Monday, January 13, 2014

Крајот...

Малку се зборовиве што ми лежат на срцево. Малку се и солзиве кои се насобрале во очиве да ме потсетат на реалноста. Малку е се што постои околу мене а не можам да го дофатам. Мал е животов, мала сум и јас. Еден човек од многуте, едно зрнце песок на километарска плажа, една капка дожд која ноќва онака немарно ти го милува лицето. Искрено, малку е се особено зборовиве кои немаат смисла. А зошто би имале, кога ова сме ние, марионетки на сопствените чувства и мисли!? Избледени бои, размачкани кармини, капка лош парфем кој испарува, една чаша вино која се крши во рацеве и се соединува со крвта. За на крај да се чувствуваш себеси како странец во сопственото тело, како... Како животот да е оддалечен од тебе милион години како небото и ѕвездите. Ти останува само да ги затвориш очите и да се загубиш на немирот кој лежи во градиве и те прогонува. Да почувствуваш како крајот те влече кон својата бездна, а животот се обидува да те разбуди од сопствениот кошмар. Еден чекор те дели помеѓу крајот и почетокот. И една чудна смеа се губи во твоето бунило и те остава како заробеник во решетките на општеството кое се смее на твојот неуспех. Сакаш да бидеш гасеница како некогаш, да можеш повторно да ја доживееш својата метаморфоза. Но, сега си таа пеперутка која останала без своите крилја и не може да го започне најважниот лет. А тој кловн со извештачена насмевка кој те зјапа упорно, стануваш самиот ти...


Животни лекции...

Има многу работи што би сакала да ти ги кажам лице во лице, да не оставам вака празни зборови позади себе во еден дневник затоа што знам дека зборовите сами по себе нема да имаат голема смисла. Посакувам да можев да бидам со тебе во најголемите моменти во твојот живот (би сакала да можам да бидам покрај тебе во целиот твој живот), но знам дека е невозможно. И уште од сега знај дека те сакам најмногу на светот и дека ти си причината затоа што одново и одново за заљубувам во светот. Доволно е само да те погледнам и едноставно да сфатам зошто се борам секој ден да украдам од судбината некој момент повеќе да го поминам со тебе и татко ти. Но, ќе бидам мирна кога ќе заминам затоа што ќе имаш некој покрај тебе кој ќе ти ја подари целата своја љубов и внимание. Понекогаш знае да биде  кретен,но верувај тој е најдобриот човек што постои. Да не должам многу, сакам да ти кажам некои работи што ги научив од животот и се надевам дека и тебе ќе ти бидат од корист.



  1. Не секогаш очигледните работи се точни. Понекогаш треба да си дозволиш да земеш одмор и време, да размислиш за се убаво и да се разбереш себеси.
  2. Слушај го секогаш срцето. Дури и тогаш кога разумот ќе ти каже дека грешиш и најверојатно ќе биде во право, дозволи си да си згрешиш. Од искуствата да учи, иако во тој момент нема да ти изгледа така и ќе бидеш само повредена.
  3. Дозволи си да сакаш. Без разлика колку пати срцето ќе ти биде скршено, не се откажувај од љубовта. Еден ден ќе најдеш прекрасен маж кој ќе те сака и почитува за тоа што си. 
  4. Учи од сопствените грешки. Но, пред се живеј го животот. Патувај, смеј се, уживај во пријателствата што ќе ги стекнеш. Уживај во секој ден и лекциите што ќе ги научиш со секое ново искуство. Читај книги, пиј кафиња, прави го она што тебе те прави среќна а не останатите. И секогаш смеј се, затоа што насмевката може да излечи се.
  5. Никогаш не се кај за стореното, потруди се да станеш подобра личност, дали кога ќе се погледнеш во огледало ќе бидеш онаа личност која сакаш да бидеш.
  6. Верувај во себе. Затоа што ти си единствена, некој ќе го види тоа. Биди среќна и исполни го секој ден од животот со среќа. Види го сонцето и тогаш кога си опкружена со мрачните облаци.
  7. Кога си тажна и мислиш дека целиот свет е против тебе, сети се на мене. Побарај ја на небото најсјајната ѕвезда, замижи и тогаш ќе бидам покрај тебе. Секогаш ќе бидам со тебе, секогаш ќе те сакам. И верувај му на татко ти без разлика колку и да те изнервира и мислиш дека прави нешто само да оди против тебе. Тој те сака , ќе сака само ти да бидеш среќна и заштитена. Верувај ми, нема ништо поголемо од родителската љубов.
  8. Сакај искрено. Дури и тогаш кога ќе ти се причини дека нема тоа смисла, верувај дека има. Само искрената љубов може да ги победи сите препреки, да ги излечи сите рани . И смеј се, затоа што тоа ти е најјакото оружје против светот и неговите бесмислености.
  9. Не чекај нешто да се измени, биди самата промена за светот. Биди таа сјајна ѕвезда на која не мора сите да и се воодушевуваат, но ти самата ќе знаеш дека ти си таа личност што сакаш да бидеш.
  10. Уживај во сонцето. Уживај во убавите моменти. Уживај во дождот додека ги носи сите проблеми од твоите раменици. Сакај ги сите годишни времиња, сакај ги личностите што ти се најблиски и покажувај го тоа секојдневно. Уживај во добра прочитана книга, во твојот омилен пијалок (ако си како мене, тоа би било кафето), уживај во твојот омилен филм, во излегувања, патувања, откривањето на светот. И кога ќе дојде времето, ќе уживаш во една личност која ќе ти ги прошири сите хоризонти и која ќе те научи за светот повеќе од што некогаш си можела да замислиш дека можеш да знаеш. 
  11. Погази ја гордоста и достоинството само ако мислиш дека личноста вреди за тоа. Не дозволувај гордоста да се испречи помеѓу тебе и среќата затоа што тоа нема да ти донесе ништо повеќе од осаменост. 
  12.                
               Што да ти кажам повеќе што веќе не кажав!? Биди секогаш дама. Секогаш биди искрена, биди достоинствена, не се предавај во најтешките моменти, сакај искрено и без предрасуди. Барај ги ѕвездите и бори се да ги дофатиш затоа што само небото е граница за тоа што не можеш  да го имаш. Оди и подалеку од тоа. Дозволи и на фантазијата да те однесе на места непознати за другите. Не дозволувај другите да го диктираат твојот живот, застани гордо на нозете и бори се за сето тоа што веруваш. Кога врне дозволи му на дождот да ја однесе болката и сите лоши спомени, кога Сонцето грее насмеј се и дозволи и на топлината да ти го згрее срцето. Уживај во музиката, во сите природни убавини, уживај во светов ваков каков што е, но потруди се да одиш кон подобро. Зацртај си ги целите и бори се за нив, но не оди преку се. Почитувај го и сакај го тоа што ќе те научи татко ти затоа што тој е паметен човек кој знае многу повеќе за светот од што и самиот ќе признае. Никогаш не се откажувај, без разлика дали работите ќе изгледаат безнадежни. И кога ќе се заљубиш и срцето ќе ти биде скршено, разговарај со блиските пријателки, тие секогаш ќе бидат тука да те ислушаат. Секако биди и ти секогаш тука за нив. Секогаш барај ја причината за насмевка па дури и во најлошиот период. Ако не ја најдеш сети се на мене. Сети се дека минатото не можеш да го промениш, но иднината лесно можеш да ја освоиш. Гордеј се со тоа што ти. И биди секогаш насмеана (не знам колку пати ти го кажав ова, но вистина е). Светот е поубав кога ќе додадеш насмевка во секојдневнието. Чекори храбро и гордо. Не се плаши од ништо. Знаеш... Гледај го светот со тие розови очила за сонце, но не се плаши да ги извадиш очилата затоа што ќе ослепиш од сонцето. Ништо во светот не е невозможно. И на крај ќе сретнеш некој кој ќе те сака таква каква што си и нема да бара да се промениш за да се прилагодиш на неговиот свет. Ќе создадете заеднички свет. Чувај го и сакај го. Верувај, секој момент од животот е подарок. Ништо не трае вечно во овој свет, но има моменти кои ќе ги замрзнеш во своите спомени и за кои вреди да се живее. Е тогаш, ќе знаеш што ти зборувам. Тогаш Сонцето ќе грее посјајно, нема да ти пречи дождот, ќе ја гледаш светлината на крајот од тунелот. И ќе го зграпчиш светот со двете раце да го земеш во својата прегратка...


