Wednesday, May 7, 2014

Девојка од мастило

Понекогаш целиот свет се сведува на неколку можности. Понекогаш дури ни целиот свет не е доволен за исполнување на твоите сништа. А во некој друг случај како мојот се наоѓаш заробена во една малечка кутија која ја нарекуваш соба и се обидуваш да излезеш од меурот што полека те оделува од надворешниот свет. Нервозно со раката преминувам преку неисчешланата коса, лицето ми е послабо од обично, можам да се кладам дека подочњаците ми се доволно големи за да ги забележи некој што би поминувал покрај куќата и онака случајно би погледнал кон мојот прозорец. Дури ни чудниот мирис на расипано вино и непроветреност не ме тераат да се разбудам од таа чудна кома во која сум западнала и се борам против некое чудовиште во мене што гладно се бори да излезе на површината. Искрено, не се сеќавам на последниот ден кога имам јадено, се наоѓам загубена во спомените и датумите кои отсутно си ги менуваат шарите пред уморниве очи. Не можам да се сконцентрирам на ниту една точка подолго од пет секунди, ми се чини дека главата ќе ми експлодира секој момент. Усните ми се суви, ја чувствувам сопствената беспомошност која очајно води борба со тврдоглавоста која не сака да попушти. Ја палам цигарата и уживам во чадот кој ми ги полни градите и за миг ја носи беспомошноста. Во тој еден краток момент чувствувам дека мислите се враќаат на своето место во оваа празна црпка но и тоа за жал трае само некој краток момент.Воздивнувам и шприцам некој парфем што не паметам од каде се нашол на мојата работна маса која е расфрлана со обични дрангулии, искинати хартии или згужвани во некоја топка, обетките кои не ми текнало да ги вратам во нивната кутија, чашата од која пиев црвено вино и сеуште го има тој црвен отпечаток од карминот. Го земам гломазниот прстен со црни камчиња и маѓепсано го испитувам додека гладно се борам помеѓу желбата за чист воздух и чадот од цигарите кои ме турка во некоја безизлезна состојба која почнува да ми се допаѓа. Се чувствувам пропаднато додека ги чувствувам солзите на врвот од клепките и не знам дали се од беспомошност или од некое сеќавање со кое не можам да се справам.
Ја оставам цигарата да догори во пепељарата и го земам пенкалото кое љубопитно сјае со таа негова чудна металик боја. Ги затврам еден миг очите и се обидувам да дојдам до некој дел од мене кој повеќе не знам дали постои. Долго време помина од последниот пат кога успешно си играв со зборовите како да беа само мои. Сега ги чувствувам збровите како се вртат околу мојата глава како некој зарѓан рингишпил, обидувајќи се да се слеат на празниот лист хартија кој осамено зјапа во мене. Не се осмелувам да напишам нешто, се плашам однапред од неуспехот и овој синдром на „празна страница“ што ме зафати и мене. Се обидувам да почувствувам нешто во мојот облик на халуцинации, но не добивам некое чувство освен обична исцрпеност и премореност. Се губам во црните штикли немарно фрлени на подот, на марамчињата со црна маскара и пудра, во спомените за пред некоја вечер кога светот и јас ми се чини си го кажавме последното збогум. Се губам и во чашата која за жал сега нема вино, во мирисот на влага, на пот и цигари, мирис на расипаност и безнадежност, гнилеж и очај...
Пред да сфатам зборовите сами излегуваат од моите прсти, се губам во умешноста на пишувањето, на неколку букви кои се спојуваат во зборови а потоа во реченици. Посакувам за миг и јас да бидам девојка од мастило, да живеам во книгите, да оживувам додека некој читател ќе ја чита книгата и одново и одново ќе се губам во истите авантури. Посакувам моќ, авантура, желба, среќа, болка, очај и немири. Посакувам клиширани љубовни приказни, неискусни писатели, крвта и потта кои се разлеваат по страниците а никој не ги забележува. Запирам на средина од приказната, чувствувајќи се наполно исцрпена. Станувам бавно од столот од каде што којзнае од кога се немам помрднато и одам до купатилото каде што набрзина се туширам. За миг ми се чини дека ја повраќам сопствената свест, барем она мало делче на реалност кое ми останало по целиот алкохол и си дозволувам да се отпуштам. Потребна ми е масажа, потребен ми е сон и некој добро да ја зачисти собата. Го отворам прозорецот и уморно се струполувам на креветот. Ги затворам за миг очите, повеќе го нема оној страв од сликите што ќе испливаат пред очите.
Ја прегрнувам перницата и воздивнувам. Го земам мобилниот и го вртам неговиот број, сфаќајќи дека очајно посакувам да му го слушнам гласот. Не знам како, не знам ни зошто, но има нешто во неговиот глас кој ме доведува во некоја состојба на смиреност и ми ја враќа реалноста. Ги чувствувам и солзите кои се слеваат по лицето пред тој да ми одговори, станувајќи свесна дека се имам претворено во едно мало девојче кое се плаши од светот и љубовта и сето она срање насобрано пред вратата што не можам да ја отворам и да излезам во надворешниот свет.
Неговиот глас ми буди некои чудни емоции, ми се допаѓа таа нота на збунетост и поспаност, можам да го замислам како отсутно размислува што да каже, но секогаш ги пронаоѓа вистинските зборови. И не ми се потребни јунаци од книги, ниту фраери, доволен е само овој миг на иснпирација кој тој го вдахнува во мене, тоа чувство на адреналин кое си игра со моите вени и по после толку време ме прави да се чувствувам жива. Но, уште поважно помеѓу облаците го пронаоѓам своето Сонце кое успешно ги брише сите дождливи денови. И во тој скапоцен момент што си го дозволувам да бидам среќна без никакви прекршени правила од листата на општеството, насмевката ми е повторно онаа детска и безгрижна...


