Tuesday, December 10, 2013

Те сакам...

Илјада дефиниции за љубовта, јас ќе ја дадам илјада и првата. И знаеш, нема да биде воопшто значајна и нема да допре до никој нов феномен за кој немаш слушнато.А уште помалку дека ќе ја опише љубовта во нејзината вистинска смисла, онаа во која јас се губам така лесно во твоите очи. Можам да најдам илјада причини зошто те сакам, но знам дека ниедна од нив нема да биде целосна. Зошто? Затоа што ти си едноставено таков, мозаик од илјада спомени кои нема никогаш да се вклопат во ниедна слика. А сепак, сликата што ти ја преставувап е мојата омилена...
Те сакам затоа што денот кога ми почнува со тебе е обоен во најјака жарко црвена боја која ми го осветлува лицето. Те сакам затоа што утрото ми почнува со зрак од сончева светлина која ми го милува лицето и ми го топли срцево.
Те сакам затоа што светот ја добива посакуваната смисла кога ти си покрај мене. Те сакам за сите сварени чаеви и кафиња, за сите изгорени јадења и торти. Те сакам заради омилените мафини од боровинка и малина, за сладоледот со чоколадо и овошните торти. Те сакам за цела „Европа“ и „Милка“ , затоа што светот покрај тебе е чоколадно уживање. Те сакам заради сјајот во твоите очи што за мене се поскапоцени од сафирите. Те сакам заради малите дупчиња што се формираат при твојата насмевка, начинот на кој немарно ќе поминеш со раката низ косата и ненамерно ќе ја разбушавиш. Го сакам начинот на кој рацете ти се топли и во зима и ги грееш моите подобро од ракавици. Го сакам тоа што се шегуваш со мене, а толку лесно знаеш да се пошегуваш и на своја сметка. Те сакам затоа што пушиш како Турчин, а потоа се жалиш кога ќе го поделиме Сникерсот дека ќе внесеш многу калории. Сакам да те гледам додека возиш и рокаш некоја музика од бенд кој никој не го слушнал а човек не може да не се насмее. Го сакам начинот на мој ме гледаш кога поминувам покрај тебе и кога ќе ме прилепиш во својата прегратка и да ме бакнеш пред сите останати како да сакаш да ставиш етикета дека сум твоја. Сакам да се шетам со тебе низ градот фатени рака за рака, иако цел пат ќе го поминеш пекајќи дека не го сакаш тоа. Те сакам затоа што ги слушаш моите омилени песни на слушалките заедно со мене, иако не ти се допаѓаат. Те сакам затоа што светот завршува и почнува во тебе. Те сакам заради сите твои недостатоци кои те прават совршен. Те сакам затоа што ги читаш моите текстови и ги коментираш недостатоците и не промашуваш момент да ме пофалиш за нешто. Те сакам затоа што си секогаш покрај мене, затоа што првата порака на Фејсбук или мобилен мора да биде од тебе. Те сакам затоа што велиш дека не веруваш во цагери, а само онака немарно ќе се насмееш кога ќе фатиш еден. Те сакам затоа што си циничен за се и сешто, а умееш да се расплачеш на некој емотивен филм и да се вадиш дека ти влегло нешто во окото. Те сакам заради фраерот што си, а истовремено и едно малечко дете кое сака со сето срце. Те сакам затоа што си ваков каков што си и најпосле заради ништо посебно. Те сакам затоа што уживам денот да ми почнува и завршува со твоето име. Те сакам затоа што текстовите испаѓаат и едноставни и комплицирани заради тебе. И на крај?
Те сакам затоа што си поразличен од сите, заради насмевката што ми ја бранува душава, за твоите најубави очи, затоа што небото денес е сафирно чисто а сонцето немарно грее, затоа што ѕвездите се горе на небото и ништо повеќе, затоа што си неромантично романтичен. Те сакам затоа што светот ја добива смислата со тебе. И ништо помалку...


No comments:

Post a Comment