    Thursday, January 9, 2014

    Зборовите кои останаа неискажани...

    Сакам да ти кажам дека те сакам. Ете, го кажав тоа што ми стоеше во грлово како грутка и ме давеше цело ова време. Те сакам. Само што штета што ти не си сега тука да го слушнеш тоа, туку си го водам разговоров со мојот фиктивен лик што во мислите си ти.
    Знаеш, доаѓа време кога се чувствуваш толку осамено и поразено од светот што се околу тебе си ја губи смислата, боите избледуваат, се бориш да ги задржиш спомените во срцево затоа што само тие останале како утеха. А верувај, не е многу. Едноставно сфаќаш дека животот ти поминал низ прстите како да е само ситно парче песок кое не си можела да го задржиш. И сфаќам дека љубовта имаше име кое сега има и горчлив и сладок вкус на усниве...Спомениве се само капки дожд врз кожата, го имаат тој ладен допир што истовремено те плаши и те буди од таа заблуда во која си западнал. Како... Како оддеднаш срцето да станало камен и повеќе не стигнуваат емоции до него. Деновите ги поминуваш онака автоматски, го правиш тоа што е очекувано од тебе, подаруваш од твоите лажни насмевки затоа што знаеш дека никој нема да ја примети разликата. Ти повеќе не си тука покрај мене... И не знам зошто боли ова олку, зошто ми ги кине градиве, зошто остануваат толку недоискажани работи, толку зборови кои се губат во солзите што си ги дозволуваш секоја вечер додека бесно ја стегаш перницата и ги гледаш вашите моменти како да се некој долго загубен филм. 
    Сакам да кажам дека светот запира и почнува покрај тебе, дека Сонцето за мене изгрева во твоите очи, дека ти си моето лето во оваа студена зима, дека ти си мојата искрена насмевка... Сакам да кажам дека без тебе светот е едно обично место кое ја губи смислата, дека деновите се само попатни станици на кои не сакам да се симнам затоа што доаѓам на места кои не ги познавам ниту ги сакам без тебе. Го сакам сето она романтично бла,бла што го нарекувавме, не ги сакам ни ѕвездите ниту месечината само тебе. Сакам времето да застане, ѕвездите да згаснат, сонцето да се изгуби... Те сакам тебе покрај мене, го сакам и дождот и снегот и мразот, сите работи кои некогаш сум ги мразела. Едноставно, без тебе се ја губи својата смисла. Па дури и овој навидум совршен ден. Ти кажав, деновите се само една монотонија која ме зафатила, светот е едно оргомно и пусто место, а душава и срцево не се мачам повеќе да ги сфатам.  Сега знам се што сум се плашела да разберам или не сум признавала. И зборовите мои ќе останат неискажани, освен во овој мој разговор кој не постои. Можеби така требало да биде. За некои нешта нема враќање некој чекор назад, остануваат заклучени во минатото. Како нашите денови, како оние моменти на слабост кога ти вртам со скриен број само да ти го слушнам гласот. Боли тоа, колку и нема да признаам. Колку и да се смеам и глумам дека летам во облаци. Но, тоа е. Зборовите и така никогаш ми немале смисла. Или можеби смислата веќе оддамна им била загубена. Сеедно е сега...

