Saturday, December 7, 2013

...

Ми недостасуваш... Знам колку едноставно звучат зборовите и истовремено одразуваат многу тага. Не знам дали зборовите некогаш ќе стигнат до тебе. Реално, не знам ни дали би имало смисла да се каже нешто повеќе. Знаеш, тагата не се опишува со неколку зборови онака штуро расфрлани на бел лист хартија. Па, дури и да се напише една цела филозофска книга за тебе и за тоа колку беше најпрекрасен нема да биде доволно. А да не говорам пак за тоа како срцево се скаменува во едно грутче камен кое ми тежи на градиве. И еве ги повторно солзиве кои доаѓаат како неповикани гости и ме гушат. Ме повредува вистината дека тебе повеќе те нема, дека сега си само останат во фотографиите и видеата кои секојдневно ги прегледувам во мобилниот. Знаеш, како да си загубен во некој кошмар и секој ден претставува битка со самата себе и со тоа дали вистината може да се промени. Дали ти можеш да се вратиш повторно назад... Посакувам зборовите да имаа некаква смисла, да можеа барем малку да ја ублажат оваа тага која зјае во мене и никако не замира. Можам само да ги затворам очите и да мислам повторно и повторно на тебе. Не сфаќам зошто постојано ми се вртиш во главата како да сум била заљубена во тебе. Да, вистина ми се допаѓаше но... 
Сериозно, како да пронајдам зборови да објаснам како се чувствувам. Не е ни важно како се чувствувам. Важно е дека тебе те нема, дека сега си некаде се надевам на некое безбедно место и дека си среќен. Но,по ѓаволите и тоа како боли фактот со кој се будам секое утро, дека повеќе не си присутен. Дека нема никогаш да те видам, дека единствено ми остануваат некои фантазии за тоа што би можело да биде. Единствено можам да сонувам за тие немирно сини очи кои толку лесно ми ја брануваат душата. Еден момент сакам да искршам се затоа што животов и тоа колку е неправеден и игра некои заебани игри во кои не сакам да учествувам. Сакам едно утро да се разбудам и да помислам -Еве ова ќе биде добар ден... Но, не можам. Не откако ти си замина. Деновивте се мешаат во некои мрачни бои, светот ја губи својата димензија, галаксиите се мешаат со моиве чувства кои не можам да ги дефинирам. Почнувам да ги мразам брзите автомобили, не сфаќам зошто баш ти си морал да бидеш таму. Ми викаат судбина, но која судбина ти се молам!? Зошто секогаш заминуваат најдобрите личности? Не можам да се помирам со тоа, не можам да прифатам дека си ангел на небото и толку далечен од мене, од сите нас. Потребни се ангели како тебе на земјата,луѓе кои умеат да сакаат неограничено, кои се претерано згодни од кои ти застанува здивот а истовремено се и прекрасни луѓе ... 
Но, нема да се вратиш. Ми стана тоа јасно уште од почетокот иако одбивам да верувам во тоа. Одбивам да верувам дека ќе поминат толку денови а ти нема да се вратиш. Одбивам да поверувам дека нема да ја видам никогаш повеќе твојата насмевка освен на некоја твоја фотографија, да поверувам дека си заминал засекогаш... Одбивам да плачам иако солзите секојдневно ме напаѓаат. Не сакам да знам дека ова e реалноста, повеќе би живеела во тој мој замислен свет во кој хероите секогаш остануваат насмеани и на нозе. А сепак секој ден ми е само потсетник на тоа што било и никогаш нема да се случи. И ја мразам таа празнина која ми ги пробива градиве како да се парче хартија натопени со мастило.
Поминува уште еден ден. Цела недела, цел месец... Тебе ќе те нема. Солзите ќе течат низ лицево и ќе ме потсетуваат колку сум слаба но нема да се вратиш. Претпоставувам дека еден ден болката ќе премине во некоја тага, солзите ќе пресушат. Можеби еден ден ќе ја погледнам твојата фотографија со насмевка, иако таа насмевка нема да биде целосно искрена. Знам дека нежно ќе го помилувам лицето небаре е вистинско, како ќе можам да ја почувствувам топлината на твојата кожа и мекоста на твоите усни. Повторно ќе се загубам во таа најубава сина нијанса на твоите очи иако ќе изгледа толку вештачки. Ќе ми остане горчината во грлото и беста кон судбината и животот затоа што не дозволуваат човек да биде среќен.Ќе ги затворам очите и ќе помислам на тебе. Празнината ќе ме обземе како некогаш, но ќе ме теши утехата дека ти си среќен. Барем на тоа ќе се надевам. Нема да помине ден без да помислам на тебе и да ги прегледам твоите слики. И нема да биде повеќе важно. Ништо нема да биде. Деновите ќе минуваат како празни страници од листови на книга, кои никој нема да ги забележи. И утре и денес се ќе остане исто само ќе се промени датумот. Можеби еден ден ќе погледам во синото небо без болката и помислата колку ми недостасуваш. Можеби еден ден светот ќе прерасне во некое среќно место иако ти нема да бидеш тука. Најверојатно тогаш ни мене ќе ме нема. Ќе помине денов,уште еден после него... И така до бескрај. Желбите ќе останат само желби а среќата ќе ја бараме на друго место. Ќе бидеш опкружен со луѓе и ќе се чувствуваш толку сам затоа што никој нема да биде како него. Ветрот ќе ме удира бесно во градите, времето ќе лета пред очиве а животов... Животот ќе остане само едно ветување за тоа дека треба да се биде среќен...


