Thursday, April 17, 2014

Во светот на соништата

Мислите се редеа полека во главата, а потоа нападнаа со сета сила. Илјада прашања, илјада слики со кои умот неограничено си играше, илјадници сцени вредни Оскар се одигруваа во главата таа ноќ. Само ќе ги затвореше очите и мислите долетуваа непречено, спремни да го одиграат почесниот танц за вечерта. Одеднаш светот и не изгледаше како толку сурово место, освен во одредени моменти кога болката беше толку силна и солзите и негативноста им го заземаа успешно местото на светлината и радоста. Но, оваа ноќ не беше во склопот на тие лоши денови кои успешно ги класифицираше пред легнување. 
Тоа беше момент кога можеше да биде било кој од светот, можеше да биде на најразлични места, со најразлични луѓе... Само ќе му дозволеше на мозокот да прошета на места за сега недостапни во реалноста и ќе соработуваше со насмевка на лицето кога пред неа сликите се менуваа со огромна брзина. Еден момент беше на едно место, следниот го освојуваше светот. Експлозија од бои, совршени слики кои се вклопуваа во замислениот живот каде што се беше возможно. Понекогаш се чудеше како човек може да биде заглавен во кревет неколку саати а истовремено да пропатува места за кои светот не слушнал, да доживее авантури подобри и од најдобрите филмови.
А тука беа и оние лошите денови, кога мозокот одбиваше да соработува и му дозволуваше на срцето да ја управува ноќта. Срцето како познат емотивец ќе ги развиеше најемотивните и најболните спомени и солзите веднаш се јавуваа без да почекаат да бидат повикани. Тогаш само ќе го префрлеше ќебето преку глава и пред очите се одвиваа добро познати спомени, успорени небаре животот е филм во кој таа самата беше главна ѕвезда.
Се трудеше да им избега на прашањата, се трудеше да биде што е можно подобар режисер на најдобрите сцени на кои дури не им требаше монтажа. За момент ќе ги прегледаше сите можни сценарија, ги бираше најдобрите и си играше со сликите и боите и ги делеше според нови спектри. Животот беше една трајна убавина на интересни животи испреплетени на некој необјаснив начин кој дури и сопствениот мозок не можеше да му најде идејно решение.
И сабајлето тука беше враќањето во неминовноста на животот и неговата суровост. Се до доаѓањето на ноќта и повторното патување на светот на фантазиите каде што целиот свет лежеше пред нејзините нозе и чекаше да биде освоен...


No comments:

Post a Comment