    Saturday, January 4, 2014

    Така да си знаеш!

    И сега вака, убаво ќе ме ислушаш, после ќе се извиниш ама јас ќе си заминам и ќе ја треснам вратата после мене затоа што реално не ми се потребни повеќе извинувања. Слушај еднаш во животот убаво, а не да ме гледаш како да ме разбираш и со паметот да си леташ некаде далеку? Јасно ти е? Не ми треба да ми кимнуваш со главата како некоја си покорна коза, можеш да кажеш едно да и да се насмееш љубезно. Но, очигледно тоа би бил преголем напредок за тебе. Очигледно е дека сакаш да живееш во твој свет на огорченоста каде што ти си главниот лик, сите околу тебе се само кретени кои сакаат да те повредат? Што знаеш ти, те молам? Затоа што еден дечко те напуштил ми кажуваш дека светот ти се срушил и сега си станала една мисирка!? Ова демек е крај на светот, па сега треба да си го кренеш носот во тие твои облаци и да ми глумиш некоја разгалена принцеза!? Оф, заборавив ти не глумиш ти си таква. Научена си се во животот да ти е подарено на тацна. Демек ти знаеш како е да се живее во сиромаштија од ден на ден? Не знаеш ти како е да знаеш дека можеби нема да имаш пари да ги прехраниш децата, дека ќе земаш заеми и заеми и ќе тонеш во долгови во душа. Не знаеш ти како е да се будиш покрај своето парализирано дете и да се обидеш да му угодиш, да знаеш дека секој ден надежта му е се помала, да плачеш преку ноќ затоа што не можеш да поднесеш да го гледаш такво. Не знаеш како е да немаш кров над глава, да живееш под некој мост и да немаш парче леб за јадење. Не знаеш како е кога татко ти или мајка ти се алкохоличари и те малтретираат, па секое утро се будиш порано за да излезеш дома пред тие да се разбудат и да смислуваш изговори на училиште од каде дошле модриците. Не знаеш како е да гледаш темнина во целиот свет што те опкружува и да не можеш да ја пронајдеш светлата точка, да бидеш загубена во тој свет на различни карактери и желби без пријатели, да бидеш само ти осамен без чувство дека припаѓаш некаде. Не знаеш ти како е тоа дека не можеш да им обезбедиш на луѓето што ги сакаш живот каков што заслужуваат затоа што толку ти се силите.
    Не знаеш нели? Нормално дека не... Не е дека мене ми се има случено се ова, но не сум огорчена со тоа малку што ми е дадено и не си летам во облаци како тебе, не глумам некоја арогантна женска и пол и ги нервирам сите околу себе со своето присуство затоа што не знаеш од каде ќе почнат проблемите. Па чекај жено, нели знаеш дека треба да шириш позитива, дека не можеш цел живот да го поминеш во тие твои ѕидови што си ги создала околу себе и да дремеш со таа злоба во душата да им посакуваш зло на другите затоа што ти не си среќна. Не, не сега слушај ме. Те знам доволно добро, доволно се изнаслушав до сега, доволно ти ги трпев тие промени на расположението, иако повеќе од времето си во тоа твое намуртено издание демек не знам што ти се случило. Е добро де, насмеј се еднаш, поздрави ме со љубезен збор а не само со тоа твое викање кое не води до никаде. Ме слушаш? Ете, така со ДА, а не со кимање на главата како да си некоја статуа. Се рзбравме? Од сега не сакам да те слушнам како ми викаш, наместо тоа ќе си позајмиш некои љубезни зборови од речник, ќе ми се насмееш. И на сите останати. Ова ти е за твое добро, да си знаеш. Се разбравме? Е, така. Ај, чао...


