Sunday, November 10, 2013

Празнината што ја остави љубовта...

Поминаа неколку недели од нашата последна средба. Кого лажам, чувствувам како да поминале илјада години, како повеќе да не те познавам,ниту знам како изгледаш. Знаеш, кога љубовта заминува останува само осаменоста која полека ја руши твојата самодоверба и идеалите. Повеќе не си онаа иста личност која сакала искрено , без предрасуди,која си ја оставила и гордоста само за него. Остануваш без чувства, само со голема празнина во тебе која не ти допушта да ги правиш нормалните нешта кои претходно си ги сакал. Се чувствуваш за никаде, го гледаш тоа и во сопствениот одраз во огледалото, се обидуваш да се сетиш на неговиот глас, го бараш него во сите луѓе кои поминуваат покрај тебе. Но, со тек на време ја губиш и таа надеж што останала и сфаќаш дека нема да се врати. Дека тоа навистина било крај,а не некоја лоша шега што тој ја смислил. И го мразиш и него и животот и целата лошо искреирана приказна во која ти остана со скршено срце. Сега,сакаш повторно да го видиш да му ги кажеш сите зборови што ти лежат на срце , да ја оставиш оваа празнина која ти го стега срцето и ги истиснува полека сите чувства. Со текот на времето заминува и болката и доаѓа рамнодушноста,што не си сигурна дали е добар знак.Но,продолжуваш да чекориш напред, недоверлива и изгубена. И осамена затоа што не си дозволуваш повторно да веруваш. Но,најлоша е празнината што останува во тебе кога ќе ја изгубиш својата најголема љубов онака како од шега...


