Monday, January 20, 2014

Во битка со животот...

Барам надеж во денов, во сончевите зраци кои немирно ми ја скокоткаат кожата. Ги барам оние долго загубени зборови кои ветрот ми ги зароби еден ден во својот студен здив. Знаеш, многу често човек се губи по патекиве на животот што се простираат пред очиве. Како да можеш да имаш се, да бидеш онаа личност што си ја гледаш во сопствените фантазии, но истовремено и да немаш ништо. Ова ти е животот кој се простира пред очиве, неколку скалила одиш нагоре и во следниот момент се враќаш неколку скалила надоле. 
Сакам да ги пронајдам солзите кои останаа загубени во времето, да ја пронајдам онаа детска насмевка и врева, надежта дека светот може да се промени со малку надеж и верба. Да ти кажам, сакам толку многу работи што не можам да им го најдам крајот. Немам доволно зборови да се доискажам, го чувствувам светот како чадот што излегува од оџакот на куќата спроти мојата, само така лесно испаруваат желбите од нашиве кревки тела. 
Чудно е кога ќе пораснеш и ќе сфатиш толку многу од животот, нешта што кога си бил во таа твоја наивна форма не си бил свесен дека постојат. Сега само се чувствуваш како марионета, една постапка ја правиш самиот ти со многу напор се бориш да избегаш од кукларот наречен Живот, но тој во следниот ги враќа конците во своите раце и бесно те стега со своите ладни прсти да не се осмелиш повторно да избегаш. Би сакала да кажам дека знам се, да можам да се насмеам и да не се грижам за болкава која се јавува на секој агол од градов, да се занесам во тие бели облаци кои денес совршено се вклопуваат во она сафирно небо кое ми носи некои чудни спомени. Но, наместо тоа ветрот ми носи чудни спомени, чудни чувства кои не можам веднаш да ги дешифрирам. Знам само дека светот се протега во многу различни бои, но за жал се повеќе тоне во тоа сивило и монотонија кои сами си го наметнуваме. Еве ги маските на лицето, навидум безгрижноста со кои ги криеме солзите кои се слевале на нешто лице минатата вечер, таа секојдневна борба за парче леб. Еве ја иЛицемерноста ми се смее во лице затоа што знае дека води во таа борба против искреноста. Зависта танцува некаде во близина со Лагата, Вистината и Болката се кријат во обид никој да не ги види нивните разорувачки солзи. А ние тонеме во илјадници приказни што самите ги измислуваме да му биде потопло на срцето. Е па не му е. Еве го сеуште се стега пред неправдите, размислува за еден ангелски лик кој му создава болка и покрај сите години. Размислува како би било да може да се смени нешто повеќе.
И сепак еве сме. Заедно под небото, гледаме во Сонцето со душа исполнета со болка и солзи во очиве. Ја чекаме  Надежта  да се врати во срцава... Но уште поважно, се губиме во сопствената зафатеност со цел да заборавиме на болката која не прави човечки суштества кои умеат да сакаат. А денов се претвора во пламено црвената боја во која тоне хоризонтот и се распрскува на сите страни како пламени со цел да не насмее. Една насмевка се губи на лицево како доказ за надежта која е во близина. Продолжуваш да чекориш, во присуство со надежта  дека нешто ќе се промени. Се до некој друг ден, кога Вистината брутално ќе те натера да клекнеш пред Животот... 


Sunday, January 19, 2014

Сакаш да знаеш кој е мојот изговор што се однесувам вака!? Изморена сум!

