Saturday, April 26, 2014

...

Останавме само на тоа малку што го имавме и некако дозволивме да замине. Две загубени насмевки се сретнаа во некоја чудна приказна која на многумина би им немала смисла. Бевме на спротивни страни кои не можеа да ја најдат таа заедничка точка што беше потребна за приказната да си го добие тој посакуван тек. 
Не беше причината недостиг на љубов или премногу љубов. Беше едноставно, две личности кои по некоја случајност се сретнуваат и се заљубуваат. Не е дури ни дека љубовта си имаше рок на траење кој помина. Едноставно, со текот на времето човек сфаќа дека понекогаш подобро е да се продолжи само напред без гледање во минатото.
Не е дека не ми недостасува или не се гледаме повеќе. Но, повеќе не е тоа истото. Го нема тоа испреплетување на прстите и двете насмевки кои го топлеа срцето, ја нема цврстата прегратка која ме заштитуваше од сите стравови, ниту искажаните зборови кои остануваат заробени во некој сегмент од меморијата кој понекогаш се плашам да го вклучам. Ги нема повеќе оние кои не веруваа во љубов, но некако стигнаа да создадат некоја приказна. Сега останува само некој здодевен разговор од типот како си, што правиш... Не разговараме за тоа како сме поминале, што сакаме од денот, што е светот за нас. Ја нема ни онаа искрена насмевка, сега се само две стегнати извештачени насмевки кои не прилегаат на нас. 
Не е приказна за губитник и побдник. Никогаш и не била. Само убави спомени кои и да сакам не можам да ги избришам. Оние лошите веќе одамна ги имам заборавено. И чудно е, кога на некој момент ќе ми текне на начинот на кој ќе се насмееше искрено, начинот на кој ме гледаше, на светот склопен во неколку твои зборови. Почудно е што сето тоа е само некој залутан спомен кој истовремено ме насмевнува и ми предизвикува солзи во очите. 
Но, едноставно понекогаш крајот е неизбежен без разлика што ќе сториш за да го спречиш. И двајцата го знаевме тоа. Не е ниту дека љубовта избледува како некој лош парфем, само што ја трупам во тие спомени кои сакам да ги зачувам иако со текот на времето ги чувствувам како си заминуваат од мене. Сакам кога ќе се сретнеме да не бидеме странци кои не се познавале никогаш и да ги избришеме сите убави чувства. Понекогаш едноставно мораш да ги пуштиш работите пред повеќе да те повредат и тебе и оној другиот. Понекогаш токму најболниот чекор е оној вистинскиот...

No comments:

Post a Comment