Saturday, April 26, 2014

...

Останавме само на тоа малку што го имавме и некако дозволивме да замине. Две загубени насмевки се сретнаа во некоја чудна приказна која на многумина би им немала смисла. Бевме на спротивни страни кои не можеа да ја најдат таа заедничка точка што беше потребна за приказната да си го добие тој посакуван тек. 
Не беше причината недостиг на љубов или премногу љубов. Беше едноставно, две личности кои по некоја случајност се сретнуваат и се заљубуваат. Не е дури ни дека љубовта си имаше рок на траење кој помина. Едноставно, со текот на времето човек сфаќа дека понекогаш подобро е да се продолжи само напред без гледање во минатото.
Не е дека не ми недостасува или не се гледаме повеќе. Но, повеќе не е тоа истото. Го нема тоа испреплетување на прстите и двете насмевки кои го топлеа срцето, ја нема цврстата прегратка која ме заштитуваше од сите стравови, ниту искажаните зборови кои остануваат заробени во некој сегмент од меморијата кој понекогаш се плашам да го вклучам. Ги нема повеќе оние кои не веруваа во љубов, но некако стигнаа да создадат некоја приказна. Сега останува само некој здодевен разговор од типот како си, што правиш... Не разговараме за тоа како сме поминале, што сакаме од денот, што е светот за нас. Ја нема ни онаа искрена насмевка, сега се само две стегнати извештачени насмевки кои не прилегаат на нас. 
Не е приказна за губитник и побдник. Никогаш и не била. Само убави спомени кои и да сакам не можам да ги избришам. Оние лошите веќе одамна ги имам заборавено. И чудно е, кога на некој момент ќе ми текне на начинот на кој ќе се насмееше искрено, начинот на кој ме гледаше, на светот склопен во неколку твои зборови. Почудно е што сето тоа е само некој залутан спомен кој истовремено ме насмевнува и ми предизвикува солзи во очите. 
Но, едноставно понекогаш крајот е неизбежен без разлика што ќе сториш за да го спречиш. И двајцата го знаевме тоа. Не е ниту дека љубовта избледува како некој лош парфем, само што ја трупам во тие спомени кои сакам да ги зачувам иако со текот на времето ги чувствувам како си заминуваат од мене. Сакам кога ќе се сретнеме да не бидеме странци кои не се познавале никогаш и да ги избришеме сите убави чувства. Понекогаш едноставно мораш да ги пуштиш работите пред повеќе да те повредат и тебе и оној другиот. Понекогаш токму најболниот чекор е оној вистинскиот...

Tuesday, April 22, 2014

Во едно време...