Сакаш да знаеш кој е мојот изговор што се однесувам вака!? Изморена сум! Изморена сум од лаги, од лицемерие, од тоа што замислуваш дека си совршен, дека го имаш сфатено светот и дека знаеш едноставно се. Изморена сум од светот што се протега пред моите очи, пред самодеструкцијата која си ја наметнуваме, од болката што излегува од сечиј поглед. Сериозно, знаеш од кога не сум забележала некој да се смее искрено без болка во очите. Па,дури и кај децава... Изморена сум од градов, од луѓето што ме опкружуваат, од лажните пријателства, лажни ветувања. Сакам да заминам некаде далеку и да се одморам, да ги оставам мозокот и фантазијата да си работат нормално а не да постои оваа бариера што дури и сега ја чувствувам. Изморена сум од оваа грутка што ми стои на градиве и не можам да ја разберам, како целиот свет да ме задушува, како едноставно да сум си го потрошила правото да бидам среќна. Знаеш што сакам!?  Време, сакам да се наспијам како човек, да земам да прочитам една добра книга на раат за да ми ја врати вербата во човештвото а не уште повеќе да ја разниша. Сакам да не се замарам за ситници, да не размислувам дали утрешниот ден ќе донесе нешто ново што ќе ја разбие монотонијава. Изморена сум да слушам лаги како да не знам дека не ја говорат вистината, изморена сум од сето тоа преправање, од солзиве кои се на врвот на клепкиве, но некако ги задржувам. Изморена сум од губење, од тоа примање удари од животот небаре сме боксерски вреќи а не човечки сушстества. Мразам што луѓето се менуваат како што се врти политиката, што човек не може да биде оној вистинскиот затоа што нема да се совпадне со мислењето на мнозинството и нормите што ги поставило ова оштество. Изморена сум од празнинава која зјае во градиве, од болкава која се собира и секојдневно го крши срцето, од солзите на недолжните, од самиот свет кој е бескрупулозен и суров и само гледа да те уништи. Изморена сум од времево, сакам сонце, сакам плажа, сакам насмевки, сакам време. Сакам да се отпуштам и да заборавам на сите проблеми. Да заборавам за еден момент на обврските и нормите што ме чекаат да ми ја треснат вистината во лице. Сакам едно топло кафе, една добра книга и една насмевка. Светов да престане да глуми лудило, а болкава да се претвори во радост. Затоа што изморена сум од тебе и од сите како тебе кои всушност не знаат ништо.
Ете, тоа е мојот изговор зошто се однесувам вака. Кој е твојот?

Thursday, January 16, 2014

Една насмевка ве молам!?

-Едно кило прегратки ќе ве замолам?
-Молам? - Продавачката ја подига збунето веѓата и престанува да ги грицка црвените нокти. Гледа фрапирано во мене, како да сум најнижото битие на планетава, кога го трга погледот од романчето што го чита на некои мали паузи како оваа.
-Едно кило прегратки, ве молам. Потоа, две кила насмевки и пола кило бакнежи... -Одговарам сериозно и немарно преминувам со раката низ косата. Се чувствувам прилично ослабено и знам дека не сум повеќе оној што мислеше дека светот може да го зграпчи во прегратка. Напротив, последниве месеци прилично доста се променив. 
-Сериозен си? - Збунето го бара мобилниот во џебот, за во случај јас да сум некој лудак кој можеби планира да ја ограби. 
-Прилично да.- Одговарам сериозно, не сфаќајќи зошто луѓето гледаат закана во човек кој само бара малку среќа,насмевка и љубов да му подели на светот. Ги забележувам погледите на луѓето кои пазаруваат, насочени кон мене, сите ме одбегнуваат како да сум заразен. Чудно е кога еден ден се наоѓаш на врвот а потоа ненајдено паѓаш на дното каде што те пречекува само осуда. 
-Извинете, но не продаваме тоа. - Ми одговара делумно сериозно, иако во очите и ја забележувам таа смеа како да сака да ми покаже дека нешто очигледно ми фали.
-Во ред, благодарам.- Кимнувам со главата и излегувам бавно од продавницата, чувствувајќи се слаб.
 На себе ги чувствувам обвинувачките погледи и погледите на сожалување, тоа задоволство што не се на мое место, на овој бездоник кој не знае каде му е местото па решил малку да се прошета во нивните мали суредени животи и да се помеша со нив. Подголтнувам, чувствувајќи ја горчината во грлото и солзите во очите. Којзнае дали ќе го најдам што го барам. Го забележувам својот одраз на излогот од продавницата кога излегувам надвор и се борам гладно за воздухот затоа што оддеднаш се гушам. 
Не сум повеќе оној истиот, сега сум заменет со некој странец, со темна и неуредна брада, мрсна коса, две захгубени сини очи, валкано лице, облечен во еден изветен црн мантил кој го добив за подарок пред некои два месеца кога сеуште бев во она мое старо расположение. Кога сеуште мислев дека ѕвездите ми се сојузници. Чевлите се пред распаѓање, но барем можам да ги користам уште некое време, фармерките не ги ни препознавам. Но, самиот јас сум најголемо изненадување. Сум станал непрепознатлив костур, прилично доста сум ослабнат и ја забележувам сопствената безживотност што ме плаши најмногу од се. Морам да го најдам потребното, пред целосно да згаснам.
Чекорам по улиците на градот, следен од погледи на гнасење и жалење, погледи на омраза кои ми создаваат само болка. Сега ми е јасно зошто мојот пријател Мерсо е рамнодушен кон светот, така нема шанси да биде повреден од студенилото на светот и осудите кои ме прогонуваат. Ова повеќе не сум јас, но добро е да се знае дека кога луѓето најмногу ти се потребни ги нема тука да ти помогнат. А некогаш, бев најпријатно друштво за сите луѓе... И во следната продавница што ја наоѓам зад аголот го нема потребното. Ги чувствувам солзите на врвот на клепките кога излегувам, овојпат речиси понижен од продавницата. Сонцето грее слабо, но неговите зраци ги чувствувам само како мраз на кожава кои полека ми го ладат срцето. Можеби ова е крајот за мене, после два месеца барање, повеќе ја немам мојата способност да им го подарам на луѓето тоа што им треба. Сега сум само уште една сенка, која си ја бара својата магија. Само што се чини дека мојава е засекогаш изгубена...
- Еве една прегратка чичко. - Едно малечко девојче трча кон мене и ги префрла малите рачиња околу моите раменици. Задоволно гледам во неа, чувствувајќи како една солза се одделува на лицето. Нејзината насмевка повторно ми го грее срцето. И повторно сум самиот јас.
-Еве кај си. -Нејзините родители излегуваат од продавницата каде што бев пред само некој миг и задоволно ја земаат во прегратка. -Се надевам не ви досадуваше господине?
-Не,никако. -Задоволно ја погалувам по главата и забележувам дека повторно сум истиот човек. Облечен сум во сиво сако и сиви панталони, сина кошула, косата ми е суредена, брадата ја нема, а очите сјајат на истиот начин. И намигнувам,како тоа да ќе биде само наша тајна.
Задоволно чекорам по улиците, додека луѓето задоволно ме поздравуваат, како да се среќни што ме гледаат. А јас се смеам во себе за моето враќање. Кога ќе го видам Мерсо, ќе му кажам се. А во меѓувреме,има многу луѓе што чекаат на мене. Морам да побрзам...