Tuesday, December 3, 2013

Ти,јас,животов...

Дознавам дека си добро, не ме прашувај како. Дека си продолжил со животот и дека си среќен. Покрај себе имаш девојка која те сака и во која си искрено вљубен. Си го средил животот, се имаш откажано од цигарите за кои некогаш јас ти префрлав секојдневно, го имаш започнато животот онака како што треба. Си се запишал на факс, си решил да станеш господин и да го следиш својот сон и да им помагаш на луѓето без домови како што некогаш ми велеше. Среќен си, го знам и тоа, знам дека сега се осмелуваш да леташ горе меѓу ѕвездите. Веројатно се шеташ со новата девојка фатени рака под рака и и кажуваш романтични работи кои мене никогаш ми ги немаш кажано. Знам дека кога ќе видите ѕвезда ќе замислите желба. И знам дека на неа и се смееш,ја преставуваш на своите другари гордо и се гордееш со неа. Таа е се што јас не сум била и нема да бидам. И реалано не ми пречи тоа како што мислев дека ќе ми пречи. Сфаќам дека јас и ти сме различни светови, но мило ми е што си ја нашол својата ѕвезда под небото. Среќна сум за тебе,иако знам дека никогаш нема да те заборавам. Знаеш,велат дека човек сака еднаш искрено а јас тоа право си го потрошив. Но,ова е животот знаеш. Сакам да бидеш среќен,да ги правиш сите работи што некогаш ми кажуваше дека си ги посакувал. И да,среќна сум и јас. Можам да направам уште работи,но среќна сум и вака. Денес и утре и засекогаш. Еден ден ќе се сретнеме и ќе бидеме само далечни странци кои некогаш се сакале. А денес сме само јас и ти, Ти-мојата прва љубов,Јас-девојката на која ја праќаш првата порака кога ќе се разбудиш.

Wednesday, November 27, 2013

Љубовни одлуки ;)