Saturday, November 9, 2013

Подобро е вака... :/

Седам на дрвената клупа која е веќе одамна скршена и никогаш не им текнало да ја заменат,но мислам подобро е вака. Ги затворам очите во обид да се сконцентрирам на зборовите кои ги научив напамет, но кога ги отворам повторно се сконцентрирам на една далечна точка и со мислите пловам некаде далеку.Повторно мислам на неа, чувствувам како во очите ми навираат солзи како непишано правило,иако не знам дали е тоа од таа празнина што ја чувствувам во градите,од листот хартија кој лежи свиткан во мојот ранец или од загаденоста на воздухот... Да не лажам,знам совршено што ми е. И се чувствувам како ништо да нема смисла повеќе. Како светот да ги загуби сите бои за само неколку секунди. Барем онаа скормна палета на по што ми остана од денот кога ја изгубив неа. Длабоко воздивнувам,чувствувајќи го студениот ветар како ми ги штипе образите,губејќи се во некои времиња кои носат барем малку топлина во телово.Ја гризам немарно устата, знак дека сум нервозен. По ѓаволите! Ги тријам рацете и станувам додека гледам во неа како се приближува кон мене,сериозна како што ја немам видено долго време. Сакам да и викам Насмеј се ,но немам ниту сила ниту храброст. Денешните вести ми се чини ја одземаа и последната нишка која ме држеше со реалноста и надежта дека светот може да биде повеќе од едно затапено место со помешани вредности.
И срцето повторно прескокнува неколку биења,иако не сум веднаш свесен. Го има истото дејство врз мене како секогаш. Сакам само да се фрлам во нејзина прегратка, да го почувствувам нејзиното тело до моето,да потонам со таа мешавина на парфем и шампон што ја прави неа единствена и да и кажам дека ја сакам. Да се отгрнам од демек оваа добро одглумена рамнодушност и да ги пуштам солзите кои ги чувам во мене долго време. Но,едно ладно Здраво излегува од мојата уста пред да сфатам.
-Здраво...-Ме гледа ладно и со скрстени раце. Нервозно ги крши прстите и мисли дека не забележувам,но ја познавам подобро од самиот себе. - Што сакаш Стефан?
-Јас...- Длабоко подголтнувам и го заборавам целиот мој спремен говор. Зошто е толку лесно да се загубам во тој поглед па дури и сега,иако е остр и преполн со обвинување и болка? И се мразам што сум кретен што не знае да се однесува кон неа како што заслужува. - Не знам. - Слегнувам со рамениците како тоа што сум ја викнал да е наједоставното нешто на светот.
-Што ти е на тебе? -Гледа бесно во мене и нервозно ја гризе усната. -Не,поточно што ми е на мене. Дојдов штом ми пиша затоа што мислев дека имаш нешто важно да ми кажам. Сериозно,не знам како можев да заборавам кој си ти и да мислам дека еднаш во животот ќе се смениш.
-Имаш право. Не требаше да ти пишам...
-Не,не требаше. И јас не требаше воопшто да ја отворам. Треба да го избришам твојот број и да заборавам на тебе.
-Зошто не го направиш тоа?- Гледам збунето во неа,чувствувајќи како во мене се руши целиот свет. Како да и кажам дека ја сакам кога знам дека немам повеќе што да и понудам!?Кога во мислите ми се меша оној извод кој го кријам во ташната и кој кажува дека имам рак...!?
-Затоа што... Затоа што и покрај тоа што си олкав  глупак... Те сакам. - Воздивнува длабоко,ги затвора очите и кога ги отвора гледа во мене очекувајќи некаква реакција. Се обидувам да бидам ладен,иако крвта ми врие. По ѓаволите со животот! Вилицата ми трепери,но знам дека таа не забележува. 
- Не треба да ме сакаш.
-Знам. Мислиш не знам? Мислиш не ми е тоа врежано во главата? Јас... Јас се чувствувам загубено без тебе. Срцево ми е скршено,плачам кај ќе стигнам,се ме потсеќа на тебе. Не знам повеќе што ми е. Те мразам што ме правиш да се чувствувам вака, што не можам да се сконцентрирам на еден проклет колоквиум,што едноставно ништо не е исто. Го сакам мојот пријател, те сакам тебе. По ѓаволите,не гледај само така во мене како да сум полудела... - Низ лицето и течат солзи пред таа да сфати и да ги избрише. Сакам да станам да ги избришам,да ја гушнам,но... Повторно стои животот како гавран над главава и ме предупредува дека нема иднина за мене. Не можам да и кажам што чувствувам за неа,кога не знам дали ќе има утре за мене. Вака ќе се научи да живее без мене, дека светот може да биде суров.
-Не знам што да ти кажам.-Гласот ми е ладен и ја мразам таа демек хируршка ладнокрвност која ја чувствувам во него.
-Зошто ме викна овде? Што сакаш?- Длабоко воздивнува и ги брише солзите. За миг ми се чини заборава на претходните зборови и гледа во мене како да сака да и кажам... Да и кажам дека ја сакам. И ја сакам,го сакам тоа повеќе од се,но срцево е уморна и нема храброст за повеќе борба.
-Ништо. Не е повеќе важно.- Гледам во патиките,немам сила да ја погледнам во очи.
-Чао тогаш.Нема време да губам со твои сцени на не знам што...- Со неверување мавта со главата и гледа огорчено во мене. И ја обвинувам,го има цело право на светот да ме мрази. И самиот се мразам себеси.
Гледам како заминува со бавни чекори,знам дека плаче,лесно можам да препознаам.
-Чекај!- Гласот е побрз од мозокот повторно.
Збунето се врти и гледа збунето во мене,бришејќи ги набрзина солзите.
-Кажи?- Се враќа неколку чекори назад и гледам надеж во нејзините очи.
-Сакав да ти ја дадам сликава...- И подавам слика од нас на матурата. Планирав да и ја дадам пред некој ден,но по сето тоа што испадна...
-Оди по ѓаволите!- Ја кине сликата пред мене и бесно ме гледа. И со парчињата кои паѓаат на земјата,се руши и целата илузија што сум ја имал некогаш. Ја сакам,јасно е како ден. И затоа морам да ја пуштам да си оди.
Ги вадам цигарите од џебот и ги фрлам во кантата за ѓубре. Сега кога е далеку не морам да глумам силен фраер. Ги пуштам солзите да се слеваат низ образите,со сета болка и љубов која ја пече душава и ми оневозможува да дишам. Некој болен крик се јавува од грлото и чувствувам како ме боли главата и целото тело.
Го мразам животот,ги мразам сите приказни,мразам што нема да бидам тука долго време. Мразам што нема да и кажам дека ја сакам. Но,подобро е вака да бидеме на дистанца,да биде среќна без мене. Затоа што сакам да се смее,сакам да игра,да ужива. Сакам да биде онаа старата и кога мене ќе ме нема. Па колку и од самата помисла да ми го кине срцето,сакам да најде некој што ќе ја сака искрено. Ги затворам очите,вдишувам длабоко и се обидувам да се соземам. Седнувам на клупата и ја држам главата во дланките. Изморен сум од се... И меѓу гледањето на темните облаци и чувствата кои сакам да изчезнат,сфаќам се што сум требало да знам некогаш.Работи кои веќе нема да ми бидат од корист. Едно сум сигурен, подобро е вака. Само не знам за кого...