Monday, January 13, 2014

Крајот...

Малку се зборовиве што ми лежат на срцево. Малку се и солзиве кои се насобрале во очиве да ме потсетат на реалноста. Малку е се што постои околу мене а не можам да го дофатам. Мал е животов, мала сум и јас. Еден човек од многуте, едно зрнце песок на километарска плажа, една капка дожд која ноќва онака немарно ти го милува лицето. Искрено, малку е се особено зборовиве кои немаат смисла. А зошто би имале, кога ова сме ние, марионетки на сопствените чувства и мисли!? Избледени бои, размачкани кармини, капка лош парфем кој испарува, една чаша вино која се крши во рацеве и се соединува со крвта. За на крај да се чувствуваш себеси како странец во сопственото тело, како... Како животот да е оддалечен од тебе милион години како небото и ѕвездите. Ти останува само да ги затвориш очите и да се загубиш на немирот кој лежи во градиве и те прогонува. Да почувствуваш како крајот те влече кон својата бездна, а животот се обидува да те разбуди од сопствениот кошмар. Еден чекор те дели помеѓу крајот и почетокот. И една чудна смеа се губи во твоето бунило и те остава како заробеник во решетките на општеството кое се смее на твојот неуспех. Сакаш да бидеш гасеница како некогаш, да можеш повторно да ја доживееш својата метаморфоза. Но, сега си таа пеперутка која останала без своите крилја и не може да го започне најважниот лет. А тој кловн со извештачена насмевка кој те зјапа упорно, стануваш самиот ти...


Животни лекции...

Има многу работи што би сакала да ти ги кажам лице во лице, да не оставам вака празни зборови позади себе во еден дневник затоа што знам дека зборовите сами по себе нема да имаат голема смисла. Посакувам да можев да бидам со тебе во најголемите моменти во твојот живот (би сакала да можам да бидам покрај тебе во целиот твој живот), но знам дека е невозможно. И уште од сега знај дека те сакам најмногу на светот и дека ти си причината затоа што одново и одново за заљубувам во светот. Доволно е само да те погледнам и едноставно да сфатам зошто се борам секој ден да украдам од судбината некој момент повеќе да го поминам со тебе и татко ти. Но, ќе бидам мирна кога ќе заминам затоа што ќе имаш некој покрај тебе кој ќе ти ја подари целата своја љубов и внимание. Понекогаш знае да биде  кретен,но верувај тој е најдобриот човек што постои. Да не должам многу, сакам да ти кажам некои работи што ги научив од животот и се надевам дека и тебе ќе ти бидат од корист.