И ќе се преправам дека повеќе не се интересирам за тебе. Ќе глумам дека никогаш не сме се познавале, ќе ги проголтам сите солзи и навреди и ќе ја кренам гордо глава. Ќе се насмевнам онака како што ми кажа дека ја сакаш мојата насмевка секој пат кога ќе поминам покрај тебе,но таа насмевка секогаш ќе биде посветена за некој друг. Ќе го замрзнам срцево и ќе станам Челичната Лејди која демек никогаш немала срце. Ќе го засакам небото уште повеќе затоа што тоа ќе биде биде единствената поврзаност со тебе. Ќе ги оставам сите мои недоумици за светот и ќе се преправам дека ништо повеќе не ме интересира. Ќе зачекорам под дождот со црвен чадор надевајќи се дека ќе ме забележиш во купот од девојки што те опкружуваат,иако тоа никогаш нема да ти го признаам. Знам кога би дознал,би ми кажал дека вакво детско однесување ми е под нивото,но нема врска.Свесна сум и самата и посилно е тоа од мене. Сакам да зачекорам под небово без болка во срцево и без ништо да ме потсетува на тебе. Сакам да пишувам текстови кои на многумина ќе им бидат тешки да ги сфатат,но мислите повторно бегаат кон тебе.Само да ги затворам очите и таму сум. И некоја глупава насмевка ќе ми избега на лицето,иако сум тотална несвесна за тоа. За една секунда се менува целиот мој свет и ти си виновен за тоа. Но,нема врска. Ќе помине долго време и нема да проговориме. Мене нема да ми дозволи гордоста и срцето кое ќе верувам дека се скаменило,тебе тоа фраерско однесување и ставот дека си подобар од сите. По некое време ќе се сретнеме на чај и ќе насмееме на сите глупости што сме ги правиле. Некако рацете ќе се најдат една во друга и усните ќе го пронајдат својот пат.Ќе се чудиме како сме дошле до оваа точка и ќе се насмееме. Целото тоа време поминато во молчење и одбегнување ќе ни се стори како една обична шега. Нема да има врска,ќе ми се насмевнеш и заедно со вцрвенети образи ќе се тркаламе во снегот како мали дечиња. Ќе се смееме како никогаш претходно и ќе го гледаме небото.И тогаш ќе ти текне да ми кажеш што чувствуваш.Јас ќе ти возвратам и ќе се чувствуваме како на седмо небо. Но,подоцна ќе сфатиш дека го сакаш стариот живот назад,јас ќе почувствувам дека повеќе не сум истата девојка и дека си ми станал поважен од пишувањето.Ќе се оддалечиме онака од инает и од погрешните проценки.Набрзо ќе сфатиме дека не сме демек еден за друг и ќе се разделиме секој по свој пат.По некое време ќе сфатам дека постојано размислувам на тебе,ти ќе сфатиш дека ти недостасувам. Но,само ќе продолжиме да се среќаваме со вештачка насмевка и со тоа надмено однесување.Нема да имаме храброст да проговориме,иако и двајцата ќе бидеме свесни дека си недостасуваме.И денес и утре и задутре. Но,нема да има врска. Демек... Јас ќе те повредувам тебе со некои приказни за новиот дечко,ти ќе се фалиш колку девојки си успеал да свртиш.И демек ќе си честитаме иако нема да го мислиме тоа...
Па,сега одлучи дали сеуште сакаш нешто со мене.Или едноставно оди си од мене или прегргни ме цврсто како да сум ти се и не и дозволувај на гордоста да биде посилна од срцето.