Понекогаш ќе ме престигне некој спомен за него кој сум мислела дека е заборавен. Онака случајно или неслучајно ќе ми прелетаат некои слики од него, некои моменти кои мозокот ги успорува онака како за инает. Ќе се отвори некоја стара рана, но повеќе не боли на оној начин, само ќе предизвика некоја чудна носталгична насмевка. Тогаш погледот ќе ми се сретне со сопствениот одраз од огледалото само што таму сум навистина среќна и насмеана во неговата прегратка. Знаеш, ќе ми текне на сите оние денови кога ќе се обидев да го отрезнам затоа што испил повеќе. Секогаш ќе реагираше на различен начин, некој пат ќе трескаше глупости и ќе се бунеше, друг пат ќе ми испееше некоја романтична песна, трет пат ќе заспиеше на моето рамо разочаран од светот. Или ќе ми текне колку сакаше да игра кошарка кога ќе поминам покрај она познато игралиште каде што тој глумеше најголем фраер во мaало додека ќе правеше најразлични финти со неговиот баскет. Понекогаш кога ќе го слушнам неговиот глас, едноставно не знам како да реагирам. Во тој момент ми се чини дека е покрај мене и можам да го гушнам и да потонам во неговата прегратка уживајќи во неговиот омилен Str8. Така, на моменти го барам него во странците во градот, но и некоја илузија дека сум го видела или слушнала неговиот мотор трае кратко.
Знаеш, ми недостасува се кај него, сјајните очи, моментите кога ќе испушеше неколку цигари онака како од шега затоа што беше нервозен, тоа што беше на моменти како мало дете изгубено по патеките од животот.
И само така, ќе се насмеам и сетам што значи да си заљубен. Срцето да ти чука на оној познат начин и насмевката да е искрена а не некоја извештачена фаца што ти станала навика. И ми недостасува тоа некој миг, иако сега повеќе не верувам во љубовта
...


Sunday, April 20, 2014

Бркајќи го невозможното...

Месечевата светлина немирно играше со контурите на дрвјата, правејќи сенките кои во некој друг ден ќе личеа на нешто повеќе, само сенки. Едно срце немарно трепереше додека пред себе го гледаше бледиот лист хартија и немирно го вртеше пенкалото во рацете не забележувајќи ги дамките од мастилото. Ги затвори очите во обид да допре со некој дел од себе кој можеби останал во кревкото тело и не се претопил во темнината која одлучно напаѓаше. Светлината полека згаснуваше, ветрот бесно се бореше со желбата на еден неоткриен дел да опстои. Мирисаше на гнили јаболка, на темјан и земја, мириси кои не можеше одеднаш да ги спои со сетилото за мирис. Болката си играше со нејзината глава која полека се препушташе на слатката симфонија на последната песна. За миг и се чинеше дека светот се преполовил а таа заглавила во чистилиштето каде што секој понатамошен чекор и предизвикуваше болка и ја тераше да се покори пред таа неминовна судбина која светот ја подготвил за неа.
Имаше илјада прашања кои си шараа приказни пред очите и не му дозволуваа на мозокот да се препушти на заносната музика која ја молеше да се предаде во нејзината последна прегратка. Илјада желби дозволија да бидат занемени, земјата цврсто и непоколебливо го згасна нивниот жар смеејќи се на својата победа. Игрите кои се претопуваа со општеството и судбината, само немо зјапаа во темната точка и телото кое полека се препушташе на вечниот пат. 
Ги отвори очите, забрзано дишејќи. Сопствениот поглед се соочи со сопствената сенка која ја имаше таа насмевка што надвестуваше триумф. Подголтна, губејќи се во едно име и желба кои останаа на модрите усни имајќи го тој горчлив вкус на лимон и загуба... 
Тоа беше ноќта во која носталгијата немарно си играше со жиците на харфата задоволно кинејќи ги. И последното дадено ветување за животот, желбите и црната господарка беше склопенo со едно тело кое лебдеше во воздух чекајќи ги последните искри од огнометот кој беше згаснат...



Thursday, April 17, 2014

Во светот на соништата

Мислите се редеа полека во главата, а потоа нападнаа со сета сила. Илјада прашања, илјада слики со кои умот неограничено си играше, илјадници сцени вредни Оскар се одигруваа во главата таа ноќ. Само ќе ги затвореше очите и мислите долетуваа непречено, спремни да го одиграат почесниот танц за вечерта. Одеднаш светот и не изгледаше како толку сурово место, освен во одредени моменти кога болката беше толку силна и солзите и негативноста им го заземаа успешно местото на светлината и радоста. Но, оваа ноќ не беше во склопот на тие лоши денови кои успешно ги класифицираше пред легнување. 
Тоа беше момент кога можеше да биде било кој од светот, можеше да биде на најразлични места, со најразлични луѓе... Само ќе му дозволеше на мозокот да прошета на места за сега недостапни во реалноста и ќе соработуваше со насмевка на лицето кога пред неа сликите се менуваа со огромна брзина. Еден момент беше на едно место, следниот го освојуваше светот. Експлозија од бои, совршени слики кои се вклопуваа во замислениот живот каде што се беше возможно. Понекогаш се чудеше како човек може да биде заглавен во кревет неколку саати а истовремено да пропатува места за кои светот не слушнал, да доживее авантури подобри и од најдобрите филмови.
А тука беа и оние лошите денови, кога мозокот одбиваше да соработува и му дозволуваше на срцето да ја управува ноќта. Срцето како познат емотивец ќе ги развиеше најемотивните и најболните спомени и солзите веднаш се јавуваа без да почекаат да бидат повикани. Тогаш само ќе го префрлеше ќебето преку глава и пред очите се одвиваа добро познати спомени, успорени небаре животот е филм во кој таа самата беше главна ѕвезда.
Се трудеше да им избега на прашањата, се трудеше да биде што е можно подобар режисер на најдобрите сцени на кои дури не им требаше монтажа. За момент ќе ги прегледаше сите можни сценарија, ги бираше најдобрите и си играше со сликите и боите и ги делеше според нови спектри. Животот беше една трајна убавина на интересни животи испреплетени на некој необјаснив начин кој дури и сопствениот мозок не можеше да му најде идејно решение.
И сабајлето тука беше враќањето во неминовноста на животот и неговата суровост. Се до доаѓањето на ноќта и повторното патување на светот на фантазиите каде што целиот свет лежеше пред нејзините нозе и чекаше да биде освоен...