  1. Не секогаш очигледните работи се точни. Понекогаш треба да си дозволиш да земеш одмор и време, да размислиш за се убаво и да се разбереш себеси.
  2. Слушај го секогаш срцето. Дури и тогаш кога разумот ќе ти каже дека грешиш и најверојатно ќе биде во право, дозволи си да си згрешиш. Од искуствата да учи, иако во тој момент нема да ти изгледа така и ќе бидеш само повредена.
  3. Дозволи си да сакаш. Без разлика колку пати срцето ќе ти биде скршено, не се откажувај од љубовта. Еден ден ќе најдеш прекрасен маж кој ќе те сака и почитува за тоа што си. 
  4. Учи од сопствените грешки. Но, пред се живеј го животот. Патувај, смеј се, уживај во пријателствата што ќе ги стекнеш. Уживај во секој ден и лекциите што ќе ги научиш со секое ново искуство. Читај книги, пиј кафиња, прави го она што тебе те прави среќна а не останатите. И секогаш смеј се, затоа што насмевката може да излечи се.
  5. Никогаш не се кај за стореното, потруди се да станеш подобра личност, дали кога ќе се погледнеш во огледало ќе бидеш онаа личност која сакаш да бидеш.
  6. Верувај во себе. Затоа што ти си единствена, некој ќе го види тоа. Биди среќна и исполни го секој ден од животот со среќа. Види го сонцето и тогаш кога си опкружена со мрачните облаци.
  7. Кога си тажна и мислиш дека целиот свет е против тебе, сети се на мене. Побарај ја на небото најсјајната ѕвезда, замижи и тогаш ќе бидам покрај тебе. Секогаш ќе бидам со тебе, секогаш ќе те сакам. И верувај му на татко ти без разлика колку и да те изнервира и мислиш дека прави нешто само да оди против тебе. Тој те сака , ќе сака само ти да бидеш среќна и заштитена. Верувај ми, нема ништо поголемо од родителската љубов.
  8. Сакај искрено. Дури и тогаш кога ќе ти се причини дека нема тоа смисла, верувај дека има. Само искрената љубов може да ги победи сите препреки, да ги излечи сите рани . И смеј се, затоа што тоа ти е најјакото оружје против светот и неговите бесмислености.
  9. Не чекај нешто да се измени, биди самата промена за светот. Биди таа сјајна ѕвезда на која не мора сите да и се воодушевуваат, но ти самата ќе знаеш дека ти си таа личност што сакаш да бидеш.
  10. Уживај во сонцето. Уживај во убавите моменти. Уживај во дождот додека ги носи сите проблеми од твоите раменици. Сакај ги сите годишни времиња, сакај ги личностите што ти се најблиски и покажувај го тоа секојдневно. Уживај во добра прочитана книга, во твојот омилен пијалок (ако си како мене, тоа би било кафето), уживај во твојот омилен филм, во излегувања, патувања, откривањето на светот. И кога ќе дојде времето, ќе уживаш во една личност која ќе ти ги прошири сите хоризонти и која ќе те научи за светот повеќе од што некогаш си можела да замислиш дека можеш да знаеш. 
  11. Погази ја гордоста и достоинството само ако мислиш дека личноста вреди за тоа. Не дозволувај гордоста да се испречи помеѓу тебе и среќата затоа што тоа нема да ти донесе ништо повеќе од осаменост. 
  12.                
               Што да ти кажам повеќе што веќе не кажав!? Биди секогаш дама. Секогаш биди искрена, биди достоинствена, не се предавај во најтешките моменти, сакај искрено и без предрасуди. Барај ги ѕвездите и бори се да ги дофатиш затоа што само небото е граница за тоа што не можеш  да го имаш. Оди и подалеку од тоа. Дозволи и на фантазијата да те однесе на места непознати за другите. Не дозволувај другите да го диктираат твојот живот, застани гордо на нозете и бори се за сето тоа што веруваш. Кога врне дозволи му на дождот да ја однесе болката и сите лоши спомени, кога Сонцето грее насмеј се и дозволи и на топлината да ти го згрее срцето. Уживај во музиката, во сите природни убавини, уживај во светов ваков каков што е, но потруди се да одиш кон подобро. Зацртај си ги целите и бори се за нив, но не оди преку се. Почитувај го и сакај го тоа што ќе те научи татко ти затоа што тој е паметен човек кој знае многу повеќе за светот од што и самиот ќе признае. Никогаш не се откажувај, без разлика дали работите ќе изгледаат безнадежни. И кога ќе се заљубиш и срцето ќе ти биде скршено, разговарај со блиските пријателки, тие секогаш ќе бидат тука да те ислушаат. Секако биди и ти секогаш тука за нив. Секогаш барај ја причината за насмевка па дури и во најлошиот период. Ако не ја најдеш сети се на мене. Сети се дека минатото не можеш да го промениш, но иднината лесно можеш да ја освоиш. Гордеј се со тоа што ти. И биди секогаш насмеана (не знам колку пати ти го кажав ова, но вистина е). Светот е поубав кога ќе додадеш насмевка во секојдневнието. Чекори храбро и гордо. Не се плаши од ништо. Знаеш... Гледај го светот со тие розови очила за сонце, но не се плаши да ги извадиш очилата затоа што ќе ослепиш од сонцето. Ништо во светот не е невозможно. И на крај ќе сретнеш некој кој ќе те сака таква каква што си и нема да бара да се промениш за да се прилагодиш на неговиот свет. Ќе создадете заеднички свет. Чувај го и сакај го. Верувај, секој момент од животот е подарок. Ништо не трае вечно во овој свет, но има моменти кои ќе ги замрзнеш во своите спомени и за кои вреди да се живее. Е тогаш, ќе знаеш што ти зборувам. Тогаш Сонцето ќе грее посјајно, нема да ти пречи дождот, ќе ја гледаш светлината на крајот од тунелот. И ќе го зграпчиш светот со двете раце да го земеш во својата прегратка...


