Sunday, February 16, 2014

Под среќна ѕвезда

Едноставно е, за некои луѓе не е важно колку време биле присутни во нашиот живот. Некои за само неколку недели, па дури и денови успеале да го направат она што некои не можеле да го направат цел живот. Тој беше една таква личност, личност која ме натера да го засакам светот и убавината на моментите за кратко време. Една личност која го сакаше светот повеќе од сите луѓе што ги познавав заедно, личност која само знаеше да ми каже да ги затворам очите за да може наивно со рацете да ми го помилува лицето. Кога го прашав прави тоа ми одговори дека сака да ја прочита човековата историја, дека сака да ужива во еден таков специјален момент. Како да ти објаснам, сретнуваш една личност, започнувате разговор и чувствуваш дека ја познаваш таа личност цел живот. Тоа беше тој, едно најубаво соѕвездие, па дури и една единствена ѕвезда која ме натера да сфатам колку светот е најубав ваков каков што е, со несовршени моменти, скршени срца, патетични клишеа, насмевки и солзи. Ме научи дека понекогаш доволно е да се предадеш на убавината на денот, дека не мораш да чекаш да се случи нешто специјално, дека можеш да бидеш таа промена во сопствениот живот што ја очекуваш наместо светот да те одминува. Да го сакаш светот, дури и тогаш кога ти се чини дека е против тебе. И мислам дека ништо нема да биде исто после него, ниту треба да биде. Ме натера да сфатам колку пропуштаме затоа што сме бесни за глупави работи кои се надвор од нашиот досег. Ме научи дека понекогаш доволно е да ги затвориш очите кога на небото нема ѕвезди и да замислиш дека се тука, да ја побараш внатрешната сила да биде тука секогаш со тебе дури и кога ти се чини дека светот се руши. Можеби и редно време е да се разбудиме и да сфатиме дека самите сме таа потребна промена во светот, наместо да очекуваме нешто и да не правиме ништо. Потребно е да прегрнеме светот и да се заљубиме во моментите и во обичното секојдневние затоа што тоа е се што имаме...
Затоа ти велам, некои луѓе не мора да бидат цел живот покрај тебе да те научат толку многу за светот. Понекогаш, едноставно знаеш дека со самото нивно присуство во твојот живот без разлика колку и да било кратко ќе остави последици. И тој беше таква личност што умее да го промени светот и луѓето со своето присуство. А во таква личност невозможно е да не се заљубиш...


