Wednesday, December 11, 2013

Сјајот во нејзините очи

И ќе ја сакам па дури и ѕвездите сите до една да згаснат, дури и земјата да се помести од својата рамнотежа. Ќе ја сакам затоа што е единствена, затоа што е среќна и без мене, затоа што погледот и е истовремено и нежен и строг и веднаш ме освојува, затоа што нејзината насмевка и зимата ја претвора во лето. Ќе ја сакам и за пролетните цветови и летните лудости и авантури, за есенските шаренила и зимската монотонија. И нема да и го кажам тоа никогаш, па и небото да се сруши врз мене, ќе глумам некој си отсутен фраер кој си нема врска со животот. Ќе уживам во вискито со лед која таа ќе каже дека ми го скаменило срцето, ќе се губам во монотонијата на бои ми се мешаат пред очиве. Ќе се чувствувам за нигде кога ќе ја видам со друг, кога ќе забележам дека тој нејзин поглед не е само мој. Ќе ја кренам главата демек гордо и ќе ја одминам како да не ми значи ништо иако одвнатре ќе се распаѓам. Нема да признаам, нема да ми дозволи гордоста, ниту оваа празна „црпка“ што таа ја викаше. Ќе се влечам низ животот како да ми е сеедно се, како некој си Мерсо од некоја книга што таа ја читала. Нека бидам таков, нека бидам идиот и кретен во нејзините очи, нека биде таа пеперутката која едно време светот ми го направила најубаво шаренило од бои и чувства. Но, ќе негирам се кога ќе ја видам. Љубов, ќе прашам, што беше тоа!? Ќе погледнам во ѕвездите кои сакав некогаш да и ги подарам и ќе забележам дека нашата згаснала. Ако, нема биде и универзумот против мене. Нека се свртат коцките во нејзина полза, ќе ми биде мило да ја гледам среќна иако ќе знам дека не сум причина за таа среќа и иако Месечината ќе го изгуби својот сјај во нејзините очи...


No comments:

Post a Comment