Thursday, January 29, 2015

Спомени со лице на туѓинец

На крај се' се сведува на почетокот. На крај само седиш во затемнета просторија, со солзи во очите и со искривена линија на лицето, додека спомените светкаат во темнината. Душата само ја бара таа мала утеха што ја носеше почетокот, иако и самата се прашуваш од каде точно почнуваше почетокот. Испушташ тешка воздишка, прашувајќи се што корист имаш од вистината? Се обидуваш бесно да ја оттурнеш болкава од смаленото тело, но никако да попушти, ти се чини се зашила за тебе. А некаде во близина на овој град, се наоѓа една личност со лице на туѓинец кој некогаш ти ги будел најубавите спомени и ти ја дарувал најискрената насмевка...

Само што сега те оставил да се бориш да дишеш додека ги голташ врелите солзи и ги стегаш рацете во тупаници. Во куферот некаде изгубен во испревртениот стан се наоѓаат сите тие изгаснати ѕвезди кои сега станале прашина. Таму се тие спомени кои истовремено се и најголема утеха и лага. Можеби, никогаш не било вистина, само мој колаж од слики што мозоков ги искреирал во некоја борба со времето кое се губи како прашина во вениве. Стигнува болката до срцето и таму се вгнездува, небаре изгубена од секој поглед - а секогаш толку блиску до тебе иако не признаваш. А сепак, можеби и болката е тоа што е доказ дека понатаму живееш, додека осаменото небо те набљудува во таа сопствена темнина. Се плашам да ги уклучам светиклите, небаре ќе се соочам со фактот дека останала само таа празнина, ниту мирис на парфем, ниту некое заборавено догорче од цигара, ниту некоја желба загубена во тие чудни илузии...

Чудно е како се вкрстуваат патиштата на луѓето. Иронично како наеднаш се разидуваат, оставајќи зад себе само палета на бои кои претходно не си бил свесен дека ти биле постојано во присуство. Знаеш, еден човек како да станува мастило кое ти се впива во кожата после трајна тетожава и никако не можеш да ја остраниш. Така душата ти останува испразнета, со тој белег од нечие име кое се вкоренило и станало дел од тебе иако не си бил никогаш свесен за тоа. И можеби, некаде во темнината ќе те дочека некоја светлина од некој ваш спомен. Или ќе продолжите да се гледате како странци во некој ќош, неспособни да се вратите во онаа позната прегратка од која кожата ти се наежува, се чувствуваш како цел живот да си го барал тоа место. А потоа уморно, го замолуваш да си оди затоа што љубовта повеќе станува уништување наместо среќа...

А среќата си ги спакувала куферите од овде и не обрнува внимание на тие молби да остане. Ја оттурнува раката што си ја подал за да се извлечеш од дното и те враќа на самиот почеток. Со едно лице на кловн кој со времето метаморфозирал во нешто одвратно што се вкоренува во нервоните и ја менува засекогаш нивната структура. Знаеш, нема назад. Но, искрено се прашуваш и кое назад го очекуваш...



No comments:

Post a Comment