Thursday, February 13, 2014

Нијансите на државава

-Што му е на него? Го удрила средновечна криза човекот. Подобро прашај што и е на неа па што се мавта со типот а на наши години е. Мислам се знае. Во такво време дојдовме кога принципите се помешаа со желбата за слава и пара. Мислиш гајле и е реално на неа што сите ја зборуваат? Немам коментар веќе, нека си прави секој што сака. И онака не е дека можам да променам нешто, ниту да натерам да размислуваат поинаку. 
-Па добро него можеби го удрила таа криза, но тоа ли е оправдување !? Сега по млади девојки ќе трча, ќе седне на сепаре на некоја си јака журка со младите и ќе ги голта со поглед сите девојки. А татко може да им биде еееј! Што мисли, во кој филм е ставен? Дека он уште е тој некој си младич ? Само што уствари косата му ја нема...
-Си може. Си има пари, има девојки кои го сакаат тоа, гајле им е озборувањата, за моралот, за се... И после човек да не сака да стане Раскољников... Па со ваква младина, далеку ќе стигнеме.
-Секогаш се имало поединци што ќе те натераат да сакаш да се преселиш на некоја друга планета. Не, не можам да сфатам што им се врти во тоа умот. Ако го имаат пардон. Ќе излезеш да се прошеташ, сите излезени по кафичи, сите дотерани, возат некој јак автомобил. И после сите се жалат се немаат пари!? Се знае како се стига до пари во времево. Се кој од кој поголем мафијаш. Лоповска држава, како што би кажал дедо.
-Се може, се прави. Парите го вртат денес светот, гајле им е дали ти си добар, дали имаш факултетска диплома. Ќе се скршиш од учење, ќе оќориш и за што!? Не ти е вреднувано ништо. Колку немаат работа? Реално се има работа, на црно ќе најдеш. Но, што за џабе си се мачел да не те вреднуваат како личност!? Тоа ти е денес, не те вреднуваат како човек ако немаш пари да се појавиш на најјаките журки, ако го немаш најновиот мобилен... И после зошто девојкиве се спонзоруши!? Си сакаат лесен живот, не сакаат да се мачат.
-И што со тоа? Со сето крадење и убедување на сите и себеси дека си добар? Демек нема да те мачи совеста и кога ќе се погледнеш во огледало чист си со себеси.
-Гледај, парите ти ја мијат и совеста. Било фер, било нефер никој не те прашува. Ова е денес, снајди се па живеј.
-Да, погази се што е правилно па после снајди се па живеј...
-Што мислиш што прават сите? Еееј, ги научив веќе. Пари и ете ти диплома. Пари и ете што сакаш имаш. А од каде пари? Се знае веќе мама и тато, спонзоруши, се синови на доктори, министри... Абе се врски ти е денес. Да не мислиш сам ќе опстоиш. И ај тоа батали, ама сите тие убиства, ладнокврност и после ни ги сервираат на тацна како несреќни случаеви, па самоубиства и не ти знам јас уште што. Абе ајде, глупави сме па мислат во се ќе поверуваме. И телевизииве да не ги коментирам подобро.Продадени души. Тоа е се.
-Знам брат. Реалноста ова ти е. Ни во своја држава не можеш да биде Македонец, да се изјасниш што си. Им дадоа премногу права на „браќава“ па што сакаат прават. И не се задоволни уште. Ееех, Македонче колку уште ќе трпиш додека се освестиш дека си ја продаваш државата.
-Уште долго, кога веќе ќе не снема. Жити се, како што сме тргнале малку ни останало век на нас. Угнетуван од сите па и од себеси. А да се освестат луѓето нема да биде лошо. Наместо да гледаат таму турски серии да им трујат тоа мозоците, можат да седнат да мозгаат што да се прави. И политичариве наши, наместо да се натпреваруваат кој е во право, можат да се здружат и да сработат нешто во корист на народот. Да се зачува нацијава не за друго.И говорам за сите политичари, гајле ми е од која партија се. 
-Мислиш гајле им е. Се е продадено, грабни колку можеш и бегај далеку. Тоа ти е. Не уништува нас светов, се погубивме себеси во таа малограѓанштина и желбата за докажување наместо да си помагаме еден на друг. И после крив ни е некој... Криви сме самите ние, со овој пилешки мозок и со голтање на сите тие приказни што ни ги сервираат на тацна. 
-Сакаш нејќеш во превод брат, заебани сме. Се додека не им текне на сите да се разбудат од тој камикази сон и да се борат за себеси. Но, ќе биде доцна. Ееех Македонијо, какви се луѓе те газат. И на никој не му текнува да стане на свои нозе и да се бори за своето...Ова ти е мојата чудесна земја....


Tuesday, February 11, 2014

Можеби!?