Sunday, November 24, 2013

Мојот господин лажго

Дождот немирно си играше со нејзиниот прозорец,малите капки немирно се лепеа за него и течеа како нечистите води на Вардар. Можеше нејасно да ги види и контурите на дрвото во близина и златножолтите лисја кој танцуваа со сите капки во некоја досадна мелодија. Не ја ни слушаше класичната музика која требаше да ја отпушти,но наместо тоа и предизвикуваше главоболка. Ги чувствуваше солзите кои се слеваа низ образите исто како дождот надвор и горчината која и тежеше во грлото. Ги гризеше немарно усните кој до пред некој момент беа внимателно вцрвенети и сјајни. За момент посакуваше да може да го врати времето назад неколку часови, да биде повторно во неговите прагратки и да не мисли колку може светот да се промени заради една фотографија.
Седеше на црната фотелја што ја купија заедно еден од оние сончеви денови. Поточно,се во станот ја потсетуваше на него,најразлични украси купени од Мадрид,од Венеција,од Рим... Нивните фотографии,сликани пред Колосеумот,сликани со Рафаел Надал,двајцата облечени во дресови од нивниот омилен фудбалски тим... Толку спомени во станот,што наеднаш и стана загушлив. Го откопча првото копче од кошулата,несвесна што да стори.Мразеше што косата и е ваква несредена,што најверојатно изгледа како да излегла од некој урагн,кога девојката од сликата изгледаше толку млада,убава,насмеана...
А како да не биде кога беше во негова прегратка и тој се смееше со неа? Збунето ги избриша солзите,не забележувајќи ја темната трага на нејзината рака и гледаше во нив двајцата најверојатно излезени во некоја дискотека.
Имаше илјадници прашања што и се вртеа низ главата и секое едно од нив беше како отров кој се ширеше низ нејзиното тело. Зошто и го направил ова?Зошто ја изневерил со некоја,па колку и девојката да беше убава? Кога се случило тоа? Зошто ова толку ја болеше и се чинеше дека полека и го крши срцето на мали делчиња и и оневозможува да зема воздух?
Го отвори прозорецот и збунето гледаше во градот која се простираше пред неа,во едно мрачно издание,со тие оловносиви облаци кои вчера изгледаа како да се направени од памук, во тоа виножито од чадори,во дождот кој немарно и паѓаше на бушавата коса но таа не забележуваше. Во сите тие луѓе го бараше него,ја бараше неа... Се прашуваше што работи, дали е повисока од неа,дали можеби повеќе ја сака од неа,дали и таа повремено му припрема ручек!? Долго издиша,збунето стискајќи ја плочката која беше поткршена не забележувајќи ги капките крв кои се мешаа со дождот. Посакуваше да може да заборави, да не и текнеше да му го однесе омиленото сако на хемиско чистење за утрешната презентација на која требаше да одат заедно и да не испаднеше сликата. Посакуваше никогаш да не го запознаеше,да не паднеше на неговите шармантни зборови и уште пошармантната насмевка,тие сини очи кои беа како најчистото море на светот и предизвикуваа ужасна бура од емоции кога ќе го погледнеше. Требаше да остане онаа девојка-мраз која не умееше да сака, да не знае за болка и овој студ кој се чинеше и се беше всадил во коските. Сакаше солзите да се претопат со долги притоки дожд кој немирно паѓаа на земјата и да заминат со нив...
Но,единствено што доби беше едно крцкање на вратата што ја фати неподготвена. Целата се стресе од неговиот бакнеж на нејзиниот врат и бесно се сврти да се соочи со него.
Забележа дека изразот на лицето му се менува и дека од насмевка прераснува во шок. Но,ни тоа не беше одблиску исто како што таа се чувствуваше утрово. И ја зеде фотографијата од рацете кои не ги чувствуваше како свои и забележа дека пребледува.
-Не е тоа што мислиш...
-Токму тоа што мислам е!- Бесно му удри една шлаканица и ударот оддекна во собата. Не планираше да го повиши тонот,но исто така не планираше утрово кога се разбуди да најде фотографија која ќе и го скрши светот во кој живееше и го сакаше. Зунето гледаше во мажот кој мислеше дека совршено го познава,но сега сфати дека за него не знае ништо.
Забележа и дека очите му беа потемни од обично,не бесни туку тажни.Зошто по ѓаволите тој би бил тажен кога и го сруши животот? Како може да му верува после ова?
-Слушај,не ми значи таа ништо.Јас тебе те сакам.Само тебе.Знам дека сум кретен и се плашам од љубовта,но... Не сакам да те изгубам...-Очите му се насолзија и сфати што губи.Сакаше секое утро да се буди покрај неа,да ја гледа таа нејзина насмевка,да ја средува нејзината разлетана коса.Ја сакаше неа,бесна и тажна,среќна и љубезна.
-Ме изгуби веќе.-Му одговори тажно,не гледајќи воопшто во него. Ги чекаше тие зборови те сакам долго време,но сега веќе немаа никаков ефект.
Излезе од станот,притоа облекувајќи го црниот капут и го зеде црвениот чадор не обрнувајќи внимание на неговите зборови. Кога ја фати за рака,се наежи. Само збунето одмавна со главата и излезе надвор.
Ги чувствуваше капките дожд кои за миг се помешаа со нејзините солзи и го отвори чадорот. Чекорите и беа долги и брзи,не обрнуваше внимание на луѓето што ја опкружуваа,само одеше напред иако не знаеше точно каде.Сакаше да заборави на ова чувство на загуба која ја мачеше.
Тој збунето гледаше во вратата,чувствувајќи како нешто во градите се претвора во болка. Го допре кутивчето со прстенот што му лежеше во капутот и сфати дека се мрази самиот себе.Не му требаа такви глупости,му требаше само таа.Ги затвори очите и посака да биде капка дожд што ќе падне на нејзиното лице...