    Thursday, January 9, 2014

    Зборовите кои останаа неискажани...

    Сакам да ти кажам дека те сакам. Ете, го кажав тоа што ми стоеше во грлово како грутка и ме давеше цело ова време. Те сакам. Само што штета што ти не си сега тука да го слушнеш тоа, туку си го водам разговоров со мојот фиктивен лик што во мислите си ти.
    Знаеш, доаѓа време кога се чувствуваш толку осамено и поразено од светот што се околу тебе си ја губи смислата, боите избледуваат, се бориш да ги задржиш спомените во срцево затоа што само тие останале како утеха. А верувај, не е многу. Едноставно сфаќаш дека животот ти поминал низ прстите како да е само ситно парче песок кое не си можела да го задржиш. И сфаќам дека љубовта имаше име кое сега има и горчлив и сладок вкус на усниве...Спомениве се само капки дожд врз кожата, го имаат тој ладен допир што истовремено те плаши и те буди од таа заблуда во која си западнал. Како... Како оддеднаш срцето да станало камен и повеќе не стигнуваат емоции до него. Деновите ги поминуваш онака автоматски, го правиш тоа што е очекувано од тебе, подаруваш од твоите лажни насмевки затоа што знаеш дека никој нема да ја примети разликата. Ти повеќе не си тука покрај мене... И не знам зошто боли ова олку, зошто ми ги кине градиве, зошто остануваат толку недоискажани работи, толку зборови кои се губат во солзите што си ги дозволуваш секоја вечер додека бесно ја стегаш перницата и ги гледаш вашите моменти како да се некој долго загубен филм. 
    Сакам да кажам дека светот запира и почнува покрај тебе, дека Сонцето за мене изгрева во твоите очи, дека ти си моето лето во оваа студена зима, дека ти си мојата искрена насмевка... Сакам да кажам дека без тебе светот е едно обично место кое ја губи смислата, дека деновите се само попатни станици на кои не сакам да се симнам затоа што доаѓам на места кои не ги познавам ниту ги сакам без тебе. Го сакам сето она романтично бла,бла што го нарекувавме, не ги сакам ни ѕвездите ниту месечината само тебе. Сакам времето да застане, ѕвездите да згаснат, сонцето да се изгуби... Те сакам тебе покрај мене, го сакам и дождот и снегот и мразот, сите работи кои некогаш сум ги мразела. Едноставно, без тебе се ја губи својата смисла. Па дури и овој навидум совршен ден. Ти кажав, деновите се само една монотонија која ме зафатила, светот е едно оргомно и пусто место, а душава и срцево не се мачам повеќе да ги сфатам.  Сега знам се што сум се плашела да разберам или не сум признавала. И зборовите мои ќе останат неискажани, освен во овој мој разговор кој не постои. Можеби така требало да биде. За некои нешта нема враќање некој чекор назад, остануваат заклучени во минатото. Како нашите денови, како оние моменти на слабост кога ти вртам со скриен број само да ти го слушнам гласот. Боли тоа, колку и нема да признаам. Колку и да се смеам и глумам дека летам во облаци. Но, тоа е. Зборовите и така никогаш ми немале смисла. Или можеби смислата веќе оддамна им била загубена. Сеедно е сега...