Tuesday, April 15, 2014

Која е твојата приказна?

Незадоволно се пробиваше во преполната просторија од кафичот, обидувајќи се да ги запре солзите и чувството на празнина кое ја нападна. Погледот за миг повторно се сретна со оној неговиот и се мразеше што реагира вака емотивно. Да, покрај себе сега имаше женска со долги нозе, манекенска става која задоволно го гушкаше, среќна што го има покрај себе. И мораше да признае дека изгледаа совршено, на оној начин на кој таа никогаш не успеа да се вклопи во сликата.
Ја отвори вратата и погледот и се сретна со еден дечко кому немарно му ја тресна вратата во фаца.
-По ѓаволите! - Исплашено гледаше во непознатиот кој го покриваше лицето со двете раце и изговараше некои сочни пцовки упатени на нејзина сметка. - Добро си?
-Очигледно не. - И одврати налутено, гледајќи ја незадоволно девојката пред себе. Веројатно, уште некоја уфурана мала која мисли дека светот се врти околу неа и нејзините високи штикли.
-Јас... Се извинувам. -Проговоре несигурно, мразејќи се што се најде во ваква ситуација.
-Не е дека извинувањето твое ми вреди нешто. - Бесно ги процеди тие зборови. Зошто и овој момент го потсетуваше на неа!?
- Слушај... - Длабоко подголтна, обидувајќи се да остане прибрана. - Ти се извинив, не мислев да го сторам тоа. Несреќа беше. Нема зошто да се однесуваш како некој кретен, стегнат во костим и вештачка насмевка.
- Да, типично женско однесување. - Погледот му се соочи со нејзиниот. Знаеше дека не беше таа виновна за оваа болка, но откако таа му го скрши срцето за него сите беа исти опортунистки кои се грижеа за ништо повеќе од себеси.
- Знаеш, немам намера да се расправам со тебе. Убаво ти се извинив. Еве, пак извини. Толку од мене. - Слегна со рамениците и се сврте во обид да дојде при себе. Вистина е дека дечкото беше згоден, но немаше желба да го трпи неговото надмено и намуртено расположение, кога и самата беше во такво.
-Во ред е. -Збунето одговори тој, чудејќи се на на себеси и попустливоста. Што беше тоа кај неа што го смируваше? Освен прекрасните очи во кои за миг се изгуби.
-Еееј? - Збунето гледаше во неа откако не му одговори, ниту се сврте да го удостои со поглед.
-Што е? - Погледна во него, соочена со сите свои демони на кои успешно им бегаше доста време.
-Не знам, ти кажи ми. Се случува нешто? 
-Не е ова таа приказна каде што се сретнувам со некој згоден тип и му се жалам за моите проблеми. - Ги прекрсти рацете и недоверлво гледаше во него.
- Значи мислиш дека сум згоден. - На лицето му заигра насмевка и тоа уште повеќе се совпаѓаше на неговото совршено лице. Ги имаше тие прекрасни зелени очи кои можеби во некој друг момент лесно би се загубила во нив.
- Не ми ги превртувај зборовите. - Сепак мораше да се насмее.
- Во право си, но се загубив во делот кога ме нарече згоден.
- Сега кажувам дека си и нарцис.
- Нарцисот е убаво цвеќе. - Задоволно се смееше. Беше заборавил како е да се остави намуртеноста настрана. - Слушај, дозволи ми да те почестам пијалак за комплиментите.
- Не... Не е добра идеја. - му одврати намуртено, повторно чувствувајќи ја кнедлата во грлото.
- Ми должиш за носот. 
- Знаеш дека не можеш да се сретнеш со непозната личност и да ја поканиш на пијалак.
- Тоа е проблемот? Даниел, во тој случај госпоѓице. - Ја подаде раката задоволно гледајќи во неа.
- Миа. - Ја прифати раката и збунето му се насмевна. - Но, ова не менува ништо.
- Сега ми го знаеш името, јас твоето. Не сме само странци.
- Слушај, не е само тоа. - Преврте со очите. - Изгледа ова ќе биде сепак приказна во која се жалам на проблеми. Внатре е бившиот со сегашната девојка.
- Уште позгодно нели? Ќе те види со друг. - Подголтна, станувајќи свесен дека се доближува до таа тема што не сака да ја чепне. Барем не сега...
- Не сум таков тип на девојка. Нема да се ставам во филмови дека ќе биде љубоморен или ќе му биде криво. И... Заслужува да биде среќен, иако... Иако тоа боли. - Една солза несвесно и се стркала по лицето.
- Уште го сакаш? - Збунето гледаше во неа. Зошто му беше пријатно во нејзино друштво?
-Јас... Не е дека љубовта заминува, само преминува во некоја друга форма. - Слегна со рамениците збунето. -Веројатно мислиш дека трескам глупости.
- Не. Слушај, не се грижи за тоа како тој ќе го сфати тоа што си со мене. Негово право. Во спротивно, ти ќе бидеш таа повредената и ти сама ќе се повредуваш несвесно. Остави за миг се, сите чувства и мисли. Не барам, ниту очекувам нешто. Само еден пијалак.
- Во ред. Под два услова. Да си платам јас пијалак...
-Но...
-Еј... 
-Во ред.- немоќно слегна со рамениците.
-И која е твојата приказна.
-Хахаха, толку е очигледно дека има приказна. Па... Скршено срце. Ајде, внатре ќе ти раскажам се. И да знаеш дека носот ме боли уште...
- Но...
-Се шегував. - Задоволно гледаше во неа, за прв пат чувствуваше дека не мора да биде онаа намуртена сенка, туку дел од стариот себе. И тоа по долго време го радуваше...