Friday, November 22, 2013

Луда ноќ


Саботна вечер. Или неделно утро во оние најраните часови. Зависи од тоа дали сте во вашите топли кревети и се препуштате на таа досадна и привлечна мелодија на сонот или сте излезени во овие доцни часови и уживате на свој начин. Свој начин не значи секогаш дека е соодветен,но тоа е друга приказна. Ноќните часови секогаш кријат толку тајни кои Сонцето мудро ги носи со своите зраци секое утро. Под Месечината обвиена во магла и пареи градот блеска како никогаш порано. Но,токму најинтересните и најинтригантите приказни се случуваат на вакви ноќи,кога денот и ноќта се спојуваат во една бледа розова линија помеѓу минатото и сегашноста. И Скопје си има своја историја.Но,ноќва е поразлично. Зошто не ме прашувајте. Едноставно е...
Дамјан во дискотека:
Бледо набљудуваше околу себе, обидувајќи се да се вклопи во друштвото со кое беше искочен. Се обидуваше да се отпушти,но дури ни чашата виски што немарно ја голташе во две-три голтки не помагаше. Понатаму во сите тие девојки ја бараше неа. Срцето му пропушташе неколку отчукувања кога ќе видеше некоја што личи на неа,но секако дека беше грешка. Зошто очекуваше и воопшто таа да доаѓа на вакви места,тоа воопшто не би личело на неа!? А сепак сакаше да ја види,сакаше да ја гушне,да и раскаже толку многу. Дури ниту музиката не помагаше да се освести од тој сон во кој беше западнал,само сакаше дел од реалноста што таа ја преставуваше.Се движеше несигурно во ритамот на музиката,свесен дека станува пијан. Сакаше да се опијани да заборави на се,да ја снема оваа чудна болка во градиве... Па,дури иако нејзиниот глас гласно го прекоруваше во главата. Не,не и не!!! Не сакаше фантазии и илузии. Не денеска. Доста му беше од сето тоа што му се случуваше. Се насмевна несигурно,посакувајќи да може да ја прегрне, да и признае дека ја сака.Да и каже дека неговите се разведуваат и дека му е доста од се. И да се ослободи од оваа проклета вина што го мачи цел живот како некое проклетство. Ги избриша несигурно солзите кои се насобраа врз неговите клепки и се препушти на музиката и пијалоците кои некако постојано се наоѓаа во рака. Играше со една девојка чие име не го знаеше,но тоа не му пречеше да ги бакнува нејзините провокативно црвени усни и да ја спушти раката на некои забранети места. Знаеше дека нешто не е во најдобар ред,но не можеше точно да се сети што е тоа. Играше,скокаше и уживаше во друштво на една непозната девојка,труејќи ја крвта со којзнае колку промили алкохол. Но,реално ништо повеќе во животот не му беше толку важно. Се изгуби боја и стана бледо,сите предавања и редовни глупости од животот.Само едно лице кое се мешаше со девојката која му седеше во скутот. Ја допи чашата и гу спушти усните врз нејзините,немирно гризејќи ги...
Теа во дискотека:
Несигурно гледаше во таблетите што ги извадија од чантата,демек е нешто најнормално на светот.Беа црвени,со нешто чудно во средината. Збунето гледаше во своите пријателки кои се смешкаа и си ја средуваа шминката.Ја чувствуваше горчината во грлото. Или тоа беше несигурноста!? Сеедно... Сакаше и на неа да и биде сеедно,да не мисли на предрасудите и да се замара со својот изглед. Барем еден ден.Таа отсекогаш беше примерната девојка,бубалицата која се крие позади книгите и својата несигурност. Денес кога се погледна во огледалото,можеше да каже дека е згодна со црвениот кармин,бледосиниот фустан кој совршено и ги откриваше долгите нозе. Се насмевна на својот одраз и ја намести косата до тоа мало парче на парфекција кое недостасуваше. Наскоро ќе се вратат назад во дискотеката,во таа„гунгула“ од различни луѓе и желби... И ќе танцува. За прв пат нема да се грижи дали на некого ќе му се допаѓа или не. Нека одат ако сакаат сите по ѓаволите со своите мисли. Рацете и трепереа додека ја земаше црвената таблетка и за малку не и падна. Се насмевна на нивните збунети погледи,како ова да не е новост за неа. Посакуваше да можеше да глуми подобро,но и ова се чинеше е доволно добро,затоа што никој не и обрнуваше внимание.Ја испи таблетата и се напи од својот коктел. Се насмевна на дечкото што задоволно гледаше во неа кога излезе од вецето.Изчезнаа сите предрасуди кои некогаш можеби ги имала кон дрогата и се препушти во некое чудно блаженство.Како да беше во некој зенит,заштитена од сета болка.И не се бунеше кога ги почувствува неговите раце околу својата половина.Само се предаде на животот кој онака немарно си играше пред нејзините очи во најразлични бои. И уживаше во смеата која произлегуваше од нејзината уста и од музиката која ечеше до нејзиното срце. Ех,колку е добро да се биде слободен...
Кристијан Морген-DJ на забавата
Гледаше во луѓето кои се наоѓаа на подиумот за играње и уживаа во музиката која тој ја пушташе.Се насмевна задоволно што тој конечно можеше да се пофали дека успеал.Го чекаа важни вакви забави во реномирани дискотеки во Белград,Загреб... 
Некогаш се беше многу поразлично.Тој беше син на еден обичен пијаница и мајка која не ја запознал никогаш затоа што заминала кога бил дете. Знаеше само за тепачки,за модрици кои го исполнуваа секој дел од неговото тело,за остатоци од искршени шишиња,тешки ноќи и денови... Подголтна несигурно и се напи од узото.Сакаше да побегне од тие спомени,сакаше да ги спакува и никогаш да не ги враќа назад туку да ги пушти по Вардар засекогаш носејќи го овој товар.Но,ова не беше ноќ за тоа. Гледајќи во сите луѓе кои го опкружуваа,се почувствува помалку осамено.Одвај го остави минатото,но сега можеше да препознае неколку луѓе слични на него. Знаеше дека храброста и упорноста е она што турка напред. И љубовта помага. Но,дрогирањето кое несомнено ќе се случи денеска овде беше само едно залудно трошење на време.Тој беше доказ за тоа. Се насмевна збунето и продолжи да работи.Беше среќен овде каде што животот добиваше своја смисла.Тоа му се допаѓаше...
Лидија во дискотека,во прегратка на Петар
Некогаш се прашуваше што е тоа што ги присилува девојките да станат придружнички за една ноќ.Да не каже проститутка,затоа што искрено тој збор едноставно не и се допаѓаше. Ја потсетуваше дека е нечиста,дека е само обична капка дожд од многуте,дека никогаш нема да се истакне по нешто. И сега ја чувствуваше кнедлата во грлото додека гледаше во збрчканиот старец во чија прегратка седеше како да е парче месо кое се продава пред гладните кучиња.Очите му светеа,рацете му беа постојано на нејзините нозе и гради... Не ја болеше веќе секој допир како не почетокот се навикна на тоа.Се навикна да биде постојано во центар на внимание кај останатите,да биде критикувана,ишамарана во очите на јавноста,да биде лесна девојка,спонзоруша,девојка која не вреди за ништо.Но,нека биде и тоа.И самата се чувствуваше така,и самата порано би го кажала истото кога би видела деветнасет годишна девојка како седи во крило на педесет годишен маж.Ги почувствува солзите во очите,додека тој палеше цигара и шепотеше некои грозни зборови за тоа што ќе и прави вечерва.Не сакаше ниту да размислува за тоа,колку е подалеку од неговиот кревет е подобро.Си ја измазни косата и се обиде да се насмевне немарно,додека и залепи еден грозен бакнеж кој можеше да го нарече силување. Се обиде да се смири и да се убеди дека ова го прави за мајка и и брат и кој лежи болен во болница и чека на операција на срцето.Само уште малку и се надева дека ќе биде крај.Ги затвори очите и реши да се изгуби и повторно да стане само убаво тело без чувства...
Друштвото:
Сите задоволно седеа на купче,секој со пијалок во рака и со своја приказна.Различни факултети,различна историја,една желба за добра забава. Насмевки на лицето,проблемите оставени дома,играјќи и повремено дерејќи се за другиот да ги слушне. Постојано туркани од другите,но за забавата нема граница. А денес беше таква ноќ.Ноќ кога штиклите ги убиваат нозете,ноќ кога се игра додека не се изгуби и последниот атол на сила,ноќ со насмевки и заборавање на љубовта,проблемите и се останато. Една убава ноќ кога ѕвездите сјајат срамежливо.Но,знаете во друштво како ова се е поубаво.Па,дури ни утнатите колоквиуми не го поматуваат расположението.Барем денес,за утре ќе видиме...