Замислено гледаше низ големиот прозорец во темната околина што ја опкружуваше нејзината куќа. Не знаеше колку е часот, најверојатно нешто после полноќ. Ги избриша солзите што немирно се слеваа низ нејзиното лице. Доста беше! Ги прегрна беспомошно нозете и уште еднаш со раката помина низ своите очи, забележувајќи ја црната дамка на дланката од маскарата. Длабоко воздивна, гледајќи во полната месечина што незадоволно трепереше во темнината на ноќта. Ги набљудуваше осамените контури на дрвјата, соголени и осамени како што и доликуваше на зимата. Студеше... Дури сега го забележа тоа. Којзнае најверојатно и огнот згаснал. Ја мразеше тишината што ја опиваше нејзината куќа и недостасуваше и квичењето на кучето Леки на нејзиниот комшија. Но сега и се чинеше дека целиот свет тоне во некоја осамена симфонија. 
Ги намокри усните и со раката помина низ долгата коса, кафена како мед. Воздивна длабоко, повторно чувствувајќи ја омразената тишина и празнина. Стана брзо и немарно се исправи. Со раката ги исчисти фармерките кои некако се беа напрашиле. Добро... И се допаѓаше таванот, мистеријата што сеуште не успеваше да ја реши и по долги шест месеци. На кого му припаѓаа сите овие работи кои тонеа во заборавот, прашината и трагите од времето. 
Се погледна во големото старомодно огледало кое беше поцрнето на краевите, изрезбано до совршенство. Пред себе гледаше непозната девојка со црвени очи од плачење, не оние блескаво смарагдно зелени, бушава коса, изгризени усни, облечена во џемпер кој немарно и паѓаше преку десното рамо, бледи фармерки. Не беше повеќе истата. Тој и ја уништи надежта и нејзината сакана секојдневност. Колку го мразеше што си замина така без збор, без збогум, без едно нормално објаснување. Со прстите се обиде да ја намести косата, но наместо тоа се фрли во еден болен плач кои и се откина од грлото. Се мразеше себе што вака реагира на него. Нервозно крцкаше со забите, чувствуајќи ја непријатноста што лебдеше во студениот воздух. Ги протри рацете, немарно шмркна со носот. Ја зеде црната кутија на која се сопна и незадоволно ја стегна. Очигледно ова не беше нејзин ден. Но, после него реално сите денови не беа нејзини, сите се слеваа во некое мрачно расположение од кое очајно се бореше да избега. Одамна се немаше чувствувано вака, како животот и таа да стапиле во војно поле а таа повеќе немаше сила да се бори. Мразеше да си го признае тоа на себе, да признае дека и таа е слаба девојка која можеше да сака само еден дечко и да му го предаде наивно своето срце. Тој не го заслужуваше тоа. Воздивна и ја фрли црната кутија што не знаеше од каде дошла. Можеби е нејзина, можеби беше нешто важно, но во тој момент ништо не беше важно. Посакуваше да може да се сплоти со темнината, да заборави на чувствата, посакуваше тој да биде покрај неа да му се развика, да го изгушка, да  потоне во неговата прегратка. Телефонот и заѕвоне, искрено немаше желба да разговара со никого. Го препозна неговиот број, ги затвори очите во обид да се смири. Не заслужуваше да му крене, но љубопитноста и беше посилна од лутината и омразата. Или можеби љубовта!?
-Што е? 
-Жал ми е. 
-Оди по ѓаволите! 
Ја спушти слушалката и го фрли телефонот на креветот. Солзите повторно се слеваа низ лицето, мразеше што реагира така на него веднаш штом му го слушна гласот. Знаеше кој е тој, знаеше дека не умее да сака а сепак се затреска во него како некоја си заљубена тинејџерка. 

Тој стоеше пред нејзината куќа, ја пушеше првата цигара и ги гледаше нејзините контури од нејзиниот прозорец. Го прати по ѓаволите! А што очекуваше ќе го прими со отворени раце како тој да и го купил омиленото цвеќе и чоколадо!? Не беше тој таков, не беше тој за неа. Не знаеше и зошто се врати кај неа. Му се допаѓаше студенилото, можеби повторно ќе го замрзнеше неговото срце кое решило еден момент да се бунтува и да се разбуди од таа своја приказна. Добро е што таа стави крај на нивната приказна со извичник и  ги избриша тие три точки кои тој го стави со своето заминување. Слегна со рамениците и се качи во својот автомобил, искрено решен никогаш повеќе да не дозволи патот да го доведе до ова место.

Таа ги избриша солзите и легна на креветот. Можеби требаше да знае од почетокот каков е тој. Можеби требаше да ги слуша сите останати и својата интуиција, да не му дозволи право на глас на своето срце затоа што беше нормално дека ќе погреши. Чудно е како на крајот се се сведува на едно обично можеби.


Saturday, February 8, 2014

Кој си ти?

