Sunday, April 20, 2014

Бркајќи го невозможното...

Месечевата светлина немирно играше со контурите на дрвјата, правејќи сенките кои во некој друг ден ќе личеа на нешто повеќе, само сенки. Едно срце немарно трепереше додека пред себе го гледаше бледиот лист хартија и немирно го вртеше пенкалото во рацете не забележувајќи ги дамките од мастилото. Ги затвори очите во обид да допре со некој дел од себе кој можеби останал во кревкото тело и не се претопил во темнината која одлучно напаѓаше. Светлината полека згаснуваше, ветрот бесно се бореше со желбата на еден неоткриен дел да опстои. Мирисаше на гнили јаболка, на темјан и земја, мириси кои не можеше одеднаш да ги спои со сетилото за мирис. Болката си играше со нејзината глава која полека се препушташе на слатката симфонија на последната песна. За миг и се чинеше дека светот се преполовил а таа заглавила во чистилиштето каде што секој понатамошен чекор и предизвикуваше болка и ја тераше да се покори пред таа неминовна судбина која светот ја подготвил за неа.
Имаше илјада прашања кои си шараа приказни пред очите и не му дозволуваа на мозокот да се препушти на заносната музика која ја молеше да се предаде во нејзината последна прегратка. Илјада желби дозволија да бидат занемени, земјата цврсто и непоколебливо го згасна нивниот жар смеејќи се на својата победа. Игрите кои се претопуваа со општеството и судбината, само немо зјапаа во темната точка и телото кое полека се препушташе на вечниот пат. 
Ги отвори очите, забрзано дишејќи. Сопствениот поглед се соочи со сопствената сенка која ја имаше таа насмевка што надвестуваше триумф. Подголтна, губејќи се во едно име и желба кои останаа на модрите усни имајќи го тој горчлив вкус на лимон и загуба... 
Тоа беше ноќта во која носталгијата немарно си играше со жиците на харфата задоволно кинејќи ги. И последното дадено ветување за животот, желбите и црната господарка беше склопенo со едно тело кое лебдеше во воздух чекајќи ги последните искри од огнометот кој беше згаснат...



No comments:

Post a Comment