    Saturday, January 4, 2014

    Така да си знаеш!

    И сега вака, убаво ќе ме ислушаш, после ќе се извиниш ама јас ќе си заминам и ќе ја треснам вратата после мене затоа што реално не ми се потребни повеќе извинувања. Слушај еднаш во животот убаво, а не да ме гледаш како да ме разбираш и со паметот да си леташ некаде далеку? Јасно ти е? Не ми треба да ми кимнуваш со главата како некоја си покорна коза, можеш да кажеш едно да и да се насмееш љубезно. Но, очигледно тоа би бил преголем напредок за тебе. Очигледно е дека сакаш да живееш во твој свет на огорченоста каде што ти си главниот лик, сите околу тебе се само кретени кои сакаат да те повредат? Што знаеш ти, те молам? Затоа што еден дечко те напуштил ми кажуваш дека светот ти се срушил и сега си станала една мисирка!? Ова демек е крај на светот, па сега треба да си го кренеш носот во тие твои облаци и да ми глумиш некоја разгалена принцеза!? Оф, заборавив ти не глумиш ти си таква. Научена си се во животот да ти е подарено на тацна. Демек ти знаеш како е да се живее во сиромаштија од ден на ден? Не знаеш ти како е да знаеш дека можеби нема да имаш пари да ги прехраниш децата, дека ќе земаш заеми и заеми и ќе тонеш во долгови во душа. Не знаеш ти како е да се будиш покрај своето парализирано дете и да се обидеш да му угодиш, да знаеш дека секој ден надежта му е се помала, да плачеш преку ноќ затоа што не можеш да поднесеш да го гледаш такво. Не знаеш како е да немаш кров над глава, да живееш под некој мост и да немаш парче леб за јадење. Не знаеш како е кога татко ти или мајка ти се алкохоличари и те малтретираат, па секое утро се будиш порано за да излезеш дома пред тие да се разбудат и да смислуваш изговори на училиште од каде дошле модриците. Не знаеш како е да гледаш темнина во целиот свет што те опкружува и да не можеш да ја пронајдеш светлата точка, да бидеш загубена во тој свет на различни карактери и желби без пријатели, да бидеш само ти осамен без чувство дека припаѓаш некаде. Не знаеш ти како е тоа дека не можеш да им обезбедиш на луѓето што ги сакаш живот каков што заслужуваат затоа што толку ти се силите.
    Не знаеш нели? Нормално дека не... Не е дека мене ми се има случено се ова, но не сум огорчена со тоа малку што ми е дадено и не си летам во облаци како тебе, не глумам некоја арогантна женска и пол и ги нервирам сите околу себе со своето присуство затоа што не знаеш од каде ќе почнат проблемите. Па чекај жено, нели знаеш дека треба да шириш позитива, дека не можеш цел живот да го поминеш во тие твои ѕидови што си ги создала околу себе и да дремеш со таа злоба во душата да им посакуваш зло на другите затоа што ти не си среќна. Не, не сега слушај ме. Те знам доволно добро, доволно се изнаслушав до сега, доволно ти ги трпев тие промени на расположението, иако повеќе од времето си во тоа твое намуртено издание демек не знам што ти се случило. Е добро де, насмеј се еднаш, поздрави ме со љубезен збор а не само со тоа твое викање кое не води до никаде. Ме слушаш? Ете, така со ДА, а не со кимање на главата како да си некоја статуа. Се рзбравме? Од сега не сакам да те слушнам како ми викаш, наместо тоа ќе си позајмиш некои љубезни зборови од речник, ќе ми се насмееш. И на сите останати. Ова ти е за твое добро, да си знаеш. Се разбравме? Е, така. Ај, чао...