Како што кажав,ноќите како овие не се забораваат. Месечината срамежливо се протега над градот и е сведок за сите журки и сите грешки. Една девојка која никогаш не пробала дрога се тетерави под улицата се додека не се онесвести.И додека гледа во сјајот пред неа,сфаќа дека сака да има шанса да го врати времето и да не прави таква глупост.Еден дечко се струполува на земја,опијането гледајќи во небото над себе. Помислува на едно име кое нуди насмевка и болка во исто време. Друга девојка заминува во најнов модел на Мерцедес, но ниту тоа не помага да се чувствува повредна.Напротив,ја знае вистината таа е само обична... Проститутка. Друштвото ужива во својата ноќ надвор по долго време,додека  Dj-от е во врвот на својата дејност.
Доктор Симонов има многу работа со една надрогирана девојка која доживува криза и еден дечко кој е опијанет.Незадоволно се откажува од своето кафе  и слободната вечер за да спаси неколку млади животи.Понекогаш се прашува зошто го прават сите тие тоа,но се сеќава дека светот има многу различни страни. И денес и утре и задутре,ништо нема да се промени.Судбината и Кармата си играат со своите марионети,вешто влежејќи ги конците.
Кога денот и ноќта се спојуваат небото се спојува во една пламеноцрвена боја која не нуди утеха,ниту тага. А ноќта останува да лежи во спомените и во страниците на различни приказни.Кога би ги затвориле очите би го почувствувале ветрот и насмевките,болката и сите игри.За на крај да излезете од својата идила и да се соочите со оваа ноќ...



Wednesday, November 20, 2013

...