    Saturday, December 21, 2013

    Е па братче, ова ти е Скопје

    Не знам како почнуваат добрите колумни, не сум сигурна ниту дали ова ќе личи на нешто. Би сакала да имам зборови како Кери Бредшо или да бидам во рамниште на Доестоески во пишувањето, но знаете соништата се тема што денес не би сакала да ја чепнам. Барем не сеуште. Колумните би требало да имаат тема, зарем не!? Па, еве мојава нека биде нашево Скопје, љубовта и луѓето... Во суштина, светот се простира на најразлични слики и поими а оваа е онаа слика што јас ја гледам. И доста ми е од сите тие мудрувања и глупости што ги слушам на сите страни. Затоа што луѓе сфатете дека сме далеку од разбирање на светот, сфатете дека Сонцето грее подеднакво за сите и дека не е потребно да глумите некој лик од вашите омилени серии или од опкружувањето за да бидете познати. Тоа е и главниот проблем кој доведува до оваа колумна (да ја наречам колумна...).
    Па да започнам со прашањето на љубовта. Има илјада дефиниции за љубовта, ниту една дефиниција не ја опишува во целост, цел град и цел свет ми се чини во тие свои романтични приказни или си удираат глава во ѕид демек само еднаш во животот се сака. Има и такви кои ќе кажат дека љубовта не постои. Па да започнам со разграничување на поимите. Има разлика помеѓу заљубеност и вљубеност. И да љубовта постои, но секако за тоа потребно е срце и доверба и да не се откажеш затоа што некој или некоја те заебала и повредила до срж и повеќе не сакаш да веруваш. А да , разликата помеѓу вљубеност и заљубеност кои често ги мешаме. Заљубеноста е фаза во љубовта во која човек не може мирно да спие, нечие име се врти постојано низ мислите, апетитот се губи... Познато звучи? Љубовта е поврзаноста што се јавува помеѓу две личности, кога споделувате мисли и време заедно, кога ви е грижа за светот. Не сум го измислила ова јас, научно е докажано. Научниците веројатно ќе имаат повеќе да кажат за оваа тема, за хормоните кои се лачат и слични работи во кои денес не сакам да навлегувам. Љубовта денес е преценета, се меша со тие чувства на опсесија, свиѓање и заљубеност. Половина од младите да ги прашаш ќе ти кажат дека сакаат некој или се повредени сето тоа бла, бла, бла објаснување...
    Зошто е тоа така? Како што споменав погоре, љубовта е преценета. Вистинските врски и вистинската љубов се потиснаа со прашање на пари, добра забава и журки, кариера и не знам уште што. И ете стигнувам до уште еден феномен кој сакам да го разработам. Вистинска љубов!? Дали според ова човек еднаш се заљубува вистински а сето тоа претходно било само дел од некоја приказна, лажна и измислена!? Дали тоа значи дека некои луѓе цел живот ќе го поминат во барање по таа сродна душа и вистинска љубов и некој нема никогаш да го пронајде? Како што вели и Кери Бредшо во некоја моја послободна интерпретација : Дали тоа значи дека за нас кои не сме ја пронашле сродната душа нема спас? Дали тоа значи дека треба цел живот да патуваме низ светот, плашејќи се дека никогаш нема да ја пронајдеме и ќе остареме сами и огорчени?
    Според мене, ова е чиста глупост и бабини деветини. Зошто би сакале само еднаш за животот и сите минати врски и љубов би биле само некоја лажна илузија во светот? Да, сакам да верувам дека таму некаде во светот постои сродна душа која ме чека токму мене, но дали тоа значи дека треба да очајувам ако не ја најдам и да го поминам целиот свој живот во потрага по личност која реално и  не знам дали постои. И сигурно тој некој не би ме чекал мене да му се фрлам во прегратка. Зарем ако не си ја пронашол сродната душа значи дека си помалку вреден од оние кои веќе ја пронашле својата и дека тоа уживање во погрешните личности во животот е погрешно и еднакво на грев? И што ако ја пронајдеш „сродната душа“ и не ви успее помеѓу вас? Тоа значи дека за вас завршило правото за љубов и дека повеќе нема никој кој би ве усреќил? Не верувам во ова, едноставно ми личи на приказна за мали деца или некој добар маркетиншки план како што е Свети Валентајн.
    И тука некаде започнува и борбата помеу половите. Кој има право, кој е виновник. статуси на Фејсбук со кој секојдневно се среќаваме. Испаѓа дека сите девојки се повредени и некои си наивни девојчиња или жени кој умеат да сакаат,а  машките се најголеми кретени и идиоти. Или од машка гледна точка девојките не знаат што сакаат и наместо да седат дома и да се сожалуваат можат да излезат надвор и да побараат некој вреден, затоа што знаете тие се бубалчиња кои умеат искрено да сакаат. Да наздравам за тоа! Да наздравам за младинава, за сите „поштени девојки“ и сите „романтични момчиња“ кои патат од љубовта. Ма,немој не ме заебавјте. Да се разбереме не велам дека нема поштени девојки и искрени машки кои умеат да сакаат, но според овој Фејсбук сите си градите лажни слики за себе кои можете да им ги пордавате на некој што не ве познава. Да, девојки сите вие умеете да сакате безгранично, ве привлекува карактерот и затоа дедо ви, Упс дечко ви, ви ветува кариера на модел и не знам уште што. Затоа што го сакате, затоа што е позрел од останатите машки, а вие тоа го знаете затоа што имате шеснаесет, седумнаесет години (можеби и помалку!) и затоа што искуството ви го говори тоа. А чекај, па нели бевте наивни девојчиња? :O 