Wednesday, November 6, 2013

Но,мислам што знам јас!?

Ќе застанам на жешкиот асфалт со главата свртена кон сонцето,онака за инает додека ги носам новите наочари и ќе се обидам да ги скријам солзите кои ги чувствувам на врвот на трепките. Па и да ме види некој,за прв пат нема да ми биде гајле. Ќе ги раширам рацете онака изморено кон небото, чувствувајќи се поразено во тој момент. И искрено ќе ми биде гајле. Не знам од каде точно потекнува рамнодушноста,како да сум некој нов измислен лик излезен од страниците на Алберт Ками, можеби сме биле другари со Мерсо. Само за момент чувствувам како поминува животот и сите попатни станици на кои не сакам да застанам. 
Ги затворам очите и едноставно се губам во оваа стаклена кутија наречена живот која толку лесно може да се искрши со еден удар. Заборавам на сите проблеми и се чувствувам претопена со светлината која допира чинам од некоја друга димензија. Посакувам во тој момент да се вратам во детството,да не знам толку многу работи кои не знам дали те уништуваат и прават слаб или едноставно ти го перат мозокот а ти свесно се прилекуваш кон нив. Сакам да ја имам таа детска наивност дека ништо нема да се промени и дека светот може да биде таа розова бајка во која доброто секогаш го победува злото. 
Да ти кажам сакам многу работи, некои кои сум ги имала и сега се дел од едно минато, некои кои можеби и никогаш нема да дојдат. И се чудам искрено како ја собира сета таа тага,нервоза,болка во ова скршено срце. Колку може да биде големо едно срце за да претпре толку многу? 
Се менуваат годишните времиња и ги чувствувам капките дожд како го милуваат моето изморено лице кое гледа бледо во далечните,во некоја непозната точка. Го чувствувам мирисот на есента, мирисот на костени и ајвар, на дожд, есенски романтики и лисјата кои моментално се смачкани под моите патики.
И моментално посакувам да ги нема спомениве, да не лажам дека не ми недостасуваш и не чувствувам ништо повеќе туку те мразам. Велат мала е границата помеѓу љубовта и омразата но свесна сум дека не е омраза. Сакам да се сконцентрирам на поважни работи,но мозокот упорно бара некои детали што не треба да ги памети,начинот на кој неговата насмевка едноставно ги бришеше сите проблеми,како очите сјаеја на тој поинаков начин...
Не,не и не!!! 
Тоа е минато,време е за сегашноста,за дождов кој се лие низ моите образи и кој го чувствувам како освежување. Сакам вино во ракава, камин и некоја добра фудбалска утакмица затоа што немам време да гледам како човек. Сакам време да напишам некој добар текст или да прочитам книга, време да можам да налакирам нокти и да изгледам некој филм... Сакам да не постојат разочарувања и скршени срца, да не постојат негативни работи и разделби кои само го кршат и ова онака скршено срце. Сакам да ги спакувам куферите и да заминам некаде далеку каде што сонцето грее на оној вистински начин. Сакам солзите да престанат да течат низ образите и да се мешаат со капкиве дожд. Сакам да ги затворам очите и да изчезнат сите проблеми и недоумици.
Но,еј можеби најпосле и многу сакам. Можеби ова е судбината,кармата какво име сакате дадете му на животот. Можеби разочарувањата и разделбите се составен дел од срцево и од оваа болка која не испарува како дождот од улиците кога ќе изгрее сонцето. Но,мислам што знам јас!?

Tuesday, November 5, 2013

Загубената фотографија

Една загубена фотографија буди толку многу сеќавања. Не знам ни од каде се појави,онака затурена долго време,полна со прашина и две насмеани лица кога некогаш си значеле се. Една фотографија и илјадници чувства на неа. Се препознавам себеси во таа девојка која гледа занесено во оној непоправливо згоден дечко. И солзите бликнуваат на слабото светло во собата и ја уништуваат совршената шминка. Кој би помислил дека по неколку години ќе ја најдам сликата и ќе се вратам во тие денови кога мислев дека светот е наш. Кога верував дека првата љубов трае вечно.Ја гушкам фотографијата помеѓу неколку солзи и една изгубена насмевка.Јас повеќе не сум таа девојка,а тој веројатно повеќе не е тој дечко. Реалноста не удри во лице,барем мене сигурно... Го слушам гласот на маж ми кој ме вика доле и смеењето на нашите деца. А оваа фотографија е само еден спомен од моето минато...