Saturday, April 12, 2014

Последното патување

Ми кажа дека патува. Каде, не се обиде да ми одговори. Само рече дека местото каде што оди не е во склоп со моите географски познавања. Планирав да се побунам, но имаше некаква невообичаена сериозност во неговиот глас што решив да ги отфрлам сите сомневања. Можеби тоа беше носталгијата затоа што не ми кажа ниту колку дена ќе биде отсутен. Искрено, не ми ни текна да прашам, бев хипнотизирана од неговиот глас и колку тажен и мил беше. Го замислував со дневната брада, седнат во некој воз кој брзо менува слики пред неговите очи исполнети со некој благ превој на некоја тајна. Веројатно замислено зјапал низ прозорецот, загубен во експлозијата од бои и чувства додека ми раскажуваше за местото каде што е и каде ќе оди. Ми кажа дека од една дестинација до друга се стига само со затворени очи и изгубено сетило за слух. Раскажуваше за експлозија од бои која немарно си играла пред неговите очи, како светот истовремено да горел пред неговите очи молчејќи го за помош, но истовремено спокојноста на пределот не му дозволувала да преземе ниту еден чекор. Ми кажа дека звуците на тишината може да ги разбере само човек кој цел живот го поминал со ѕвоно закачено околу вратот кое не му давало никогаш мир. Го гледав јасно пред мене тој голем човек со меко срце и само сакав да сум покрај него.Раскажуваше за експлозија на ѕвезди и како повеќе светлината ја нема туку е заробена во дланките на темнината. Опиен бил од месевите зраци кои го земале во своја закрила додека бил потпрен на штурите столчиња на кои седел. Зборуваше тивко, но јасно како тоа да го разберам за што говори беше од круцијална важност за општеството. Го слушав внимателно, понесена од пределите за кои не знаев дека постојат. Во тој момент можев да му кажам се, за трет Њутнов закон, за убавината на тишината и непознатите предели и како се стигнува од едно до друго место со помош на мислите, за ѕвездите кои можеби во денешно време не постоеја. Се, освен она што сакав да го кажам а тој да го чуе.
Пред да ми спушти ми кажа да се чувам, да го сакам светот без потреба од анализа и поделба на местата според географија или некоја друга наука. Да знаев дека ни е последен разговор, ќе му одвратев низ солзи дека светот за мене е една целина и палета од бои, експлозија на ѕвезди само затоа што тој постои. Но, се што му кажав е да си помине убаво. Само толку за да се наруши еден совршен момент...