    Тука се и машките кои глумат најголеми фраери во маало, демек можат да ја смуваат секоја женска и сите типови на разговор им се во стилот: Таа брат? Ја знам, згодна риба....  Да, братче јак си на зборови покажи се на дело. Сите вие сте фраери, сите можете да имате што сакате, сите знаете што сакате... А уствари ниту еден си нема појма од вас. Пардон, не говорам за сите машки, туку за онаа група што постои. И да не ги заборавам машките кои се удвараат од типот: Јас имам бизнис малечка, автомобил, моите се директори... Е добро де имај си!? Што мислиш сите риби ќе ти се фатат на таа јадица и дека сите ги интересира што ти имаш? Постигни нешто од животот па после фали се, а не со татини и мамини пари, со автомобил на чукин чукин дедо или некој си ваш пријател што ви го дал да го повозите за да фатите некоја јака риба. И уште нешто, половина и повеќе се нафрлаат на тие „поштени девојки“ кој сите ги муваат и после се жалат зошто немаат девојка, зошто сите девојки се по парите, ова па она... Па,ало бе брат кога удираш на такви девојки што сакаш? И ајде запознај ја девојка ти со мајка ти и татко ти уствари да испадне дека спиел со неа минатата вечер?
    Познати ситуации? Па,нормално дека се кога секојдневно се среќаваме со ова. Соочете се, ова е реалноста. Љубовта ја продадовте за пари, ја направивте една пуста комерцијала, сите машки се е*ачи, сите девојки се невини. Е не може така, не оди тоа. Каде замина таа романтика која ви стана клише, а онака тајно си гледате романтични филмови и барате дечко кој ќе ви ги симне ѕвездите. 
    После проблемт се високите критеруми. Сите сакате некој згоден дечко од калиброт на Бред Пит, Џерард Батлер или Крис Хемсфорт, сакате да биде романтичен, да биде богат, да ви го симне светот под нозете. Е,па да не го барате принцот Совршен од Пепелашка? А да ги спуштите малку критериумите? Не велам многу, знаете да не барате дечко што не постои туку да ги разгледате фините дечковци кои ве чекаат.
    А и вие машките, барате некоја Анџелина Џоли, Џесика Алба и после се жалите на девојките кои ве сакаат искрено? Не оди тоа така, жалам што ќе ви ги срушам идеалите.
    И уште еден реален проблем што морам да го напоменам. Сега мода е некој си петодделенец да има женска, па после се жалат сите зошто вака, зошто така.... И солзи до бескрај... Јас кога бев на ваша возвраст уште играв жмурка, па ќе измислевме некои нови игри, па ќе плачевме за раскрварени коленици а не за дечковци зошто тој е кретен, зошто онаа е шмизла?  Е па драги, ќе ви кажам нешто што знам дека нема да го прифатите затоа што и мене да ми го кажел ова некој ќе сум одмавнела со главата и би рекла: Што знае оваа? Еден ден сето ова ќе ви изгледа смешно, сите проблеми што мислите дека ви се огромни ќе изчезнат со текот на времето и после ќе си кажеш еее кога го гледав светот низ тие розови очила а не бев свесен. Ќе дојде друг или друга што ќе ја сакате искрено, ќе дојде друг или друга што ќе ви го скрши срцето и повреди повторно. И во тоа се крие големината на човекот, колку брзо ќе се издигнеш од пепелта и дали ќе го затвориш своето срце заради неколку лоши искуства или ќе продолжиш да трагаш се додека не ти се насмее среќата (затоа што еден ден и тоа ќе биде).
    И да, можеби немам многу години да делам совети, немам ниту големо искуство, но реално како што гледам како изминуваат деновите дека сите се паметни и писатели и повредени и не знам уште што... Но, ова е реалноста. Сите знаат демек многу, а всушност да ви ја разбијам излузијата никој не знае ништо. Сите се криете под маската која ви е на лицето, па дури и сега, припремате среќни насмевки кога сте тажни, глумите поштени кога не сте (и еј не судам, која сум јас да судам!), глумите некој кој не сте со цел да се прикажете во некое пдобро светло или во она светло кое го прифаќа општеството. Лоши норми имаш општество, те уништи малограѓанштината! 
    Е,па драги мои ова ти е светот,ова ти е нашата мала но голема земја со четири милиони лица. Се будиме наутро и си размислуваме која маска ќе соодвествува на денот. Но, тоа е, не уништи „демократијата“ и се уништивме самите себе. Скопје е загадено,но не само од воздухот туку и од сите лаги и лица кои ги покажувате. Е па братче, ова ти е Скопје. Илјада лица и лажни насмевки, илјада пропатени душички, илјада фини дечковци, илјада поштени девојки, илјада статуси кои фрчат на Фејсбук и илјада критики затоа што ја кажувам вистината. Нека биде така, тоа ти е вистината, сакаш прифати ја, сакаш бегај од неа цел живот додека не те тресне во фаца како цигла. 
    Тоа е се за сега. Има уште илјадници многу да кажам, уште илјадници катастрофални грешки, уште илјадници прашња што чекаат да бидат одговорени. Можам само да кажам да го чувате оној кој ве сака искрено и не бара ништо повеќе од вас освен љубов и доверба. И секако за тоа да ви се случи, морате и вие да возвратите со иста мерка. Сакајте од срце, љубовта еднаш ќе дојде до вас. И не се откажувајте. Толку од мене...      
                             

