Friday, December 20, 2013

...

Ги чувствувам снегулките кои немарно паѓаат на капутот и долгата коса и ги затворам очите додека се препуштам на таа чудна мешавина од спокој и немир кој истовремено водат битка во градите. Но, нека биде така. Повторно пред очите ми излегуваат сликите кои сакам да ги блокирам, повторно ја чувствувам таа болка која ми ги зафаќа градите како демек сега ќе стапи крајот на светот. Ги отворам очите и се обидувам да избегам од сопствените сенки кои ме демнеат во секој чекор. Гледам во белината што ме опкружува во навидум среќните лица и некоја несвесна насмевка ми бега на лицето иако сум свесна дека тоа повеќе не е мој одраз туку лице на странец кој сум одлучила да го глумам. Нека бидам среќна за светот дури и тогаш кога се распаѓам, кога плашливо го стегам ракавот од џемперот, плашејќи се од животот и од неговите патишта. Подголтнувам, станувајќи свесна дека сум целосно изгубена во светов. Сепак, продолжувам да чекорам додека се борам со самата себе. Насмевката ми е постојано нацртана на лицето како некој доказ за среќата и убавината на светот, додека солзите се лејат длабоко во душава. Станувам странец за светов а особено за самата себеси. Но, нека биде така. Нека паѓа снегот во тој препознатлив и нежен ритам, нека удира ветрот бесно во градиве додека се борам да го направам секој чекор. Ќе бидам среќна за сите, ќе бидам таа која не знае да плаче и го пронаоѓа оптимизмот во се. Зошто да не? Ќе слегнам со рамениците демек ми е сеедно и демек срцево мое повеќе нема надеж за минатото. И еве ме сега, чекорам по патот кој сум сигурна дека ме води кон мојата пропаст но не ја манувам попатно станицата. Продолжувам да одам додека не стигнам до некоја станица каде што светот ќе ги добие потребните бои и насмевкава нема да биде нацртана и ќе се претоври во вистинска. Којзнае, можеби ќе си поверувам себеси дека сум среќна и дека светот може да биде убав. Едно мало можеби кое не е утеха, но тоа е се што ми преостанува додека се борам со животот кој бесно ме удира во градиве и сака да ме запре. Ја испружувам раката и гледам во малата снегулка која останува еден момент подолго на мојата рака. Можеби тоа е смислата на светот, без разлика на се, еден ден сите тонеме во тој мост помеѓу животот и соништата... Само што денес се чувствувам толку изгубено...


No comments:

Post a Comment