-Пст,молчи! Остави ме ноќва да живеам со лагава дека ме сакаш. Не сакам да слушам празни зборови, ниту да те држам до мене кога знаеме и двајцата дека не го сакаш тоа. Не сакаш девојка покрај себе на која ќе и се врзеш подолго време, го видов тоа во твојот поглед кој постојано шеташе од една до друга девојка и во твоите демек љубезни гестови. Не си ти таков,не мораш да се преправаш само за мене, навикната сум луѓетода не се такви како што се преправаат. Ееее,колку предавства и лажни пријателства видело моево срце, навикнато е веќе. Не си ти за романтики и лаги, не си да се будиш покрај мене и денот да ти почне со насмевка затоа што ме гледаш. Соочи се како што се соочив и јас, ти си едноставно птица која сака да лета. Секогаш во друштво со некоја убава девојка, но секогаш сам. Не ти држам предавања, ниту те обвинувам тоа си ти, ова сум јас. Нема да лажам ги сакам старите црно-бели филмови, сакам да имам некој кој гордо ќе ме фати за рака и ќе ме престави пред светот како негова,сакам денот да ми почне со една насмевка и топол бакнеж,сакам да имам некому на кому ќе му правам појадок и со кого ќе уживам во светот. Но, нека биде вака. Утре ќе си заминам од твојот живот, ќе се знаеме само на здраво. Нема да ти пречи, иако сега можеби ти изгледа онака апсурдно и си се убедил дека ти значам повеќе од што си признаваш. Не,не говори, да не не се разделиме со солзи. Само ноќва сипи ми чаша вино,пушти ја твојата омилена музика да ечи од звучниците и тргни ги завесите од отворените прозорци во светот. Загасни го светлото и дозволи да се загубиме во месечевиот сјај и да потонеме во нашите желби. Заборави на утре и денес и сите денови. Само заспиј на моите гради без никакви каења и без помислата дека ова е крај. И да,молчи. Остави ветрот да ги избрише сите недоумици. Смеј се како секогаш и погледни ме онака шармантно како што само ти можеш и умееш. Не ме гледај вака збунето и со насолзени очи како да сме си значеле нешто. Ајде бе,направи нешто па нели требаше да бидеш фраерот?