    Friday, December 20, 2013

    ...

    Ги чувствувам снегулките кои немарно паѓаат на капутот и долгата коса и ги затворам очите додека се препуштам на таа чудна мешавина од спокој и немир кој истовремено водат битка во градите. Но, нека биде така. Повторно пред очите ми излегуваат сликите кои сакам да ги блокирам, повторно ја чувствувам таа болка која ми ги зафаќа градите како демек сега ќе стапи крајот на светот. Ги отворам очите и се обидувам да избегам од сопствените сенки кои ме демнеат во секој чекор. Гледам во белината што ме опкружува во навидум среќните лица и некоја несвесна насмевка ми бега на лицето иако сум свесна дека тоа повеќе не е мој одраз туку лице на странец кој сум одлучила да го глумам. Нека бидам среќна за светот дури и тогаш кога се распаѓам, кога плашливо го стегам ракавот од џемперот, плашејќи се од животот и од неговите патишта. Подголтнувам, станувајќи свесна дека сум целосно изгубена во светов. Сепак, продолжувам да чекорам додека се борам со самата себе. Насмевката ми е постојано нацртана на лицето како некој доказ за среќата и убавината на светот, додека солзите се лејат длабоко во душава. Станувам странец за светов а особено за самата себеси. Но, нека биде така. Нека паѓа снегот во тој препознатлив и нежен ритам, нека удира ветрот бесно во градиве додека се борам да го направам секој чекор. Ќе бидам среќна за сите, ќе бидам таа која не знае да плаче и го пронаоѓа оптимизмот во се. Зошто да не? Ќе слегнам со рамениците демек ми е сеедно и демек срцево мое повеќе нема надеж за минатото. И еве ме сега, чекорам по патот кој сум сигурна дека ме води кон мојата пропаст но не ја манувам попатно станицата. Продолжувам да одам додека не стигнам до некоја станица каде што светот ќе ги добие потребните бои и насмевкава нема да биде нацртана и ќе се претоври во вистинска. Којзнае, можеби ќе си поверувам себеси дека сум среќна и дека светот може да биде убав. Едно мало можеби кое не е утеха, но тоа е се што ми преостанува додека се борам со животот кој бесно ме удира во градиве и сака да ме запре. Ја испружувам раката и гледам во малата снегулка која останува еден момент подолго на мојата рака. Можеби тоа е смислата на светот, без разлика на се, еден ден сите тонеме во тој мост помеѓу животот и соништата... Само што денес се чувствувам толку изгубено...


