Tuesday, September 17, 2013

Во спомените...

Се прашувам дали можев да променав нешто ако си го погазев достоинството. Вредеше за неа, барем толку сум сигурен. И кога ќе ја сретнам , онака демек ненамерно иако тоа го имам планирано, едноставно повторно се јавува оној немир и возбуда која игра во моите гради. Во тие моменти сигурен сум дека ја сакам, иако поминати се некои шест години од последниот пат кога ја видов. Знам едноставно дека во тие моменти се брише времето, се бришат сите тие мои љубовни авантури, луди трки со мотори и автомобили, пијаните ноќи и желбите да бидам авантурист. Тогаш само сакам да бидам сакан. Сакам да ја сакам неа, сега го сфаќам тоа.
Ги сакам тие сафирно сини очи кои гореа со тој пламен кога беше лута, начинот на кој го креваше носот и бесно гледаше во мене , кога ќе се насмееше едноставно целата соба ќе добиеше поинаков сјај. Ја сакав затоа што само таа ми противречеше, само таа умееше да внесе малку разум во мојот луд свет. Ја сакав затоа што знаеше што сакам, разбираше точно кои се моите желби и ме охрабруваше дури и кога сите ми велеа дека сум луд. Знаете, на секој му е потребен некој кој ќе биде секогаш покрај вас, оној кој ќе го насмее вашето лице и ќе внесе радост во тој сив свет кој ме опкружуваше. Сакав да биде покрај мене, сакав сите да ми завидуваат затоа што ја имав, затоа што беше убава и однадвор но уште повеќе одвнатре. Ја сакав затоа што беше една ѕвезда која дошла од небото само за мене,да ми го осветли денот со своето присуство. И искрено ,ми недостасуваат спомените со неа. Ми недостасува да ја учам да вози мотор , деновите кога на почетокот се плашеше а потоа ја купи онаа смешна кожна јакна само за да и одговара кога ќе вози мотор. Сакам да ја гледам како се смее, како малите дупичиња ќе се јават на нејзините образи , невидливи за оние кои не ја познаваа доволно добро. Умеев да ги разликувам вистинските од лажните насмевки, да ја сакам кога е намуртена, кога ќе ме натераше да се откажам од цигарите и за неа го направив тоа.
Посакувам сега да знам дека сум ја сакал, дека не била само некоја обична лудост и краткотрајна вљубеност.Би сакал да променам се, да и кажам колку ми значи ,дека цело време сум мислел на неа. Сакам да и кажам дека сум обичен идиот, дека никогаш не требало да заминам од неа и да ја оставам без никаков збор. Сакам да и се извинам, но познавајќи ја неа само гордо ќе ја крене главата и ќе каже дека никогаш не сум ја повредил иако лесно го прочитав тоа во онаа плачлива порака што ми ја остави на мобилниот оној ден кога завршивме средно и со моторот одлетав далеку без никој да знае ништо за мене.
И после толку години,сфаќам што се сум пропуштил. Сфаќам дека убавината на животот не биле оние неразумни идеи и желби кои сум ги имал на времето. Сега ми е јасно колку таа ми значи , колку сакам да е тука покрај мене, да ме гушне онака како да не сака никогаш да не се оддели од мене, да ја потпре главата на моите гради и да ме гледа онака нежно со тие светли сини очи. Да го промени мојот свет со нејзината насмевка, да ме искара затоа што сум бил олкав глупак што сум скитал низ светот и не сум научил ништо. Но , на времето знам дека ќе разбереше се и ќе ме сакаше. Без збор ќе застанеше  до мене и ќе ми беше јасно дека сум погрешил. И тогаш само ќе посакав никогаш да не сум го направил тоа и ќе ја бакнев како од тоа да ми зависеше животот.
Но,да тоа е само едно време. Неа ја нема веќе во оваа слика покрај мене, сега има некој дечко кој ја смее на начин на кој јас никогаш не научив. И се радувам за неа, иако ме боли. Се радувам што некој ја сака на начин на кој заслужува затоа што знам дека ние никогаш не би имале шанса повторно да бидеме заедно. Премногу би ми било болно да го гледам разочарувањето во  тие најубави очи и да ми биде потсетување колку сум грешел. Ќе ја сакам оддалеку , иако нема да го знае тоа. Можеби во тоа е смислата на животот,барем на мојов. Да научам дека некои работи се случуваат само еднаш во животот и колку и да сакаш нема втора шанса. На крај останува болката и надежта , само таа слика за неа и спомените кои ги чувам во срцето како најголем подарок. И љубовта која веќе станала еден спомен...

No comments:

Post a Comment