Monday, November 18, 2013

Само така го среќавам по долго време. Времето запира,местото на кое сме избледува и онака филмски се приближуваме еден до друг. Чувствуваш како срцето ти чука во тој препознатлив ритам и за миг сфаќам што ме привлекувало кон него. Се враќаш во сите познати спомени, чувствуваш како сонцето повторно ти ја осветлува душата иако него го нема. Се насмевнувате,прстите ви се допираат и низ телото ми поминува истиот оној електрицитет и возбуда како некогаш. И во неговите очи гледаш дека и тој го чувствува истото и дека времето што поминало ништо не променило.Како вчера да било тој ден кога сте биле заедно и сеуште ги чувствуваш неговите бакнежи на твојата бледа кожа.Посакуваш да се имаш малку повеќе средено,иако си свесна дека изгледаш добро. Ги бришеш сите ноќи исполнети со солзи и нервози, сите прашања кои ти се вртеле во главата... 
-Како си? - Гласот не му е повеќе оној самоуверен и со доза ароганција,некако понежен. Но,тој поглед и тоа како ми е познат.
-Добро.Ти?- Одговорам со насмевка,наеднаш станувајќи свесна дека не сме сами. Ја гледам високата русокоса која стои до него и љубопитно гледа во нас. Ја чувствувам горчината во грлото,свесна дека таа му е девојка. Ги има сите карактеристики на оние пролазни девојки кои му минуваа во животот додека бевме другари. Висока,згодна(претерано згодна),плава коса,зелени очи,совршена насмевка... 
-Добро сум и јас. Ова е...
-Јана,мило ми е.- Го претркува и љубезно ми ја подава раката. 
-Мартина,мило ми е.-Одговарам онака збунето свесна дека светот повторно се руши врз мене со сите мои спомени. Но,сепак подготвувам една вештачка насмевка која не допира до срцево. Наеднаш се чувствувам толку глупаво затоа што дозволив надежта да се роди во мене.
-Ми кажуваше Ијан за тебе.Мило ми е што те запознав.
-И мене исто.-Одговарам збунето,не сфаќајќи што се случува.Како можел да и каже која сум?После се што имаме поминато... И...
Се губам во тој сјај во нејзините очи,неговата загубена насмевка како да не знае каде се наоѓа и чувствувам извесна победа што толку добро го познавам.Но,реално гледано тоа не ги менува работите во моја полза.Набрзина заминувам од нив и сакам само да изчезнам.Не знам реално ни кои зборови ги изговорив се губам во спомените и чуднава реалност која не можам никако да ја склопам. Ги затворам за миг очите и чувствувам како некој ме шлапа по задникот. Бесно се вртам и му трескам една добра шлаканица пред сите на дечкото кој го гледам прв пат во животот. Свесна сум дека сите погледи се свртени кон мене,но само бесно изговарам КРЕТЕН и излегувам надвор.
По ѓаволите со се! Мислат дека се машки и се им е дозволено? Каде отиде тоа почитување и љубов? Знам дека мојата отиде во рацете на Јана. И искрено,знам дека е прекрасна девојка.Јас би немала храброст да проговорам два збора ако сретнам некоја бивша од дечкото а не да направам еден фин муабет. Го вдишувам чистиот воздух и се потпирам за миг за ѕидот затоа што се чувствувам слаба. Требаше да знам дека ќе го сретнам,ги сака ваквите изложби. Кога бевме заедно,често одевме на вакви изложби и разговаравме за сликарските техники и за умешноста на артистот. 
Не сакам да мислам на тоа,но повторно се навраќам на се. На моментот на запознавање,оној несреќен ден кога го најдов претепан во трева и го однесов кај еден негов другар.И потоа се сретнавме,онака случајно... Не знам од тој момент знаев дека нема да ме остави на мир.Знаев дека се заљубив во него,во тие немирни очи исполнети со болка и искреност. Потоа следуваше првиот бакнеж додека дождот истураше и се криевме под мојот зелен чадор,сите прошетки по кејот,изедените сладоледи,упатените насмевки,готвење на неговото омилено јадење,возење со неговиот мотор. Само тој ме знаеше толку добро,секоја линија од моето тело,само неговиот допир ми предизвикуваше морници кои се пренесуваа низ целото тело.И го сакав тоа чувство,сакав се кај него. Малите црни очи,полната усна,белегот над окото што го добил во некоја тепачка,секоја бора на неговото лице,сите тие лузни кои ги криеше неговото тело дали добиени од тепачка или од таткото алкохоличар кој го матретирал. Знам дека на сите други им кажува дека му се добиени од тепачки,но јас ја знам вистината,знам колку многу мрази да разговара за минатото. И знам дека му требаше многу да се осмели да премине преку нашето пријателство за да бидеме заедно. Ја сакав и неговата црна мачка, Тринаесет, со сини очи,мрзлива и прекрасна. Знам колку ја сака иако не признава никого. Го имам гледано како ја гали и како и раскажува за минатото затоа што не сака да се соочи со тоа. И тие моменти знаев дека го познавам совршено,дека сум допрела до тоа скриено парче во неговата душа кое не се осмелуваше да го покаже никому. Сакав да го гледам како се смее додека ги пуштавме гулабите во паркот на слобода,како ужива да ги гали кучињата или мачките,како игра со малите дечиња... Знам дека во него се крие еден многу чувствителен дечко кој не се осмелува да го покаже. И знам дека сеуште го сакам. Не заради неговите пари,не затоа што излега божествено,туку заради таа негова емоционална осакатеност и тоа што не верува дека може да сака. Затоа што сум првата девојка на кого и ги има кажано тие зборови...
Ги отворам очите,несвесна за солзите кои ми ја бришат и онака слабата шминка.Гледам во Месечината која денес дава слаба светлина,заплеткана во некоја мрежа од желби и чувства.Посакувам да можам да се средам и да влезам внатре,да се преправам дека ми е сеедно.Но,не можам не сум таква.Знам дека можеби тој беше чуден,но беше мојот чуден дечко.А сега ја немам ни таа утеха...
-Еееј.- Ги чувствувам неговите раце околу мојата половина.Солзите почнуваат посилно да течат,но се прилепувам до неговото тело и ја спуштам главата на неговото рамо. Не ми е гајле за ништо,повторно ја имам таа слика од него како ја гушка својата мачка Тринаесет.
И во тој момент не ми е потребно ништо повеќе,никаков збор.Го гледам него во мојот замаглен поглед,како ми ги брише солзите и во неговиот поглед забележувам се што ми е потребно.Вечерва ќе биде со мене.Ги затворам очите и се препуштам на него. Во сите спомени,емоции и Месечината која срамежливо се надвиснува над нас.И тоа ми е доста.За денес,можеби и за некој месец.
Знам дека можеби ќе бидеме странци кога ќе се сретнеме како денес,но секогаш ќе бидеме истите.Јас негова,тој мојот чуден странец...