    Monday, December 16, 2013

    Е добро де, не морам да знам се и јас.Особено не биофизика...

    Влегувам во кафичот самоуверено како и секогаш, со поглед снимајќи ги луѓето што се внатре и самиот амбиент. Насмевката ми е повторно нацртана на лицето, го барам мојот другар кој којзнае каде се збутал. Забележувам дека ми мавта и сигурно се приближувам кон него, свесен дека неколку девојки се кикокат кога поминувам покрај нив. Им подарувам една од оние мои шармерски насмевки и се поздравувам со Игор кој пие капучино.
    -Здраво, другар.- Се спуштам на столчето и ја соблекувам кожната јакна. Сепак, нашол добро место. 
    -Како по обичај касниш. -Игор ми одвраќа сериозно. Погледнува во мене, како да сака да ми каже дека не можам да живеам така несериозно. Да, да истите лекции што ги слушам целиот мој живот. Ништо се нема променето. 
    -Е добро де брат. Не каснам многу. -Слегнувам ноншалантно со рамениците. Го вадам Ајфонот и паричникот од џебот и ги оставам на белата маса. Пријатен кафич, амбиент на ниво како секогаш. Во позадина ја слушам Juliet и некоја насмевка несвесно ми бега на лицето. Ете што може да ти направи една девојка. 
    -Не бе брат. Само четириесет минути. А јас ќе си дремам тука како некоја будала, кога сите девојки гледаат во мене прашувајќи се која ме откачила. - Ми подарува една ладна насмевка. Не можам да не се насмеам, а Игор ми враќа со среден прст. 
    -Добро, се извинувам. Но,капучино? Што ти е со изборот? -Поткревам веѓа и чекам реакција. Игор ми е најдобар пријател, слободно можам да го наречам и свој брат.
    -Еееј, мали дај не се закачај гледај си за тебе. И да си знаеш на детоксикација сум. Од петокот со тебе на журката, мислам дека цел свет се врти.
    -Но, знаеш дека земјата се движи.
    -Оди по ѓаволите. -Ми се насмевнува задоволно. Ја повикува келнерката и погледот ми се замрачува. 
    Се спуштам пониско на столот надевајќи  се дека нема да ме забележи, но тоа е невозможна битка затоа што токму таа доаѓа да ја земе порачката. 
    -Даниел. -Гледа остро во мене. Искрено, згодна е, со белата кошула која е едно копче преотворена, долгите нозе и таа руса коса. 
    -Каролина.- Одвраќам со некоја чудна насмевка. Што ми требаше да ја сретнам!?
    -Гледам дека си добар. Да не го изгуби бројот па не ти текна да ми се јавиш? - Ги прекрстува рацете а бујното деколте ми го одзема дополнително здивот. Со раката преминувам низ косата и гледам во неа.
    -Телефонот... Ми се расипа. -Го земам Ајфонот, како некое средство за бранење. Вистина е дека не сакав да и се јавам. Беше тоа една вечер (една прекрасна вечер, да си се поправам) , но толку. 
    -Хм... Како и да е.- Превртува со очите, свесна дека лажам. -Што да ти донесам? 
    -Едно Нескафе би било добро. - Го забележувам Игор кој одвај се воздржува да не се прсне од смеење и му давам еден строг поглед.
    -Веднаш. -Ми одговара Каролина, гледа во мене со тој заводлив поглед. И одвраќам со некоја насмевка и кога заминува конечно доаѓам до здив.
    -Да не си прозборел. -Му се заканувам на Игор кој веќе задоволно се смее.
    -Не,нема. -Мавта со рацете во обид да дојде до здив.
    -Човече, не стапнувам во кафичов веќе. -Отсутно мавтам со главата. Ете, еден ден ти се враќа тоа што си мислел на времето дека си Казанова.
    -Тогаш мислиш ќе ти остане некој кафич? -Игор ми се смее додека го пие капучиното.
    -Па и ти,па и ти. -И јас се приклучувам во смеењето.
    Каролина брзо доаѓа и го носи кафето притоа навалувајќи се малку повеќе од пристојното до мене. Погледот ми бега повторно кон деколте кое е упатено за мене и тие заносни зелени очи. 
    -Фала.- Кимнувам збунето, чувствувајќи ја кнедлата во грлото.
    -Повели и друг пат. -Ми намигнува и ми подава ливче хартија. -И гледај да не го загубиш.
    Отсутно кимнувам со главата и гледам во неа додека не се изгуби позади шанкот. Дали сум само јас или атмосферата во клубот штотуку се вжешти?
    -Братче, ти си ми идол. -Игор ми подава рака. 
    -Кој идол, те молам. -Збунето одмавнувам со главата, но сепак се ракувам. -Знаеш...
    -Што? -Гледа збунето во мене. Во позадина ја слушам Monster од Imagine dragons  и повторно се јавува таа насмевка на лицето. Што е со мене, да не ме фатил некој вирус?
    -Ова и е омилена песна. -Зборовите излегуваат од мене, пред да сфатам дека сум ги изговорил на глас.
    -Молам? -Игор со смеење гледа во мене пришто речиси се засркнува со капучиното. -На кого тоа?
    -Знаеш, на девојката што ти кажував од факултет.Писателката... 
    -И што со неа?
    -Ништо, брат. Ми се допаѓа. И ова и е омилена песна.- Слегнувам демек ноншалантно со рамениците, обидувајќи се да изглумам дека ми е онака сеедно.
    -Чекај, чекај. Да се вратиме на муабетов пак. Онаа убавата девојка што ме запозна со неа пред две недели? Со долгана коса? -Игор гледа заинтригирано во мене, а јас сакам да пропаднам во земја и да се проколнам себеси затоа што ја споменав.
    -Е таа бе брат.
    -Е добро, што со неа? -Игор гледа заинтригирано во мене, очигледно на планира да остапи се додека не му кажам се. Воздивнувам и гледам отсутно во неа. Што ми треба да се втерувам во вакви проблеми.
    -Ништо. Ти кажав за песната.
    -А за свиѓањето?
    -Па, убава си е. Што да и правам сега? -Слегнувам со рамениците, демек тоа е се. Сериозно? Да не се свртел денов против мене?
    -Знам дека е убава,но не ми менувај тема. Што имаш со неа? Ајде, сега пред мене извади го валканиот веш.
    -Што ти е со изразиве, од која книга ги ископа? 
    -Сигурно не од нејзината.
    -Сигурно. -Одговарам и одмавнувам со главата.-Брат me заеба Арсенал вчера. 6-3 изгубија. Дваесет и пет илјади ќе фатев.
    -Па, ти на нив си нашол да уплатиш. И не ми менувај тема, не те бива за тоа. Кажи ми подобро што со девојката. Има нешто со неа?
    -Сеуште ништо.
    -А значи планираш да има!?
    -Не знам. 
    -Што не ја покани на кафе?
    -На кафе? Те молам, ќе ме отера кај што не треба. Учи биофизика. За магнетни полиња, спроводници и не знам уште што. 
    -Хахахахаха. -Игор задоволно се смее. -Па,учи и ти со неа. 
    -Мораш да ме заебаваш или не си жив.- Одмавнувам со главата демек со неверување. 
    -За тоа сум ти тука, брат. Ајде, кажувај. Зошто не одиш до кај неа? Или девојката те сопира?
    -Мислиш ми е гајле за девојката? Немој да не ја почнуваме таа тема.
    -Зошто не му раскинеш на девојчето? Се надева за џабе. 
    -Затоа што кој ќе ја слуша мајка ми. Знаеш каква е, па уште испрашување ми фали за тоа што ми е на мене и кај ми лета паметот. -Превртувам со очите. 
    -Е добро де. Мајка ти ќе ти го диктира животот. Не си мамин син. 
    -Ај,ај сега па и ти. А пред мајка ми -Да, тетка Весна. Во право сте. Како маченце предеш пред неа.
    -Те расипала нешто девојката.
    -Оди по ѓаволите. -Му покажувам среден прст и се смеам. -Иако, имаш право. Ќе одам кај неа. Сакам да ја видам.
    -Демек оддамна ја немаш видено. Од вчера. 
    -Е добро, мора да се прослави нејзиниот роденден како што треба. -Ја облекувам кожната јакна. и го ставам мобилниот во џебот од фармерките. 
    -Еј, еј. Јас како ќе се враќам дома? Ти си ми превоз, забораваш? - Игор гледа во мене, со таа скриена насмевка.
