Saturday, April 12, 2014

Последното патување

Ми кажа дека патува. Каде, не се обиде да ми одговори. Само рече дека местото каде што оди не е во склоп со моите географски познавања. Планирав да се побунам, но имаше некаква невообичаена сериозност во неговиот глас што решив да ги отфрлам сите сомневања. Можеби тоа беше носталгијата затоа што не ми кажа ниту колку дена ќе биде отсутен. Искрено, не ми ни текна да прашам, бев хипнотизирана од неговиот глас и колку тажен и мил беше. Го замислував со дневната брада, седнат во некој воз кој брзо менува слики пред неговите очи исполнети со некој благ превој на некоја тајна. Веројатно замислено зјапал низ прозорецот, загубен во експлозијата од бои и чувства додека ми раскажуваше за местото каде што е и каде ќе оди. Ми кажа дека од една дестинација до друга се стига само со затворени очи и изгубено сетило за слух. Раскажуваше за експлозија од бои која немарно си играла пред неговите очи, како светот истовремено да горел пред неговите очи молчејќи го за помош, но истовремено спокојноста на пределот не му дозволувала да преземе ниту еден чекор. Ми кажа дека звуците на тишината може да ги разбере само човек кој цел живот го поминал со ѕвоно закачено околу вратот кое не му давало никогаш мир. Го гледав јасно пред мене тој голем човек со меко срце и само сакав да сум покрај него.Раскажуваше за експлозија на ѕвезди и како повеќе светлината ја нема туку е заробена во дланките на темнината. Опиен бил од месевите зраци кои го земале во своја закрила додека бил потпрен на штурите столчиња на кои седел. Зборуваше тивко, но јасно како тоа да го разберам за што говори беше од круцијална важност за општеството. Го слушав внимателно, понесена од пределите за кои не знаев дека постојат. Во тој момент можев да му кажам се, за трет Њутнов закон, за убавината на тишината и непознатите предели и како се стигнува од едно до друго место со помош на мислите, за ѕвездите кои можеби во денешно време не постоеја. Се, освен она што сакав да го кажам а тој да го чуе.
Пред да ми спушти ми кажа да се чувам, да го сакам светот без потреба од анализа и поделба на местата според географија или некоја друга наука. Да знаев дека ни е последен разговор, ќе му одвратев низ солзи дека светот за мене е една целина и палета од бои, експлозија на ѕвезди само затоа што тој постои. Но, се што му кажав е да си помине убаво. Само толку за да се наруши еден совршен момент...

No comments:

Post a Comment