Многу често да ти кажам реално се прашувам што е животот и до каде одиме. Поточно кажано што сакаме, како се гледаме себеси во целата таа етапа, до каде патуваат нашите желби и сето ова што нас не гради и не прави посебни личности. Не се некои си филозофии, чисто сакам да си разјаснам некои прашања сама на себе, сакам да си бидам на чисто, да знам што е исправно а што погрешно, не онака како што гледа општеството затоа што си има некои застарени и недоволно дефинирани норми кои лесно можат да се свртат во своја корист. Сакам да го разберам светот во онаа поширока слика од што ни е дадена, сакам да го видам и Сонцето кога небото е покриено со облаци (без разлика колку оваа фраза и да е стара и излитена, сепак и тоа колку е точна!) , сакам да го насликам светот во сите убави бои во кои се простира во мојата глава. Поточно кажано, сакам светот да престане да глуми лудило и да се разбуди, човек да размислува со своја глава еднаш, да увиди што е добро а што лошо.
Нема правилен почеток, ниту за една приказна било дали е реална,било дали ќе се протега на страниците на некоја книга. Сите почетоци си имаат своја убавина и свои мани и во тоа се крие совршеноста на сите моменти. Она што секој од нас го прави уникатен, или единствен како сакате наречете го, се сопствените спомени, начинот на кој живееме, пријателствата и чувствата и секако тука се сопствените мисли и убедувања. 
Да започнам со тоа што денес ми се чини малку го имаат и тоа колку недостасува. Сопствено размислување!? Или едноставно во овој момент се се сведува на мислењето на пошироката маса. Еден ќе започне некој тренд и одма започнуваат сите да го следат, некои од нив размислувајќи за позитивните и негативните страни на трендот, некои едноставно приклучувајќи се затоа што сите го прават тоа па и тие да не изостанат од трендот. Не е дека трендовите се лоши, си имаат и тие некои позитивни страни, проблемот е што отсуствува мислењето на поединецот, проблемот е што се помалку и помалку луѓето се прашуваат што е тоа што тие го сакаат и се покоруваат (или се убедуваат дека и тие го сакаат тоа што мнозинстовото го сака). Или како што велат постарите „Ако рипне другар ти од мост и ти ќе рипнеш по него“? Лош пример, но ете ќе послужи за тоа што сакав да кажам. Каде отиде индивидуалното мислење и преиспитување на себе, на тоа што е тоа што човек го сака, на ценење на вистинските вредности? Дали сето тоа се продаде за малку „почитување“ во очите на општеството затоа што и вие сте кул и ги следите сите можни трендови кои се во мода!? Зошто стана лошо човек да размислува, стана лошо човек да не се сложува со мнозинството само затоа што едноставно не се согласува со нешто? Во ред, сето тоа си има граници, некои работи не треба да се дискутираат дали се добри или лоши, но зошто таа граница се повеќе и повеќе се стеснува па човек нема право да каже дека не му се допаѓа некоја книга, некоја личност или некој филм затоа што тоа просто ќе испадне чисто „хејтање“ а не конструктивно мислење? Не велам за сите, но за жал вистина е дека сите почнуваат да се приклучуваат кон општата мисла и говор. Честито на исклучоците! 
Во превод, ова значи немање на сопствено ЈАС. Или уште попрецизно насликано, многу ретко кој човек е вистински човек со свои идеали и убедувања. Се повеќе се појавуваат копии кои немаат свое мислење, немаат дури ни свои желби. Не уништи општеството и правилата за добро однесување кои се заборавија некаде попат. Каде отиде вистината, каде отидоа сништата, каде отидоа тие деца кои сонуваа некогаш дека ќе го променат светот? Сигурно кога сте биле мали и ве прашале што сакате да бидете кога ќе пораснете не сте кажале жена на фудбалер, пејач, старлета или некој си фраер кој си мисли дека е над сите. Каде  отиде таа искреност најпрвин кон себеси а потоа и кон другите? Или се загуби некаде попатно на овој пат кон самодеструкцијата која свесно или несвесно си ја наметнуваме. Искрено, жална слика е човек да се нема повеќе себеси, да не се преиспитува, да гледа само обична слика во огледалото, да не го гледа повеќе тој Човек кој некогаш сите сме биле. Да не се гледаш повеќе себе, туку една серија од маски кои се наредени на лицето и се менуваат по желба. Вистина е дека искуството и староста носат нови знаења и човек станува помудар, но со овие постапки не си дозволуваме да го видиме светот со сопствените очи, туку преку очите на една личност со која сите се поистоветуваме. За да созрееш најпрвин мораш да бидеш самиот ТИ, да се видиш себеси во огледалото, да не заборавиш што посакуваш, да направиш листа на идеи, желби, вредности, на личности кои ти значат и се тука покрај тебе, на книги, филмови, модни трендови кои ви се допаѓаат. Да се разбудиш од сонот или да ја запреш планетата и да се потрудиш да ја помрднеш од нејзината оска ако не ти се доапаѓа оваа. Но пред се да размислуваш! Да сакаш, да живееш, да го гледаш светот со сопствени очи.

