивнува длабоко. Не треба да сум некој експерт за да разберам дека нешто не е во ред.- Се обидувам да те сфатам, но не успевам. 
-Но,ти... Ти ме познаваш најдобро од сите. 
-Тогаш замисли како се чувстуваат другите. -Ми одговара со некоја чудна насмевка која знам дека не допира до нејзиното срце.
-Што се случува Миа? - Збунето гледам во неа. Зошто изгледа толку убаво па дури и кога е лута? И зошто не можам да се сосредочам на другите девојки кога сум покрај неа? 
-Ништо, не те разбирам. Имав добри дваесетина минути да размислувам додека те чекав. 
-За тоа се работи? Затоа што ме чекаше? Се извинувам затоа што доцнам, имав некој проблем со асистентот.
-Да,знам. Секогаш со твоите проблеми. -Испушта тешка воздишка. - Размислував како им е на девојките што ги користиш само од забава. Дали се заљубуваат во тебе, дали се рамнодушни...!? Јас сум ти само пријателка а со твоите постапки и тоа како знаеш да ме извадиш од такт. Размислував каков е животот во кожата на Даниел. 
Му се заблагодарувам на келнерот кој ни ги носи кафињата и забележувам дека погледот еден момент повеќе му се задржува на Миа, а таа е целосно несвесна како секогаш. Се насмевнувам, сфаќајќи дека и тоа колку е прекрасна.
-Што се смееш? -Изненадено ја поткрева веѓата и пивнува од своето Нескафе.
-На тебе. Не забележуваш ништо што се случува. 
-Што се случува? -Збунето погледнува околу себе. Толку е симпатична и наивна, што не можам повторно да не и се насмеам.
-Ништо посебно. -Слегнувам со рамениците.- И прашуваш како е да си Даниел !? Па, така убаво. Човек прави што сака, не се грижи многу за животот и за тоа што мислат другите за мене.
-Да,но сите тие девојки... Како се чувствуваат тие? 
- Не размислувам за тоа. Си уживам со нив додека е интересно, додека не почнат со претерани повици и напади на љубомора зошто сум погледнал во друга, без да ми кажува правила и нејзини желби... 
-Мислиш дека си неодолив фраер?
-Не мислам, знам дека сум.- Задоволно се смееме. -Не се преценувам себе, знам дека можам да ја смотам секоја девојка. Можам да погледнам во неа и да знам што посакува, дали забава,дали сериозна врска. Дали сака романтичен дечко кој ќе и ги симнува ѕвездите, папучар што ќе ја слуша што ќе каже без приговор или знаеш лошо момче кое може да им го преврти целиот нивни свет и да ги изложат на таа возбуда која тие ја посакувале. 
-И ти си во која категорија? - Заинтригирано гледа во мене.
-Можам да бидам се. Но, не мора да бидам ниту еден. Девојките, па и жените сакаат добра забава. Понекогаш може да се случи да те прошета низ Европа, да ти купи некој скап подарок и слично.
-Во превод си жиголо. 
-Така нешто,но не и целосно. Не барам јас ништо, не барам девојки со пари. Барам девојки кои ми се допаѓаат, девојки кои имаат намалена самодоверба а покрај тоа се и тоа колку прекрасни, девојки кои се дигаат високо во воздухот и мислат дека можат се...
-Во превод, бараш девојка да ја смуваш и да си поминеш убаво додека можеш пред да почне сериозната врска!? 
-Кога го кажуваш така звучи лошо. Но, да тој е концептот.Не сум тип за сериозна врска, не можам да бидам покрај неа кога има ПМС, да и варам чаеви или да и правам појадоци наутро, да се грижам за неа кога е болна или уште полошо да ја гледам како плаче и да се мачам што по ѓаволите сум сторил погрешно. Не ми оди тоа.-Одговарам искрено, станувајќи свесен дека прв пат во животот сум целосно искрен со некоја девојка.
-Тоа е лудо. Не сакаш да се заљубиш никогаш? -Со неверување гледа во мене.
-Мислам дека љубовта е преценета. Луѓето се предаваат на тоа чувство, надевајќи се дека ќе го извлечат најдоброто, но секогаш завршуваат со солзи и скршено срце. Зошто човек да се подлегне на тоа, да ја положи својата доверба и љубов во рацете на некој непознат кога може да ужива  во друштвото на сите?
-Затоа што на тој начин никогаш нема да дознае што е вистински да се сака и верува некому. Никогаш нема да почувствува нешто повеќе од тоа твоето ладнокрвно однесување дека не ти е грижа за светот. Но,мислам кому говорам. Не е дека некогаш ќе допрат зборовите до тебе затоа што ти немаш срце. -Превртува незадоволно со очите. -Зошто си ваков?
-Каков, шармер? -И намигнувам задоволно. 
-Не, ваков ... Ваков идиот што не забележува ништо, ниту една вистина па дури и таа да се тресне од фаца. 
-Како не забележувам. Ете,на пример русокосана спроти нас има одлични нозе. Мислам треба да си ја испробам среќата кај неа. - И се насмевнувам на девојката што се врти и ми праќа една заводлива насмевка. -Ете,гледаш.
-Гледам дека си идиот.- Бесно го облекува капутот и станува од столчето.
-Чекај, каде ќе одиш? -Шокирано гледам во неа и станувам до столчето.
-Дома,каде би одела. И мислам дека е време да ги отвориш очите а да не живееш во твојот филм на Казанова што си го создаваш. - Ја грабнува црвената чанта а на масата остава пари за кафето. Заминува пред да можам да кажам нешто, па само шокирано зјапам во неа со подотворена уста. Не ја запирам, збунето гледам додека не се изгуби а потоа се враќам на столчето. Што беше сега ова? И зошто се јавуваат овие чудни струи во градиве што не можам да ги анализирам. Немам повеќе желба за ниедна русокоса, ниту за никаква забава. Незадоволно зјапам пред себе и порачувам едно шише пиво. Се чувствувам како најголем кретен на светот и како нешто во мене да е скршено, но не сфаќам зошто. Ги затворам очите и наздравувам со мојата замислена Миа, не обрнувајќи внимание на погледите на девојките. За прв пат немам желба за ништо. Ја плаќам сметката и излегувам надвор. Чекорам незадоволно до автомобилот, чувствувајќи го студот како се приклештува за срцето и го крши како да е коцка лед. Помислувам на Миа и на кретенот што испаднав во очите на мојата најдобра пријателка. Само што нешто ми говори дека не е само тоа,но го потиснувам. Стискам на педалата за гас и се тркам против самио себе и чувствата. Не ми се потребни компликации, си го сакам животот во оваа моја замислена боја. Пуштам музика и се тркам со мислата на Миа. Можеби вечер ќе и се јавам. Ако до тогаш не ми пројде ова чувство на несоодветност во кожата на фраерот. Можеби...


No comments:

Post a Comment