Saturday, September 14, 2013

Мојот петок тринаесети

Небото беше темно и црно, како земјата која полека да се ронеше помеѓу моите долги прсти. Воздухот мирисаше на бензин , расипништво и реата од трупот на комшијата кој полека гниеше во дупката каде што беше закопан пред пет месеци.Гавраните прелетуваа врз главите на туѓинците ,кои исплашено ја набљудуваа околината. Можеби престрашени би бил подобар збор.
            Зошто?Па , како би се чувствувале вие кога би биле на средина во ноќта на гробишта?
            Ох,да би требало да се преставам. Непристојно е да се разговара а да не се каже своето име, зарем не. Позната сум како Црната господарка што лично повеќе ми се допаѓаше од она Смртта.И да, женско сум. Навистина, не знам од каде се создаде таа идеја дека Смртта мора да е маж и дека оружјето мора да ни биде коса. Па,ете не мора и не сум некое крволочно животно кое ужива во смртта. Еееј,па најпосле секој мора да ја работи својата работа па дури  и да морам да се соочувам со сите тие предрасуди. Облечена сум во црни кожни панталони и црна кожна јакна, косата ми е пуштена и стојам на брезата која осамено зјапа во сите тие непознати лица и ги чува занемено сите тие солзи и мрачни тајни што ги дознава секој ден. Почнува да врне , ги чувствувам капките врз моето бело лицеи се насмевнувам. Го сакам дождот и самата престава на слобода и мирисот на искосената трева што Тони ја искоси пред некој половина час.
            И во тој момент се вратив на мојата игра за вечерва, тие четворица тинејџери кои мислат дека е интересно да се наруши вечниот дом на сите мои пријатели. Да, чудно е кога мртвите ќе ги наречеш пријатели, но не судете. Во оваа работа и не се има многу слободно време за сето тоа дружење и одење по ресторани или барови или не знам што друго прават нормалните луѓе.Така да, малку забава како оваа секогаш е добредојдена.Сите четворица се кријат зад „куќата“ за алат на Тони . Куќата е интересна,иако јас повеќе би ја именувала во колиба. Има светло црвена боја како онаа на раното изгрејсонце , две мали прозори од кои наутро ѕирка светлината иако кога последниот пат проверив речиси е темно како да е ноќе,па често Тони користи некоја светилка. Мислам дека поекономично ќе му биде да вгради струја. Но,можеби и ќе му го споменам тоа некој пат. А да се вратам на мојата забава. Исплашено гледаат наоколу,барајќи го чуварот кој никаде го нема и кој веројатно се опил во најблиската кафана разочаран од животот и од тоа што жена му е обична курва.Па,мислам најдобро е нештата да се викаат по своето име ,иако луѓето продолжуваат да ги негираат нештата како што се. Но,гледајќи во моите жртви лесно ја читам нивната историја и стравови. Штета што еден од нив мора да умре,затоа сум овде. Што би барала јас инаку на гробишта во ова време!? Сите имаат шеснаесет години и очигледно мислат дека истражувањето на гробиштата е добра идеја и начин да се помине една вечер . Ова е идеја на Иван , оној темнокос висок младич кој претпазливо ги води сите и очигледно е водич. Ми се допаѓа,изгледа искрен иако ја крие вистинската работа зошто е овде. Сака да го види гробот на мајка си затоа што татко му е алкохоличар и е мажен за онаа злобна сосетка што го презира. Никогаш не се има осмелено да дојде овде,но еве денеска се решава да направи нешто за промена. Потоа тука е и Симон кој гледа бесно во сите нив затоа што омилените Најк патики му се измокрени и натопени со кал. По ѓаволите,дома ќе мора да ги чисти. И најпосле, зошто мора да дојдат тука олку доцна во ноќта како ова да е толку забавно. Можеше лесно да си ја помине ноќта во  некоја добра дискотека со Марија. А Марија пак очигледно ужива во оваа авантура. Не се случува секој ден да дојде на гробишта и тоа во ова време во ноќта. Сака авантури , тоа лесно може да и биде инспирација за некој нов текст. Има убаво лице,паметна и се надева дека еден ден ќе стане некој познат писател. Колку ли би ми платиле кога би им кажаладека може да им ја каже иднината!? Секако,ако ми поверуваат. И тука е и Симона,со долга руса коса, мачкино зелени очи , безобразно секси поглед и незаинтересираност за околината. Искрено , не знае како се најде во ова,но Иван и  е најдобар пријател и тајна симпатија.Па,ако треба да истрае неколку часа на гробиштата нема да биде лошо само за тој да биде задоволен. Иван се врти кон неа , погледите им се среќаваат и таа се насмевнува. Да,сега знае зошто е овде.
            Не знаат дека јас сум овде,љубопитно набљудувајќи го секој нивен чекор. И јас сакам авантури и добри мистерии, иако веќе знам како завршува ноќта. Да,тешка е задачата посебно кога мора да почине некое младо дете кое уште нема направено на животот. Но,еј некој мора да го работи ова, го сакале или не. Па, и јас сакам да сум некоја нормална девојка која ќе се врати дома покрај својот маж и неколку деца,да ужива во добро пиво наместо да седи тука во ноќта и да прави работи незамисливи за нормалните луѓе. Но,пак повторувам работа е работа и некој мора да ја врши без разлика дали му се допаѓа или не.
            Гледам како Иван со бавни чекори се упатува кон гробот на мајка му, држејќи ја Симона за рака. На лицето се чита таа напнатост и возбуда а Симона се обидува да го убеди дека се ќе биде добро.И како да не ја сакаш љубовта и младоста после!?