Зборовите реално и не знам дали ќе имаат смисла. Стануваат само неколку букви, комбинација од нешто што никој не знае од каде доаѓа. Но, можеби барем еднаш ако се испиташ дали си ти ТИ или некоја друга личност која го загубила сопственото ЈАС попат, ќе дознаеш повеќе за себе и за светот. Тешко дека можам да дадам дефиниции за сите тие прашања кои научниците и филозофите се мачат долги години да ги откријат, но ако попатно допрам до една личност ќе ми биде драго. Затоа насмејте се, не затоа што општеството го налага тоа, не затоа што јас велам така, туку затоа што имате причина за тоа. Ништо во светот не е доволно лошо, она што денес личи на најтежок момент во некој друг период само ќе се чини како мачкина кашилца. Сакајте го светот, сакајте се себеси, дозволете си да сонувате, да ги допрете облаците, дозволете си да го преиспитате светот, да дознаете што сакате. За кога ќе погледнете во огледалото да ве пречека една личност со која ќе се гордеете и која ќе кажете дека сте вие, само ВИЕ а не некоја лошо искреирана приказна од некој автор како мене кој не знае што прави. Тогаш ќе знаете дека сте успеале во светот, иако ќе ви се чини дека не знаете многу. Но, човек да знае кој е самиот тој!? Тоа ви е и тоа како огромно богаство.


Wednesday, February 5, 2014

Збогум...

Сфатив конечно. Можеби ми требаше долго време, но сега знам. Ти и јас не сме создадени еден за друг, јасно е тоа. Би сакала да биде поинаку, да можам да кажам дека како во романтичните филмови и покрај се ќе завршиме заедно, дека спротивностите се привлекуваат, но верувај време е да се вратиме во реалноста. Ти си само една трага од лош парфем на кошулава кој брзо се губи, една солза која се слева на лицето и се меша со дождот. И верувај некогаш тоа беше се што сакав. Сеуште е... Но, доаѓа време кога човек се менува, созрева како сакаш наречи го тоа. Ние... Ние не сме еден за друг, не затоа што сме различни, не затоа што не чувствуваме ништо еден за друг туку се држиме до таа болка која не повредува и полека уништува. Ја гасиме љубовта со оваа болка која безмилосно ги стега градиве. Верувај, сакам да биде поинаку, да можам и небото да го обојам во некоја розова нијанса која ќе влее насмевка на твоето лице, но реалноста не треба да чепка, затоа што само можеш да се изгориш. Затоа велам збогум пред да биде доцна. Пред да нема да можам никогаш да заминам од тебе. Без разлика што срцево ќе се скрши на илјада парчиња а солзиве ќе бидат знак на слабост.


Sunday, February 2, 2014

Единственото место каде што сакам да бидам цело ова време. Во неговата прегратка...