    -Дај не го дрви сега. Еве ти пари, изнајми ако сакаш автомобил. -Му оставам пари и си заминувам пред да му текне уште нешто или да се заебава со мене за некои теми или поконкретно за оваа со девојката за која не сакам баш да разговарам. Ја палам црвената Шкода и се погледнувам во ретровизорот пред да се вклучам во сообраќајот. Добро е. Ја имам нејзината адреса, ми ја даде другарка и. Знам дека е сама во станот, ми кажа само таму може да учи. Се смеам на себеси, затоа што на кој би му текнало дека еден ден и јас ќе трчам по некоја девојка и таа ќе буди вакви чудни насмевки кај мене. Сонцето свети, иако е прилично ладно, на само ми дава оптимизам додека пуштам радио Антена 5 и ги глушам Рудиментал и Емили Санде. Добра песничка. Се обидувам да се отпуштам, затоа што оддеднаш ми станува жешко и ги отворам прозорецот. Пронаоѓам слободно место за паркирање и се качувам по скалите набрзина затоа што ме мрзи да го чекам лифтот за до трети кат. Ѕвонам на вратата, надевајќи се дека не заминала некаде на прошетка. 
    -Еееј. -И се насмевнувам задоволно, додека таа гледа збунето во мене.
    -Еј. -Изненадено ја поткрева веѓата, а јас само мислам колку искрено сакам да ги вкусам нејзините усни и тој врат.
    -Нема да ме поканиш?
    -Влези. -Ми одговара сеуште збунето. 
    Ја соблекувам јакната и патиките и ги оставам во претосбјето. Влегувам во дневната која е полна со маркери во жолта боја, разлетани страници со формули и подвлечени скрипти. Ги забележувам и очилата кои лежат на масичката. Зарем таа носи очила?
    -Сакаш да се напиеш нешто? -Го слушам нејзиниот глас од кујната додека јас заинтригирано ја испитувам дневната.
    -Може пиво. -Одвраќам несигурно. - Убав е станот. -Констатирам задоволно. Можеби треба и јас да си купам, иако мајка ми којзнае како би реагирала. Најди си работа, па прави после што сакаш со парите.
    -Повели.- Ми подава ладно пиво кое совршено се слева низ грлото кое ми станало суво. -И фала. 
    -Нема за што. -И намигнувам и забележувам дека поцрвенува. -Како оди биофизика?
    -Тешко. Ултравиолетови зраци,траснмутации и не знам уште колку равенки. -Превртува незадоволно со очите. -Повели седни. -Ми покажува кон белата софа и ја послушувам. Седнувам со неа и збунето се смешкам Како би реагирала кога би дознала дека имам девојка? Не, прашањето не е на место. Како би реагирала кога би се наведнал и би ја бакнал. Ја слушам отсутно додека ми раскажува за некои биофизички закони кои реално и не ме интересираат нешто многу, но додека таа ги кажува не изгледаат како science fiction. Се доближувам до неа, погледите ни се среќаваат и забележувам дека го држи здивот додека гледа заитригирано во мене. Ја бакнувам, уживам во мекоста на нејзините усни и парфемот кој ме опива и ме потсеќа на колачиња. Не е добро тоа, затоа што обожавам колачиња и вака лесно го губам умот. 
    -Даниел...
    -Псст. -Се губам во нејзините бакнежи, во начинот на кој ми се предава, во мекоста на нејзината кожа додека нежно ја откопчувам нејзината кошула а таа не се спротиставува. Со секој бакнеж ми се чини го губам умот и паѓам по неа, иако го мразам тоа. Но, некако посилно е од мене. 
    Го бакнувам нејзиниот врат, заборавам на се и сешто, уживам во начинот на кој ми возвраќа безусловно. И тогаш телефонот ѕвони и ја расипува таа идила. Го исклучувам повикот и се обидувам да се концентрирам на неа која гледа збунето во мене. Продолжувам да ја бакнувам, но телефонот повторно ѕвони. Превртувам незадоволно со очите.
    -Мислам дека треба да се јавиш. -Ми одговара сериозно и се оддалечува од мене. По ѓаволите.
    Бесно гледам во  бројот на мобилниот, мојата девојка.
    -Ало?-Одговарам незадоволно. Како да и објаснам дека не сакам да ми врти и да ме остави на мира.
    -Ало,душо. Погоди што носам моментално.
    -Не знам.- Незаинтересирано одвраќам.
    -Погоди.
    -Имам работа.- Превртувам со очите.
    -Хм... Маче, а да дојдеш кај мене.
    -Добро доаѓам.
    Бесно затворам, не сакам да го слушнам нејзиниот одговор. Се поздравувам набрзина и излегувам од станот, чувствувајќи се на најниско можно ниво. По ѓаволите! Возам брзо со автомобилот, не грижејќи се за свирежите, за пцуењата од пешаците и светот што ме опкружува. Ете, тоа е кога си играш. Решавам дека е време да вратам некои работи во контрола.
    Михаела е пред вратата и ме чека со насмевка. Добро, згодна е, знам дека можеби сите ми завидуваат што е со мене, но не ја сакам. Не ми е интересна и ние сме различни светови.
    -Михаела, готово е меѓу нас. 
    Половина час ја слушам како ми се дере и конечно прифаќа дека нема ништо повеќе меѓу нас. Се враќам дома со автомобилот, претпоставувам дека мама сега ќе ми држи лекции за добро однесување и за тоа како е можно да има таков кретен од син. Е добро де, јас вака сакам да го живеам животот. Низ мислите ми минува денешниот ден и таа прекрасна девојка која веројатно сега ми е лута и повторно учи биофизика. Нема да се чудам и повторно да не ми проговори. Уживам во сончевите зраци кои ја милуваат кожата барем малку и ме потсетуваат на топлината во нејзините очи. Мама ми отвора дома, затоа што клучот го имам заборавено и е во добро расположение. Чудно...
    -Здраво сине. -Ме бакнува во образ и искрено очекувам да ми каже дека имаме гости.
    -Здраво мамо.-Одговарам намуртено, очекувајќи го викањето затоа што дома нема никој друг.
    -Добро е што и раскина на Михаела. Не можев да ја смислам девојката.
    Изненадено кревам веѓа и ми се чини светот ме удира во лице и ја губам свеста. Збунето се смеам, чувствувајќи дека не знам ништо за жените. Е добро де, сериозно нека напише некој некоја книга за тоа како размислуваат жените и зошто кажуваат едно кога мислат друго. Најди му крај на светов те молам. 
    Подоцна си лежам во креветот и незадоволно слушам музика кога ми стига порака на мобилниот од Игор за некој си текст што таа го напишала. Срцето ми се стега, прашувајќи се за што е. Се смешкам додека читам и некое чудно чувство на надеж се раѓа во градиве. Се обидувам да го блокирам, но насмевката ми е залепена на лицето. Којзнае, можеби и Казанова може да стане дечко за една девојка. Ги затворам очите и мислам на неа. Исцрпен сум, ми се чини дека денов трае повеќе од вообичаено. Нејзиниот лик ми испловува пред очите и знам се што треба да знам. Месечевата светлина не е ништо во споредба со неа. И сега го сакам целиот универзум и сета светлина, иако таа ќе ми каже нешто од нејзин физички аспект што го учи. Се смеам на себеси, губејќи се во боите кои играат на прозорецот од мојата соба. Тоа е игра на светлина бе будало. Е добро де. Не мора да знам се. Го земам мобилниот и дремам на Фејсбук надевајќи се дека ќе ја најдам уклучена. Но, не е веројатно повторно учи. Го препочитувам текстот и се смеам на зборовите. Ќе ја биде малава. Уште да ме погледне мене и доста е. Слушам долу како мама и тато се смеат со гостите и се губам веднаш во музиката што ја пуштам во слушалките. Насмевката повторно ми игра на лицето и повеќе реално не знам дали сум јас истиот или некој друг лик. Е добро де, мозоку запри да работиш еднаш. Ги затворам очите и конечно се препуштам на мирот. Добра ноќ...