Saturday, December 7, 2013

...

Ми недостасуваш... Знам колку едноставно звучат зборовите и истовремено одразуваат многу тага. Не знам дали зборовите некогаш ќе стигнат до тебе. Реално, не знам ни дали би имало смисла да се каже нешто повеќе. Знаеш, тагата не се опишува со неколку зборови онака штуро расфрлани на бел лист хартија. Па, дури и да се напише една цела филозофска книга за тебе и за тоа колку беше најпрекрасен нема да биде доволно. А да не говорам пак за тоа како срцево се скаменува во едно грутче камен кое ми тежи на градиве. И еве ги повторно солзиве кои доаѓаат како неповикани гости и ме гушат. Ме повредува вистината дека тебе повеќе те нема, дека сега си само останат во фотографиите и видеата кои секојдневно ги прегледувам во мобилниот. Знаеш, како да си загубен во некој кошмар и секој ден претставува битка со самата себе и со тоа дали вистината може да се промени. Дали ти можеш да се вратиш повторно назад... Посакувам зборовите да имаа некаква смисла, да можеа барем малку да ја ублажат оваа тага која зјае во мене и никако не замира. Можам само да ги затворам очите и да мислам повторно и повторно на тебе. Не сфаќам зошто постојано ми се вртиш во главата како да сум била заљубена во тебе. Да, вистина ми се допаѓаше но... 
Сериозно, како да пронајдам зборови да објаснам како се чувствувам. Не е ни важно како се чувствувам. Важно е дека тебе те нема, дека сега си некаде се надевам на некое безбедно место и дека си среќен. Но,по ѓаволите и тоа како боли фактот со кој се будам секое утро, дека повеќе не си присутен. Дека нема никогаш да те видам, дека единствено ми остануваат некои фантазии за тоа што би можело да биде. Единствено можам да сонувам за тие немирно сини очи кои толку лесно ми ја брануваат душата. Еден момент сакам да искршам се затоа што животов и тоа колку е неправеден и игра некои заебани игри во кои не сакам да учествувам. Сакам едно утро да се разбудам и да помислам -Еве ова ќе биде добар ден... Но, не можам. Не откако ти си замина. Деновивте се мешаат во некои мрачни бои, светот ја губи својата димензија, галаксиите се мешаат со моиве чувства кои не можам да ги дефинирам. Почнувам да ги мразам брзите автомобили, не сфаќам зошто баш ти си морал да бидеш таму. Ми викаат судбина, но која судбина ти се молам!? Зошто секогаш заминуваат најдобрите личности? Не можам да се помирам со тоа, не можам да прифатам дека си ангел на небото и толку далечен од мене, од сите нас. Потребни се ангели како тебе на земјата,луѓе кои умеат да сакаат неограничено, кои се претерано згодни од кои ти застанува здивот а истовремено се и прекрасни луѓе ... 
Но, нема да се вратиш. Ми стана тоа јасно уште од почетокот иако одбивам да верувам во тоа. Одбивам да верувам дека ќе поминат толку денови а ти нема да се вратиш. Одбивам да поверувам дека нема да ја видам никогаш повеќе твојата насмевка освен на некоја твоја фотографија, да поверувам дека си заминал засекогаш... Одбивам да плачам иако солзите секојдневно ме напаѓаат. Не сакам да знам дека ова e реалноста, повеќе би живеела во тој мој замислен свет во кој хероите секогаш остануваат насмеани и на нозе. А сепак секој ден ми е само потсетник на тоа што било и никогаш нема да се случи. И ја мразам таа празнина која ми ги пробива градиве како да се парче хартија натопени со мастило.
Поминува уште еден ден. Цела недела, цел месец... Тебе ќе те нема. Солзите ќе течат низ лицево и ќе ме потсетуваат колку сум слаба но нема да се вратиш. Претпоставувам дека еден ден болката ќе премине во некоја тага, солзите ќе пресушат. Можеби еден ден ќе ја погледнам твојата фотографија со насмевка, иако таа насмевка нема да биде целосно искрена. Знам дека нежно ќе го помилувам лицето небаре е вистинско, како ќе можам да ја почувствувам топлината на твојата кожа и мекоста на твоите усни. Повторно ќе се загубам во таа најубава сина нијанса на твоите очи иако ќе изгледа толку вештачки. Ќе ми остане горчината во грлото и беста кон судбината и животот затоа што не дозволуваат човек да биде среќен.Ќе ги затворам очите и ќе помислам на тебе. Празнината ќе ме обземе како некогаш, но ќе ме теши утехата дека ти си среќен. Барем на тоа ќе се надевам. Нема да помине ден без да помислам на тебе и да ги прегледам твоите слики. И нема да биде повеќе важно. Ништо нема да биде. Деновите ќе минуваат како празни страници од листови на книга, кои никој нема да ги забележи. И утре и денес се ќе остане исто само ќе се промени датумот. Можеби еден ден ќе погледам во синото небо без болката и помислата колку ми недостасуваш. Можеби еден ден светот ќе прерасне во некое среќно место иако ти нема да бидеш тука. Најверојатно тогаш ни мене ќе ме нема. Ќе помине денов,уште еден после него... И така до бескрај. Желбите ќе останат само желби а среќата ќе ја бараме на друго место. Ќе бидеш опкружен со луѓе и ќе се чувствуваш толку сам затоа што никој нема да биде како него. Ветрот ќе ме удира бесно во градите, времето ќе лета пред очиве а животов... Животот ќе остане само едно ветување за тоа дека треба да се биде среќен...


No comments:

Post a Comment