Еднаш еден другар ми кажа дека најубавите и најлошите работи се случуваат кога најмалку очекуваш, кога си онака полузаспан и опиен во сопствената среќа или несреќа и не веруваш дека тоа може да се промени . Помина долго време од оној ден кога го добив овој совет и не е дека многу размислував за тоа. Другар ми беше вечен филозоф, секогаш во таа постојана потрага по одговори на загонетки или пак нови прашања па да им бара одговор. Не е важно кој ми го кажал ова, ниту кога било тоа, така гледам јас на тоа. Впрочем, би ми кажал дека ништо во животот не е ниту важно, ниту неважно, само сплет на околности во кои самите се заплеткуваме свесно или несвесно. И тоа води до некои забранети води кои не би требало да се чепкаат. А сепак, еве ме решавам да заглавам до крај со светот. Онака не е дека некогаш сме биле претерано сложни...
Седев покрај прозорецот и замислено го гледав дождот кој буквално истураше. Ги затворив очите, посакувајќи да можам да ја осетам свежината и ослободувачката моќ на дождот но единствено го чувствувам мирисот на пржени јајца и сланина од кујната. Посакував да бидам доле, во тоа шаренило од чадори и намуртени лица, посакував да можев да го свртам светот во моја полза но ова беше таа реалност што светот онака сурово ми ја фрлаше во лице. Оддамна беше тоа време кога верував дека среќниот крај постои, оддамна искрено беше и денот кога ги гледав сите тие филмови со среќни краеви каде што секој си го добива својот прекрасен крај или совршен почеток. Зависи од ваша сопствена перспектива. Воздивнам, чувствувајќи ја главата како тежи и се што посакував беше да се вратам во топлиот кревет, да ги спуштам ролетните, да го префрлам јорганот преку главата и да заборавам на целиот овој свет. Да заборавам на болката која постои и колку светот може да биде лажлив. Или едноставно да помислам дека тој ми прави појадок како некогаш а не мојата најдобра пријателка која е загрижена за мене. Искрено, таа да беше во ваква состојба и јас би била загрижена за неа, но знам дека таа нема да си го дозволи никогаш тој луксуз некој да ја види повредена и во солзи па колку и  тоа да ја боли. Но, јас сум друга приказна за жал. Бесно ја бришам солзата која немарно се спушта по лицето и гледам благодарано во другарка ми. Вчерашниот ден едноставно треба да го заборавам и никогаш да не се вратам таму. Поспано станувам од фотелјата и ја отпуштам косата која се наоѓа во некоја несредена пунџа. Збунето го гледам својот одраз кој не личи нешто многу на мене, со тоа пропаднато лице, сјајните очи од солзи и темните кругови. По ѓаволите со се! Се сакам себеси во онаа стара варијанта а целиот свет нека оди кај што сака. Набрзина го мијам лицето и седнувам во трпезаријата до Сара која гледа со насмевка во мене како да сака да ме увери дека се ќе биде добро.
-Повели, сок од портокал. И мораш да јадеш.
-Во ред.- Слегнувам со рамениците, затоа што немам желба да се препирам. Поточно кажано, немам ни сила.
-Сакаш да разговараш?
-Не. -Одмавнувам одлучно со главата и пробувам од појадокот. Се обидувам да почувствувам нешто, но останува таа емоционална болка која ми ги одзема сите останати желби, заедно со апетитот.
-Добро е?
-Одлично е. Ти благодарам.
-За тоа се пријателките.- Кимнува со главата и ми се насмевнува благо. -Уште мислиш на него?
-Да. Не знам веќе што да кажам, ниту направам, се е излитно и без зборови. Сакам да го видам. Не сфаќам како оддеднаш се крши целата магија и заборавам на сите убави нешто. Како се да било една илузија...И не заминува љубовта така лесно, сеуште е тука, секој спомен, сето она што го сакавме. Ми недостасува, мојот најдобар пријател, мојот љубовник, човекот на кој му кажував се. Се прашувам понекогаш дали сето тоа било илузија или вистина? Дали неговите зборови и постапки беа нешто повеќе што не можев да го разберам. Или...? Нема или едноставно. 
-А да заборавиш на него? 
-Би сакала да е толку едноставно. Но, ова е вистината. И покрај се секогаш ќе бидам тука во близина. Срцево секогаш ќе чука на овој немирен начин кога ќе помислам на него. И нема да се смени тоа, па ако сака некој да ги симне ѕвездите и да ги помеша планетите за мене. А и сама знаеш дека вреди тој за ова,за сето што го имавме. Па и повеќе...

Тишината ја прекинува ѕвончето кое ме расонува од мојата идила. Збунето станувам од масата и го оставам  појадокот. Се погледнувам уште еднаш во огледалото во претсобјето, сепак изгледам во ред. Само малку уморно и болежливо. Ја отворам вратата и погледот ми се соочува со неговиот. Стои пред мене целиот измокрен и со збунет израз како да не очекувал да му отворам. 
-Што е? -Гласот ми трепери и бесно ги стегам рацете во тупаници за да не си дозволам да заплачам.
-Имаме проблем. -Ми одговара задишано. Гледам во него, посакувајќи да можам само да го прегрнам. -Ми недостасуваш. Многу... - Ми одговара сериозно, а јас само зјапам во него несвесна што да кажам. - И те сакам. Па?
-Па?
-Што ќе кажеш? -Гледа несигурно во мене и со раката преминува преку косата. - Знам дека можеби сум идиот во твоите очи, но верував... Не знам во што верувам по ѓаволите. Те сакам тебе и тоа е се.
-И јас тебе. -Го прегрнувам, не грижејќи се затоа што е воден, не грижејќи се за ситните капки кои ја мократ мојата коса. Само уживам во неговиот студен допир и сите недостатоци. И тоа ми е доста. Ги затворам очите и се чувствувам повторно јас. На единственото место каде што сакам да бидам цело ова време. Во неговата прегратка...