Sunday, November 3, 2013

Бесмислени денови

Постоеа многу приказни кои никогаш не заслужуваа да бидат раскажани. Многу зборови не беа целосно дефинирани,многу насмевки останаа во заборавот.Животот си тече по сопствените правила и нормално ги руши оние човечките.Кармата и Судбината често се судираат и го играат својот полноќен двобој. Тишината и врисоците се губат во една недефинирана приказна, денес и вчера повеќе не постојат во престојното утро.Танцот на ѕвездите и недефинираното ЈАС на детето што игра на улицата се спојуваат во една иднина. Еден старец го јаде својот појадок гледајќи нежно во сликата на својата жена,црвениот кармин се разлева на белата постела во која претходно спиеја.Сонцето ја пече поцрнетата кожа,косата се слева со крошната на дрвјата.Полноќниот кловн и магионичарот се сретнуваат во градината на соништата.Јас патувам низ целиот свет,без сеќавања,со многу желби,со тишината која одѕонува во ноќта на солзите. И денес и утре и вчера се спојуваат во една заедничка приказна за која повеќе не знам ништо...

Saturday, November 2, 2013

Без него



Со погледот го барам него.Мислам,знам дека е детско и наивно и дека тој нема што да прави по мојата улица,но сепак се надевав. Сакав да мислам дека сум му толку значајна да ме види барем уште еднаш.Ниту Ленинова не е повеќе иста без него.Ги сакам сите тие спомени што некако ги загубивме.Не ме прашувај ниту како се случи тоа,ниту самата повеќе не сум свесна.Се надевам дека ќе го видам него кога некаде во близина ќе слушнам брмчење на мотор. Секогаш се вртам и се надевам дека ќе го видам него во близина,при што срцето пропушта неколку отчукувања.Но,него никогаш го нема. И ја сакам неговата насмевка,ги сакам сите тие негови мали глупости,сите мали кавги кои ми се чинат толку слатки и неодоливи. Но,те молам ова е животот,не некоја романтична бајка во која се може да се случи. Ја местам косата и длабоко воздивнувам,чувствувајќи дека уште еднаш ми се крши срцето а уште неколку парчиња. Можеби некои луѓе едноставно немаат среќа во љубовта. Слегнувам со рамениците и продолжувам. Сепак,надежта дека ќе го видам е сеуште во мене. И онака што е надежта ако не составен дел од љубовта. Чекорам по Ленинова,со насмеаните луѓе,со вљубените погледи и насмевки. Ленинова која повеќе не е иста без него...

Friday, November 1, 2013

Осамена ноќ...

Се чувствуваш беспомошно, додека седиш покрај својот прозорец и гледаш некаде далеку. Во раката држиш шише пиво и полека го принесуваш до својата усна,но претходно ти бега една воздишка. Мразиш што повторно се навраќаш на минатото,но посилно е од тебе. Од звучниците ечи твојата омилена песна „Лошо ти стои“ и се губиш во стиховите иако немаат голема поврзаност со тебе , освен тоа што и ти си сакала и си била повредена. Дали е веќе тоа толку важно? Дали може љубовта да создаде една толкава рана што дури ни флашава пиво не може да помогне да заздрави? Ако е така,нека оди се по ѓаволите! Длабоко воздивнуваш,го чувствуваш ветрот кој полека ти ја мрси косата,мирисот на есен и дождот. Ги затвораш очите и повторно си на некое друго место. По ѓаволите,се чувствуваш како да халуцинираш деновиве и да не си повеќе онаа старата. Не си го препознаваш ни својот одраз во огледалото,како таму да е некој далечен странец кој не го познаваш. И таму во близина го забележуваш него,потпрен на оградата и пуши нервозно цигара,држејќи го мобилниот во рака,како да се мисли дали да заѕвони некому. Можеби на тебе,но сега гледајќи во него,ја чувствуваш само празнината. Се прашуваш дали тоа значи дека веќе згаснала љубовта , затоа што повеќе ја нема надежта!? Или можеби си само поднапиена. Не е и онака важно,телефонот не ти ѕвони,тој продолжува да зјапа во некоја непозната точка,а тебе ти бега една насмевка на лицето. Не знаеш дали си во ред или едноставно ги го преболела. Го затвораш прозорецот и скокаш врз креветот. Можеби и имал право тој,можеби е време за почеток. Ги затвораш очите и се губиш во следната песна „Тајно моја“. Само што знаеш дека никој не е способен да направи нешто толку романтично за тебе...Но,денес искрено и не ти пречи толку тој факт. Уште една насмевка се губи во тишината, шишето стои покрај креветот. А ноќта станува толку долга...