            Останатите ги следат,Марија и Симон држејќи се рака и тивко разговарајќи. Симон како секогаш бунејќи се. Чудно е кога можеш да ги слушнеш и самите мисли на луѓето,нивните скриени желби. Симон сака да биде овде, сака да се докаже себе. Сака еден ден да биде полицаец иако сега се однесува како некој ситен криминалец кој нема некоја посебна желба. Е,па да искрено е. И би направила добра кариера со моите способности да не беа сите тие правила што ми налагаат да бидам обично тивка и незабележлива. Мислам,здраво. Како може да се очекува од мене да бидам невидлива!? Но,ајде да баталиме тоа и така е тоа долга тема за дискусија.Дождот истура,ги чувствувам големите капки вода како се лепат на мојата кожа и ја мократ мојата коса и целата облека. И го сакам тоа, се чувствувам толку блиску до природата и далечна со луѓето како овие моиве кои се муртат и прават некои откачени гримаси. Им студи, го мразат дождот,сакаат да се дома...Глупости. Не сфаќаат колку е ослободувачки да се биде овде, да се биде во склоп со природата со една долго затскриена тајна. Сепак,Иван чекори гордо напред,го пронаоѓа гробот на Катерина со Симона и се расплакува. Ослободувачки е после сите години да биде блиску со жената што му дала живот,што го одбрала него пред себе.Се поклонува пред нејзиниот гроб и се наведнува. Останатите се кријат под едно дрво во близина на моето а јас речиси се смеам на нивната наивност. Сакам да се смеам гласно на нивната наивност,но знам дека лесно ќе ме слушнат.Наместо тоа,ја чистам косата од лисјата кои паднале врз неа . Сепак,за момент се чувствувам како обично човечко суштество и чувствувам тага гледајќи го Иван кој плаче заради својата мајка. Да,знам дека животот не е фер и дека и јас станав роб на Судбината,но морам да го извршам нареденото. За некој миг,се станува тивко .
 Само едно лице паѓа на земјата,со очите гледа во темното пространство пред себе и во таа бела светлина која доаѓа од моето лице. Ја забележувам изненаденоста која се протега во неговите очи и зениците кои се стеснуваат додека се бори да избега. Во тој момент ги чувствувам солзите на моето лице кои се мешаат со дождот додека се чувствувам како најлошо ѓубре на светот. Гледам како останатите трчаат до него и го опколуваат неговото тело,не грижејќи се за дождот кој истура врз нивните плеќи и ги мокри нивните разбушавени коси. Сакам да се извинам, да го вратам направеното, додека чувствувам како градите ми се стегаат кога стојам покрај мојот нов пријател кој гледа збунето во мене. Само плачам,но тој се чини дека разбира и ме гушка. Знам дека никој не не гледа, дека често сум невидлива за останатите,но сега некако посакувам да сум само човек. Без никаква господарка или Смртта,само обично човечко суштество кое плаче врз загубата на младиот живот. Ја знам веќе и дијагнозата што ќе ja постават докторите, воспаление на белите дробови кое резултира со неговата смрт. Сепак, сега само гледам млади деца кои плачат врз телото на младиот другар кој повеќе нема да го видат. Слушам врисоци,крикови и една девојка е најгласна од сите. Но, тој ги слуша нејзините последни желби и зборови и солзите се слеваат низ неговото лице. Стоиме така, еден до друг фатени за раце гледајќи во тоа младо тело кое лежи неподвижно и во мојот нов пријател. Во тој момент го чувствувам студенилото што го носи дождот и се чувствувам како човечко суштество. Иван почина,но еве го тука до мене и ја чека мајка си. Чудно е,но истовремено и страшно. Еве сме,на петок тринаесети кога стравот станува реалност а јас сум главната виновничка за тоа. Ги затворам завесите зад Симона и Иван кој сеуште ме држи за рака и го носам до неговата мајка. Подоцна се враќам на гробиштата и седам на моето омилено дрво,додека тивко плачам. Неможам да објаснам зошто,но седам така се додека крваво црвените пламени не ја заменат дождта и не го избришат студенилото од мене. Децата се веќе изчезнати,па дури и телото на мојот пријател. Заврши играта, но се чувствувам како губитник. Понекогаш сакам да не успеам,но некако сум предодредена за несреќни завршетоци за другите кои стануваат и мои приказни. Го гледам и Тони кој доаѓа на своето работно место,несвесен за вчерашната драма, го слушам џагорот и безгрижноста која владее во светот како да се безбедни во малите скоцкани животи кои мислат дека се вечни. А јас стојам тука и ја знам вистината. Наскоро повторно ќе стапам во акција и ќе нарушам уште некоја приказна онака како да си играм со лего коцки и со еден потег лесно можам да го уништам досега изграденото.И се мразам заради тоа. Но,само станувам и стојам на гранката додека гледам во сонцето, во спокојството,во сопствениот немир, во домот на Иван во кој ништо се нема променето, во Симона која го загуби својот спокој, во срцата на сите луѓе . И ја чекам новата наредба од Судбината како послушен војник. Затоа што ова сум јас и од ова нема мрдање. Можете да ме наречете Смртта или Црната господарка ,нема да ви се лутам. Но, знајте дека следната жртва можете да бидете вие....

No comments:

Post a Comment