Friday, April 4, 2014

Тебе те нема повеќе...

Ноќта се губеше во стаклените очи кои гледаа исплашено во темнината што се простираше пред нив. Главата беше потпрена на работ од прозорецот, раката треперејќи покажуваше кон месечевата светлина. Една блага насмевка се изгуби на бледите усни кои се обидоа да прошепотат нешто пред да бидат зашиени со црниот конец на немирот. Ветрот од отворениот прозорец невино си играше со нејзината коса која совршено го врамуваше бледото лице. Остана само тишината да царува во ноќта на загубените и недокажаните зборови. Очите бледо зјапаа во една точка, но набрзо и тие се препуштија на тивкото гласче на вечноста која ги собираше и ноќва последните пријатели во својата колекција.
Тој пристигна подоцна од договореното. Ја згази штотуку запалената цигара, чувствувајќи го стравот кој одеднаш се појави. Забележа дека вратата е подотворена, дека светлата внатре се изгаснати, а неколку прозорци беа отворени. Несигурно стапна внатре и го запали светлото, чувствувајќи како срцето бие забрзано како да е на некоја рели патека. Се обиде да се смири, но хаосот во дневната го остави со подотворена уста. Сликите беа скршени, мебелот превртен, нивното куче Чико исплашено се криеше под сламената столица. Чувствуваше вртоглавица, му се чинеше дека го знае исходот на сето ова иако не сакаше да го прифати. Рацете му трепера додека збунето премина со раката низ косата. Не можеше да биде тоа што мисли. Најверојатно таа излегла во обид да се смири затоа што била лута што не дошол. Во кујната го виде јадењето на земјата, испревртени хартии и виното кое се слеваше како река по белиот килим. Ја зеде ламбата која беше на земјата и несигурно подголтна додека се качуваше по скалите. Му беше страв, солзите се наоѓаа на работ на очите и се закануваа дека ќе го уништат секој миг.
Ламбата му падна од раката, ужасен крик се јави од неговото грло додека се обидуваше да се соочи со вистината. Таа беше потпрена покрај прозорецот, ноќницата и беше искината, од грлото сеуште се слеваше топла крв. Падна на подот, неспособен да ги поврзе работите. Таа... Не!!! Не. Можеше.Да.Биде.Мртва.
Плачеше очајно, солзите како притоки се слеваа низ неговото лице, му се чинеше дека не може нити да дише. Се обиде да стане, но нозете го издадоа. Не можеше да биде мртва. Неговата сакана,најубава. Неговиот ангел. Му се чинеше дека болката беше толку силна и му ги кинеше градите немилосно. Се обиде да се потпре на ноќната масичка но едно парче хартија паднана земјата и го зашемети. Рацете му трепереа, се обиде да ги избрише солзите, но погледот му беше заматен додека читаше.
,,Се вплетка со погрешни луѓе. Следниот пат размислувај..."
Бесно удри со раката во ѕидот, но не чувствуваше повеќе никаква болка. Емоционалната беше поголема. Стана несигурно и погледот повторно му беше заробен кон неа. Беше прекрасна и на ова последно патување. Не можеше да биде ова точно. Само некој заебан сон. По ѓаволите!!!
Удираше бесно во ѕидот се додека не се умори. Како да прифати дека повеќе нема да ја види нејзината насмевка... Нема да се загуби во нејзините темни очи кои беа чиста спротивност од неговите. Нема да му го направи утринското кафе, ниту ќе го слушне нејзиниот глас. Нема да ја набљудува сабајле како спие целосно отпуштена, ниту како се средува за на работа. Нема да ги бакнува нејзините усни и совршените јаболкници. Нема да ја гледа како танцува додека подготвува ручек. Нема да биде со него во постела...
Бесно одмавна со главата и се загуби во месечевата светлина која го осветлуваше нејзиното лице. Бесно ја стегна во својата прегратка и ја молеше да се врати. Таа беше негова, само негова. Ја сакаше по ѓаволите!!Требаше тој да биде на нејзино место. Да можеше...
Последните зраци на Месечината останаа заробени во тие стаклени очи. Тој неуморно плачеше и ја молеше да се врати обидувајќи се да ја склопи реалноста која за него беше надвор од секој домен. Светлината си замина засекогаш. Во ноќта само една нова ѕвезда неуморно светеше се до појавувањето на Сонцето. Солзите доаѓаа и се губеа како мали бисери лепејќи се за телото. Тишината остана како нем соучесник на последните зборови кои се губеа во една симфонија. А играта на светлината и убавиот ангел се загубија на патот кон една вечност....


No comments:

Post a Comment