Wednesday, January 29, 2014

Господар на зборовите

Белиот лист хартија стоеше на работната маса очекувајќи да добие некоја нова форма или да заврши изгужвано во купот на свиткани хартии кои се наоѓаа во корпата и надвор од неа. До собата допираше џез музика, не можеше да сфати од каде. Ги затвори очите и немарно ги протри, решен овојпат да избега на уморот кој незадоволно му ги затвораше очните капаци и онеспособуваше мозочните клетки да почнат да работат со она нивно препознатилово ниво. Се обиде да се освежи и да го почувствува воздухот од отворениот прозорец, но до него не допираше ништо. И онака надвор беше една обична жега, луѓето беа засолнети со нивните совршени куќи и животи, во изградената хармонија што го посетуваше на една лошо напишана книга во која дејството не постоеше. Ги искцрка прстите, го пушти Гоко да се прошета малку низ собата, претходно предупредувајќи го да не избега некаде далеку. Замислено гледаше во неговото ситно телце кое мрзливо се протегаше по неговата маса и како по обичај запре до мастилото како да можеше да допре до неговата преисушена инспирација. Чудно, како еден гуштер да може да знае нешто повеќе од својот гуштерски живот. Но и онака луѓето не знаеја ништо за сопствениот живот, па зошто би го изненадило и ова. Гледаше во црно-белите шари на неговото тело и размислуваше за хипнозата и тоа колку лесно може да се изгуби во некој си навидум свој имагинарен свет само гледајќи во ова чудно суштество кое никогаш не го напушташе. 
Ја протресе глава, станувајќи свесен дека малку почна да забегува а тие зборови кои останаа заглавени во тоа мочуриште од негови сеќавања не сакаа да се впишат на белото и сеуште нечепнато парче хартија. Еден збор, после можеби подобро ќе оди. Или ќе заврши со своите другари... Посакуваше да може да ја има во раце судбината на човекот, да застане онака бунтовно очи во очи со чудовиштето што ја исцрпуваше енергијата од неговите пори навидум наивно и без желба. Каде да ја пронајде сопствената душа? Каде беше скриена во таа полица на дрангулии кои се простираа во една далечна фантазија која не можеше а ја дешифрира!? Човек, девојка, една колиба, едно лице со извештачена насмевка... А еве го него, заробен во оваа соба немарно бушавејќи ја косата и играјќи со пенкалото обидувајќи се да добие барем една рунда со овој проклетник кој не му даваше мир и задоволно му ја стегаше душата од забава. Беше само една статуетка од многуте што онака дремеа и не се обидуваа да се помрднат покрај полицата. Го бараше сонцето да ја осветли оваа неговата бледа кожа и да донесе нешто ново, да ја разбуди оваа затапеност која не ја препознаваше. Или дожд... Било што само не ова стегнато срце кое не разбираше ништо повеќе од солзи и немир. Воздивна, чудејќи каде се загуби воздивот во собата. Гоко сега љубопитно зјапаше во својот господар со своите црни големи очиња како да сакаше да му преточи нешто од својот живот. Го исплази јазикот, а господарот се насмевна и нежно го помилува. Тоа беше тоа! Се врати назад во играта и избега од полето со ржта каде што демоните го бркаа во секој чекор. 
Напиша Метаморфозата на Кловнот и се загуби во сопствените мисли и сеќавања. И сето тоа исплива од една бура од спомени која реално не знаеше од која димензија доаѓа. Но, еве го повторно беше Господар на зборовите. Листот се полнеше со зборовите а една победничка насмевка и занесен ум светкаа во собата како пронаоѓање на долгозагубената тишина.... А Гоко се врати во својот кафез и задоволно се испружи уживајќи во попладневното сонце. И секој си го доби посакуваното. Барем овој ден...